Некако тргна последните колумни да бидат насочени кон анализа. Од резултатите на локалните избори, тенденциите на развојот на политичките идеологии и идните резултати од таквите тенденции, па се до анализа на извештајот на Европската Комисија што е тема на денешната колумна.
Нема да пишувам за Уставните измени како преземена обврска од страна на Македонија уште во 2022 година и основна обврска која треба да ја исполниме според Францускиот-Европскиот предлог за да ги започнеме преговорите. Токму тоа е и тенденцијата која ќе сака Мицкоски да ви ја пласира, во македонското општество да не се зборува за Извештајот на ЕК во целост и во детали по кластери и поглавја каде сме во „стагнација“, туку да се зборува за Уставните измени. И во тој контекст да се наоѓаат разни будали во Бугарија кои ќе бидат акцелератори и тригери за засилување на наративот кој во Македонија од исти такви будали ќе треба да ја оправдаат таа цел. Таа тенденција во покривање на исклучително лошиот Извештај на ЕК се виде уште истиот ден кога Извештајот беше објавен (на англиски јазик и не сум сигурен дека ќе видиме официјален владин точен и детален превод на македонски јазик), а посебно стана јасно кога Мицкоски ја даде онаа оксиморонска изјава дека: „нема назадување – има стагнација“. Потоа следуваше нов момент а тоа е дека доколку ги направевме уставните измени ќе имавме одличен Извештај и: „ќе ни пишеа петка на раче“. Од причина да не додавам дополнително гориво на погрешниот и етно-мобилизирачкиот наратив на Мицкоски во однос на Извештајот на ЕК кој има за цел да манипулира со чувствата на нас Македонците надвор од рационалноста, ќе се задржам на анализа на клучните забелешки и описни оценки на ЕК за напредокот на Македонија на патот кон членството во ЕУ во изминатата година. Прашањето за Уставни измени, ни се допаѓало или не, барале ли ние виновници или не, ќе мора да го решиме така како што го определува Францускиот-Европскиот договор и како што сме прифатиле. Тоа што оваа влада може да го направи, доколку не сака да си поигрува со чувствата на македонските граѓани, особено со нас Македонците е да покрај спроведување на Уставните измени преземе казнени мерки и прогон врз Заев, Ковачевски и Османи кои со потпишување на Договорот за добрососедство со Бугарија и прифаќање на Францускиот – Европскиот предлог ја довеле Македонија во потчинета состојба и и нанеле штета, а за што се одговара според одредбите од Кривичниот Закон. И толку од празното, политикантско потпалување на граѓаните на Македонија за да се одврати вниманието од останатите точки на Извештајот на ЕК. Решението во сите аспекти е кај Мицкоски и треба само да покаже политичка волја, определеност кон ЕУ, спроведување на меѓународно преземените обврски и спроведување на законите и владеење на правото. Се друго се политикантски манипулации на штета на сите нас за да тој остане на власт.
Владата е одговорна за спроведување на реформи и напредокот на Македонија кон ЕУ. Со владата одговорноста за донесување на предложените законски решенија ги има Собранието, а и во Собранието на Македонија мнозинство има владеачката структура на Мицкоски, односно официјално нашата партија ВМРО-ДПМНЕ. Тоа официјално е во контекст на искажаната ароганција на Мицкоски дека тој е мандатар и дека неговиот збор е последен. Супер изјава со полн демократски капацитет. Тоа значи дека за се што се случува во државата и добро и лошо тој е одговорен, бидејќи неговото е последно. Тогаш драги мој сопартијци и сограѓани тоа токму така и да го гледаме и восприемаме и за се што не функционира во државата или за се она што не можеме да го оствариме како наше право и потреба да бараме директна и лична одговорност од Мицкоски, бидејќи неговото е последно, тој е алфа и омега, почеток и крај – Амин.
Но да се вратиме на сериозноста, која суштествува надвор од ароганцијата и несериозноста на Мицкоски преточеба во еден видлив анти ЕУ наратив, а се нарекува движење на Македонија кон полноправно членство во ЕУ што е живото важно за нашата татковина Македонија и за сите нас поединечно. Односно да го разгледаме Извештајот на ЕК во детали во некои значајни поглавја без кои не можеме да се поместиме па сто пати да го смениме Уставот, односно некои поглавја кои се исклучително важни за наше нормално живеење како уредена европска држава.
Во Кластерот 1 кој се однесува на фундаменталните основи на процесот на пристапување, особено демократијата, јавната администрација и основите на владеењето на правото јасно се вели:
1.Иако изборната рамка беше изменета во Март 2024 година, прегледот на препораките на ОБСЕ/Венецијанската комисија останува многу ограничен и нетранспарентен.
И што да се објаснува тука, дека имаме не демократски изборен процес, а тоа можевме да го видиме и во пракса на последните локални избори. Се додека имаме не демократски изборен процес ќе имаме намалена излезност за гласање како очигледен показател на недоверба кон изборниот процес и неговите резултати. А секоја власт во Македонија ќе биде со сомнителен легитимитет, со 15% поддршка ќе владее и ќе биде корумпирана, бидејќи целта на владеењето ќе биде да се владее, а не да се спроведуваат јавни политики за развој на Македонија. Со тоа, ЕУ за нас како држава ќе биде далечен сон.
2.Собранието останува многу поларизирано, што го одложи усвојувањето на важното реформско законодавство и долго очекуваните назначувања.
Е сега, сетете се на мојата колумна за политикантското семејство на Мицкоски, односно за тоа колку инцести има во тоа семејство. Како е возможно, собраниско мнозинство кое има приближно 2/3 мнозинство во Собранието да биде толку многу исполитизирано и не координирано за да не може да го спроведе донесувањето на важните реформски закони и назначувања. Тоа значи дека нема интерес за напредок кон ЕУ, ниту има интерес за интересот и потребите на граѓаните и нивната благосостојба преку уредена држава и функционални институции, туку има интерес за остварување на личните и помалку партиските интереси кои пак никако не кореспондираат со државните, националните или интересите на граѓаните. Оние граѓани кои нели гласаат да овие бидат пратеници, министри, вице и асли алфа и омега премиери.
3.Реформата на јавната администрација се уште е оценета како „умерено подготвена“, иако новите закони за административни службеници и вработените во јавниот сектор беа усвоени во Јули 2025 година, правилата остануваат фрагментирани а имплементацијата е слаба.
Овој заклучок на ЕК укажува дури и на формални законски промени, но никаква имплементација, што пак укажува на немањето политичка волја да се спроведат реформите во јавната администрација, како и недостигот од капацитет за имплементација, но со изразено кршење на правилата. Дополнително токму фрагментацијата на правилата ни укажува на слабото владеење, односно неспособноста на владата за спроведување на законите или повторно немањето политичка волја за владеење на правото, поради што извршните органи во јавната администрација може да ги прекршуваат правилата.
Понатаму, во делот Владеење на правото, судство и фундаментални права ги имаме следните забелешки:
1.Судството е помеѓу „одредена“ и „умерена“ подготовка и не постигна напредок во текот на извештајниот период.
И сосема логично е тоа дека нема постигнато напредок, бидејќи правејќи притисок во Судскиот совет и влегувајќи во политичка борба со судството владата не придонесе кон негово подобрување. Обидот да се подјарми судската власт под извршната власт резултира со констатација за потполн застој во извештајниот период. Најавените закони од Министерството за правда беа и останаа само празни зборови. Ете затоа во еден ваков политички судир на судската и извршната власт кој кому ќе командува иако според Уставот тоа се независни власти во Републиката, ќе предизвикува недоверба во судството. И тука може да заклучиме дека не само судската фела има вина за својата работа и со тоа рејтинг, туку и владата ја споделува таа вина.
2.Судската независност и финансиска автономија остануваат поткопани: мешањето и притисокот од други гранки на власта продолжуваат, недостигот од персонал е загрижувачки.
Токму во оваа констатација на ЕК се потврдува тоа што го кажавме малку погоре. Судството е изложено на притисоци и тоа крајно брутални и со директно влијание и мешање, а што резултира и со недостиг на персонал. Влијание преку немањето на финансиска автономија, а мешањето преку притисоци лични и колективни од страна на Собранието и Владата како други гранки на власта. Односно ова може да се смета како системски притисок врз третата – судска власт во Македонија. Крајниот заклучок на ЕК е : „Не се исполнети препораките од ЕУ“. Чиста стагнација, но не е назадување, нели?
3.Корупцијата се уште е распространета во многу сектори; владата не постигна напредок во спречувањето и борбата против корупцијата. Пожарот во Кочани во Март 2025 година откри системски неуспеси во справувањето со корупцијата.
Како резултат на директната и системска корупција се посочува трагедијата во Кочани. Тоа се гледа и низ призмата на спроведување на истрагата, но во следниот извештаен период, односно во Извештајот за 2026 година ќе имаме информации и за текот на судењето во однос на трагедијата во Кочани. Може Мицкоски да не го познава колегата Нацев, но фактите сега а и на судењето, но и засекогаш ќе покажат дека Мицкоски многу добро го познава Нацев, а можеби ќе излезат и некои други информации кои директно ќе укажат на нечија вмешаност и корупција во врска со агенцијата Рубикон. Останува да видиме што ќе се случува и како тоа ќе биде внесено во следниот Извештај на ЕК.
4.Клучните прашања на фундаменталните права се нерешени; на пример, условите во затворите остануваат „ужасни“ на места, а канцеларијата на Народниот правобранител се уште нема целосен персонал.
Фундаменталните парава на граѓаните одамна се нарушени и се нарушуваат секојдневно. Земете ги само Извршителите и нивните „права“ врз нас граѓаните. Потоа односот на админстрацијата кон граѓаните или неможноста да добиете административен одговор во законски утврден рок, спороста на работата на Народниот правобранител и неговите надлежности да ги заштити основните наши граѓански права од самоволието на институциите.
5.Слободата и изразувањето на медиумите: Правната рамка не е целосно усогласена со acquis на ЕУ, транспарентноста на медиумите останува слаба, а медиумите од јавниот сервис се уште се соочуваат со предизвици во управувањето и финансирањето.
Прашањето за медиумите е исклучително значајно прашање, бидејќи медиумите директно влијаат врз креирањето на општественото мислење, токму тие го спроведуваат пропагандниот политички наратив кои властите им го наложуваат низ коруптивни постапки и законски не решени прашања. Оттука имаме забелешки дека најпрво правната рамка не е уредено со ЕУ. Транспаретноста или коректното известување е слабо, а јавниот сервис има проблем со управувањето односно е ставен под директно влијание-управа на владата. Понатаму се вели дека нема транспарентност во сопственоста на медиумите што дава можност повторно да има политичко и финансиски влијание, поради што се посочува и влијанието на системот за државно рекламирање што е ризик за слободата на медиумите.
И тука ќе застанеме во однос на фундаменталните права и слободи, демократијата и владеењето на правот, односно судскиот систем. Ќе кажеме неколку реченици за некои други поглавја од Извештајот на ЕК а кои се однесуваат на нашето секојдневно нормално живеење. На пример во делот за борба против сериозен и организиран криминал имаме „ограничен напредок“ и дека го немаме усогласено законодавството за борба против нелегална трговија со дрога и оружје со законодавството на ЕУ.
Тука мора да напоменам дека ЕК забележува дека се уште не е донесен новиот Кривичен Закон кој всушност треба да регулира многу вакви прашања околу борбата против организираниот криминал, но и корупцијата посебно по укинувањето на ставовите од членот 353 во Декември 2022 година. Нели тогаш Мицкоски ветуваше дека веднаш штом дојде на власт ќе ги врати тие ставови, но еве 16 месеци подоцна откако е власт нема ништо од тоа.
Во делот за правата, слободата и безбедноста се констатира „ограничен напредок“ и нема понатамошно усогласување со законодавството на ЕУ во областа на миграциите и азил, нема зголемување на оперативните капацитети на институциите кои се борат против организираниот и финансиски криминал и не постои ефективна имплементација и следење на стратегиите за борба пртоив теороризмот и екстремизмот (2023-2027).
Ова се обврски на владата во однос на советникот на премиерот за безбедност и одделот за борба против тероризам и екстремизам при владата, како и активности и обврски во рамките на Министерството за внатрешни работи (шија му га Ѓура) и Финансиската полиција, во координација со обвинителството.
Прашањето за науката и истражувањето се кратко дефинирани како „нема напредок“. И како да очекуваме напредок на Македонија кога науката и истражувањето ни се во стагнација – добро е не назадуваат што би рекол колегата Мицкоски како универзитетски професор и Мицкоски како неприкосновен мандатар.
Во областа на транспортот и врските Извештајот на ЕК констатира „многу ограничен напредок“, потенцирајќи ги: бавните инфраструктурни проекти, застарениот и слаб железнички систем, неусогласеност на acquis во воздушниот сообраќај и посебно безбедноста на патниот сообраќај и зголемениот број жртви во сообраќајот на патиштата. Извештајот посебно бара од Македонија, целосна усогласеност на обврските и правилата за безбедност во сообраќајот, завршување на коридорите 8 и 10 и подобрување на независноста на регулаторните тела.
Едноставно, реконструкцијата на 24 км на железница околу Скопје за божем помош на град Скопје и формирање на некаков си градски воз е што би се рекло, „пресипување од шупливо во празно“. Така нема да се подобри железничкиот сообраќај во Македонија и нема ништо да има ниту од карго сообраќајот а не пак патничкиот сообраќај. Решението на градскиот превоз во Скопје бара системско решение и комплексно решение кое градот без поддршка од владата нема да може да го направи.
Посебно изненадува тоа што 10 години подоцна кога бевме испред ЕУ во однос на жртвите во сообраќајот на патиштата сега се враќаме во фокусот на внимание. Како да секоја година имаме војна на патиштата низ Македонија и жртви кои се бројат со стотици, а пред само десетина години успеавме да имаме помалку од сто жртви во сообраќајот на патиштата.
Во областа на земјоделието, Извештајот на ЕК констатира „ограничен напредок“, а во некои гранки од земјоделието дека „нема никаков напредок“. Се прашувам што тоа работи министерот и министерството кога немаат никаков напредок во некои гранки, дали воопшто имаат некаква идеја за тоа како треба да се движи земјоделието како важна гранка на економијата и пред се преживувањето на македонските граѓани. Нам ни е итно потребно да почнеме самите да ги задоволуваме потребите за храна на нашето население, а не да се потпираме на увоз и да немаме никаков напредок и тоа да ни го констатира ЕУ. Но, добро е, нема назадување, се уште не сме почнале да гладуваме колективно, или се уште понешто сами произведуваме, до кога, не се знае.
На крајот ќе потенцираме неколку клучни заклучоци од Извештајот на ЕК:
1.Клучните реформски процеси занчително се забавија.
2.Владеењето на правото и борбата против корупцијата не дадоа видливи резултати.
3.Судството нема напредок, нарушена е независноста и финансиската автономија.
4.Нема напредок во борбата против организираниот криминал и конфискација на имот.
5.Нема напредок во заштитата на животната средина, отпадот и загадувањето.
6.Нема напредок во транспортната инфраструктура и оспособувањето на Коридорите 8 и 10.
7.Потребни се конкретни пресуди, завршени случаи и заплена на имот.
Крајниот заклучок на Европската Комисија во својот Извештај за Макеоднија во 2025 година е дека: МАКЕДОНИЈА ЗАБАВИ СО РЕФОРМИТЕ!
И толку од решавањето на домашната задача, по 16 месеци влада на Мицкоски имаме потполно забавување со реформите или што би рекол самиот Мицкоски: „добар е Извештајот, нема назадување“, се наоѓаме во позитивна нула. Дури и пред Албанија сме заедно со Србија ќе рече Мицкоски. Или читај „ЕУ не мрази нас Македонците и Србите, а ги фаворизира Албанците“.
Но тоа е однапред подготвен, нарачан, испланиран и опасен анти ЕУ наратив за кој на почетокот пишував, за негова детална анализа треба повеќе време и простор. Сериозно треба да анализираме вакви опасни наративи. Сепак, несомнено тоа ќе го направат од ЕУ, како рано предупредување кое ќе ни е на штета на сите нас. А нам. Арно ни е, ако ни е.
Оливер Андонов