Во недостиг на конкретни активности а посебно резултати, македонската политикантска сцена се исполни со „мистериозни појави“.
Во таквата креација на реалноста за да не се дојде до вистината, наместо обвинителството и судството да се изјаснат за „спорните“ одлуки во врска со Груби, поради кои зовре јавноста, се појавува Мицкоски и дава политички коментари. Со која цел Христијан ти коментираш и „растураш пердуви“? – твојата омилена фраза. При тоа, ја шириш работата во неколку насоки за да правиш забуна кај македонските граѓани. По којзнае кој пат им се закануваш на политичките ти противници од распаднатата СДС, а никако, две години да видиме конкретни истражни, обвинителски и на крајот судски резултати. Многу ме интересира дали ќе го судат и затворат лицето З.З. и секако за што ќе биде обвинет. Но основното прашање е: „Зошто се појави Артан“? И секако да видиме какви ќе бидат резултатите, затоа што оваа политикантска драма ќе потрае.
Исклучително е глупаво кога премиер излегува во јавноста цели три дена по скандалот со Груби (веројатно толку беше потребно да се смисли расказ за добра ноќ) и при тоа да се заканува на и онака неспособната и врзана опозиција. Се добива впечаток дека на таков начин на јавна сцена божем се дисциплинира Филипче да не надига многу околу Груби, бидејќи и за него има доволно докази дека е вмешан во криминал и корупција. И тука е главната поента. Доколку за криминалот и одговорноста за несреќата во Ковид болницата во Тетово има докази против Филипче, дали има и докази против Кочо Анѓушев, или тој е заштитен како и во случајот со ИРЛ. Многу интересно е да се добие одговор на овие прашања, но очигледно дека нема кој да му ги постави на Мицкоски во нарачани интервјуа. Па така македонските граѓани се лишени од вистината, но и од можноста да видат како Мицкоски не може да даде логичен и издржан одговор. Но не е прв пат.
Дали можеби зад појавата на Артан на Блаце стои претходен договор? Секако дека Мицкоски ќе каже НЕ. И ќе додаде дека информациите се од класифициран карактер. А што е тоа што е класифицирано во случајот Артан? Неговата загрозеност или тоа што е договорено и со кого? Не го испорача никој Артан, туку сам си дојде. И тоа токму сега му текна да си дојде.
Одамна ви реков дека процесот за враќање на Груевски во Македонија е започнат, но најголем проблем е што никој не може да предвиди како ќе заврши и што се ќе мора да се направи во истиот. Тоа што се знае е дека без амин на големите надворешни играчи нема да се случи ништо стратешко. Единствено доколку нашите политиканти не се толку удрени со мокра чорапа па да ја прават бурата во чашката на своја рака и тоа така што ќе ја истурат и таа малку вода што остана. Е тогаш дури ќе биде интересно. Се ми се чини дека Артан се појави – навистина се појави, токму заради оваа бура и малку вода да се допотроши и дека „странците“ врска немаат со оваа далавера на нашите политиканти. Но да видиме кому ќе му падне бидермаерот.
Тоа што како човек ме поразува, тоа е фактот дека Мицкоски ги смета македонските граѓани, а посебно членовите на нашата партија ВМРО-ДПМНЕ за глупа, проста маса која на копче преку ботовската структура може да ја манипулира. При тоа се прави на недоветен, дека тој нема врска со појавувањето на Артан, а уште помалку со работата на обвинителот во случајот, како и со доверливите документи на АНБ и МВР чии шеф е самиот тој. Зборувањето за ботовските битки помеѓу распадната СДС и Мицкоски во облаците и арогантен, единствено може да се дефинира дека е јалова работа. Се испукаат луѓето на социјалните мрежи, се истури отровот и ајде, одиме понатаму во реализација, ама да останеме тука. А не одиме никаде, тоа е во место – напред. Ова ме потсетува на една војничка команда „во место – марш“ и војниците во строј маршираат по звуците на музиката и посебно тапанот, а не се движат. Ете така и наша Македонија, посебно нашите членови тапкаат во место под звуците на музиката која им ја пушта Мицкоски. Уште и ако им стави превез преку очите, се е на место, публиката е подготвена да ја изгледа претставата.
Кога сме кај претставата, таа е веќе во тек, само постепено се внесуваат лошите глумци со предвидено сценарио кој каде ќе застане, кога ќе застане и што треба да каже според сценариото. И пак ќе кажам, некој тоа го гледа, а кога и како ќе реагира ќе видиме, но ќе реагира сигурно, со тоа што ние можеби нема да го видиме начинот на реакција. Потоа да не биде дека нас Македонците цел свет не мрази и уште посилно и со погласна музика да маршираме во место – напред. На социјалните мрежи ќе си најдат издувен вентил разни божем патриоти, поттикнати токму од ботовите да истураат отров, а всушност и самите се свесни дека се движат во место-напред. Но тешко е да си признаат самите пред себе дека повторно се измамени и полесно е виновен да е некој друг, посебно доколку тој „друг“ им ја кажува вистината. А вистината е како шило…., нели така беше.
А кога сме кај вистината од која нема бегање, ќе дојде време и шилото ќе боцне па да видиме кога и како, иако некого веќе боцка и се чувствува тоа. Интересно е како на многу општествени полиња се случуваат тензии и тоа во исто време. Многу е тешко да се следат тие тензии, посебно за македонските граѓани оптоварени со секојдневните егзистенцијални грижи. Тешко е да ги следат сите глупости и да најдат време да навлезат во суштината и целите на истите поради што е невозможно да ги разберат. Токму тука е шансата на Мицкоски да ги заблудува луѓето, а на прво место партиските членови. А всушност на сите страни бродот е полн со дупки, но на палубата упорно се маршира во место – напред.
Еден сериозен проблем кој многу бргу се движи со капацитет да предизвика бура и ќе отвори уште една голема дупка ќе биде Законот за високо образование. Не дека сегашниот не треба да биде променет, но кога се приоѓа кон донесување на така стратешки закон кој уште и е поврзан со повеќе други закони а на прво место со Законот за квалитет во високото образование и Законот за научно-истражувачка дејност, тогаш размислата не треба да оди во насока на инает и покажување на политичка моќ. Размислувањата треба да одат кон воспоставување систем кој нема да ги прекрши високообразовните институции а со тоа да создаде проблем во создавањето на нови кадри, посебно во дефицитарните научни области. Тоа е пред се закон кон кој треба да се гледа долгорочно со ефекти за 10, 20, 30 години и негово дополнително прилагодување. Пред се затоа што на јавноста и се претставуваат македонските универзитети како наставни институции, односно професорите како предавачи. Во Македонија системот на високото образование е комбиниран односно наставно-научен и универзитетите-факултетите извршуваат наставно-научна работа, а професорите извршуваат наставно-научна и истражувачка дејност. Задачата на наставно-научниот кадар во високото образование во Македонија, без разлика дали се работи за факултети или институти е и наставна и научна и истражувачка. Односно, на македонските факултети и институти се образуваат академски кадри, но наставно-научниот кадар се занимава и со наука која подразбира и истражување. А истражување не е само „патентирање“, туку и социолошко истражување кое може да укаже на некои општествени тенденции до ниво на загрозување. Овој факт не се забележува како отежнувачка активност за наставно-научниот кадар, бидејќи сите или барем поголемиот дел од јавноста мисли дека работата на универзитетски професор е да одржи предавања и спроведе испити. Никој не ја гледа научната дејност како и подготовката и реализацијата на наставната дејност. Кога некој ќе каже дека професорот треба да има оптеретување од 160 часа во семестар, тоа значи дека треба да има наставни активности од 8 часа неделно или најмалку два предмети со комбинирани предавања и вежби. Доколку на тоа се додаде и спроведувањето на колоквиуми и испити, како и разни дополнителни активности со студентите, последипломците и докторантите, исклучително е напорно да се најде време за научна или научно-истражувачка работа.
Кога Мицкоски ќе излезе на собраниска говорница и како премиер ќе почне да објаснува како на професорите им се големи платите и дека тој стои зад предлогот Закон за високо образование, би сакал да појасни во јавноста: „Во колку трудови си сам, а во колку трудови си со твојот родител или со Кочо Анѓушев или пак си во труд со повеќе од тројца автори“? Исто така имам прашање: „Знаеш ли дека твојот министер за одбрана не го спроведува важечкиот закон за високо образование и наставно-научниот и административниот персонал на Воената академија имаат драстично помали плати од своите колеги на другите јавни високообразовни институции“? А законот важи подеднакво за сите во сите членови. За избор во наставно-научно или соработничко звање на Воената академија нема полесни услови од оние кои се предвидени во Законот за високо образование за сите останати. Патем, дали Мицкоски знае, или се прави дека не знае, дека на приватните Универзитети, колегите земаат минимална плата и на рака (или скриено од државата чии премиер е Мицкоски) им се исплаќа уште нешто (секому различно)? Зарем тие наши колеги не се професори и немаат достоинство? Зарем за нив не важат истите услови за избор во наставно-научни, соработнички и уметнички звања?
Доколку сакаш да го решиш Високото образование во Македонија, но тоа да биде искрено, без експерименти, без злоба и со тенденција за постепено долгорочно подобрување со цел квалитетно и посакувано високо образование и наука во Македонија, тогаш не треба од собраниска говорница да покажуваш божем моќ. Треба сериозно и колегијално да пристапиш кон овој проблем. И немој Мицкоски да заборавиш дека веќе еднаш ни се случи професорски пленум од кој подоцна сешто се изроди.
Еве, како показател на твојата навистина посветеност кон уредување на високото образование Мицкоски, ти предлагам уредувањето на платите според утврдената формула во законот да важи за сите Универзитети, факултети самостојни високи школи, не само а оние финансирани од буџетот на МОН. Направи уште барем еден мал чекор за тебе но голем чекор за високото образование. Обиди се ако смееш, да дадеш поддршка и со закон да се забрани избрани и именувани државни и локални функционери да се стекнуваат со право студент на сите степени образование додека ја извршуваат функцијата. Стави во законот ограничување именувани и избрани функционери да не може да бидат бирани во наставно-научно и соработничко звање додека ја извршуваат функцијата. Така ќе покажеш дека навистина сакаш да одиме напред, дека се бориш против злоупотребите на функционерите и дека се грижиш за своите колеги каде што наскоро кога ќе ти заврши мандатот ќе треба да се вратиш. Ќе имаш ли каде да се вратиш и со кој образ?
И намали малку со ароганција, посебно на јавна сцена. Зачувај ја ароганцијата за пред другарите ти, уште само таму ти поминува и кај некои медиуми кој те трпат од само ним познати причини, пардон, интереси. Намалувањето на ароганцијата и количината на изнесените невистини ќе резултира со сопирање на движењето во место и навистина ќе не придвижи напред.
Станува апсурд на твојот апсурд постојано да објаснувам дека измислиците за тоа како до 2027 година ќе влеземе во ЕУ, како само што не не примиле во ЕУ, како ЕУ ќе се распадне и сличните будалаштини се исклучителна глупост.
Впрочем ти бранејќи не од се и сешто, јасно ни кажа дека тебе Мицкоски не ти е цел да влеземе во ЕУ туку да си останеме Бановина. За волја на вистината и Николоски се охрабри во поткаст на Сител да ти каже дека секогаш кога нашата ВМРО-ДПМНЕ го напушташе европскиот правец и влегуваше во корупција, партијата страдаше. Тоа искуство го преживеавме два пати веќе, а само будала три пати од исти камен се удира.
Затоа, прави што си наумил со Артан, биди лош глумец во претставата која друг ја режира, заканувај се на умрената опозиција, мати ја водата и прави бура во чашка вода, присилувај ги граѓаните да тапкаат во место божем се движиме напред, но не заборавај дека забрзано се движиш кон пропаст. Нашиот проблем е што твојата пропаст може да биде пропаст на ВМРО-ДПМНЕ, но и на Македонија. Твојот проблем е што и самиот не знаеш од каде ќе ти дојде пропаста и затоа уште повеќе си арогантен за да ги сокриеш стравот и неизвесноста. Тој кој маршира во место, силно удира со нозете и вика напред – заради самозалажувачки ефект. А ти Мицкоски нема да успееш да го искористиш тој ефект за да преживееш политички. Токму поради марширањето во место и викањето напред, токму поради Артан и обидот да си поигруваш и посебно да ја потценуваш интелегенцијата на македонските граѓани и на нашите сопартијци, ќе паднеш.
Појавувањето на Артан – е договорена, а за тебе ќе значи крај на многу начини. Борбата сега е како да преживее ВМРО-ДПМНЕ и Македонија.
Оливер Андонов