Вообичаено терминот „виулица“ асоцира на зима, студ и ветришта. Во овој контекст – на колумната која е пред вас, асоцијацијата е за тоа што им се случува во главите на нашите политиканти (власт или опозиција – сосема не важно), но и какви последици како македонска нација трпиме и ќе трпиме од нивните виулици.
Нашите стратешки партнери, САД или Обединетото Кралство, би рекле „brain storming“, но за да имаш мозочна бура (на македонски), односно да размислуваш динамично, мора да има со што да размислуваш. Во спротивно таа бура во главата е само една виулица од која нема а и не може нешто да излезе.
Тоа што ќе излезе од виулицата ќе бидат празни зборови пред камерите и глупав ПР проследен со изнасилени насмевки и „чкртање низ заби“, што би рекол Премиерот Мицкоски, или според негово толкување закани, кога му се поставуваат прашања. Прашања на кои нема одговор бидејќи одамна самиот се заплетка во небулози и будалаштини за кои мислеше дека се политики (бидејќи нели, тој знае политика) а всушност беа, се и ќе останат само обични виулици во неговата глава.
Сметката од тие виулици ја плаќаме сите, онака колективно, и не ни е баш до смеење па и низ заби, ова смеење „кисело“ повеќе прилега на сатирични насмевки. Се сеќавате на радио емисијата која се емитуваше на македонското радио в недела напладне „Хи хи рику“ – емисија за хумор „ха ха хаха“ и сатира „хи,хи,хиии“? Така започнуваше и завршуваше. Ете така кога во главата на политикантите веат виулици нам на граѓаните не ни е до хумор туку до плачка без играчка која така почнува и исто завршува – без резултат.
А виулиците во македонското општество се големи и не зависат од виулиците во главите на политикантите, бидејќи тие ништо и никаде не се прашуваат, а и за тоа за што треба да донесат некакво решение од полза на сопствените граѓани поима немаат. Виулиците во македонското општество зависат исклучиво од македонските граѓани и нашите стратешки партнери и сојузници во НАТО и ЕУ.
Ете така, Мицкоски од собраниската говорница ни соопшти дека поставеното до него пратеничко прашање било закана, а тој нели не се плаши. Нормално, за него, кога во главата има виулици да не се плаши да исклучи приближно ¼ (една четвртина) од нашите сограѓани од општествениот живот и да предефинира одредено стекнато право. Но тоа што нас, од Внатре партиската фракција, „не плаши“ е сметката која, за оваа „храброст“ на Мицкоски, ќе стигне за наплата кај македонскиот народ пред се, но и кај сите припадници на македонската нација. За да виулицата биде посилна, Мицкоски во своја одбрана ангажира квази новинари кои имаат задача низ социјалните мрежи да шират наратив дека криминалот во Македонија е поврзан со едно етничко малцинство. Според криминалистичката наука „Ломброзов тип“. Само на будала не му е јасно што тоа прави Мицкоски низ пораките кои ги упатува преку другарите му на платен список божем новинари. Едноставно е, не постои етнички предзнак на криминалот, бидејќи во рамки на истиот одлично соработуваат криминалните поединци и групи и воопшто не ги допира нечија етничка припадност. Овие пораки се наменети да создадат виулица во македонското општество, кај граѓаните кои и онака тешко живеат, а со цел да се оттргне вниманието од „епските успеси“ на владата на Мицкоски кои ете ги однесоа виулици, па граѓаните не можат да ги уживаат плодовите на успесите. А за тоа се криви оние другите – нашите сограѓани кои се исто како и ние дел од македонската нација. Но во овој контекст и наратив во издигнување, не е поентата одбраната на македонскиот јазик, туку негова употреба (злоупотреба) во внатре политичките односи како инструмент во создавањето општествени тензии и етно-политичка мобилизација.
Да беше целта заштита на македонскиот јазик, владата на Мицкоски ќе го промовираше истиот преку засилено финансирање на постојните и отворање на нови институти за македонски јазик во европските и светските метрополи и ќе финансираше барем стотина стипендии за странски студенти да го изучуваат македонскиот јазик на Филолошкиот факултет во Скопје и ширум светот во институтите за македонски јазик. Владата на Мицкоски ќе финансираше во македонската култура и уметност, па дури и со Софија ќе ги подобреше односите и преку македонскиот културен центар во Софија (кој патем е кираџија во туѓи простории, бидејќи грижејќи се за македонскиот јазик, култура и идентитет не успеавме ниту наш македонски културен објект да купиме во Софија) ќе се отвореше Институт за македонски јазик во Софија. Патем, истото важи и за Белград, Атина (Солун) и секако Тирана, односно секаде каде што има македонско малцинство или луѓе на разни начини поврзани или заинтересирани за Македонија.
Кога сме веќе кај Софија да не заборавиме, Тимчо – пак статива, мисли дека сме заборавени и изгубени и дека не паметиме дека пред само еден месец и некој ден повеќе се пофали, во вулгарниот ПР пред македонската јавност, дека и се јавил на Надежда Михајлова сега Нејска (бугарскиот министер за надворешни работи) да и честита на изборот и да ја покани на средба. Тогаш, преку колумна, му кажав дека нема потреба од таков глупав ПР затоа што Нејска е министер во службена влада на Бугарија за спроведување на избори и нема ниту мандат ниту време за празни разговори со Тимчо. Згора на се, ако на Тимчо не му беше јасно, нејзе и беше јасно во која насока се движат работите во врска со Иран како и потребата за засилување на врските со Украина. Но кај Тимчо како и кај сите политиканти веат виулици низ главата и мисли дека и кај нас во главите има виулици па сега ни објаснува дека без предметно било да се сретнува со Нејска затоа што таа била министер во службена влада и немала мандат за преговори. Е добро утро Колумбо! И повторно Тимчо – статива. Повторно манипулираш со македонските граѓани. Доколку и најмалку ја следиш бугарската политика, тоа ти е задача во описот на обврските во улогата во која те ставиле, ќе знаеше дека во Бугарија јасно е заземена позицијата кон Македонија. Односно, дека ниту една политичка структура не сака и нема намера да сака да преговара со Македонија. Тие јасно и недвосмислено испраќаат пораки дека ние преговараме со ЕУ, бидејќи таканаречениот француски предлог кој е европски договор за преговарачка рамка за Македонија е одлука и став на ЕУ и Бугарија се има согласено со истиот со што се има изземено од било какви понатамошни преговори со Македонија на билатерална основа. Доколку ова не му е јасно на Тимчо – пак статива, тогаш се прашувам: „Кој знае какви виулици се во неговата глава“? Но повеќе ме загрижува зошто сака тие виулици, да ни ги префрли нам како успешни државни политики на Македонија. При тоа, замолувам Тимчо – повторно статива, да биде малку повеќе виспрен и да не ни го подметнува повторно Вајц. Аман, веќе еднаш ја преживеавме оваа скапа приказна за Македонија со „тесната координација“ на владата на Мицкоски со Вајц и пред само една година добивме заушница. Зошто да го повторуваме истото, зарем ништо не научивте?
Патем, обидот да се договори нешто со амбасадорот на Обединетото Кралство, за да се покрие празната година од стратешкото партнерство, од Британска страна е само демонстрација на пристојност кон Македонија и им благодарам за тоа.
Кога сме веќе кај амбасадорите во Македонија, посебно на амбасадите на Литванија, Обединетото Кралство и Германија им честитам од се срце за нивната директна и несебична помош кон Украина и донацијата на генераторот за болнички потреби во Украина. Тоа е пораката која Мицкоски поради силните виулици во неговата глава не може да ја прими, бидејќи два месеци и малку повеќе упорно го потсетувам на неговото ветување дадено во Минхен на Зеленски дека македонската влада (оваа на Мицкоски) ќе донира на Украина еден 150 КВ генератор за болнички потреби. И упорно не го прави тоа, така што мораа европските амбасадори плус амбасадорот на Обединетото Кралство во Македонија да му покажат како се прави тоа, секако доколку се сака и се имаат искрени намери кон страдалната Украина.
Би сакал да го прашам Бојанчо, докторантот на безбедност (колегата на Панче) и во слободно време директор на АНБ, кога ќе се позанимава со активностите на руската амбасада (читај малку поинаку) во Македонија поврзана со доделувањето стипендии на македонски граѓани за школување во Русија, спонзорирање на медиуми (интернет портали и пот касти), разно – разни „инфлуенсери“ и пропаднати новинари но уште повеќе со давањето руско државјанство на македонски граѓани и несомнено последиците од тоа кој се видливи во македонското општество, како и целите на овие активности, секако.
Ете низ призмата на Тимчо – статива, Бојанчо – докторант, „храбриот“ Мицкоски од собраниска говорница и „суптилната“ поддршка од квази новинарите на социјални мрежи дојдовме до крајната цел на оваа игра на виулици.
Таа е насочена кон ставање на Македонија во вртлог од виулици на конфликтни состојби со секого, против секого и со се, внатре и надвор од Македонија. Тоа не е само заради покривање на епската неспособност на Мицкоски и неговата влада и залудно потрошените две години власт, туку заради исполнување на туѓи цели и задачи добиени од центри на моќ кој не се Брисел и Вашингтон а кај кој очигледно Мицкоски пред се нешто многу должи.
Тој може да должи колку сака и кому сака, но тоа лично тој, и неговите долгови не сме должни ние да му ги плаќаме, посебно ние како македонски народ и над се како македонска нација, и да ја доведува Македонија во опасност, глумејќи од собраниска говорница храбар а всушност само арогантен во обид заштитник на македонскиот идентитет.
Во прашање се силни виулици во нивните глави кои сакаат да ни ги пренесат сите нам, не во нашите глави, туку во целото македонско општество кое треба да го деструираат а ние да живееме во таа деструктивна креација.
Само без паника, тоа што вее низ главата на Мицкоски и останатите политиканти не се случува и низ главата на ЕУ, односно во Брисел и сериозен Вашингтон. Таму многу внимателно следат што се случува на стратегиско ниво и верувајте дека се подготвени брзо да реагираат на ниско ниво (Македонија) доколку проценат дека Мицкоски и другарчињата ја прекардашиле со нивните виулици.
Во една претходна колумна ве предупредив на оваа намера – задача која ја има Мицкоски затоа што таа е во контекст на дестабилизација на Македонија, Балканот а со тоа и европскиот двор за потребите на Москва. Тоа нема да помине, колку и да го веат виулици Мицкоски, во еден момент ЕУ, Велика Британија, САД и НАТО ќе ги вклучат механизмите. Засега тие механизми се сведени на внимателно набљудување, испраќање културни дипломатски пораки до Мицкоски и препораки до нашите сограѓани од малцинствата да бидат воздржани. Овие вторите тоа го прават многу успешно, но во главата на Мицкоски и другарчињата очигледно виулиците се многу силни така што не може да ги разбере нај директните пораки кои му се испраќаат. Во рамки на овие директни пораки може да го ставиме и најавеното патување на Тимчо со Мисајловски и Тошковски во Вашингтон и тоа токму помеѓу католичкиот и православниот Велигден на стратешки дијалог. За нас кои не разбираме политика, многу чуден термин за повеќедневни стратешки разговори со американската администрација и тоа сериозен. А да не е нешто друго во прашање па екипата да се врати од Вашингтон за само два дена, односно веќе до Велики Петок? Патем, многу е интересна пораката која ја врати кон нашите европски партнери, дека ние сме „единствената“ европска земја која започнала стратегиски дијалог со оваа администрација на САД. Не знам зошто ни е потребно ова и вакво однесување (нам како држава Македонија и нам како ВМРО-ДПМНЕ), но не сум изненаден со оглед на силните виулици во вашите глави. Само да потсетам, заради македонската јавност, дека стратешки дијалог за повеќе аспекти и тоа на највисоко ниво веќе цела година води ЕУ и европските држави. Тоа што нас не немаше на таа маса е нешто што ниту Тимчо-статива ниту Мицкоски можат да го разберат – а и не треба, не е нужно.
Ќе дојде време кога не само што Мицкоски конечно ќе ги разбере пораките како што треба и како што се, туку и ќе мора да ги прифати – и онака го чека реконструкција на владата, не секогаш по негова волја колку и да се обидува да глуми. Но како што веќе ви напишав порано, сепак го чека Април во Будимпешта, а по Март во Љубљана, ќе биде интересно во Будимпешта. Патем, во Софија ништо не ни зависи, таму е друга работата, тие се зафатени со своите корупции и криминали на највисоко ниво, а Македонија не е тема колку и да се обидува Мицкоски суптилно да ја наметне говорејќи пред домашните медиуми дека не го сака тоа (зошто го споменува доколку не го сака? или таква е задачата?). Затоа како што напишав уште пред повеќе од два месеци, Мицкоски ќе го чека резултатот од Будимпешта и дури потоа откако ќе му стивнат или ќе му се засилат виулиците в главата ќе се реши (секако тоа пред македонската јавност – во пракса тој не решава) какво ќе биде понатамошното политиканство вклучително и реконструкцијата на владата.
Во таа насока и гледајте ги најавите за новиот закон за еднаква застапеност и законот за јазици кои ги најавува а веќе две години како вети дека ги подготви во европски дух и реализира.
Многу виулици па нема како убаво да види, но набргу сите ќе видиме, без разлика што во јавноста се пласираат анкети за убедливото водство на лидериштето Мицкоски. Поголемо дури и од онаа на нашата ВМРО-ДПМНЕ наспроти СДС умрено. Тврдам дека апсолутните бројки а преку нив и процентуалната распределба на одговорите на испитаниците кои секако не се анонимни покажуваат други податоци. Но и во контекст на јавно прикажаните резултати од анкетата (во која има помалку глупави и несоодветни прашања – ова ви го тврдам како универзитетски професор кој често спроведува социолошки истражување) забележлива е апатичноста на македонските граѓани, односно приближно половината (над 40%) не би гласале за ниедна политичка партија. Убеден сум дека оваа апатија и недоверба се многу поголеми и надминуваат 60%. Сепак јас како научник можам да извлечам еден заклучок од оваа тенденциозна пропагандна анкета пласирана од нашата партија. Тоа е дека, кога ги местеле резултатите, а посебно кога ја кревале суетата на Мицкоски како неприкосновено лидериште, малку ја утнале (пак утка, нели – дал Господ утки). Нема полза од „високиот“ рејтинг на Мицкоски доколку рејтингот на нашата партија ВМРО-ДПМНЕ не е поголем, бидејќи на избори пратениците се претставуваат под брендот ВМРО-ДПМНЕ, а не под приватниот лик Мицкоски. И секако уште една утка (ви кажав, дал Господ многу утки). Па нели Мицкоски ќе се повлече од функцијата претседател на ВМРО-ДПМНЕ во 2029 година (една година по следните редовни парламентарни избори), или нема да е така? Зошто тогаш некој би се врзувал за личниот рејтинг на Мицкоски (па нека е и напумпан) кога нели една година подоцна ќе има друг претседател на партијата и со тоа и друг премиер?
Многу логични прашања и дилеми, но со оглед на виулиците во главите на Мицкоски и другарчињата логично е да имаме нелогичности во празниот ПР и градењето на култот на личност. Секако доколку повторно како Внатре партиска фракција не сме во право кога тврдиме дека Мицкоски ќе го смени Статутот на партијата по изборите во 2028 за да остане на власт.
Сепак и покрај виулиците, јасно е дека работите дури и во однос на рејтингот на Мицкоски, а за жал и на нашата ВМРО-ДПМНЕ поради самиот Мицкоски не се добри и евентуалната победа на изборите во 2028 година ќе биде бедна победа со не повеќе од 250-260 илјади гласови, а тоа што ќе не „извади“ – поточно ќе го „извади“ Мицкоски ако ги дочека тие избори од други надворешно – внатрешно политички причини ќе биде малата или никаква излезност и тоа под 50% од запишаните избирачи.
Оливер Андонов