Ова би требало да звучи нешто како дванаесетте величествени, но е само едно простачко вулгаризирање на изборот на кандидат за претседател на Македонија од страна на ВМРО-ДПМНЕ (читај од страна на Мицкоски).

Имав намера оваа недела да не пишувам колумна и некој друг од внатрепартиската фракција за демократизација и ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ преку фејсбук страната на фракцијата да се обрати со свој став во врска со некои граѓански прашања. Граѓански прашања кои не засегаат сите секојдневно. Прашања со кои, неспособната и изгубена власт на СДС, ни го попречува нам на граѓаните нормалното живеење.

Но, нашата секојдневна реалност изобилува со глупост до глупост, те од неспособната СДС те од Мицкоски и неговите другарчиња, така што човек да не знае што побргу да фати. Која глупост да им ја фати и како да се обрати на граѓанинот – суверенот (владетелот) во нашата Македонија. Принудени сме да се занимаваме со политичките приземности на Мицкоски. Да, оној Мицкоски кој веќе седум години ја турка ВМРО-ДПМНЕ во пропаст.

Кога веќе, како внатрепартиска фракција, сме принудени да се занимаваме со овие тривијалности (за друго Мицкоски и незнае), ајде да анализираме една од нив, а наречена колоквијално „дваесет и двајца можни кандидати за претседател на Македонија“ предложени од Мицкоски. Анализата не е со цел да се даде значење на политичката неписменост на Мицкоски,  туку да се обратиме кон членството на ВМРО-ДПМНЕ. Што се вели, со време да му кажеме на членството што тоа му подготвува Мицкоски, за повторно да не пренесе сите „жедни преку вода“. Оти, нели „важно е“…

За краток временски период повеќе пати да излезеш, како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, во јавноста и да кажеш дека имаш дваесет и двајца (22) потенцијални кандидати кои може да бидат кандидат за претседател на Македонија предложен од страна на ВМРО-ДПМНЕ, и тоа на шест месеци пред претседателските избори, е сериозен мајтап со членството. Доколку сакаш да „глумиш демократ“, како што не си, тогаш барем излези со јавна листа на потенцијалните кандидати. Потоа, направи анкета помеѓу членството, но не на фејсбук или во општинските како што знаеш, туку анонимна со целото членство во подолг временски период. Од селектираните пет кандидати направи јавна анонимна анкета, а потоа од преостанатите тројца оди со понуда на партиска конвенција за да се определи кандидатот и евентуално неговата замена. Така тоа, барем во минимум демократски капацитет, го прават современи десни проевропски политички партии. Вистински демократски политички партии тоа би го направиле со утврден начин на кандидатура, кампања и внатрепартиски избори на целото членство, бидејќи тоа веќе би значело широка поддршка за кандидатот на нашата ВМРО-ДПМНЕ. Но нема да го учиме Мицкоски за политичката практика низ демократски процеси, тоа за него ништо не значи. Неговата задача е сосема спротивна со цел ВМРО-ДПМНЕ да биде уништено и при тоа запаметено како анти европска, анти НАТО, анти американска и недемократска политичка партија.

Зошто Мицкоски ни нуди дваесет и две НН лица? Затоа што дваесет и двајца од оние кои се вртат околу него и клиентелисуваат (да не кажам поконкретен термин) добиле негово ветување дека ќе ги поддржи. Тие јадниците тоа си го врзале в крпче и само чекаат да се истопорат како претседателски кандидати на Мицкоски. При тоа, не знаат дека ова не му е прв пат да ветува функции и тоа по принципот на Заев „една функција на повеќемина“. Логично, па Заев му е учител, а и одамна се во коалицијата ЗММ (Заев Мијалков Мицкоски), доколку заборавивте. Патем, тие бизнис – криминални коалиции како наближуваат избори се повидливи ќе стануваат, но и финансиски поконкретни пред нашите очи. Секако, овие дваесет и двајца незнаат помеѓу себе кој сѐ, така што неможат да се исконсултираат и да си потврдат дека „мали Мицко“ ги матка. Тоа што дваесет и еден или сите дваесет и двајца ќе извисат и тоа ќе им биде соопштено на партиската божем конвенција на која ќе гласаат конвенционерите по насока од Мицкоски, ќе им биде дополнително објаснето како израз на демократија. Овој филм најдобро го има изгледано Влатко Ѓорчев во улогата на спотер за тета Гога, кандидат на Мицкоски за претседател на Македонија. Доколку не ви е страв, драги кандидати на Мицкоски, прашајте го Влатче да ви каже, ако смее да каже и при тоа да биде искрен.

Сето ова е возможно затоа што во партијата нема Правилник за кандидатура и избор на кандидат за претседател на Републиката од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Доколку би имало такво нешто, би се знаела процедурата и изборот на кандидат за шеф на државата нема да зависи од личните желби или поточно деструктивни планови на Мицкоски. Впрочем, ние в партија немаме ниту правилник за кандидатура и избор на претседател на партијата а не пак на други државни или партиски функции. Тоа е резултат на „најдемократскиот Статут“, оној на Мицкоски кој и таков „демократски“ го применува како-кога.

Така драги мои сопартијци, ние во фракцијата веќе знаеме кого Мицкоски ќе наметне за кандидат за претседател на Македонија божем од името на ВМРО-ДПМНЕ. Сепак, нема да го обзнаниме јавно името (бидејќи мора да постои барем минимум „политичка култура“), но ќе ви ја кажеме целта на Мицкоски.

Одамна, пред можеби две години напишав дека ќе не доведат (нас од ВМРО-ДПМНЕ пред сѐ) во состојба да учествуваме во изборот на Заев за претседател на Македонија. Сега токму тоа и ни го прават. А кој друг да ни го прави ако не Мицкоски. Така убаво ќе ни извлече повторно „спотер“ на Заев за кој ќе не убедува дека е многу добар и дека за него дури и ДУИ (читај нашите сограѓани Албанци) ќе гласаат, а трагедијата за нас ќе биде во тоа што тоа лице повторно нема да има врска со ВМРО-ДПМНЕ. Барем не директна (член) или пак идеолошка.

Ова е веќе работа на навика на Мицкоски да не „дупчи в мозок“ цела партија, но со крајна цел потполна деструкција на партијата, а тоа „важно е“ нели. Така ни направи за тетка му Гога, потоа тоа ни го направи и за парламентарни избори 2020 година, кога во недостиг на храброст да биде на листа беше шпицен кандидат, за да во 2021 година, за локалните избори на местото кандидат за градоначалник на Скопје, ни ја предложи Данела. И повторно сетете се на мојата колумна од септември 2021 година кога јасно предупредив на последиците. А Мицкоски, тој божем нешто се извинуваше за Данела, но никогаш не прифати конкретна сопствена политичка одговорност во облик на оставка, а тоа исто така „важно е“ нели. Патем, мислам дека треба да го запознаеме Из нот Гут (алијас Николоски) со Данела, нема смисла да не ја запознае градоначалничката против која ѐ а за која беше, и тоа „важно е“ нели. Тоа е малку чудно во здрави ментално политички средини. Ќе биде уште поинтересно (смешно да не беше жалосно) кога Данела ќе формира политички субјект и кога во некоја коалиција ќе атакува токму врз гласовите на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа нема да биде изненадување, посебно затоа што неспособниот Мицкоски не ја зацврсти партијата и окрупни гласачкото тело консолидирајќи ги а не обидувајќи се да ги уништи и маргинализира  разногласијата во ВМРО-ДПМНЕ и во коалицијата „трескајќи глупости“ за монолитност. Како да живееме во 1949 година!

Гледајќи со досегашното искуство на кандидатските капацитети на Мицкоски кои, пак, имаат за цел да го ослабат и потполно деструираат ВМРО-ДПМНЕ, многу сум сигурен дека кандидатот на Мицкоски од дваесет и двајцата, кои ги врти на рингишпил, ќе биде дваесет и третиот човек преку кој во потполност ќе го демотивира членството за изборна трка. Наместо да влезе во временскиот теснец во кој се наоѓа партијата и започне реално обединување на членството и заживување на партијата, да се извини на членовите кои намерно ги маргинализира со своето однесување и започне брз процес на демократизација на партијата, Мицкоски применува тактика на ној. Па така, меѓудругото, се обидува да го игнорира постоењето на внатрепартиската фракција, што за него  многу „важно е“ нели, и според заостанатите методи на политичко однесување и со краен дилетантизам мисли дека доколку за нешто не зборува, тој самиот и неговото опкружување, дека тоа и не постои. Е постои, и тоа е многу жива фракцијата. Нејзините поддржувачи како посветени членови на ВМРО-ДПМНЕ со јасни и недвосмислени про-европски ставови и демократско-христијанска идеологија на ВМРО се исклучително активни на многу полиња во општеството и партијата.

И секако ова не го пишувам за да бидам во право, туку исклучиво за да го предупредам членството да не „наседне“ на игрите на Мицкоски. При тоа, мора да се знае дека СДС и ДУИ ќе одат со заеднички претседателски кандидат, а ние како ВМРО-ДПМНЕ ќе се чудиме за која комуњара да гласаме. Дали за Нивната или за Нашата. Нели „важно е“!

Барањата на Мицкоски за лидерска средба се исто така замајувања на членството за да има оправдување дека нешто работи, во пракса посакува да договори одржување на парламентарни избори со прв круг на претседателски. Секако откако претходно ќе се случат уставните измени од кои тој себеси ќе се амнестира и тоа многу „важно е“. Малку се има пресметано тука, бидејќи таквата деструкција на ВМРО-ДПМНЕ со спроведување на стратешки и кадровски погрешни политики тешко ќе му помине во партијата, но тој и смета на таа деструкција внатре во партијата и нејзина поделба токму пред избори. Како инаку ќе го реализира договорот со Заев, ВМРО-ДПМНЕ да ги изгуби изборите!

Затоа сме тука ние од фракцијата кои јасно кажуваме дека сме за демократско, про-европско, десно, национално ВМРО-ДПМНЕ, кое ќе се обедини идеолошки околу основните постулати на демократијата, брзата европска иднина и националното единство. Во тој контекст, покрај сѐ, само да прашам за пријател: „Колкумина наши сограѓани од албанската етничка заедница се активни членови на ВМРО-ДПМНЕ во моментов“? И тие малкумина кои беа во нашите редови, шовинизмот на Мицкоски и задоцнетиот му национал-романтизам ги разбрка. За глумењето љубов од страна на „граѓаните“ при неинвентивните активности од типот „Важно е….“, во друга колумна. Мицкоски е непресушен извор на политички глупости и неталентираност, но со утврдена крајна цел- уништување на ВМРО-ДПМНЕ.

Знаејќи го ова, Ние како внатрепартиска фракција ве охрабруваме сите вас како членови на ВМРО-ДПМНЕ да се одважите и јасно и отворено ја поддржите фракцијата. Времето за дефинитивна борба во спречувањето на конечното уништување на партијата е непосредно пред нас. Не треба да ве залажуваат лажните анкети на Мицкоски и Ковачевски, отворете ги очите ширум. Ние во ВМРО-ДПМНЕ имаме избор а тој избор е внатрепартиската фракција и интензивна и напорна работа за демократизација и обединување – ревитализација на партијата пред претстојните избори.

Нели „важно е“ промените за Македонија и падот на оваа никаква власт на СДС да зависи исклучиво од демократизацијата на ВМРО-ДПМНЕ, а тоа нема да се случи без заминување на Мицксоки и неговото раководство. Доколку ви е важно, а „важно е“ да го сториме тоа заради нас, идните генерации, за ВМРО-ДПМНЕ и за Македонија час поскоро. А за тоа што му е се важно на Мицкоски и како ја тера неинвентивната кампања во која најважно е како да се купи ден за да се преживее и божем се работи нешто против неспособната и никаква влада на СДС ќе напишеме повеќе во некоја следна колумна.

 

Оливер Андонов

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *