(или за очебијноста за умствената, политичката и образовна слабост
на нашите политиканти поради кои настрадавме и продолжуваме
да страдаме како народ и нација и да нанесуваме штета во рамките на ЕУ)
Трет дел
4.Човекови права и недискриминација
Во овој дел од Протоколот внимание привлекува тоа што сите обврски се насочени кон Македонија, а Бугарија не презема никакви обврски. Видливо е дека Бугарија не сака да преземе обврски по прашање на човековите права за да не мора да биде под „удар“ на нашите барања за македонското малцинство во Бугарија.
Ова е уште еден директен показател на асиметричност, но контекстот на „оправдување“ кое бугарската страна го дава е во тоа што тие имаат граѓански устав кој сите ги смета за Бугари (државјани на Бугарија) и согласно тоа и Македонците во Бугарија се Бугари и ги опфаќаат само поединечните права, а не колективните.
Така во Протоколот е утврдено дека:
„Република Северна Македонија ќе преземе мерки за да обезбеди ефективен пристап до еднакви права, заштита од дискриминација и заштита на културата и идентитетот на бугарската заедница во Република Северна Македонија:
– Постигнување одржливи резултати во спречувањето и одговорот против манифестациите на говор на омраза кон Бугарија и Бугарите во Република Северна Македонија во медиумскиот простор, вклучително во онлајн и социјалните медиуми, во Република Северна Македонија“.
Овде не е јасно како ќе се контролираат постојано социјалните мрежи кои се полни со ботови и лажни профили и какви последици може да предизвика неуспешноста во оваа активност врз преговорите на Македонија.
– Постигнување одржливи резултати во спречувањето, истрагата и гонењето на престапите од омраза, актите на говор на омраза и дискриминација на Бугарите во Република Северна Македонија.
– Преземање ефективни мерки за подигање на свеста за институционалните механизми за човекови права и зголемување на довербата на Бугарите во Република Северна Македонија во овие механизми и национални институции.
– Постигнување одржливи резултати за да се обезбеди слободно остварување на правата на Бугарите во Република Северна Македонија за слободно изразување, зачувување и развивање на идентитетот и специфичните карактеристики на нивната заедница, како и слободно користење на симболите на нивната заедница.
Сите овие точки се дел од меѓународно прифатените човекови права и не би требало да се спорни.
Факт е дека може да се добијат подобри појаснувања во некои делови од протоколот, особено изјава од страна на бугарската влада дека нема да поставува прашања и отвора дискусии во врска со македонскиот идентитет и се што тој опфаќа во современието.
Токму ова се основните аргументи со кои треба да се излезе во однос на прифаќањето на преговарачката рамка и почетокот на процедурата за започнување на преговорите.
Забележливо е низ целиот Протокол дека Бугарија го поттикнува духот на нејзина доминантност како посилна страна, доведувајќи ја Македонија во подредена состојба, правејќи го Протоколот видливо асиметричен и обраќајќи и се импертивно во врска со преземените обврски.
Ова треба јасно и отворено да се каже на македонската јавност, да и се даде Протоколот на јавно разгледување и да се добијат сериозни релевантни предлози кои би биле од полза за Македонија. Не треба да очекуваме општ општествен и државен консензус да постигнеме, но барем да имаме јасен и чист став. Како и став од академската јавност кој само може да и помогне на дипломатијата.
Побено е важно да по ова прашање без ограничување на кус рок, но не и до бесконечност зборуваат експертски тимови на владата, ВМРО-ДПМНЕ и академската јавност на јавна расправа во неколку сесии за да се добие експертска и политичка усогласеност на нашата македонската страна во врска со Протоколот и тоа да се предложи на Бугарската страна. Особено доколку добиеме гаранции во Протоколот за неотворање дискусии во врска со македонскиот идентитет и се што тој опфаќа, тогаш другите прашања, вклучително и историјата заснована врз факти и јасни докази и за едната и за другата страна не треба да претставуваат проблем.
Основното прашање кое сега се поставува пред нас како академска и општа јавност е дали овој Протокол е потпишан од страна на Бујар Османи како министер за надворешни работи, што по автоматизам предизвикува обврски за нас како страна, но во исто време и проблем во однос на менување на тоа што веќе е прифатено – потпишано.
Покрај се, како најголем потенцијал за закочување на процесот на преговори на Мкедонија за членство во ЕУ може да се смета утврдениот рок од две години од потпишувањето на овој Протокол во кои е потребно да се вклучат сите меѓусебно договорени резултати од работата на Комисијата во учебните програми, учебници и релевантните учебни материјали и двете држави да ги усогласат, методолошките упатства, учебниците и други релевантни учебни материјали. Понатаму, ваквите резултати треба да ги земат предвид и да се рефлектираат врз содржините на натписи на споменици, знаци, информациски материјали во музеи и други објекти со образовно и културно значење, како и релевантните информации во електронски информативни медиуми во јавна сопственост. Земајќи го предвид процесот на правење на вакви суштински измени, овој утврден рок е прекраток и може да доведе до заобиколување на одредени институции кои не се под капата на Владата или нивно потиснување поради запазување на рокот.
Од друга страна антиципирајќи ја иднината и имајќи сознание пред се емпириско, но и теориско за дипломатските замки и однесувања помеѓу државите, си го поставуваме прашањето: „Што може да очекуваме да преземе бугарската страна билатерално, но уште повеќе преку ЕУ доколку во поставениот рок од две години од потпишувањето на овој Протокол не се реализираат сите меѓусебно договорени резултати со посебен осврт кон нашите – македонски обврски“?
Ова може да биде искористено против Македонија и тоа пред Советот на ЕУ или во рамки на ЕК, како не постоење на доволно волја да се решаваат работите и тоа од наша страна, затоа што Протоколот е асиметричен и во многу точки обврзувачки за Македонија.
За наша жал, испуштајќи го нашето златно време од 1991 до 2000 година кога можевме како уредена држава по 1991 година да сториме се за да влеземе во НАТО, доколку нашите политикантски елити не ја крадеа државата и да не ги уриваа нејзините институции, ќе бевме членка на ЕУ пред Бугарија и денес ние ќе бевме посилната страна. Но, драги мои ова е реалноста со која живееме и пред да ја направиме погрда да сториме нешто корисно и исправно.
На крајот сакам да напоменам една клучна работа. Имено, во овој Протокол Бугарија никаде не зборува за „ре-бугаризација“ на Македонија (тоа е цел воспоставена во стратегијата на Љубомир Иванов и други во 2008 година), но ќе порачам само една нешто. Дали мислите дека по 80 години македонска државност, 30 години самостојност, израснати, родени и живеани осумдесет генерации Македонци воспитани и државно и семејно дека се Македонци и сите оние кои се родија во Македонија а се раселија насекаде по светот и изродија нови генерации кои ги воспитаа како Македонци, постои можност некој денес да не „бугаризира“, доколку тоа некој од нас не сака да го направи доброволно?
Прво, тоа е целосно сомневање во капацитетот, самосвеста и македонскиот идентитет на сопствениот народ искажан од страна на политиканти кои играат на подгревање на квази патриотизам и чувство на загрозеност.
Второ, тоа е сомневање во историската меморија на Македонецот, на секој од нас поодделно за тоа што сме, кој сме, на кој јазик зборуваме и особено какво е нашето минато вклучително и поврзаноста со Бугарија во различни периоди на различни нивоа.
Трето, постои ли можност во 21-ви век, некој на сила да не натера да не бидеме Македонци и да не говориме Македонски?
Четврто, верувам дека барем 90% од оние наши сонародници Македонци кои од економски или други причини зеле бугарско државјанство, со влезот на Македонија во ЕУ ќе се откажат од истото, а македонско државјанство како еднакво во ЕУ ќе земат многу наши Македонци од Бугарија кои денес тоа не можат да го сторат.
Во Македонија, град Скопје на 04.07.2022 година
Вонреден професор д-р Оливер Андонов
П.С. Како одговорни членови на ВМРО-ДПМНЕ, како поддржувачи на Внатрепартиската фракција за демократизација и ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ, како патриоти Македонци, како дел од академската јавност и како интелектуалци, во рамките на Внатрепартиската фракција, согледувајќи го значењето на одредбите и преземените обврски од страна на Македонија со Вториот меѓувладин Протокол, а со намера да навремено предупредиме на претстојните состојби и уште повеќе долгорочни последици врз нашата татковина Македонија, македонскиот народ, граѓаните на Македонија и секако последиците врз нашата партија ВМРО-ДПМНЕ, изворната анализа и овој Пост Скриптум на истата, се решивме да ги објавиме во јавност.
Едноставно, да предупредиме, да го мотивираме Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, да го отпрета Протоколот, да го проучи со тим на експерти (доколку му е потребна помош и смее да ни се обрати, ние сме тука) и да преземе соодветни мерки. Да го мотивираме Премиерот Христијан Мицкоски да отиде подготвен на состаноците во Брисел кој го очекуваат во текот на месец Декември, особено оној последниот каде ќе му бидат врачени ЗАКЛУЧОЦИТЕ НА ЕУ ЗА МАКЕДОНИЈА. При тоа, да не глуми навреден, изненаден и да е лут на целиот свет, посебно на нашите партнери во ЕУ, и истовремено да не ги замајува граѓаните на Македонија чии премиер е, со празни зборови, туку сериозно да даде образложение за тоа како и во кој правец мисли понатаму да ја води државата кон ЕУ или надвор од ЕУ. Ние како Внатрепартиска фракција сме присутни во јавноста и помеѓу партиското членство и на овој начин во клучните аспекти ќе му ги сугерираме нашите предлози како што му ја претставуваме веќе одамна направената анализа на Вториот меѓувладин Протокол и обврските кои за Македонија произлегуваат од него.
Воедно, како одговорни луѓе и кон нашите партнери во ЕУ и стратешкиот партнер САД, сето ова како исклучително значајно преку јавна објава го ставаме на увид и на сите нив.
Кога е напишан овој текст во македонската јавност не постоеше информација дека Протоколот е веќе потпишан од страна на Бујар Османи. Со оглед на тоа дека подоцна Протоколот е ставен на страната на МНР и тоа во 2022 година во делот на албански јазик како скениран документ каде што и во овој момент може да се најде, и во актуелниот миг на сложеност на односите помеѓу Македонија и Бугарија, при што е неопходно да ги занемариме протоколарните „љубовни“ изјави помеѓу Силјановска-Давкова и Радев разменети во Баку, можеме да очекуваме сериозни проблеми во рамките на ЕУ, односно во Извештајот на ЕК во Декември 2024 година, бидејќи на прво место и на иницијатива на Бугарија тој извештај ќе мора да ги опфати анализите и заклучоците во врска со исполнувањето на обврските од Протоколот.
Во овој контекст остануваме при ставот дека за наша жал не ни останува ништо друго освен да избереме еден од можните патишта:
1.Да ги спроведеме сите обврзувачки услови кои сме ги презеле на хартија во рамките на Протоколот благодарение на „генијалноста“ на Османи и Димитров, а во иднина да размислуваме што треба да направиме и што реално може да направиме и
2.Да се откажеме од Договорот за добрососедство со што по автоматизам ќе престанат да важат Протоколите но и преговарачката рамка произлезена од таканаречениот Француски предлог или сега веќе Европски договор.
Анализата за тоа која варијанта или решение би било подобро долгорочно за Македонија и со помалку штета врз државата и Македонскиот народ бара посебна анализа во која треба да се имаат сознанија за ставовите и тенденциите на другите земји членки на ЕУ, посебно на оние клучните.
Јас лично, но и Внатрепартиската фракција во ВМРО-ДПМНЕ сме за спроведување на првиот пат, односно реализација на од наша страна преземените обврски, а согласно едноставната порака која ЕУ упорно ни ја кажува: ПОТПИШАНИТЕ ДОГОВОРИ-ПРОТОКОЛИ И ПРЕЗЕМЕНИТЕ ОБВРСКИ МОРА ДА СЕ ПОЧИТУВААТ И СПРОВЕДАТ.
Во тие рамки, би било добро да разговараме со сите земји членки на ЕУ, но и со нашиот стратешки партнер – САД, во врска со можноста да по исполнување на основната обврска која е несомнено не проблематична за нас – внесувањето на дел од Бугарскиот народ во македонскиот устав како уставна категорија, останатите обврски да бидат одложени пред се заради нивно прецизирање во рамките на еден Трет меѓувладин Протокол кој би бил составен и потпишан со посредништво на ЕУ и САД. Овој Трет Протокол во секој случај би требало да биде симетричен во однос на преземените обврски од двете страни, прецизен во однос на барањата и роковите за секоја обврска поодделно и несомнено со најголем простор и посредништво во однос на историските прашања. Образовните прашања, посебно обврската за доставување во Софија на примероци од учебниците е исклучително обемна, но пред се понижувачка обврска за Македонија. Токму на вакви примери во Вториот Протокол се гледа патерналистичкиот став на Бугарија кон Македонија и тоа несомнено создава чувство на подреденост и пониженост кај македонската страна, но и недоверба кон искреноста на бугарската страна.
Токму овие состојби убедени сме дека ги следат и препознаваат и не сојузничките држави како Русија и Кина, но на прво место Србија и Унгарија како партнер во НАТО и членка на ЕУ. Поаѓајќи од сопствените интереси сите овие држави имаат начин и цел да ги одржат во живот сите извори на конфликт помеѓу Македонија и Бугарија.
Оттука, сметам дека и владата на Мицкоски има директен интерес да се одржи на што повисоко ниво тензијата и конфликтот помеѓу Македонија и Бугарија, особено доколку за таквата состојба можат да ги обвинат ЕУ и САД (НАТО) како некоректни кон Македонија и како структури – сојузи кои директно работат против интересите на Македонија. Тоа е најдобриот можен инструмент за пораст на евроскептицизмот и анти САД и анти НАТО расположение во Македонија. Токму затоа и не очекуваме никакви реакции превентивно на македонската влада, посебно на македонското МНР во насока на соодветно и навремено реагирање кон Бугарија со цел релаксирање на односите и покажување на реални добрососедски односи. Спротивно од тоа, на владата на Мицкоски и одговара на предлог на Бугарија а врз основ на Вториот меѓувладин Протокол, ЕУ да донесе лоши заклучоци за Македонија за 2024 година. Во таква ситуација преку медиумската контрола во Македонија целата вина ќе биде пренасочена кон Европа која не „мрази“ нас Македонците. Всушност тоа е исполнување на политичко-безбедносната задача од страна на Мицкоски, да ја држи Македонија подалеку од ЕУ и воедно во државата да биде на највисоко ниво анти ЕУ и анти НАТО (САД) расположението. Тоа претставува остварување на целта на Русија за отворена можност за контрола на територијата на Македонија преку други инструменти врз претходно создадена почва од страна на власта, а со тоа и влијание врз јужното крило на НАТО и негово слабеење на стратешко ниво. За Мицкоски и неговата влада пак, тоа е отворен пат за лично богатење преку корупција и криминал надвор од очите на ЕУ и САД и можноста за нивно директно мешање што е нивна единствена цел. Создавањето на ваква состојба е добитна комбинација за Мицкоски, неговите полтрони и најблиски соработници, за олигархијата, и за руските интереси, како и за интересите на Србија и Унгарија и некои кругови во Бугарија и дел од албанските политички партии, но крајно губитничка позиција и тоа долгорочно за Македонија, македонскиот народ и стабилноста на јужното крило на НАТО, како и создавање на долгорочна недоверба кон ЕУ и САД.
Во Скопје две години и малку повеќе подоцна
14.11.2024 година
Редовен професор д-р Оливер Андонов
П.П.С.
И еве помина една година подоцна откако на 19-ти, 20-ти и 21-ви Ноември 2024 година ја објавивме Анализата на Протоколот од Втората меѓудржавна конференција помеѓу Бугарија и Македонија со препораките кои како Внатрепартиска фракција за демократизација и ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ ги предложивме на Мицкоски, Муцунски и целата владата на Мицкоски. Поминаа и скоро две и пол години откако на 04.07.2022 година веднаш по потпишувањето на Протоколот (Записникот) од Втората меѓудржавна конференција од страна на Бујар Осман ја направивме оваа Анализа.
Дури сега, веројатно за дневно политички цели и замајување на македонската јавност но при тоа со немање претстава за што всушност зборувавме и 2022 и 2024 година, политикантските кругови во нашата партија ВМРО-ДПМНЕ се обидуваат да наметнат во јавноста приказна за ТРЕТ ПРОТОКОЛ. Не е тоа резултат на вразумување, туку токму спротивно, тоа е со цел и еден обид за не поместување од status quo состојбата преку уништување на можноста да се реализира еден таков Трет Протокол. Посебно доколку знаеме дека во последните неколку месеци поедини држави од ЕУ се обидуваат токму врз оваа идеја да ја поместат работата од мртва точка. Однесувањето на владата на Мицкоски е создавање приказна со цел да не ја биде работата.
Зошто приказна која има за моментална функција на само некаков си нејасен ПР?
Затоа што ниту разбрале за што им зборуваме, ниту ја согледуваат идејата за Третиот Протокол, ниту пак ги гледаат бенефитите за Макеоднија, а уште помалку знаат што се треба да се одработи во билатералните односи со Бугарија и во однос на поддршката од ЕУ за да дојде до Трета меѓувладина конференција и од неа да произлезе Третиот Протокол. Затоа што треба да одолговлекува Мицкоски и да си најде оправдание пред ЕУ, посебно пред некои клучни држави, за тоа зошто нема никаква никаква дипломатска активност кон Бугарија.
Затоа најпрво Муцунски нешто најави во врска со тоа, но онака од страна, потоа Мицкоски рече дека од Јануари ќе се интензивира комуникацијата со Бугарија (само не кажа од кој Јануари и кој со кого ќе интензивира и што и со која цел), за да на крајот Силјановска директно кажа дека се размислува за Трет Протокол. На тоа се истрча Владата да каже дека тоа е лично мислење на Претседателот Силјановска што дополнително остави впечаток дека Владата ја користи Силјановска како маша за испитување на топлината на народните маси, но и за фрлање на прашина в очи на нашите партнери од ЕУ. Па така Мицкоски кој не сака да се изгори и дува и на маштеница (а нели е алфа и омега и неговото е последно) а во слободно време глуми патриот во кавги со наркомански турбо фолкери од Србија, по примерот на менторот му Вучиќ кој се рсправаше со хрватски музичари, одлучил да и даде улога на Силјановска да го пушти пробниот балон во јавност. Па доколку пукне балонот (а тој ќе помогне да пукне – така што ќе вели дека тој не е од тука и не е за такво нешто), гневот да биде врз Силјановска, а тој да се прави недоветен. Силјановска за гревота, самата си ја прифати оваа улога наместо да биде креатор на надворешната политика на Македонија. Арно ву е, ако ву е – што би рекле Кумановчани во еден виц.
Ами дудуци на топтан, не се така ДЕСЕКУРИТИЗИРА јавноста (македонската) која во соработка со Радев и Јотова (за бугарската јавност задолжени) ја СЕКУРИТИЗИРАВТЕ и едно нормално меѓусоседско прашање кое е поврзано со човековите права и кое требаше да има позитивно влијание и врз прашањето за Македонците во Бугарија го направивте проблем. При тоа не ни споменувате нешто за останатите обврски од Вториот Протокол, туку се фативте за нај неважното – Уставните промени. До тоа ве доведоа вашите рашистички пријатели и нивните медиумски трабанти. Но тие ваши „Православни и Словенски“ руски браќа не ви кажаа како се десекуритизира политички неважно прашање кое сте го кренале на високо безбедносно и политичко ниво како национално прашање од животно значење „да се биде или не“. А и неможеле да ве научат. Тие јадните не можат да излезат од војната во Украина, а не вас да ве научат нешто. Тие се тука единствено да прават конфликти а не да ги решаваат. Само тоа и доколку ви е јасно поради личната корумпираност и компромитираност кај доверителите не можете да го избегнете.
За да можете тоа да го направите како што треба, како влада да ја извадите Македонија од безизлезноста во која ја внесовте, и пред се да се реши прашањето со отворање на преговорите за Македонија во ЕУ, немате време да водите широки процеси и пред се политикантски игри за намалување на штетата која самите си ја направивте, односно нам ни ја направивте и се уште ја правите. Тоа нема да ви го дозволат вашите Руски и Српски пријатели, пардон, доверители.
За да ја направите десекуритизацијата и со тоа да влезете во процес на подготовка, организација и реализација на Третата меѓувладина конференција помеѓу Македонија и Бугарија и од неа да произлезе Трет Протокол со конкретни обврски и за двете страни, потребно е многу работи да изработите како во билатералните односи со Бугарија, така и во однос на договарање со ЕУ и нивно активно и директно вклучување во овој процес, но најповеќе (а тоа ве загрижува најмногу) смирување на македонската јавност. Смирување за да не ве обвини за предавство кое како наратив и алатка го користевте изминатиот период, а сега може да ви се врати во многу лоша изведба. Македонската јавност ве загрижува најмногу, не затоа што сте загрижени за благосостојбата и менталното здравје на народот кој го полудевте и накрвивте, туку затоа што сте исплашени од реакцијата на тој народ и тоа не сега во мигот, туку на некој следни избори, бидејќи овој народ Македонскиот е таков, реагира зад завесата, тешко да собере храброст и да каже в лице што мисли. Исплашени сте и за вашата иднина, не само политичка, доколку Македонија влезе во ЕУ и се воспостави ред и казнена одговорност.
Но сепак, вие најповеќе се плашите од вашите ментори-доверители од лични причини, но и затоа што тие го контролираат јавното мислење во Македонија. Сте направиле ли увид колку „ваши“ медиуми, портали и поткасти, надкасти и докасти се всушност про руски. Или колку „ваши“ инфлуенсери на социјалните мрежи се про руски и колкумина од нив не се способни ништо да напишат или пласираат во јавноста доколку за тоа не добијат насока од вашите доверители од Белград, Будимпешта, Софија, но координирано од Москва. Впрочем, имате ли сознанија кои како искрени партнери ги споделувате со нашите сојузници во НАТО и ЕУ за тоа колку сомнителни пари влегуваат во Македонија за финансирање на овие медиуми и поединци.
Оттука ќе се обидете да правите драми најпрво околу Конгресот на нашата партија ВМРО-ДПМНЕ правејќи бура во чашка за ракија (онаа од 0,02), но тука се е јасно и видливо, едноставно клиентелата си фаќа позиции во идното делење на партиските карти а потоа и на места во владата, така што нема ништо од спектакуларноста на Конгресот со која се пофали Мицкоски. Се е наредено за в Кавадарци, само уште Лукас да го повикаат да отпее нешто за да се забавуваат осумстотините делегати и останати гости во паузите помеѓу двата говора на Мицкоски (како стар и нов претседател).
Да појасниме, за да малку ѕирнете во внатрешноста. Решението на почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ не е во Третиот Протокол, туку во Уставните измени кои мора да се случат и тоа добро го знаат сите во владата на Мицкоски а посебно тој самиот, колку и да се прават на будали.
Третиот Протокол има сосема друга намена поради која и го предложивме како решение, а таа е „да се спречат идните блокади од страна на Бугарија преку взаемни обврски гарантирани од ЕУ“. Тоа што преку историската комисија се обидувате да маткате па на мала врата без многу јавност ги внесовте измените во учебниците по историја за 5-то и 6-то одделение, само го потврдува фактот дека се однесувате не одговорно и измамнички кон македонските граѓани, а дека всушност се плашите од реакциите на јавноста. Затоа и не водите процеси, сериозни политики, туку се покривате со некаков си измамнички ПР кој бугарската страна доколку сака во секој миг може да ви го урне, впрочем како и многу други прашања кои лично во владата на Мицкоски ве засегаат. И толку од појаснувањата.
Времето за преземање на активности од наша-Македонска страна е сега, дури и задоцнето е, и бара итност со оглед на состојбите во Бугарија и можните политички турбуленции таму на пролет. Но Мицкоски најави дека дури по Јануари ќе биде тоа. Значи ќе чекаме да помине месецот на семејството Мицкоски за да се божем нешто работи. А потоа ќе чекаме повторно, веројатно да се средат работите во Бугарија која патем, од идната година е членка и на евро зоната, па така ништо од членството на Македонија во ЕУ догодина, како што некој најавија на националните медиуми. Потоа да не ни е криво, не не мрази ЕУ затоа што сме Македонци, доволно многу се мразиме самите себеси кога избираме подвластена, задолжена политикантска елита која нема храброст да води процеси ниту во партија, пред нас, во татковината, а пред доверителите и не станува збор за такво нешто.
Е па со среќа и наздравје повторно бричење на суво и да не биде дека не сме кажале како Внатрепартиска фракција, впрочем, за се кажавме и предупредивме, па нека остане запишано дека сме кажале. Тоа што не можете да разберете што ви кажуваме не ве ослободува од лична одговорност и политичка вина, бидејќи недостигот на демократски капацитет не е оправдување. Штетата ќе биде врз Македонија, а нашата партија ВМРО-ДПМНЕ ќе го изоди патот на СДС. Само продолжете да се правите на Тошо, па Малерот ќе ви е виновен. Во меѓувреме тепајте се за партиски божем функции и места во владата на Мицкоски – онаа реконструираната. Без идејноста е страшна работа од која тешко ќе се ослободите.
За да дојдеме до Трет Протокол кој ќе биде во наша Македонска полза (а полза е да се исправат грешките од Вториот Протокол) треба идеја, осмислување, разумност, методичност, знаење, упорност, и многу храброст, но најмногу искрена љубов кон Македонија и Македонците. Засега гледаме само спротивности и најмногу немање емпатија кон сопствениот народ и граѓаните на татковината.
Во Скопје на 25.11.2025 година, уште една година подоцна
Редовен професор д-р Оливер Андонов