Двата поими кој навидум се однесуваат на исто, всушност се само поврзани меѓусебе односно по разбирањето следува расудувањето. И двата поими се однесуваат на интелектуално, интелигентна, психичка – мозочна активност на личноста. Неопходноста за успешно разбирање и расудување е поврзана со способноста за согледување на општествените настани, процеси, појави, моменти. Расудувањето е здрав суд за мислите и случувањата, за кои правилно се расудува во процесот на размислување, при тоа имајќи го предвид времето, местото и состојбата. Таа способност на здрав суд е пак поврзана со интелектуалното ниво, општествените услови, образованието и пред сѐ нивото на личноста да може да гледа на општествените случувања повеќе димензионално. Расудувањето е способност за гледање на „невидливото“ преку здравиот разум и препознавање на идните настани. Тоа е разбирање на тоа што е пред нас во неговата трета и четврта димензија, за што мислам дека Ви имам глаголено.
Тоа што ја условува способноста за разбирање и расудување е меморијата и согледувањето на поврзаните настани преку кои искуствено, но и врз основ на наученото ќе можеме да го разбереме тоа што се случува околу нас. Потоа следува расудувањето за причините, поводите но пред се последиците од некој конкретен миг, односно појава.
Токму таква појава или политичко-општествен миг е донесувањето на законот за амнестија. Амнестијата е најмалку правен чин, на прво место тоа е политички чин кој има директно влијание врз општествено-правната сигурност на граѓаните. Таа, амнестијата, пред се промовира неказнивост мотивирана од политички причини и на тој начин го урива судството како институција, но најмногу ја урива праведноста и правдата низ спроведувањето на законите.
Оттука, секоја политичка расправа за тоа дали треба или не треба да се донесе закон за амнестија е беспредметна. Беспредметна и залудна е од аспект на општествените норми, јавната и лична сигурност на граѓаните, етиката и правниот систем, правдата и спроведувањето на законите. Смислена е од аспект на политичка забава за народот и лукративни причини на политичката елита. Ова посебно се акцентира затоа што се однесува на амнестија на лица кои сториле тешки кривични дела против животот, здравјето, имотот на граѓаните на Македонија. Не постои оправдување поврзано со тоа дека затворите се натрупани, со субстандардни услови и слично. Задача на државата е да обезбеди човечки услови за правосилно осудените лица кои издржуваат затворска казна да бидат успешно ресоцијализирани. Во овој контекст несомнено е потребна реорганизација на системот на издржување на казна затвор во зависност од тежината на делото и должината на изречената казнено-поправна мерка, а тоа не е амнестија.
Во разбирањето на тоа дали е некој против или за амнестија, неопходно е да се знаат погоре наведените параметри, а за расудување на истата таа „потреба“ од амнестија неопходно е да се познава контекстот и претходните искуства и случувања, но пред се последиците во иднината.
Тоа е контекстот на разбирање и расудување поради што Ние како внатрепартиска фракција сме јасно против донесување на закон за амнестија. Токму во истиот контекст, нашиот став поврзан со амнестија на осудените и затворените за случувањата од 27-ми април 2017 година е исто така јасен. За да подобро го разберете и можете да расудувате по ова прашање ќе се обидам да објаснам во неколку реченици.
Најпрво, за да може да се разбере разликата помеѓу донесувањето на закон за амнестија според тенденцијата која се обидуваат да ни ја наметнат во јавноста како тема, а за што погоре пишував, неопходно е да знаеме и разбереме дека не постои можност да се направи амнестија на осудени за кривично дело тероризам. Луѓето осудени за 27-ми април се осудени за кривично дело тероризам. Ова е правен факт, без разлика што истиот е наметнат политички и што го измисли Заев. Разбирајќи го ова, неопходно е да расудуваме за причинско-последичните врски доколку се донесе закон за амнестија кој би ги опфатил и овие лица (иако сметаме дека тоа нема да се случи). Накратко кажано, во таков случај тоа би се однесувало и на лицата осудени за терористичкиот напад во „Диво насеље“. Затоа, расудувањето треба да не донесе до заклучок кој е во рамките на правниот систем и нарушувајќи го истиот да овозможи ослободување на лицата осудени за 27-ми април.
Како внатрепартиска фракција имаме многу јасен и издржан став по оваа прашање, но и јасна правна процедура како тоа треба да се спроведе. Прво, јасно кажуваме дека нашиот став е лицата осудени за 27-ми април треба да се ослободат, бидејќи врз нив не е спроведен законот ниту се праведно осудени. Имено, нивната пресуда е политички мотивирана и со политички цели и затоа во рамки на кривично – правната постапка неопходно е да се направи промена на „стореното“ од правосудните органи квалификуваното дело тероризам во кривично дело насилство и учество во толпа.
За да се случи ова несомнено е потребна политичка волја преку која ќе се иницира повторување на овие случаи со нова квалификација на сосема друго кривично дело. Во таа ситуација несомнено е дека сторители на овие дела може да го признаат истото и да покажат делотворно каење, по што новите пресуди ќе бидат драстично помали од сегашните за тероризам. На тој начин „клетниците“ од 27-ми април ќе бидат на слобода веднаш.
Но, за наша жал, тоа не се случува иако можеше да биде одлична основа за преговори на Мицкоски со Ковачевски во врска со давањето согласност за некои други политички отстапки. Навистина не ми е јасно како тоа мисли Мицкоски да ги амнестира страдалниците од 27-ми април, дури и хипотетички да претпоставиме дека е премиер (што нема да биде). Дали ќе го примени моделот кој го предлага фракцијата? Доколку расудуваме во овој правец, се поставува едно логично прашање: „А зошто сега не го предложи тој сигурен модел за „амнестија“ на овие луѓе“?
Ете уште еден миг кој не води кон расудување. Да размислуваме за тоа кои се мотивите на СДС, а кои на Мицкоски во однос на забавата за граѓаните на Македонија наречена „амнестија“. Едните, СДС имаат силен мотив во два правци, да се допаднат на своите политички партнери и да си создадат отстапница во предизборието во однос на теренска активност која ќе ја спроведат амнестираните должници. Вторите, Мицкоски има за цел да продолжи да игра на картата на популизам и божемен борец за право, спроведување на законите и борец против корупцијата, при тоа неизоставувајќи го од манипулација прашањето за 27-ми април. Секако ова му е насушно потребно по сѐ она што го промаши, замати и … во врска со измените на Кривичниот Закон во однос на двата клучни члена 353 и 394.
Во врска со измените на КЗ, Ние како внатрепартиска фракција силно се спротивставуваме и сме против оваа „законско“ уривање на борбата против корупцијата и организираниот криминал. Јасно кажуваме дека оваа постапка е генератор на корупцијата против која имаме исто така јасен став за нулта толеранција и преземање конкретни чекори за борба против истата. Но, за тоа веќе зборувавме во јавноста и повторно како фракција ќе зборуваме, бидејќи сме подготвени чисто и транспарентно како предводници на ВМРО-ДПМНЕ да ја водиме државата Македонија кон ЕУ.
Впрочем, зошто Мицкоски не го услови не менувањето на Кривичниот закон со напуштање на собранието? Расказите пред членството на партиски настани, толку брзо му ги читаат што не преживуваат ниту 24 часа а да не добијат контрамерка од власта (и тоа оваа неспособна власт). Сетете се само на неговите барања кога на миг мислеше да влезе во влада и се согласи на уставни промени.
Објаснувањето на ставот по прашањето на амнестијата за сторители на тешки кривични дела и ставот за амнестијата или најточно повторното отворање на предметите на осудените за настаните за 27-ми април со друга квалификација на сторените кривични дела наместо тероризам, како внатрепартиска фракција во ВМРО-ДПМНЕ го сметавме за неопходна тема. Целта е да оневозможиме популистички игри, злоупотреби на чувствата на сите граѓани и остварување на приземни цели на некои политиканти создавајќи театарска претстава пред сите нас.
Новата театарска претстава, која се одигрува во полнотата, на неинвентивноста всушност е заплашување на граѓаните на Македонија, се заговара тезата, доколку не бидат во исто време вториот круг претседателски избори со парламентарните избори ќе имаме бојкот кој пак ќе доведе до вонредна состојба во која ќе се извршат уставните измени. Оваа сказна е толкава лудорија што и малите деца тешко ќе поверуваат во неа. Нејзиното пласирање во јавноста има единствена цел да создаде страв кај граѓаните од апокалиптична иднина. Сценарио кое во комбинација со амнестијата и драмолетката која ќе ја гледаме ќе ја замаглат јасната перцепција и расудување на граѓаните токму во однос на измените во Кривичниот закон и борбата против корупцијата.
Потполно видливо е на што се сѐ подготвени само да се спаси позицијата на војникот Мицкоски на чело на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа што е јасно и видливо и во две димензии без посебно разбирање и расудување во контекстот на остварување на невозможното или спасувањето на војникот Мицкоски, е дека се создаваат предуслови по секоја цена да се создаде политичка криза во Македонија. Жално за нас од ВМРО-ДПМНЕ е тоа што таа криза ја креира и генерира нашата партија. Навистина за да се надмине и игнорира оваа лудост неопходно е разбирање и здраворазумско расудување.
За објаснување на потребата од разбирање на тоа што го слушаме, гледаме или читаме и расудување на состојбите, причините и особено последиците, можевме да избереме и било кој настан од актуелната политика, минатото или акцептираната иднина. Сепак во овој миг „амнестијата“ како димна бомба која креаторите на јавно мислење во Македонија се обидуваат да ја исфрлат заради замајување на народот додека се подготват другите „апокалиптични“ сценарија е најсоодветен за да разберете каде се обидуваат да не доведат и да расудите зошто се прави тоа. Тоа што ни го прават постојано последните 33 години.

 

Оливер Андонов

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *