Прости ми Внучко што и денес ќе те злоупотребам! Но не се секирај, ми пристигна мејл од Птоломеите, ќе прават „парти“ во чест на хиротонисувањето на Клеопатра, па набргу ќе заминам за Египет.
Знам Внучко дека алкохолот е лош по здравјето! Но не ме прашувај зошто пијам!? Единствено во алкохолот можам да го удавам ѓаволот кој лежи во мене и ме тера на параноични мисли, во однос на „моите“ македонци. Само пијан можам да го поднесам срамот мој и срамот Ваш, распаднато општество оковано во корупција, криминал, чемер, јад и пороците кои се накотиле. Пијанството е моето бегство, желба да се сокријам од срамот дека и јас сум дел од ова друштво на губитници, само така, пијан, нѐ гледам дека и јас сум човек – Македонец! Само со големо количество на малигани во мене навлегувам во „делириум тременс“ па можам да ја поднесам глетката на „водење љубов“ помеѓу импотентните, политичката каста, и фригидните, македонскиот граѓанин. Импотентност одозгора а фригидност одоздола нема ништо од такво водење љубов, тука нема секс а со тоа и нема „нов производ“!
Да, во право си, овој мој ламент (оплакување, жалопојка) можеби е непотребен во овој час. Како она наше оплакување искажано низ „Народе македонски, со какви идеи си ти?….Не знаеш кој си, што си, други тебе знајат…“. Токму на тие наши ламенти (жалопојки) и ги повикавте приматите (човеколики мајмуни) да влезат во парламентот да основаат власт и триесет години ве тероризираат, станавте „заложници на кошмарот“ кој Тие ви го креираа. Довчерашните „црковни глувци“ преку ноќ се престоруваат во разулавени лавови, приматите (човеколики мајмуни) само со помош на една банана, како еликсир, стануваат членови на марвеловите јунаци – Кире Бананамен! Најголемите примитивци, лузери од маргините на општеството, ги собравте во парламентот, Владата, па после се чудите што ве снашло, кога ќе „треснат“ глупост. Нормално, пред приматите (мајмуните), чесните, способните, умните, паметните, мудрите одстапуваат и се повлекуваат во заветрина или побегнуваат во туѓина.
Како да не бидеш разжалостен кога ќе ги видиш оние, твои пријатели, јадници кои го претставуваат ВМРО, македонскиот код, пред меѓународната јавност во Брисел. Посебно нивниот лидер – примат, проф. Мицкоски, професор еееј! Па тој, согласно интелектуалниот капацитет кој го промовира, прашање е како завршил забавиште не пак да носи титула МАКЕДОНСКИ ПРОФЕСОР, ми се гади, ми иде да повратам. Замисли Внучко тој како професор во друштво со Блаже, Гане, Славко, Харалампие, Венко… Милетиќ, Балабанов, Костенцев, Татарчев… фантазмагорија пар екселанс. Јас сум пијан Внучко од несреќата што не снајде но тој, по она што го зборува во јавноста, е „тапа“ пијан. За мене, Внучко, и постои надеж, веќе утре ќе бидам трезен. Но за него нема спас, уште долго ќе биде под дејство на алкохол или некои непознати дроги. Да зборуваш онакви глупости за праќање на македонската младост во воена „кланица“, да не препознаваш – Што е НАТО и кој член што кажува? – пијанството е очебијно или пак е надарено глуп професор. Обидувајќи се да биде „мајстор на шпекулации“, задача добиена од неговите налогодавачи, промовира опасни геополитички тези. За нештата да и бидат појасни нему, па и на неговите советници и налогодавци. Прво, НАТО не е дел од Украинскиот конфликт или од, таканаречената од Русија, „специјална операција“. Второ, ниту Украина има објавено војна на Русија ниту пак Русија на Украина. Трето, основен предуслов, за влез на некоја држава во НАТО, е да не е во воен конфликт. Што тоа кажа, „а остана жив“ твојот пријател Мицкоски, Внучко, не ми е јасно но дека исполни една минута или 60 секунди со „милион глупости“ тоа сигурно. Овој Твој ПРОФЕСОР е ординарен фалбаџија и вреваџија кој доволно ја научил вештината да ја загрева тињата додека не зоврие. Гледајќи го него се откажав од верувањето во „големите настани“, штом околу нив има многу рика и чад. Најголемите настани – тоа не се нашите најбучни, туку нашите најтивки мигови. Светот, Внучко, не се врти околу пронаоѓачите на нови вреви, туку околу пронаоѓачите на нови вредности – се врти нечујно.
Знаеш Внучко токму тука е проблемот, во Големи а мали луѓе возгордеани и опиени од општествената позиција која ја заземаат, забораваат на својот скромен, скоро никаков, интелектуален капацитет, немањето соодветна наобразба – ерудираност, без капацитет да ги препознаат и разберат геополитичките процеси, далеку било да ги антиципираат. Маѓосани од блескавите светла на сцената, камерите и фотоапаратите, се обидуваат да кажат Големи мисли и … скоро секогаш кажат глупост за популистички потреби, од која „ во несвест паѓааат“ Големите светски умови, а богами и Ние, малите луѓе, нивните поданици, срамот е наш. Така е тоа со Големите а мали луѓе Внучко, „Ти со него се обидуваш царство да правиш а тој му се радува на селото“.
Потоа зачудено се прашуваме – Зошто сите плодови кај нас станаа трули и темни? Зошто се што работевме беше залудо, нашето вино се скисели, пожолтеа нашите полиња и нашите срца. Сите се исушивме, се расејуваме како пепел – да, и самиот оган го изморивме, сите извори секнаа за нас, целата земја пука но длабочината не сака да впива. Навистина, Внучко, веќе сте премногу уморни и за умирање, бдеете и траете јалово во соби за мртовци! Се’ поради Вашите Големи – мали луѓе!
Внучко, лесно се препознаваат малите луѓе кои се преставуваат за Големи. Погледни ги Нашите Градоначалници, за секоја „народна веселба“, еуфемизам кој се користи за исполнување на нивните детски Големи сништа, повикуваат „ѕвезди“ од поранешните ЈУ простори. Се „фрлаат во празно“ стотици илјади евра за да може да се сликаат Тие, нивните Големи сопруги и „генијалните“ им деца со овие „ѕвезди“ ( Петар Грашо, Северина, Даниела, Фрајле, Чолич, Брега, Бајага…), за фотографија со која ќе ја пополната белината од нивните „ѕидови на суетата“. Малите луѓе, Внучко, купуваат Големи автомобили! Малите луѓе имаат Големи идеи! Малите луѓе користат Големи зборови и се расфрлаат со Големи гестови! Малите луѓе имаат потреба од Големи сопруги! Малите луѓе имаат Големи љубовници! Малите народи имаат Големи истории! Малите народи пеат јуначки песни за своите порази додека победниците, за тоа време, мудро молчат! Затоа, Внучко, јас никогаш не му верував на народот кога зборуваше за Големи луѓе – си го задржав своето верување дека тоа е обратно чкулав (сакат) човек на кого му недостига сѐ, а нешто има премногу!
Внучко, со сигурност можам да Ти кажам одовде и Господ има побегнато. Вие слободно може да ги создавате вашите „ЗЛАТНИ ТЕЛИЊА“, по примерот на Мицкоски, Заев, Ковачевски, Апасиев и да се клањате пред нив. Јас си ги собирам „парталите“ и заминувам во подобриот свет на минатото и мртвите. Наспроти вечната дилема Сократова „Не знам кому ќе му биде подобро, мене кој заминувам во смрт или вам кој останувате!“, јас со сигурност знам дека вам ќе ви биде полошо овде отколку на мене враќањето на страниците од македонската историја!

На денот на Св.Јован Шангајски-Санфранциски-Битолски

Професор д-р Оливер Андонов

П.С.
Да расчистам една дилема – Кој е Дедо Герасим?
Дедо Герасим тоа сме Ние, Вие, Тие, македонскиот архетип кој е основата на македонскиот ген, нашата историска памет, совеста македонска, нашето „Верују“, синоним за МАКЕДОНСКИОТ НАРОД!
Се надевам дека, Дедо Герасим, за кратко побегна од овој „НАШ“ порочен свет и повторно ќе се врати, мудроста негова ќе ни недостасува!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *