Не верувам дека се работи единствено за проблеми, туку повеќе за нешто сосема друго, но едноставно во насловот на колумната која е пред Вас не сакав да употребам некој по експлицитен термин кој би ја објаснил политичко-идеолошката и правната состојба во умот на Мицкоски како претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Темата на оваа неделна колумна е директно насочена кон појаснување на дел од повредите врз Статутот на ВМРО-ДПМНЕ кои со одобрение на Мицкоски се извршени во однос на процедурите, роковите и постапките утврдени со статутот на партијата за свикување на Конвенција за избор на кандидат за претседател на државата поддржан од ВМРО-ДПМНЕ и последиците кои од таквите груби прекршувања на Статутот ќе се имплицираат врз партијата и сите нас како членови на ВМРО-ДПМНЕ.

Како вовед во колумната која следува по една многу интересна недела која може да ја разгледуваме од политичко-правен и идеолошки аспект особено низ светогледот на нас членовите на ВМРО-ДПМНЕ а за да не помине незабележано, мора да констатирам дека Мицкоски како претседател на ВМРО-ДПМНЕ се наоѓа во сериозна идеолошка шизофренија. Имам впечаток дека човекот не знае на која партија (во идеолошка смисла) е претседател. Имено, да се присуствува на глорификација на ликот и делото на Лазар Колишевски претставува сериозно идеолошко отстранување од десничарската идеологија на ВМРО-ДПМНЕ и директен судир со идеолошката основа на историското ВМРО за чии наследник се претставува Мицкоски. За ова толку, а повеќе во друга прилика, бидејќи во некоја од минатите колумни токму зборував за тоа дека ВМРО-ДПМНЕ ги има напуштено демократско-христијанските идеолошки основи и со тоа и политики поради што како последица се појавуваат благо речено неразбирливите политики на партијата диктирани од Мицкоски. По се изгледа дека ВМРО-ДПМНЕ станува левичарска партија која всушност идеолошки незнае што ѐ.

Таквата идеолошка шизофренија води токму кон создавањето апсолутистичка партија која во основ нема идеологија туку обожување на претседателот на партијата, се до оној миг кога обожавателите кој се тука исклучиво од лукративни интереси, ќе се освестат дека нивното божество нема да може да им ги оствари. Во тој миг се тргнува кон негово политичко, а не е исклучено и друг облик на расчеречување токму од довчерашните негови обожаватели. Затоа бедните реакции на Тужбата до Управниот суд која ја поднесе „Фракцијата за демократизација и ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ“ поради неспорни и директни прекршувања на Статутот на ВМРО-ДПМНЕ се израз на неспособност токму на истата таа правна комисија на партијата која во соработка со Мицкоски дури и октроираниот Статут го прекршија.

Одтука и прекршувањето на Статутот на ВМРО-ДПМНЕ е пред се правен проблем не само за Мицкоски, иако најповеќе за него затоа што согласно член 35 став 1 алинеја 1 и 3 е должен да се грижи за уставна, законска и статутарна работа на партијата при што е одговорно лице кое подлегнува на законски санкции, туку и за сите нас, членовите на ВМРО-ДПМНЕ. Каков пример за владеење на правото и спроведување на законите кои во Македонија ни се како воздух насушно потребни даваме ние членовите на ВМРО-ДПМНЕ кога не се бориме за спроведување и почитување на Статутот на нашата партија.

Основниот мотив за тоа зошто преземавме директна правна постапка е исклучиво заштитата на партијата и нејзините членови од злоупотребите кои преку повреди на Статутот на партијата ги прави Мицкоски. Доколку тој е во идеолошка шизофренија и поради тоа во правен расчекор со изразена желба да биде деспот во ВМРО-ДПМНЕ, тврдам дека ние во внатрепартиската фракција воопшто не сме во таква состојба. Веќе подолго време на различни начини како група членови на ВМРО-ДПМНЕ му упатуваме повици на Мицкоски дека Статутот на ВМРО-ДПМНЕ мора да се демократизира и поради тоа да претрпи сериозни измени и усогласувања. Впрочем поради тоа и поради недемократската атмосфера и работење во нашата партија се организиравме како внатрепартиска фракција која јасно, отворено, на јавна сцена пред членовите на ВМРО-ДПМНЕ и пред македонската јавност се спротивставува на погрешните практични политики и идеолошко-правните забегувања  на Мицкоски и дезинтеграција на партијата. Но Мицкоски е глув за тоа дека треба јавно да разговара со внатрепартиската фракција за сериозни теми насочени кон демократизација на ВМРО-ДПМНЕ и враќање на партијата кон темелните демократско-христијански политики и идеологија а со тоа и кон европските вредности, а не да се обидува да не мргинализира на разни недемократски начини во партијата и медиумите. Класичен недостиг на личен демократски капацитет кој се пренесува врз партиското функционирање.

Што тоа Мицкоски прекрши во Статутот на ВМРО-ДПМНЕ во овој негов последен апсолутистички дискурс во партијата, а во врска со постапките, процедурите и условите за свикување на Конвенција и избор на кандидат за претседател на Републиката? Списокот е исклучително долг, но еве за оние кои немаат време да ја прочитаат предметната Тужба и трпение да се задлабочат во правните аспекти на истата, ќе се обидам низ оваа колумна дел од нив да објаснам накратко.

Најпрво, неопходно е да ви укажам на тоа дека доколку ги слушате стереотипните партиски соопштенија и божем цврсти ставови на Мицкоски ќе бидете подложни на континуирано труење на вашиот мозок со дезинформации кои со малку напор може да ги видите. Доколку се обидете да се спротивставите на овие манипулации и покажете свесност како член на ВМРО-ДПМНЕ и да не дозволите да ви биде навредувана интелегенцијата, тогаш ќе се соочите со отровот кој врз вас ќе го истурат партиските ботови. Крајната цел е да се замолчи секое здраворазумско, демократско, праведно и самосвесно размислување за да не се разголат лагите на Мицкоски и неговото грдо лице на апсолутист кој по истиот модел сонува да ја владее Македонија.

На тој начин во иднина се замолчуваат и ќе се замолчуваат сите оние кои ќе укажуваат за политичката неспособност на Мицкоски и неговиот политички аутизам кој го демонстрира на јавна сцена особено преку неговото однесување во партијата.

Одтука и започнува статутарната битка во ВМРО-ДПМНЕ која како внатрепартиска фракција ја водиме веќе подолг период и која без јасна и храбра поддршка на членството нема да ја извојуваме. Токму затоа и ги охрабруваме членовите на партијата да ја поддржат оваа иницијатива на внатрепартиската Фракција за демократизација и ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ.

Конкретниот и актуелен проблем произлегува од директно непочитување на членовите 59, 60, 61 и 62 од Статутот на ВМРО-ДПМНЕ, а кои се однесуваат на начинот на свикување, организација и работа на Конвенцијата за избор на кандидат за претседател на државата поддржан од ВМРО-ДПМНЕ (член 59 став 1). Исто така директно прекршен е и член 62 став 1 од Статутот на партијата на тој начин што не се почитувани статутарните одредби за распишување оглас на кој може да се пријават сите заинтересирани граѓани кои ги исполнуваат законските услови и кои ќе се пријават на огласот. Самиот овој член од статутот има правни непрецизности кои се однесуваат на уставните одредби за кандидирање за претседател на Републиката согласно член 80 од Уставот на Републиката. И засега се доволни овие прекршувања на Статутот на ВМРО-ДПМНЕ од што произлегуваат и други повеќе од десетина груби прекршувања на статутарните одредби, но и според мене намерно оставени недоречености кои се спротивни на Уставот на Републиката и законите. Овие недоречености покажуваат дека Мицкоски намерно го има направено тоа за да може како сака да го толкува Статутот, но за негова жал, а како резултат на неговата политичка и правна неписменост и апсолутизам и суета и таквиот Статут го прекршува што е видливо дури и за мене кој не сум правник.

Проблемот со грубото прекршување на Статутот всушност прави вовед во отсликувањето на политичкото однесување во општеството како архетип на личната и колективна подготвеност на раководството на ВМРО-ДПМНЕ да се однесува на власт. И тука не се во прашање исклучиво членовите на партијата, сите ние, туку во прашање се сите граѓани на Македонија. Едноставно, доколку партијата во своите внатрепартиски процедури за избор на претседател на партијата, кандидат за претседател на Републиката, кандидати за претседатели на Општински комитети, кандидати за пратеници во Собранието или кандидати за градоначалници и други внатрепартиски, државни или локални функционери, тогаш постои цврста основа да граѓаните веруваат дека таквата политичка партија ВМРО-ДПМНЕ со силен внатрепартиски демократски капацитет поседува  демократски капацитет, кадровски капацитет и личен демократски интегритет за демократско владеење со државата Македонија.

Ете тоа е основата на нашата борба и за тоа за што се залага внатрепартиската фракција. Тоа неможе да се постигне без да се почитува гласот на членовите, но во исто време уште помалку можеме да се приближиме до почитување на секој наш член доколку Мицкоски највулгарно директно го прекршува Статутот на ВМРО-ДПМНЕ.

Од овие причини идеолошко-правните проблеми кои со себеси ги има Мицкоски директно и брутално се пренесуваат врз сите нас. Не како наше идеолошко лутање и незнаење, ниту како наша тенденција да бидеме склони кон кршење на Статутот, законите, Уставот, туку како последици од неговото апсолутистичко недемократско владеење со ВМРО-ДПМНЕ. Во една прилика напишав дека Македонија може да лета само со две крила. Едното од тие крила е ВМРО-ДПМНЕ или десницата. Затоа и идеолошко-политичките проблеми на Мицкоски се рефлектираат како политички проблеми на ВМРО-ДПМНЕ во однос на влегување, следење и спроведување на политичките процеси од интерес на Македонија и македонските граѓани.

Токму за да не ги трпиме сите ние колективно, а на прво место како членови на ВМРО-ДПМНЕ последиците од идеолошко-правните проблеми на Мицкоски, неопходно беше јавно да се укаже на истите, особено на оние правните, за идеолошките ќе расправаме во партија доколку добиеме таква можност. Затоа и поднесовме Тужба до Управниот суд. Не за да ја уриваме партијата, туку на прво место за да го принудиме Мицкоски кои остана глув на нашите чисто политички внатрепартиски барања, да го применува Статутот на ВМРО-ДПМНЕ. Второ и на исто рамниште важно за да нема идеолошко-правни проблеми за сите нас е нашето јасно барање за промена на Статутот со што ќе се засили и доведе на највисоко ниво внатрепартиската демократија, а тоа е преку почитување на гласот на членството за избор на клучните партиски функционери.

Внатрепартиската фракција за демократизација и ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ и покрај обидите за омаловажување, маргинализација и директни закани и навреди ќе продолжи со својата работа и почитта кон секој член на ВМРО-ДПМНЕ без разлика дали ги поддржува политичките ставови на фракцијата или не. Сите ние сме членови на ВМРО-ДПМНЕ и пред себеси, пред нашите сопартијци, пред македонската и меѓународната јавност, но и пред идните поколенија и пред нашите предци и големите дејци на историското ВМРО носиме пред се лична идеолошка одговорност, а пред државата Македонија, нејзиниот Устав и законите, вклучително и Статутот на ВМРО-ДПМНЕ носиме лична правна одговорност.

Токму клучот е во ЛИЧНАТА ОДГОВОРНОСТ, а кога ќе го разбереме тоа нема да имаме никакви идеолошко-правни проблеми или шизофренични дилеми. Само оние во ВМРО-ДПМНЕ кои тоа не го разбираат се соочуваат со идеолошко-правни проблеми кои се обидуваат да ги покријат со лукративни интереси поради кои и членуваат во партијата и кон тоа ги навлекуваат и другите членови за да ја извалкаат партијата во целост. Од овие причини, Мицкоски ќе продолжи до бесконечност да има идеолошко-правни проблеми кои откако нема да биде премиер по овие избори веќе нема да може да ги покрие со лукративните ветувања.

Потоа, Господ да ни е напомош на целата наша ВМРО-ДПМНЕ. Решението му е пред очите на Мицкоски и тоа му го кажуваме но идеолошко-правните проблеми го имаат направено во голема мерка политичко-идеолошки и правно партиски и организационо слеп.

 

Оливер Андонов

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *