Има избори – нема избори! Радев е најголемата политичка величина во Бугарија – Радев не провоцира и не го постави македонското знаме! Успешно се справуваме со криминалот – криминалните банди се уште „хараат“ по македонските улици! Цените во маркетите се намалени – се е поскапено во маркетите! Има кредит – нема кредит, има заем!  Нема камати – банките ставаат камати!

И така до бесконечност. Збунувачки до бескрај. Има-нема, може – не може, добро е – не е добро, овој ме зафркна – оној ме зафркна, јас реков – јас одреков. Доколку е ова ново – старата тактика на Мицкоски како да ги збуни граѓаните, може да кажеме, АФЕРИМ, успеа, но ништо ново во однос на твоето политикантство не видовме од онаа што веќе го знаеме, а тоа е дека немаш став или си подготвен искажаното следната секунда да го негираш со потполно контрадикторно искажување. Христијан, немањето конзистентност ти е основна карактеристика во и така политикантското делување.

Но, да се зафатиме во оваа колумна да расчистиме неколку те вака – те така прашања кои се однесуваат на некаква си политичка стабилност во политикантската едночинка на македонската божем политичка сцена.

Има избори – нема избори. Прва полусцена, во која јаден Луке и целиот центар за комуникации на нашата партија има да се изнамачат додека ги спастрат – артикулираат некоординираните трескања на Мицкоски за да бидат испеглани и прифатливи за јавноста и истата да ги голтне како гооолеми мисли на  великиот вожд. Но може Луке да се с’клетисува колку што сака, видливо е дека ја нема веќе таа моќ на влијание врз Мицкоски. Видливо е затоа што откако не знам по чии совет или каков личен резон Мицкоски јавно од собраниска говорница и даде понуда на опозицијата да со локални избори има предвремени парламентарни, не само што ретерираше, туку уште еден куп глупости се изнатресе по оваа тема. Познавајќи го Луке – центарот за комуникации и принципите на работа наследени од претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ, тешко ми е да поверувам дека би му дозволиле на Мицкоски со своите изјави да ја заглави партијата во нецелисходни исцрпувачки објаснувања кои нема да донесат никаков позитивен резултат. Кога веќе јавно им понуди избори на пропаднатиот СДС и на ДУИ за една година од сега, и очекувано доби позитивен одговор за прифаќање на фрлената ракавица (иако СДС – Вилипче, малку се думаше), требаше да продолжиш со тој став и да ја ставиш партијата во функција, односно да ја запалиш и забревташ машината на ВМРО-ДПМНЕ за избори. Требаше да испорачаш кон членство и најповеќе да се зафатиш за конкретна работа надвор од простачкиот ПР. Сепак ти Христијане покажа не двосмисленост како што се обиде да се правдаш дека си ја провоцирал опозицијата, туку покажа еклатантна необмисленост на твоите политички чекори и јавни искажувања. Премиер не смее никого да провоцира (ниту опозицијата, ниту граѓаните), не смее да биде необмислен во своите изјави, не смее да не е конзистентен во своите политики, не смее да биде несериозен и мајтапчија – мангупче, и најмногу од се, мора да биде работлив и јасен во спроведување на политиките на владата. Е за наша жал ти си се спротивно на тоа, па доживеавме од „пу, пу, не важи“ да дојдеме до најглупавата изјава до сега која ја има дадено Мицкоски: „…граѓаните ми велат, премиере нема потреба од избори, зошто да трошиме пари, кога повторно ќе гласаме за вас“. Мислам дека Мицкоски не слушнал добро, веројатно „граѓаните“ му рекле: „нема потреба повеќе од избори, ти премиере ќе владееш доживотно“. И секако, ма што ќе ни се избори. Христијан за доживотен премиер, еднаш избран – засекогаш избран. Тогаш слободно ќе може да си зборува глупости, да се мајтапи, да провоцира, да нема конзистентни ставови. Тогаш нема да му треба ниту Луке – центар за комуникации, нема потреба од ПР пропаганда и така е доживотен. Еее, ми текна луѓе. Навистина да си го прогласиме Христијан за доживотен премиер, а потоа ние може да си играме избори за Собрание, но Мицкоски е непроменлив и заштитен со закон, претседател на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на владата на Република Северна Македонија. Можеби тогаш дефинитивно ќе се спасиме од глупавите му изјави и неконзистентни политики и нема да го гледаме на секакви настани од отварање детски игралишта до меѓународни настани. Тоа би било добро за нашето ментално здравје, но и за неговото, нема да мора постојано да лаже и потоа да не знае каде што излажал за да си ја зачува позицијата. Ете му позиција, само нека не остави да ја тераме државата, а тој нека си тера мерак на функција, и така ништо не работи на истата, освен што се слика и зборува глупости и лаги.

Бидејќи нема да има избори, ќе се занимаваме со Радев. Да, да со оној истиот Румен Радев, оној „мрсникот“ кој ја навреди Македонија и Гордана – гордата, тогаш кога не го стави македонското државно знаме при оперската посета на госпожата во Софија.

Така сега Радев е најголемата политичка величина во Бугарија – каква шлаканица за парламентарната демократија на Бугарија. Знае ли колешката во пензија дека во Бугарија не е претседателски систем туку собраниски. Во некоја од минатите колумни ве предупредив дека за нашите односи со Бугарија не е задолжен Радев, ниту неговиот кабинет туку владата во Софија и нивното Министерство за надворешни работи. Дали некој размислува нешто пред да каже, покрај тоа што упорно се употребува културната дипломатија како флоскула без знаење што тоа значи, а во меѓувреме како пијан за стап се држи до операта. Во меѓувреме Радев иако не е клучната фигура на политичката сцена во Бугарија и својата величина кон Македонија ќе ни ја покаже преку Јотова кога ќе му затреба, сепак низ смеа низ убави зборови му ја испрати пораката на Мицкоски во однос на почитување на Европскиот договор. Во овој контекст само уште една практична забелешка, верувам дека ЖИ-ДАС ќе ја разбере правилно, а и можеби некој од нашето МНР: Дечки, ви текна ли да седнете да поразговарате барем малку подетално и посериозно со новиот бугарски амбасадор во Македонија? Особено во однос на неговите ставови изнесени на редовниот хомс на земјите членки на ЕУ во Македонија, како и во врска со слободното или по задача толкување на Вториот меѓудржавен протокол помеѓу владите на Бугарија и Македонија. Да не бидете подоцна изненадени од некои настани и практични политики. Потоа повторно Муцунски – статива и Мицкоски ќе трепкаат и ќе се изчудуваат, а сите ние ќе бидеме навредени. Ова е воедно и предупредување до сите граѓани на Македонија, а посебно до моите сопартијци од ВМРО-ДПМНЕ, за да не се најдете во чудо и повторно Цацко ќе ни е крив. Имам некое силно чувство дека Мицкоски упорно ја подметнува Силјановска во односите со Бугарија. Единствено не сум сигурен дали тоа го прави за да ја денунцира Силјановска во очите на македонските граѓани преку „чудното“ нејзино однесување или преку неа опипува пулс кај бугарската страна во недостиг на лична храброст да направи и преземе иницијатива за разговор со бугарската влада, па нека е таа и службена. А можеби и намерно не ги пресретнува можните случувања во иднината за да си остави простор за развој на конфликтот со Бугарија во насока на негово не решавање на штета на Македонија.

И за крај, Панче, има или нема криминал на улиците во Македонија? Доколку има, на кое ниво е според проценките на стручните лица од МВР, не според твое професионално – министерско мислење. Зависно од нивото на криминал и процентот на решени кривични дела како и проценката на превентивните активности (доколку ги има, а по се изгледа ги нема), треба со факти и на дело да покажеш, а ние како граѓани да видиме дека државата преку МВР, обвинителството и судството успешно се справува со криминалот и ние се чувствуваме побезбедни во однос на нашата лична и целокупната јавна безбедност. Доколку пак мислиш дека низ државата „хараат“ криминални банди, тогаш, ти благодариме на тоа што не информираш колку сме не безбедни. Но мора да ти кажам дека тоа не се политички изјави против некоја претходна власт, туку се јавни изјави кои на сите нас, граѓаните на Македонија ни кажуваат дека и по 5 месеци власт и раководење со МВР ти не си способен да воспоставиш состојба во која ќе ни ја гарантираш личната и јавната сигурност. Настрана што упорно во своите изјави на јавна сцена покажуваш дека немаш однос кон јавноста и не го владееш македонскиот јазик поради што употребуваш изрази во дијапазон од вулгарности до простачки србизми.

Е па драги мои сопартијци драги сограѓани, драги Македонци, низ една колумна и низ само три примери можете да го разберете целокупното однесување на нашите на власт, а уште повеќе и нивната занесеност, но најмногу нивното незнаење. За наша жал тоа не го забележуваме само ние од Внатрепартиската фракција за демократизација и ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ, туку тоа го забележуваат сите партиски членови па дури и оние клиентелистите и полтрони, го забележува македонската јавност, но го забележуваат и дипломатските претставници и сите оние кои детално и длабински ги набљудуваат и проучуваат состојбите во Македонија поттикнати од разни причини и за разни цели. А за политикантството и драмолетката кон стратешкиот партнер и НАТО по принципот: „да да се ќе направиме“, а потоа ништо да не се прави. За ова, како и за стратешките последици од таквиот однос во некоја друга колумна.

Впрочем, секојдневните „политики“ на Мицкоски покажуваат јасна необмисленост во ставовите, исказите и постапките. Не постои двосмисленост, туку необмисленост на една политикантска структура а чија необмисленост на крајот сите ние, а најмногу нашата партија ќе треба да ја платиме.

И секако, да не заборавам, за сите оние кои приоѓаат кон поддржувачите на Внатрепартиската фракција во ВМРО-ДПМНЕ со цел да купат нешто и да продадат кај Мицкоски (народски, да искодошат – шпионираат, бидејќи тоа е национален спорт): „Луѓе не се мачете, не ни го губете времето, не си влегувајте во грев, ние се што имаме да кажеме за Мицкоски или било кој друг од партијата без разлика на неговата моментална функција, а особено нашите политички пораки, тоа го кажуваме јавно, дури и низ редовните неделни колумни. Доколку вие имате и најмалку про ВМРО идеологија, треба да се запрашате зошто Мицкоски не сака да разговара со Внатрепартиската фракција за партиски и идеолошко-политички теми“. Можеби ќе ќарите некое местенце од Мицкоски и неколку илјади евра додека е власт, но засекогаш ќе останете ситни души, кодошчиња, некарактерни кој за грст жолтици ќе си ги продадат и сопствените деца, а токму тоа и го правите, бидејќи воопшто не мислите на тоа каде и во какво општество ќе живеат вашите деца благодарение на вашето однесување. Но и тоа е тема за посебна колумна. Их колку ли колумни по колку ли теми треба да ви напишам, се прашувам само: Дали ќе допре до вашата совест, доколку уште ја имате, или неа прво ја убивте за да божем ви биде полесно“?

 

Оливер Андонов

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *