(или за очебијноста за умствената, политичката и образовна слабост

на нашите политиканти поради кои настрадавме и продолжуваме

да страдаме како народ и нација и да нанесуваме штета во рамките на ЕУ)

 

Прв дел

 

Како што ветив драги мои, еве Ви ја претставувам анализата на фамозниот Протокол кој сите (власта и божемната опозиција) го кријат од јавноста. Се надевам дека ќе имате трпение да ја прочитате целата анализа, како што се надевам дека правилно ќе ја разберете и ќе ги лоцирате сите замки за Македонија и слабости во Протоколот, а кои подоцна секако ќе имаат некакво (можеби не пресудно) влијание врз текот и динамиката на преговорите на Македонија за полноправно членство во ЕУ.

Една таква анализа за тоа што не чека насловена како „Стратегии во една стратегија или quo vadis Macedonians“ ја објавив 2017 година пред да се случи Преспанскиот договор, тогаш на порталот на господин Сотир Костов и во истата објаснив врз што се втемелени стратешките интереси на Грција и Бугарија кои тие не ги ни криеја, како и начините на спроведување и кои се крајните цели кои Бугарија сака да ги постигне. Сепак и покрај тоа нашите политиканти не реагираа превентивно, односно не направија мостови и состојби да избегнат дополнителни проблеми за македонската нација и држава. Едноставно не сакам да разберам како тоа повеќе од четири години па дури и повеќе од 14 години (бидејќи јавната објава на оваа стратегија беше уште во 2008 година) македонските власти ништо не преземаа.

За да не биде дека не е појаснето, направена анализа на точките кои нашите политиканти ги секуритизираат како национално пресудни, а тоа го прават исклучиво од лични политички мотиви, бидејќи сум уверен иако ја знаат содржината на Протоколот, не ја разбираат суштината, структурата и содржината без јасна визија за последиците и влијанието во иднина, токму во оваа колумна сакам да направам анализа на овие „спорни“ точки и да ги разјасниме самите точки и мотивите за нивно „оспорување“ или оправдано сомневање.

Генерално уште на почетоткот може да заклучам дека поради политичкото и историското наследство кое го имаме со Бугарија, меѓусебното искуство, предрасудите и перцепциите едни за други, а особено некои конкретни активности едни кон други, особено во последно време, основна пречка во нормалната комуникација е НЕДОВЕРБАТА и тоа постојано се забележува како се провлекува низ Протоколот и особено е изразено кај бугарската страна која сака да доминира и да се заштити.

Да позборуваме за анализата на спорните точки во документите и секако основниот-Протоколот, кој владата го крие (од нејасни причини), а опозицијата која тврди дека го има не го објавува пред јавноста (повторно од нејасни причини), а потоа тврди дека и таа не го знае, или можеби причините и кај едните и кај другите ним им се јасни во контекст на игрите и бајките, бидејќи врз основ на негова објава од страна на Генчовска на 23-ти јуни, преведен Протоколот го објави и Дојче Веле. Токму истиот и јас го преземав од Дојче Веле, за што јавно се заблагодарувам и извинувам што без барање на авторски права за објавување од нивниот медиум таа нивна верзија ја употребив за анализа на истиот.

Да се анализира еден ваков обемен Протокол е екстензивна работа и бара време и убаво препрочитување на сите одредби и нивна поврзаност со Договорот за добросоедство кој сме го прифатиле како биатерален договор, како и на некои други документи и Протоколи кои произлегле од овој Договор и кои сме должни да ги почитуваме штом сме ги прифатиле, а за кои во самиот Протокол за прв пат слушаме (јас барем досега не сум слушнал за такви билатерални договори со Бугарија на пониско ниво). Ова е особено важно во оваа фаза кога сакаме да започнеме пристапни преговори за полноправно членство во ЕУ. Во исто време за да се даде коментар-анализа на одредбите од Протоколот и нивното влијание на преговорите за членство во ЕУ на Македонија, потребно е да се прочитаат внимателно и заедничката изјава на ЕУ и заклучоците на Советот и Преговарачката Рамка, особено да се разбере во контекст значењето на членот 5 алинеа 3 од рамката.

 

1.За записникот или протоколот

 

Како што и напишав во една претходна колумна исклучително е клучно и значајно да видиме што се ја обврзува Македонија во иднина со овој Протокол (записник). Според тоа што го има објавено Дојче Веле како свој превод на бугарската верзија од 23-ти јуни 2022 година, овој Протокол има неколку спорни одредби и во основа е доста асиметричен, односно повеќе ја обврзува Македонија отколку Бугарија. Покрај тоа остава доволно простор за дополнителни барања кои „се подразбираат“. Сепак има еден момент кој е забележлив, а тоа е дека во него не постои отворено и експлицитно оспорување на Македонскиот јазик (доколку тоа не се обидат да го прават низ историските прашања подоцна), како на Македонскиот народ и нација.

На крајот, сето ова со обврските од Протоколот трае до полноправно зачленување на Македонија во ЕУ.

 

Точка 1

 

Овој записник-протокол има четири точки на дневниот ред, од кои по првата точка: „Преглед на постигнатите резултати во имплементацијата на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија за периодот од 10 јуни 2019 година до… 2022 година во областа на секторските соработки“, не постои никаква забелешка.

Впрочем, како воопшто и да не се разгледувала оваа точка и да не се разговарало по истата. Ова е малку зачудувачки, бидејќи остава простор за несоодветно оценување на постигнатите резултати или за манипулација со истите.

 

Точка 2

 

Втората точка од дневниот ред гласи: „Усвојување на Годишниот извештај за работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија“.

Ова е всушност најпроблематичниот дел со кои мораме да се соочиме и каде што владите на двете земји го усвојуваат Извештајот на мулдидисциплинарната експертска комисија за историски и образовни прашања за периодот 2019-2022 година со крајна забелешка дека работата е незадоволителна и ја охрабруваат комисијата да постигне задоволителни резултати согласно членот 8 став 2 од Договорот за добросоедство. (член 8 став 2 гласи: Во рок најдоцна до три месеци од влегувањето во сила на овој договор, со цел продлабочување на заемната доверба, двете Договорни страни ќе формираат Заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, на паритетна основа, за да придонесе за објективно и засновано на автентични и на докази засновани историски извори, научно толкување на историските настани. Комисијата ќе поднесува едногодишен извештај за својата работа пред владите на Договорните страни).

При тоа: „Двете влади се обврзуваат да создадат поповолна атмосфера за нејзината работа, охрабрувајќи ја да работи на зголемување на ефикасноста и постигнување конкретни резултати, врз основа на ригорозна научна дебата и да презентира факти и настани од заедничката историја која ги поврзува двете земји и нивните народи во образовните системи. Во својата работа, Комисијата строго да се придржува до одредбите од чл. 8, точка 2 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, имено да се придонесе за целта, заснована на автентични и засновани на докази историски извори, научно толкување на историските настани. Во согласност со важечките одредби од Договорот од 2017 година, работата на Комисијата не може да се прекине еднострано“.

Ова се политички изјави кои во овој дел од протоколот имаат и позитивно значење, бидејќи се втемелува врз засновани на докази историски извори, но подолу Протоколот се занимава со исклучиво историски прашања со обврски и рокови за нивна реализација што може да биде проблем за реализацција која е утврдена на не повеќе од две години од заклучокот на мешовитата комисија.

Оригиналите на соодветните историски извори и литературни текстови треба да бидат достапни, користени и презентирани од соодветните образовни институции во нивното проучување.

Овој заклучок за користење на оригиналите на соодветни историски извори е исклучиво научен и не би требало да предизвика проблеми.

Сите идни резултати од работата на Комисијата ќе бидат објавени заеднички од двете страни во рок од шест месеци од усвојувањето на договорените текстови од страна на Мешовитата меѓувладина комисија според член 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, но доколку не се направи во рамките на тоа период, секоја земја ќе има право самостојно да ги објавува.

И овој заклучок не е на штета на Македонија, бидејќи остава простор за индивидуално објавување на резултатите од работата на историската комисија онака како што ние самите го гледаме и цениме. Во исто време не повлекува реперкусии кои би имале влијание врз текот на преговорите. Во однос на оваа точка од Протоколот не постојат посебно облигациски барања од Македонија.

 

Точка 3

 

Трета точка на дневниот ред е: „Усвојување насоки за активности за спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија за следниот период“.

Веднаш на почетокот се вели: „Владата на Република Бугарија изјавува подготвеност да се согласи да се одржи првата меѓувладина конференција на ЕУ и Република Северна Македонија, под услов првата меѓувладина конференција да се одржи веднаш откако Република Северна Македонија во нејзиниот Устав ќе ги вклучи сите граѓани кои живеат на територијата на земјата кои се дел од бугарскиот народ и ќе го усогласи своето важечко законодавство со измените направени во Уставот. Владата на Република Бугарија ја презема оваа обврска со разбирање дека двете страни ќе го применуваат Договорот и овој Протокол со добра волја“.

Посредно земено, македонската страна се согласува (согласила) да ги внесе Бугарите во Уставот на Македонија поради што Бугарија гарантира почеток на преговорите иако временски може да биде проблематично од аспект на времето потребно за законски рокови за уставни измени и усогласување на важечкото законодавство. Сепак, во пракса постои една двосмисленост во овој заклучок како меѓусебна обврска, а тоа е дека: „ќе ги вклучи сите граѓани кои живеат на територијата на земјата кои се дел од бугарскиот народ“, што претставува нејаснотија за кои граѓани се однесува и во врска со тоа дали ова се однесува само на оние кои самоосознаено ќе се изјаснат како Бугари или и на сите оние Македонци кои од разни причини имаат земено бугарско државјанство и со тоа се и граѓани на Бугарија?

Ова е една од клучните точки за кои вака формулирани очигледно никој подлабоко не размислувал при работата во комисијата и која во иднина може да предизвика многу проблеми преку различно толкување и може да биде идна замка за игра со реални и измислени статистики.

Обврските на македонската страна се повеќе поради што и на почетокот зборував за асиметричност и се следни:

1.„Владата на Република Северна Македонија се обврзува да ги заврши соодветните процедури пред првата меѓувладина конференција и да ги вклучи во својот Устав оние нејзини граѓани кои живеат во земјата и се дел од бугарскиот народ“

2.„Да го усогласи своето важечко законодавство, така што ги одразува измените на Уставот.“

Ова е повторување на претходната обврска за промена на Уставот, но со истото отворено прашање кое никој не се сетил дека треба да го допрецизира посебно во однос на тоа што се би опфатило усогласувањето на важечкото законодавство.

„Владата на Република Северна Македонија, согласно чл. 11 ст. 5 од Договорот, ја потврдува заложбата дека ништо во нејзиниот Устав не може или не треба да се толкува дека претставува или некогаш ќе претставува основа за мешање во внатрешните работи на Република Бугарија со цел да се заштити статусот и правата на лицата кои не се државјани на Република Северна Македонија“.

Оваа обврска за Македонија е само уште едно потврдување на она што го имаме прифатено во Договорот за добрососедство и доколку сакаме да биде на еднаква основа, тогаш требало да се измени формулацијата во контекст дека двете влади потврдуваат дека во нивните устави не може или не треба да се толкува дека претставува…“, а со цел најпрво да се даде импулс на меѓусебна доверба. Вака формулиран овој заклучок во Протоколот непотребно ги потврдува одредбите од Договорот за добрососедство и укажува на стравовите кај Бугарија за Пиринска Македонија и можни идни појави на проблеми, што укажува дека во самото конструирање на Договорот за добрососедство бугарската страна длабоко и далекусежно размислувала за секој збор и термин и нивното појмовно и терминолошко значење при идното толкување на прифатените меѓусебни обврски утврдени со овој документ.

„Владата на Република Северна Македонија да ѝ достави на Република Бугарија копии од сите методолошки упатства, учебници, наставни средства и други релевантни наставни материјали во образовната програма на Република Северна Македонија во согласност со член 12 од Програмата помеѓу Владата на Република Бугарија и Владата на Република Северна Македонија за соработка во областа на образованието и науката“.

Најпрво, за јавноста не е јасно за каква Програма станува збор и со каква содржина е истата и какви обврски става пред Македонија и би морало овој документ да го видиме јавно.

Ова може да биде доста проблематична обврска со недефиниран рок на траење, бидејќи сега дознаваме за постоењето на уште еден документ „Програмата за соработка во областа на образованието и науката“, а тоа најпрво предвидува увид од страна на Бугарија во сите наставни материјали на Македонија. Не е проблем дека тие материјали се тајна, секако дека се јавно достапни, но во прашање е дали е предвидено Бугарија да може да бара нивна измена и колку сето тоа дополнително ќе трае временски додека се исчита во Софија. Исто како и што се Софија може да измисли во овој контекст дека треба да смениме, а тоа во пракса значи закочување на процесот на преговори и можност Бугарија да измислува проблеми кои во процесот на преговори ќе треба да ги решава ЕУ и повторно ќе го развлекува времето како и согласно член 5 алинеа 3 од Преговарачката рамка (каде се вели: …вклучувајќи го и Договорот од Преспа со Грција и Договорот за добрососедство со Бугарија од 2017 година како и годишните прегледи и мерки за нејзина ефективна имплементација според нејзиниот член 12), Бугарија постојано има механизам за закочување на преговорите.

За Македонија единствено излезно решение во текот на преговорите согласно Преговарачката рамка е можноста за нејзино сослушување пред Советот на Европа во врска со извештајот на ЕК во кој Бугарија во секој случај ќе има влијание и можноста што тоа ќе го прави пред сите други членки на ЕУ, а истите во Советот ќе треба да одлучуваат по спорното прашање (најчесто во врска со напредокот и затварањето на некое поглавје) со гласање и квалификувано мнозинство, што значи дека Бугарија може да биде надгласана за евентуалните политички  мотивирани глупости со кои би не попречувала. Но, како и да е, ова е погрешен чекор на нашата дипломатија, така што и со оваа Програма владата не има ставено во неповолна позиција.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *