(политички трактат на дедо Герасим)
Современост! Конечно, Внучко, мојот временски часовник проработи па почнав да се рашетувам по македонските земји. „Тешки“ мисли ми се беа вгнездиле во главата, дали на моите македонци да им ја кажам вистината в очи или да оставам да живеат во илузија. Знам дека човек не може да одговори полошо отколку ќе „и ја каже вистината“ на својата мудрост. Но што беше тоа мудрост, имам ли право на мудроста в лице да и ја кажам вистината. Помислив да ја „бајпасирам“, вистината, со она „студено чудовиште“ државата македонска, студени лаги излегуваат од нејзината уста „Јас државата, јас народот!“ Државата македонска, она каде сите се сакаат само себе и колективното самоубиство се нарекува „живот“.
Така замислен, на „последна седумка“, забележав поголема група граѓани свечено облечени чиниш ќе одат на некоја комунистичка прослава од времето на СФРЈ. Жалосно, си помислив, „моите“ македонци повторно „чекаат седумка“ на погрешно место. Ги прашав – Што правите луѓе? – Го чекаме Годо! Шок! Одговорот, внучко, целосно ме растажи, депримира и ме втурна во безнадежност. Современата генерација на македонци станала дел од онаа дамнешна „изгубена генерација“ која целата смисла на животот ја гледаше во неговата безсмисла. Па, Годо не го дочекаа ни Естрагон ни Владимир па ни самиот Семјуел Бекет. Жалосно!
Одеднаш френетични аплаузи, восклици, егзалтираната маса почна да вришти – „Ave Caesar, morituri te salutant! Ave Caesar, morituri te salutant! Ave..!(Аве Цезаре, те поздравуваат оние кои ќе умрат!) Занемев, пристигна Годо! На македонците им успева и невозможното да го направат возможно, она што не му успеа на Бекет им успеа ним. Кога го здогледав Годо ми се стори некако познат. Како премногу долго да седел под сенка, му побледеле образите како на духовен покајник. Но, првиот впечаток скоро секогаш е лажовен, во неговото око сеуште има презир, а на усните му се крие одбивност, способен за секое зло! Луѓе, кој е Нашиот Годо? Остри погледи го „масакрираа“ моето спознание. Со нескриена доза на омаловажување и прекор во нивните гласови, хорски ми одговорија – Тоа е Прецедникот! Тој е нашиот почеток и крај, алфа и омега на македонската држава! Внучко се најдов во „небрано“, сите кои можеа да носат таков епитет ги познавав и сите беа дел од „Македонската божествена академија“, но овој „Наш Годо“ не го знаев. Кога масата ја забележа мојата збунетост почна да се надвикува и да ми кажува примери за големата заслуга на Прецедникот, Нашиот Годо.
Незнајко беден ми се обрати еден, постар бркајлија, да не беше Прецедникот до ден денес ќе ги трпев моите деца дома, а тој вложи надчовечки напори да ги „отера“ во туѓина! Знаеш ли Ти, неписмен еден, ако мојот драг Прецедник не ги уништеше фирмите и ме пратеше во „технолошки вишок“, прашање е дали денес ќе земав 12.000 ден. пензија. Идиоте патриотски, па Прецедникот е тој што ни го смести најубавото име ПЈРМ, а потоа го посоветува наследникот негов како да не направи „норд-ијци“. Само мудар човек, како прецедникот, можеше да не спаси од врелината на сонцето, која заслепуваше од знамето, креирајќи ни вентилатор – со прекор ми се обрати една добро негувана госпоѓа. Дали ти, заблуден идеалист, знаеш колку мозок е потребно, каков волшебник треба да си за да го креираш фундаментот на нашето постоење, основниот „столб на хаосот“ кој ни овозможува безгрижен живот со помош на ефтини психотропни супстанци! – ми се „опна“ стариот (хипи) професор.
Абе пацер еден, ми довикна некој од егзалтираната маса, со „Папата“ никогаш не беше здодевно. На едниот, стариот претседател, му организираше пиротехничка забава во „Ами 6“, а на другиот така му го подготви авионот што кога летна веднаш замина во облаците, забава за народ да „пукнеш“ од смеа. Aбе, мангуп си е мангуп!-воскликнуваше толпата. Холивудски убиства на семафори, кршење на дискотеки, елиминација на цели семејства и …абе што да ти зборувам, забава до безсвест. Дали знаеш, шепотеше до мене еден бездомник кој, очигледно, повеќе внимаваше на менталната хигиена одколку на личната, нашиот Б.Ц. е бескомпромисниот борец против „октоподот“ на организираниот криминал. „ТАТ“ така го среди што до ден денес татни, со цврст став „ден до пладне“ не го интересираше ни Св. Св. СДСМ. Да не беше неговата мудра изрека, која му беше водилка низ владеењето, „маж рекол, маж одрекол“, прашање е дали денес ќе постоевме.
Ако не беше „баскетџијата“ од моето мало, ми се обрати личност длабоко навлезена во 50-тите но со НБА дрес и баскет во рацете, никогаш немаше да се воспостави соживот во Северна Македонија. Благодарение на неговите бравурозни игри со „Илирида“, „Нелегален тетовски универзитет“, девето – јулските настани со албанското знаме и апсењето на гостиварскиот градоначалник, се создаде соживот. Но бравурозната тројка, дадена од невидена далечина, со креирање на воениот конфликт беше врв на мудрост, стратегија и одлучност, политичка еквилибристика пар екселанс. Така „мек“ шут за тројка, дотогаш невиден во нашето маало, сите останавме со подотворена уста.
Овде веќе почнав да се губам внучко, те Годо те Прецедник, Папа, Б.Ц, баскетџија, толку многу различни личности во една личност, па овде и Фројд би се збунил. Но, конечно разбрав кој е нашиот Годо (Прецедникот). Тоа е нашиот „брилијантен ум“ иноватор, основач и организатор на македонскиот организиран криминал на „белите крагни“. Интрониран на престолот на македонската подземна држава, колоквијално наречена „дип стејт“. Сега ми е јасна синтагмата „алфа и омега на македонската држава“.
Не можев повеќе да издржам внучко, не можев веќе да ја гледам таа маскарада од избезумена толпа на лузери, егзалтирани лица во состојба на делириум тременс од прекумерно количество на малигани од докрај неферментиран идентитет, самопочит и сопствена идентификација. Како рече еден бедник, цитирајќи го Нашиот Годо, Прецедникот и што и да е „ ДОБЛЕСТ е човек мирно да си седи во мочуриштето. Ние не касаме никого и му се тргаме од патот на оној што сака да каса, ЗА СЕ МИСЛИМЕ ОНАКА КАКО ШТО НИ ВЕЛАТ ДРУГИТЕ.“ Погнасна дефиниција за доблеста дотогаш не бев слушнал, единствено македонецот може да прифати ваква оксиморонска изјава за своето „доблесно“ живеење.
Страдалници Внучко, но јас страдав и страдам со нив, затвореници и обележени, оној што го викаат Спасител (Прецедникот) ги беше оковал во синџири. Во синџири на лажни вредности и празни зборови!
А зошто Годо дошол сега? – се обидов да ги прекинам хвалоспевите кои како отровни стрели ме погодуваа од сите страни. Повторно погрешно прашање и повторно си го навеав гневот на толпата. Па Ти си бил целосно неписмен, колку си глуп, од каде си паднат, следиш ли што ни се случува! Дојде за да не спаси и повторно не насочи на вистинскиот пат. Доста беше овој „Крив правец“! Дојде за да го подржи Мицкоски во борбата против бугарските фашисти и клетите европејци, да ни ја каже вистината! Европа се распаѓа и таа „блудница Вавилонска“ никогаш не ни мислела добро а и, ако не си знаел, САД се пред распад, готово, банкрот. Треба да го следиме патот кој одамна ни го трасираше Прецедникот БЦ и неговиот аватар Мицкоски, а тој секако не е на запад, таму се нашите деца, подалеку од нив, ние го следиме изгрејсонцето таму е нашата иднина.
После се Внучко ми стана јасен поздравот „Ave Caezar, morituri te salutant!“ на оние кои го чекаа Годо или Прецедникот, сарказмот и мудроста не го напуштила нашиот народ. Добро го преживеал судирот на вистината и мудроста но, за жал, свесни дека од оваа политичка елита на Апсурдистан, креирана и раководена од Прецедникот, Нашиот Годо, можат да очекуваат само смрт и ништење на македонскиот народ. Што ни преостанува? Вам тешка и неизвесна иднина. А на Нашите политичари, од профилот на Мицкоски и Прецедникот, би им порачал. Ако веќе не им успеа политичкиот живот, отровниот црв им го нагризува срцето. Барем нека настојуваат колку што може подобро да им успее смртта политичка.
На денот на Преподобен Онуфриј Велики
Професор д-р Оливер Андонов