Кога министерот за надворешни работи по повод еден „настан“ ќе ви даде изјава дека „Е
разочаран од бугарската дипломатија“, прво следно прашање е: „А кога министер си бил очаран,
за да сега бидеш разочаран“? Веројатно за да некој не разочара, најпрво треба да не очара.
Односно, антипот на воодушевувањето е разочарување од тоа дека сме си создале погрешна слика
за тој – некој.
Е сега, тоа што Муцунски и пишуваше писма на Нејска и се обидуваше нас да не замајува
со божем неговата иницијатива за средба со бугарската министерка, а однапред знаеше дека од тоа
нема да има ништо, е само уште едно играње дрн-дупка.
Така и оваа длабоко разочарување на Муцунски е само едно играње дрн-дупка со
македонските граѓани. Најпрво затоа што сите забораваме дека оваа препукување со Бугарија на
политичко-дипломатско ниво не е ништо ново, односно дека секогаш кога треба да си дадат
поддршка про руските инсталации во Македонија и Бугарија имаме некоја настан. Настан кој во
зависност од потребата за создавање, пардон, поттикнување на конфликтниот процес се
испорачува со определен интензитет кон македонската (а во исто времне и кон бугарската)
јавност.
Да се потсетиме на координираните изјави на Јотова (од Ќустендил) и Мицкоски (од
Ваташа) токму во дијапазон од само 20 минути. Каква совршена координација, а Муцунски е
разочаран од бугарската дипломатија. Ами зошто си разочаран, нели гледаш како совршено
координирано функционира бугарската дипломатија со нашата? Зависи само кој е координтаорот,
а и Муцунски знае кој е координаторот. Во споротивно немаше да и пишува „љубовни“ писма на
Нејска, туку уште пред една година ќе воспоставеше комуникација и ќе реализираше средба со
Гјорг Георгиев претходниот бугарски министер за надворешни работи во политичката влада. Е
тогаш воопшто немаше разочарување, се си течеше по план, а планот беше да не си видиме очи со
Бугарите (на официјално политичко ниво), и така да ја држиме тензијата.
Но во Бугарија се ближат избори. Ене каде е 19-ти Април, за еден месец безбели. А на
изборите во Бугарија учествува и Радев, а на Радев треба да му се помогне да дојде на власт. Тоа е
императив за про руските инсталации во Бугарија. Доаѓањето на Радев на власт, а посебно сам без
коалиција со ПП-ДБ која би го корегирала и насочувала кон европските политики ќе значи
засилување на потонатите Костадин Костадинов и пријателите му од Возраждане. Токму на тој
Костадинов и на уште неколку негови товариши ние како Македонија им ставивме црн печат в
пасош и имаат забрана за влез во Македонија. Така, за да се подигне интензитетот на конфликтот,
некој мнооогу умен во Бугарија, пардон некој товариш, се сетил дека треба да му се стави црн
печат на Менкиновски и да му се забрани влез во Бугарија.
Многу ме интересира што точно Менкиновски прекршил во однос на бугарските закони за
да одеднаш стане закана за националната сигурност на Бугарија? Зошто го поставувам ова
прашање? Затоа што Менкиновски има семејни врски со Бугарија (Пиринска Македонија за овие
нашиве што паѓаат во несвест) и тоа повеќе од дваесет години. Исто така со години Менкиновски
е адвокат на ОМО Илинден пред меѓународните институции. Тука имам една дилема, односно,
како не се најде адвокат од Бугарија да биде законски застапник на ОМО Илинден? Но нејсе, секој
има право да си избере адвокат. И сите овие години – децении веќе бугарската држава не утврдила
дека Менкиновски ја загрозува националната сигурност на Бугарија – и токму сега во ДАНС некој
товариш се сетил дека треба црн печат да заигра. Веројатно според онаа старата „мило за драго“.
Но нејќе да е така, не е ова ниту мило за драго, ниту е некое загрозување на националната
сигурност, како што и кај Костадинчо и товаришите му не е дека е влегувањето на Кајмакчалан од
грчка страна. Патем за такво влегување требаше и бата Гашиќ да добие црн печат иако е министер
за одбрана на Србија, нели законот и правилата важат за сите.
Тензијата е многу важна за постигнување на целите, бидејќи сега во бугарските избори ќе
се врати темата Македонија која токму за про руските структури е единствената предизборна
карта на која може да играат. Само така ќе се помести во втор план темата корупција и ќе се

дезавуираат про европските сили во Бугарија. Да се навлечат на тема која ќе крева тензии и ќе
врши национална мобилизација бидејќи нели бугарската национална сигурност е загрозена од
Менкиноски. Ете така директно ќе му се помогне на Радев, а Тимчо наш ќе си глуми разочарано
расположени. Се си е по план, сцената е поставена, актерите и од Бугарија и од Македонија се на
своите места и претставата на балканската имитација на Бољшој театар може да започне. Останува
уште гледачите да се фатат на мамката и да се соживеат со идеите и целите на режисерот и се ќе
биде на место.
Како дополна на тензијата и сцена во сцената на политикантскиот театар е и Виктор
Стојанов со некој си Игор тука од Македонија. Тоа е оној Виктор Стојанов кој по потреба се
појавуваше во Македонија за секои настан поврзан со Гоце Делчев или историјата. Оној Виктор
кому исто така му ставија црн печат со забрана за влез во Македонија и кој е дежурно плашило и
иритатор во Македонија од бугарската асимилација. Е тој Виктор со некој си Игор го навредувале
македонскиот народ и идентитет на социјалните мрежи (ФБ). Како резултат на тоа нашата АНБ,
пандан на бугарската ДАНС спровела успешна оперативна активност, ги фатила
непрокопсаниците – мрсници од ФБ и поднела кривична пријава против Викторчо. Малку не ми е
јасно тоа дали во надлежност на АНБ е да се поднесува кривична пријава или тоа е обврска на
други институции, но нема врска, важно функционира. Па така, честитки за АНБ за успешно
спроведената оперативна активност, откривањето на фејсбук непрокопсаниците – мрсници и
заштитата на македонската национална сигурност од атаците на Викторчо. Тамам е да се вклопи
како убав детал на сцената и претставата може да започне.
Во Бугарија ќе си започнат со анти бугарската кампања во Македонија и злоставувањето
на македонските Бугари, а во Македонија ќе се потенцира бугаризацијата и непризнавањето на
македонскиот народ и нација. Ништо ново, само малку посилно товариши додека да завршат
изборите и товариш Радев да се инсталира, потоа се ќе биде полесно.
Затоа пак АНБ или впрочем ниту една надлежна институција нема да се заинтересира кога
некој коалиционен партнер на Мицкоски токму на фејсбук ќе шири омраза, верска и национална
нетрпеливост или навреди што е казниво според Кривичниот закон на Македонија. Е тоа се вика
играње дрн-дупка. Токму таквите ликови се дел од деталите во претставата на балканскиот
Бољшој театар, исто како и Викторчо во Бугарија.
Во меѓувреме играњето дрн-дупка во божем меѓународните односи на Македонија
продолжува. Не дека некој нешто не прашува, не дека Мицкоски отишол некаде во интензивна
меѓународна активност, впрочем да не се комеморации и официјални настани нема да се сретне
ниту со амбасадорите на земјите членки на ЕУ кои ги заобиколува во широк лак, но нека изгледа
како нешто да се работи, дрн, дрн, дрн-дупка.
Како што беше овластен да соопшти, Мицкоски, ни кажа дека сега откако се распрсна
лагата (јас ќе појаснам и заклучам – договореното глупирање) на Филипче во врска со мигрантите
од Обединетото Кралство, сега ќе можело слободно да се пристапи кон реализација на
инфраструктурните проекти. Ами досега кој те држеше во заробеништво и не можеше слободно да
ги реализираш проектите предвидени во Анексите 1 и 2 од Договорот за стратешко партнерство со
Обединетото Кралство? Еве од сега ќе ти ја броиме слободата и да видиме кога, односно дали
воопшто ќе ги реализираш барем 50% од предвидените инфраструктурни проекти. Како што си
тргнал Мицкоски пак си играш дрн-дупка со македонските граѓани. Ами, престана ли некогаш?
Досадно ми е постојано да се навраќам наназад и да објаснувам уште од кога Британците
како посветени партнери кон Македонија и НАТО се обидуваат да ни ги подигнат капацитетите,
посебно во одбраната и од тактичко да не кренат на оперативно ниво. Но и министерот за одбрана
Мисајловски не знае да направи разлика помеѓу оперативно и тактичко ниво. По се изгледа затоа
сеуште немаме нова стратегија за одбрана, не може човекот да расчисти дали прави тактика за
одбрана или стратегија, а во однос на оперативно ниво знам дека умот му го мати „стратешкиот
одбранбен преглед“. Сложена работа е тоа, особено кога ќе те исфрлат во министерството за
одбрана на земја членка на НАТО како со падобран. Прво што внимаваш е да не паднеш во некоја

дрн-дупка, а дал Господ ги има многу околу него, само што не ги гледа, па така и не излегува од
истите.
И сега? За неколку месеци пак ништо. Ама ние ќе почекаме, тамам ќе минат изборите во
Бугарија, па можеби нема да успеат и ете добра шанса некаде на есен пак да си заиграме дрн-дупка
со македонските граѓани околу Бугарија и бугаризацијата и да заборавиме на слободата на
Мицкоски за реализација на инфраструктурните проекти од стратешкото партнерство со
Обединетото Кралство.
Во меѓувреме, за да не е монотона претстават, ќе ви соопштат дека само што не дошол во
Македонија Ердоган. Тоа е само како украс за големите меѓународни политики на Мицкоски
поради кои денес имаме 20% поскапи горива. Е тоа единствено не е дрн-дупка, тоа е реалност.
Онака патем, Мицкоски си игра дрн-дупка и со сите нас во ВМРО-ДПМНЕ па организира
одбори, пардон, комисии за разни внатрепартиски избори. Наместо партијата да се демократизира
и членовите самите да си ги избираат раководствата на своите партиски тела и органи, Мицкоски
ни организира изборни комисии кои ќе му предложат послушни партиски апаратчици. Ете така
клиентелизмот на медиокритетите ќе си продолжи да опстојува во нашата партија се до нејзино
потполно потонување. Глумата дека има некаква си демократија ќе продолжи, а се е всушност
играње дрн-дупка со нас како членови на ВМРО-ДПМНЕ. Преку нас Мицкоски си игра дрн-дупка
со сите македонски граѓани. Но вие драги мој читатели и драги мој сопартијци продолжете да си
шепотите в брада и дрн-дупката на Мицкоски ќе продолжи.
Играње дрн-дупка со македонските граѓани е и со улогата на Груби и тоа колку тоа Груби
знае за политикантите од божем опозицијата и кој се треба да се плаши од тоа што Груби може да
го каже кога ќе пушти глас. Но никако да се сетиме (што да се прави, кратко паметење) дека Груби
знае и за Мицкоски. Знае Груби и го кажа тоа одамна уште пред две години, дека имал понуда од
Мицкоски да глумат етничка кавга на релација Македонци-Албанци за да добијат на популарност
во јавноста. Кажа Груби, но обвинителството не реагираше. Да се надеваме дека сега ќе се сети
обвинителството да го праша и за тоа, чисто списокот да биде комплетен, да нема дискриминација
и да си знаеме што се ни прават политикантите. И секако дека белким ќе запаметиме.
Врвен безобразлук е глумењето загриженост и натаженост, па дури и „соодветната“
гардероба на „настанот“ по повод годишнината од страшната трагедија во Кочани и 63-те жртви, а
сеуште немањето кривично одговорни, а не пак да се искаже морална или не дај Боже политичка
одговорност. Но затоа пак за наши-граѓански пари има ПР.
Е тоа е играње дрн-дупка со македонските граѓани и тестирање на здравиот ум, а најмногу
на трпението или апатијата – како сакате, но дека е ругање на јавна сцена – е.
Бог да ги прости загинатите страдалници од Кочани, царство небесно да им дари, а на
нивните блиски утешение. На сите нас и нив ни останува да ја чекаме Божјата правда бидејќи
земската ја нема. А Господовата правда е секогаш голема – Господ не си игра дрн-дупка како овие
кои се мислат за богови на земјата.
Оливер Андонов

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *