Тоа е она оружје на Абориџините кое е изработено од истоименото дрво, а кое откако ќе се исфрли кон целта доколку промаши се враќа кај оној што го исфрлил. Резултатот од враќањето е секако удар врз истрелувачот.
Ете така некако може да ги разбереме и јавните, пред се социјалните реакции во Македонија по нападот на САД и Израел врз Иран, а во контекст на поддршката која владата на Мицкоски ја искажа кон САД, Израел и земјите на Блискиот Исток. Доживеа Мицкоски политички бумеранг, што би се рекло кај нас во Македонија „со свој камен по глава“.
Сега, сосема очекувано во политичките комуникации кон Брисел и Вашингтон, Мицкоски ќе се жали дека ете него го мразат во Македонија затоа што тој го поддржува САД и е против Иран. Сосема очекувано политикантство од страна на Мицкоски имајќи пред вид дека според неговите спознанија на меѓународната политика или политиката воопшто, нашите стратешки партнери и ЕУ се со кратко паметење и уште згора не чуваат информации за однесувањето на македонските политиканти, особено во последниве децении. Патем, декласифицираните информации на ЦИА кои токму сега се појавија во јавноста во врска со Киро Глигоров токму се појавија за да им кажат на нашите политиканти каде им е местото во геополитичката игра. Секако и за да ние останатите се запрашаме дали некој друг и кој се и за колку пари учествувал во името 2019-та.
За жал на Мицкоски, се се знае, се се памети и се се забележува, документира и архивира. Нема шанса во САД, Обединетото Кралство, Турција и ЕУ да донесат политичка одлука врз основ на сентимент или пак врз основ на шармерски ефект во обид на нашите политиканти. Се е поврзано со добро обмислени активности и стратешки постапки во кој нашите политиканти или ќе бидат ставени во ред или толку.
Во овој контекст, токму зачуденоста на владата на Мицкоски која ја глуми пред стратешките партнери и ЕУ, како и тоа дека е божем жртва на руски напади (што би рекол тој – хибридни напади против владата) и анти владино расположение поради нејзината „поддршка“ на САД и Израел во војната против Иран е само обид за себеспасување од онаа што нашите сојузници веќе подолго време го знаат, но сега го гледаат низ призмата на социјалните мрежи. Празен обид за себе прикажување како жртва. Впрочем кој прв почна? Дали можеби токму раководството на нашата партија ВМРО-ДПМНЕ – оваа се уште актуелното, доколку не вршеше суптилна рашизација на нашето членство и граѓаните сега ќе жнееше вакви плодови? Зарем ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ не негуваше и поттикнуваше анти НАТО, анти САД, анти ЕУ и анти Британски наратив? Тоа го правеа доколку до вчера, а во контекст на ЕУ се прави без престан и во континуитет на секаков начин – суптилно или директно, преку ширење евро скептицизам. Две години скоро како оваа влада на Мицкоски не доставува било каква помош на Украина за да не се замери со рашистите и Орбан кои таа ги создаде и ги негува.
И сега, одненадеж, критики на социјални мрежи за и така декларативната поддршка на САД и Израел. Е критики, и не само критики, туку и бес и злоба. Кога ги создававте наративите и кога одевте да протестирате против НАТО, САД, ЕУ, Француски предлог и се друго, токму овие кои сега ве плукаат ви беа најверни другарчиња. Токму тоа е масата која ја заблудувавте дека ќе го вратите името, па сега пу, пу, не важи. Токму тоа се луѓето на кои им ветувавте слобода за браќата – клетниците од 27-ми Април, а суд и затвор за Заев. И од тоа ништо. Сега преку Артан ќе правите збрки и збунки, а за да се исперете од домашниот притвор на кој исто така имавте бурни и вулгарни реакции, ќе го местите Утковски и го масакрирате по портали. Ете како Мицкоски и неговото раководство се однесуваат во пракса кон сопственото членство – како кон крпи (да не употребам друг термин за еднократната употреба).
Посвршија лагите. Дојде Мицкоски на власт јавајќи на лагите и мислеше дека е лесно да остане таму повторно со лаги. Ами кога ви велам дека не сте вие играчите, вам на смешка ви се тера. Ама дојде Шумарот и ве разбрка сите. Па сега како попчиња си молчите и правите се што ќе ви кажат. Се во надеж дека можеби нешто ќе направите и пак и пак со некоја измама да се извлечете од ептен незгодното.
Но нема веќе каде. Свилениот гајтан е затегнат. Лажевте и за внатрешната политика и потонавте. Нема ниту еден проект на државно ниво кој го започнавте, унапредивте или завршивте од најавените 1198 проекти. Нема поголема минимална плата а ниту пензии, освен некој бедни порамнувања од по дваесетина евра што ништо не значи за економската состојба на граѓаните. Но најповеќе од се нема конзистентна политика, или народски, не сте луѓе од збор. Не сте од збор ни кон напите сојузници и партнери а не сте од збор ни кон сопствените граѓани, а посебно кон нашите сопартијци. И затоа што вие ја разбирате политиката како измама, денес ве плукаат по социјални мрежи, и не ви веруваат, или да ве видат негде на улица не знам како би се однесувале кон вас да немате обезбедување. Граѓаните се чувствуваат измамени од Мицкоски поради лажните ветувања, но немој да мислите дека исто такво чувство немаат и нашите сојузници.
Така доаѓаме до тоа што и кому испрати пораки Руте при својата посета во Скопје и тоа јавно од собраниската говорница. Може про владините медиуми да се обидуваат да спинуваат како сме добиле фалби и честитки и дека такво нешто не се упатува на „режим“ (патем значењето режим е сосема поинакво од онаа кое упорно се употребува во колоквиалноста на македонската политикантска сцена), но не е баш дека пораките беа позитивни. Можат и овие од СДС умрено да се удираат од земја дека Шеќеринска е нивен успех иако Руте им кажа дека е негов личен избор. Тоа значи дека Шеќеринска (колку и тоа од лични причини да ни се допаѓа или не) е во периметарот на НАТО а обидите за директна навреда врз Генералниот секретар на НАТО од страна на некој лик во улога на алтер его на Мицкоски се токму во контекст дека пораките се примени, но не се разбрани – би рекол намерно. Се останато во врска со нашите политиканти се празни ПР надмудрувања во јавноста. Пораките се до државата, до власта и опозицијата заедно сосе оние неинвентивните од Левица. Сите вие учествувате и учествувавте во владеењето со Македонија и со македонските граѓани. Затоа и ви реков дека нашите сојузници се знаат, се бележат, се архивираат и добро паметат, а и гледаат кој како се однесува, повторувам, се однесува а не декларативно изразува и го злоупотребува јавниот простор. Посебно во однос на сојузништвото во НАТО, помошта за Украина, демократските процеси, борбата со корупцијата и организираниот криминал, човековите права и слободи и сите владини и опозициски активности и обврски. Затоа пораките од Руте не се директни, тие се меки, воздржани, но јасни, во стилот „думам ти ќерко-сети се снао“ или во реал политиката (за што Мицкоски е експерт – нели, и го препозна тоа веднаш поради што презема конкретни чекори да возврати на пораките), низ пораките Руте силно партнерски ја гушна владата на Мицкоски така што ја остави без здив. Е сега, кој разбра, разбра. Нема потреба од спинови дека пораките биле упатени на оваа или онаа адреса. Пораките се секогаш упатени кон државата и нејзините институции. И така во Македонија немаме опозиција, бидејќи СДС е умрена работа а оние од Левица кажаа што имаат и покажаа дека се аутисти, затоа што НАТО не учествува во војната против Иран. Но НАТО ја заштитува својата територија, пардон, територијата на своите земји членки. Впрочем Турција самата кажа дека балистичките проектили кои биле упатени кон нејзината територија ги пресретнал НАТО системот за против воздушна одбрана. Повторно НИЕ имаме декларативни и несоодветни изјави, како божем тоа што ќе каже Тимчо е многу важно. Во овој контекст имам само едно прашање: „Дали имате направено проценка на ризиците и заканите врз Македонија и регионот во контекст на војната на САД и Израел со Иран и веројатноста за нејзина ескалација како регионална“? Знам дека немате, да имавте ќе се изнафалевте. Но трагедијата е во тоа што и не знаете да направите проценка на ризици и закани односно можни загрозувања, па така за тоа молчите а за гол и бесполезен ПР сте секогаш тука.
Заради јасно разбирање на пораките на Руте може да напоменеме само две клучни сентенци:
Прво: „Македонија е клучна во југоисточното крило на НАТО“. Секако дека сме клучни, низ територијата на Македонија се пресекуваат двата европски коридори (8 и 10) кои имаат стратегиско значење за НАТО, односно поврзувањето на Отранската врата со Црното море, односно Егејското море со Средна Европа, и со тоа за безбедноста на овој дел од НАТО. Таа порака не е за фалба. Таа е за освестување дека треба да си ги завршиме инфраструктурните обврски во рамките на НАТО кои имаат безбедносни и регионални стратешки импликации.
Второ: Безбедноста на Украина е безбедност на Европа. Многу јасна констатација која во контекст на нашето не помагање на Украина за одбрана од руската агресија е најдиректна порака. Порака која треба да не освести за тоа дека доколку падне Украина паѓа Европа и дека и ние ќе паднеме, а посебно поради тоа што ние ништо практично не правиме за Украина да не падне.
За паметниот – доволно. За бумерангот – погодена цел.
Кога веќе зборуваме за бумерангот тој му се врати на Мицкоски и веќе го удри по глава и во однос на внатрепартиските „византиски полтики“.
Нема да зборувам за интервјуата кој „високи“ владини и партиски функционери ги прават за да си изберат претседатели на Општински комитети и претседатели на унии. За тоа многу пати кажав дека е не демократска постапка и дека членството треба на општи избори да си избира претседатели на Општински комитети и други тела и органи на партијата. Поентата ми е осврт на внатрешните битки и амбиции за смена на лидериштето Мицкоски.
Имено, за неполна недела по поткастот на Сител каде Николоски искажа една многу јасна реченица или став – констатација со која и ние како Внатрепартиска фракција се согласуваме дека: „Кога ВМРО-ДПМНЕ ќе го промаши европскиот пат и ќе влезе во корупција тоа значи дека партијата веднаш влегува во криза“, а ние би додале дека: „Како резултат на тоа и Макеоднија влегува во длабока криза“, одеднаш од „непознати“ причини Николоски ја смени реториката. Добра дневно политикантска прилагодливост кон потребите на лидериштето. Исчезна вистинитата констатација како никогаш и да не бил изречена, а се појавија пофалбите за големината и политичката мудрост на Мицкоски. Епска мудрост која треба да продолжи и по 2028 година како премиер, доколку не остане лидериште на чело на ВМРО-ДПМНЕ. Значи сепак јадец. Умен е Николоски, не може да го фатат што се вели: „ни за глава ни за опаш“. Кој разбра – разбра.
Очигледно не разбравте дека како Внатрепартиска фракција покрај тоа што сме видливи во јавноста, имаме огромна поддршка кај нашите сопартијци и како членови на нашата партија ВМРО-ДПМНЕ одлично ја познаваме внатрепартиската состојба. Кога на тоа ќе се додаде и познавањето на психолошките карактеристики на раководството и нивните морални и политикантски капацитет, храброст и способност за антиципирање на политиките, тешко дека може да погрешиме во проценката што не чека в партија.
Мицкоски самиот го фрли бумерангот во партијата со изјавата дека нема да се кандидира повторно за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, и тоа го повтори неколку пати (а јас ви велам дека на крај ќе го менува Статутот). Но дел од раководството на партијата тоа го разбраа како сериозна и прва политички зрела изјава. Секако доколку се зафркаваме и демократска, иако избрзана и прерана. Сепак тие, водејќи се од помислата дека по толку изјави во врска со ова, на Мицкоски ќе му биде незгодно да се повлече од истите (кога би имал срам и перде или поточно одговорност, секако) и дека тие изјави ги следат и надворешните фактори (од кој Мицкоски е потполно изолиран), тргнаа во активност. Што се вели со време да си ја фатат работата. Кутрите, живеат во светот кој им го креира Мицкоски и ништо од претходно што напишав не можат да видат. Не разбраа дека Мицкоски токму тоа сакаше да го постигне, да им ги види амбициите на секој од нив. Затоа бумерангот избрка од жбун разен дивеч, но и му се врати на Мицкоски и допрва ќе му се враќа со последователни ефекти. Тоа што Николоски се посипува со пепел и дури тврди дека Мицкоски и по 2029 ќе останел премиер нема да го одоброволи Мицкоски. Сега на Николоски му останува само да се скрие што повеќе може за да го избегне или барем одложи ударот од страна на Мицкоски. Убаво реков дека прв за отстрел ќе биде Николоски. Но, како што можам да видам, а што не ме изненадува, како цел за политичко уништување а можеби и друго, во последно време се појавува и Панче. Има нешто многу значајно што суетниот и злобниот Мицкоски му го има замерено на Панче и нешто многу итно штом почнува вака да пука по Панче. Уште згора на се, Панче во партија покажува лидерски амбиции. Каква дрскост – каква ерес. Тоа што го искачува на врвот на топ листата на Мицкоски за политички отстрел не е способноста на Панче да направи партиска структура или долгогодишното членство во ВМРО-ДПМНЕ со што ќе го загрози Мицкоски, за идеологија пак и не станува збор. Причината е што Панче беше личен адвокат на Мицкоски и познавач на неговите тајни, но и раководи со МВР и по функција има достап до информации, посебно од одделот за организиран криминал и тоа надвор од досегот на Директорот на БЈБ. Тоа значи дека Панче знае нешто што го плаши Мицкоски. Не дека ние не знаеме, но Панче со лидерски амбиции може да биде во овој миг поопасен од Николоски и затоа е избран за приоритетна цел. Воедно со ударот врз Тошковски и негова смена од министер за внатрешни работи, а при тоа нема никаква партиска функција, покрај тоа што ќе замине во политички заборав, Мицкоски ќе испрати директна порака до сите останати. Овие пак – останатите, какви што се, ќе се скријат во глувчешка дупка или доброволно ќе почнат да кодошат за се и сешто и ќе се пријават да преземат одговорност за било што само за да ја задоволат суетата на лидериштето а тие да преживеат – политички.
Нема да биде лесно во партија, но и во Македонија со ваков силен демократски капацитет на Мицкоски, а уште повеќе со вака раскошна политичка и економска способност и силен личен, политички и професионален интегритет – негова и на тие околу него.
Ова ви го кажував не еднаш и затоа и се појави Внатрепартиската фракција за да се демократизира партијата, а преку неа и државата и да не се занимаваме со вакви глупости и лични суети на штета на сите. Се што актуелното раководство правеше изминативе години, полтронизирајќи ја партиската структура со клиентелисти наместо да ја засилуваше со идеолошки и демократски капацитет, денес им се враќа. Ова е само почеток на распадот на партијата која сега отворено ќе влезе во автократија и што ќе се рефлектира врз македонското општество како тоталитаризам. Од тој тоталитаризам ВМРО-ДПМНЕ нема да излезе целосно и стабилно, туку ќе биде руина која е политичко-идеолошки дезориентирана. Ете така, се што правевте изминатите години за да му се додворите на Мицкоски денес ви се враќа како бумеранг. Се што правевте во политикантството кон македонските граѓани мамејќи ги и глумејќи патриоти, ширејќи квази национализам и грижа за Македонија денес ви се враќа како бумеранг. Се што зборувавте во анти НАТО, анти ЕУ, анти САД, анти Британски наратив, денес ви се враќа како бумеранг.
И допрва ќе се враќа, затоа што кога ќе создадеш еден погрешен политички наратив во државата, тој ќе ти се врати на најлош начин. Наместо да ги едуциравте граѓаните во современ европски и демократски дух, вие ги полневте со омраза кон се и секого. Дури и во омраза и тоа можеби најголема кон оние кои како членови на ВМРО-ДПМНЕ ви се спротивставуваа на овие погрешни божем политики. Но омразата се преполнува и кога нема да ги добие ветените очекувања се враќа кон тој што ја создала и инспирирал.
Ете затоа е неопходна внатрешна демократизација на ВМРО-ДПМНЕ. За да може партијата уредено со демократски правила да функционира, а посебно да се ревитализира во својот изворен про европски и демократски дух.
Вака како што сега се одвиваат работите, Господ да ни е на помош на секого од нас и на Македонија.
Оливер Андонов
П.С. Се врати и бумерангот во врска со глупоста дека до 2027 ќе бидеме земја членка на ЕУ без право на вето итн. Си призна и Мицкоски. Простачки ПР наместо сериозна политика и работа. Што повеќе да се каже? Можеби спин мајсторите на Мицкоски сега преку социјалните мрежи и медиумите ќе не информираат за нов генијален план на Мицкоски за членство во ЕУ, или можеби за членство во БРИКС. Како и да е на новинарски прашања Мицкоски си одговора тоа што сака. Односно што би рекле: „млати празна слама“ и нема врска што ни се случува во државата, а ние трпиме и ја преживуваме неговата пријатна атмосфера. Наздравје и да уживаме – доаѓа пролет.