(или за очебијноста за умствената, политичката и образовна слабост
на нашите политиканти поради кои настрадавме и продолжуваме
да страдаме како народ и нација и да нанесуваме штета во рамките на ЕУ)
Втор дел
Точка 4
Четвртата точка е усогласување и потпишување на Протоколот на бугарски јазик според Уставот на Република Бугарија и македонски јазик според Уставот на Република Северна Македонија.
Оваа точка не е реализирана поради тоа што реално записникот уште не е потпишан, а употребената терминологија за јазиците е во согласност со терминологијата која е употребена во Договорот за добрососедство од 2017 година.
2.Други прашања (посебен дел од Протоколот)
Напоменувам дека поради обемност на анализата во овој дел не се анализирани во целост прашањата поврзани со обврските во врска со поглавјето во Протоколот наречено „говор на омраза“.
2.1.Рехабилитација на жртви од комунистичкиот режим
„Владата на Република Северна Македонија, во согласност со Декларацијата на Собранието на Република Северна Македонија од 2006 година со која се извинува на жртвите на репресијата на режимот во периодот 1945-1990 година и во духот на Резолуцијата на Европскиот парламент за европската совест од 2009 г. и тоталитаризмот, да ги осуди и да се извини за неправдите и репресиите извршени во минатото, директно или индиректно, од страна на југословенскиот комунистички режим врз граѓаните врз основа на нивното етно-политичко самоопределување, вклучувајќи ги и во однос на Бугарите“.
Во овој посебен дел од Протоколот повторно постои асиметричност на обврските на страните. Имено, Македонија треба врз основ на сопствената унифицирана и општа собраниска декларација дополнително и посебно да им се извинува на Бугарите репресирани од комунистичкиот режим.
Начелно тоа не е проблем, но посебното национално издвојување разбрано како репресирање поради етно-политичко самоопределување (како Бугарин да е политичко определување) ќе поттикне диференцијални прашања за посебно извинување кон секоја етничка припадност засебно како да комунистичкото репресирање да било врз етничка а не иделошко-политичка основа, а ние Македонците да сме геноциден народ кој под маска на комунистичкиот режим врши етно-политичка репресија. Тука е несомнено потребно да се измени терминот „етно-политичко самоопределување“ како причина за репресија од комунистичкиот режим.
„Владата на Република Северна Македонија декларира дека ќе ја создаде потребната сеопфатна правна рамка за целосно отворање на архивите на репресивниот апарат на поранешните државни безбедносни служби од времето на комунизмот, вклучувајќи полиција, цивилно и воено разузнавање и контраразузнавање во периодот од 1945 до 1991 година. Оваа сеопфатна законска рамка ќе создаде јасни можности за слободен, неограничен и навремен пристап, истражување, право на користење, објавување и институционално чување и зачувување на релевантните документи“.
Оторањето на архивите и нивно законско објавување може да биде од голема полза, особено знаејќи дека во Македонија безбедносните служби најмалку прогонувале заради етничка припадност, туку заради идеолошка припадност, а во тој контекст ќе излезат на виделина две работи кои се многу важни:
1.кои се е гонет заради идеите на ВМРО за самостојна Македонија и заведен под „македонски национализам“ пто е против аргумент кон Бугарија кој потпаѓа под „релевантни историски докази“ и
2.при обработката на службите за безбедност ќе се види кој се со докази бил соработник на бугарските служби за безбедност што повторно не оди во полза на Бугарија.
Сосема е друго прашањето дали подоцна Бугарија ќе се согласи со тоа што ќе се најде во архивите на службите за безбедност во Македонија, но ќе остане неприкосновен факт и пред ЕУ. Секако, ќе напоменам дека тоа е добро и потребно и поради нас самите, бидејќи за повеќе од триесет години не извршивме реална лустрација.
„Владата на Република Северна Македонија, во рок од една година, да ја воспостави потребната сеопфатна правна рамка за целосно отворање на архивите на репресивниот апарат на поранешните државни безбедносни служби од времето на комунизмот, вклучително и полицијата, цивилното и военото разузнавање и контраразузнавањето во периодот од 1945 до 1991 г. Оваа сеопфатна правна рамка ќе создаде јасни можности за слободен, неограничен и навремен пристап, истражување, право на користење, објавување и институционално складирање и зачувување на релевантните документи“.
Ова исто така не е проблем и единствено може да претставува проблем во однос на лицата кои работеле во службите за државна безбедност, а сеуште се живи и работеле во насока на контраразузнавачка или разузнавачка активност кон Бугарија па поради тоа тие или нивни потомци да имаат последици. Ова прашање треба да се доуреди во насока на неоткривање на оперативните работници или соработници на југословенските – македонските служби во Бугарија, а кои можеби се уште живи или нивните потомци да се доведат во опасност.
„Бугарија изјавува дека веќе обезбедила и ќе продолжи да обезбедува пристап до архивите на репресивниот апарат на поранешните државни безбедносни служби од времето на комунизмот, со што се создаваат јасни можности за слободен, неограничен и навремен пристап, истражување, право на користење, објавување и институционално чување и чување на релевантни документи“.
Во овој контекст препорачувам, додека трае овој процес, научни работници од Македонија во областа на историјата да ја тестираат изјавата на Бугарија и во пракса да побараат непречен достап до досиета на пример на Венко Марковски. Тоа би ни дало многу аргументи и факти за тоа како тој самиот бил третиран од бугарските власти, но и конкретен доказ за изјавата на Бугарија за непречен пристап до архивите на безбедносните служби.
„Владата на Република Бугарија да го сподели своето искуство во оваа област, вклучително и создавање на специјализирана централизирана архива, врз основа на законодавството усвоено од земјата во 2006 година. Бугарија ќе продолжи да обезбедува пристап до архивите на репресивниот апарат на поранешните државни безбедносни служби од времето на комунизмот, со што ќе продолжи да создава јасни можности за слободен, неограничен и навремен пристап, истражување, право на користење, објавување и институционално зачувување и заштита на соодветните документи“.
Воопшто е забележливо дека обврските за страните се различни дури и наративно при што кон Македонија се забележува императивен настап, додека Бугарија споделува, изјавува, ќе продолжи да обезбедува и слично, а што во основ остава простор за сомнеж дека во одреден миг може да даде забелешка на поведението на Македонија што воопшто не мора да одговара на реалноста, но ќе одземе време за утврдување на фактите што ќе влијае врз должината на преговорите. Ова е вина на нашата дипломатија која очигледно не води сметка за интегралноста и духот на Протоколот кој наместо добрососедство базирано на добра волја обврзува и има императивен наратив кон Македонија.
2.2.Тема историја
Сепак историјата е неодминлива тема за расправа во овој Протокол и тоа не во конкретни расправи за историски личности и настани, како и епохи, туку исклучиво воглавно во однос на работата на комисијата и постигнатите резултати, а поврзано со обврските од член 8 став 2 и 3 од Договорот за добрососедство.
„Согласно чл. 8 став 3 од Договорот, двете страни се договорија за заеднички годишен календар за 2022 и 2023 година за заеднички прослави на заеднички историски настани и личности, кои веќе се договорени од Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања. Доколку постои политичка волја, двете земји ќе слават и други заеднички историски настани и личности. Годишниот календар е приложен кон овој Протокол.“
Во Протоколот неможевме да го видиме календарот и единствено се знае што е се договорено во врска со цар Самуил и по се судејќи тоа ќе треба да го дознаеме во детали од нашиот дел од мешовитата комисија.
Во Протоколот само се констатира: (Владите на двете земји, на заедничка церемонија, ќе ги откријат обновените натписи на Самуиловата тврдина во Охрид, што ќе ги одразува препораките на Комисијата.)
Што точно значи тоа и што содржат тие натписи, на кој јазик и кој е релевантниот научен извор нема информации во протоколот и за тоа ќе треба историската комисија да се изјасни јавно и со аргументи.
Во однос на делот на историското образование исто така е се договорено околу цар Самуил поради што е констатирано: (Владата на Република Северна Македонија ќе подготви и презентира примерок на лекција за 7.одделение од наставната програма на Република Северна Македонија за цар Самуил, во согласност со препораките на Комисијата и во согласност со чл. 8 став 2 од Договорот. Овој примерок од лекцијата во прилог на овој протокол ќе биде вклучен во училишната програма во Република Северна Македонија во иднина.)
Што конкретно содржи овој примерок од лекција за цар Самуил и врз кои историски релевантни докази се темели, одговорот треба да го даде македонскиот дел од комисијата и истиот да го објасни и презентира пред јавноста како научно сознание од кое нема да може да се отстапува.
„Двете страни ќе се придржуваат до оние текстови одобрени од Заедничката меѓувладина комисија според чл. 12 како основа за организирање, заеднички или поединечно, прослави, како и придржување до нив во јавните говори и изјави за заеднички историски настани и личности за кои се организираат предметните прослави“.
Ова претставува само континуитет на веќе започнатата пракса поврзана со утврдувањето на поедини историски епохи, настани и личности и континуитет на дефинирањето на заедничките заклучоци и заедничките одбележување и прослави, но со надополнети утврдени факти од историската комисија, а потврдено од меѓувладината комисија и претставува обврска и за двете страни во иднина при јавните толкувања, изучувања и празнувања на овие настани, лица или епохи.
На следниот состанок на Мешовитата комисија по чл. 12 од Договорот, двете страни да ги одобрат препораките на Комисијата за целиот период во текот на средниот век.
Ова е обврска која е временски утврдена мислам на три месеци, а такви временски утврдувања ја карактеризираат улогата на историската комисија утврдено со Протоколот. Во тој контекст можно е да дојде до блокирање на преговарачкиот процес доколку од било кој причини не се почитуваат роковите дадени за реални резултати на историската комисија.
„Согласно точка 3, ст. 3 од Записникот од првиот состанок на Мешовитата меѓувладина комисија од 2019 година, владите на двете земји да ја охрабрат Комисијата да подготви и да им предложи на двете влади препораки за заедничко одбележување на заедничките историски настани и личности во рок од една година од потпишувањето на овој Протокол“.
Ова е уште еден од роковите за комисијата со рок од една година, а во врска со заедничките прослави и одбележување на заеднички историски настани.
„Двете страни ја поддржуваат и охрабруваат Комисијата да ја заврши работата на сите периоди од заедничката историја што ги обединува двете земји и нивните народи, во согласност со чл. 8 став 2 од Договорот, со цел целосно имплементирање на овие препораки во образовните програми пред ратификацијата на Договорот за пристапување на Северна Македонија во ЕУ.“
Ова е клучниот рок за историско-образовната комисија која мора да заврши со работата до ратификацијата на Договорот за пристапување на Македонија во ЕУ, а тоа покажува дека Бугарија става заштитен механизам да не држи надвор од ЕУ и по завршување на преговорите преку не ратификување на Договорот за пристапување во ЕУ, а под изговор дека не е завршено имплементирањето на препораките во образовните програми. Ова е една од клучните замки за Македонија во Протоколот и ќе зависи исклучиво од добрата волја на Бугарија. Македонската страна треба да инсистира да се избрише делот „пред ратификацијата на Договорот за пристапување на Северна Македонија во ЕУ“.
Очигледно е дека во исто време се даваат рокови со кои би се забрзала работата на комисијата за историско-образовни прашања, но мотивите може да бидат и кај нас и кај бугарската страна подеднакво важни. Ние побргу да завршиме со историските прашања и да влеземе полноправно во ЕУ, а тие да добијат резултат пред да влеземе во ЕУ што би било во ред и може да не мотивира да забрзаме во преговорите, но мора да се напомене дека по се што се случи постои голема недоверба, а Македонија нема заштитни клаузили за себе и во исто време Бугарија да неможе да поставува дополнителни барања.
3.Мерки по првата меѓувладина конференција
Овде се работи за прашања поврзани со тоа што сме презеле како обрска според Протоколот од првата меѓуваладина конференција со Бугарија кој го потпиша Димитров, а за кој исто така не знаеме, бидејќи го немаме во јавност.
Одтука, се што е наведено тука претставува вистинска облигација која сме ја презела со тој Протокол и се пренесува и во овој Протокол така што генерално тука може да се бараат само можности за ублажување на грешките кои се направени со Првиот Протокол, а тоа е на потполно добра волја на Бугарија.
Инаку во целост се работи за директни императивни обврски за Македонија.
„Владата на Република Северна Македонија до почетокот на учебната 2023-2024 година да ја промени содржината на учебникот по географија за VII одделение“.
Повторно комисијата за образование треба да објасни поради што се согласила на промена на содржината на учебникот и што конкретно треба да се промени. Објаснувањето се однесува на етничко-територијални претензии, па согласно тоа мислам дека се работи за тврдењето дека во Пиринска Македонија живее македонско малцинство.
„Двете страни се согласија дека, при идентификување други случаи на неосновани етнички/територијални претензии во учебниците и наставните помагала, тие да се повлечат од нивните образовни програми и да се промени нивната содржина“.
Во овој контекст, Македонија треба да бара реципрочно однесување и истото да го побара од Бугарија, бидејќи во нивните учебници се тврди дека во Македонија живее бугарски народ, а не Македонци.
„Владата на Република Северна Македонија се обврзува, во периодот на преговори за членство во ЕУ, доследно да ја информира Република Бугарија за сите промени во содржината на сите учебници, наставни средства и насоки во образовната програма на Република Северна Македонија и да обезбеди копии од новите изданија“.
Ова е повторно императивна обврска за Македонија и не е на паритетна основа, но важи само во периодот на преговори за членство во ЕУ. Тука е многу важно да знаеме дали имаме некакви обврски за нашето гледање на образовните содржини според ДЕУ откако ќе влеземе во ЕУ или со тек на време можеме да ги вратиме нашите гледишта кои не се поврзани со онаа што научно и со докази ќе се утврди.
Воглавно Бугарија преку овие прашања на историја и образование се обидува да ја зацврсти својата внатрешна политика за непризнавање на малцинствата посебно македонското малцинство и да се обезбеди од евентуални идни во рамките на ЕУ етнички промени во Пиринска Макеоднија кои нема да може да ги сузбиваат како сега, бидејќи спроти себе ќе имаат исто така земја членка на ЕУ.