(или за тоа како некој се обиде да му го смести на Роџер)

Неделата која е зад нас на јавна сцена донесе неколку клучни и конкретни показатели каде плови бродот Македонија и кој се сѐ обидува да управува со него. Токму се обидува, бидејќи никој вистински не управува со цел да ја внесе Македонија во ЕУ. Како и да е, главната констатација е дека нашите политиканти, преку разни облици на измами и игри, го доведоа бродот (државата Македонија) во сивата зона. Односно, намерно не направија „чардак ни на небо, ни на земја“.

На нашите превртливи интриганти, кои се претставуваат за политичари, им успеа да ја претворат филмската реплика во реалност, односно да не „отпишат“ од западот, а да не нѐ „запишат“ на истокот. Токму така како што на истокот и му одговара, да има земја членка на НАТО која формално е во НАТО (е за западот), но всушност му прави услуги на истокот, а на штета на западот. Таквата лимбо состојба на Македонија најмногу и одговара на Москва. Само во сива зона таа може да креира свои хибридни политики и режими кои ќе го држат регионот во нестабилност, односно ќе зрачат нестабилност од секаков аспект, а најмногу безбедносен. А што повеќе да посака Москва отколку еден ваков сив простор полн со омраза и недефинирана политичка номенклатура, лесно поткуплива политикантска „елита“ и уште полесно манипулирани граѓани кои меѓусебе ќе се мразат и таа омраза ќе ја шират во регионот. Тоа долгорочно ќе ја прави ЕУ нестабилна на нејзиниот безбедносен простор и ќе ги прави САД, НАТО и ЕУ полни со недоверба кон Македонија.

Ваквото изневерување на нашите партнери во ЕУ и НАТО и на нашиот стратешки партнер САД дојде токму од Османи. Многу интересно, но и не толку за оние кои ја познаваат во длабочина политикантската сцена во Македонија.

Интересно е да се запрашаме: „Зошто Османи како претседавач на ОБСЕ (тоа некако тенденциозно го истакнуваше повеќепати дека тој е претседавач на ОБСЕ, а не Македонија) го покани Лавров да дојде на самитот на ОБСЕ во Скопје“? Онаа оправдување дека не можело да не се покани Русија како основач на ОБСЕ е ништо повеќе од политикантска измама кон граѓаните и особено кон нашите партнери од ЕУ. Политичката прагма ни кажува дека основното прашање кое Османи во заштита на принципите на ОБСЕ требаше да го постави пред меѓународната јавност е: „Зошто Русија како основач на ОБСЕ, токму ги прекрши принципите на европската безбедност со агресија врз Украина“? И толку околу тоа зошто Османи го покани Лавров и при тоа дури и бараше од нашите соседи да му овозможат слободен прелет низ нивниот воздушен простор. Дури и оправдувањето дека тоа го направил „во договор“ со нашиот стратешки партнер излезе како класична дезинформација бидејќи и Блинкен и Борел си заминаа во моментот кога Лавров пристигнуваше. Со тоа испратија јасна порака до Лавров, до сите членки на ОБСЕ, но најголема порака до нашите политиканти, посебно до Османи. Сега Османи нека се правда како претседавач на ОБСЕ по разни прес конференции, но за жал Македонија тешко ќе се оправда. Интересно е што во врска со доаѓањето на Лавров оправдувања бараше и Ковачевски, а Мицкоски реши да молчи. Едните се правдаат за пред народ што би се рекло, а другите не се мешаат во работата, за да бидат лојални  на нивните газди. Како и да свртиш всушност сите три „страни“ и СДС – ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ си ја завршија својата ролја (стокмена во Москва, Белград и Будимпешта). Многу безобразно кон сите нас, кон нашата татковина Македонија, но и кон нашите партнери од ЕУ, НАТО и САД и пред се нелојално однесување.

Е сега, „Зошто дојде Лавров“? Сигурно не дојде за да и даде поддршка на Македонија, членка на НАТО за членство во ЕУ. Едноставно е, на Русија, Македонија не и е ни на крај памет, освен како плацдарм за хибридна војна против ЕУ и САД. Лавров дојде за да го реализира ПР планот на Русија кој пак е многу прозаичен. Најпрво Русија преку Македонија (за наша жал), како земја членка на НАТО, најбезобразно беше злоупотребена преку нашите политиканти и ја проби дипломатската изолација воспоставена скоро две години токму од ЕУ и САД. Се појави на највисоко дипломатско ниво во Скопје и тоа го искористи за, веќе виден, пропаганден спот на себепромоција. Имено, на самиот настап на самитот на ОБСЕ на највисоко ниво Лавров истури отров, клевети и навреди врз ЕУ, САД и НАТО, прикажувајќи ја Русија како божемна жртва, а со цел да ја оправда агресијата врз Украина. Потоа, на прес конференција повторно Лавров, продолжително истури отров, повторувајќи ги истите цели, но сега обидувајќи се да ја претстави Русија како заштитник на меѓународното право и на малите држави кои „лошите“ ЕУ, САД и НАТО ги понижуваат и обесправуваат влијаејќи врз уништувањето на нивниот идентитет, суверенитет и национална чест. Јасен и на јавна сцена видлив пропаганден парен ваљак на Москва. При тоа, Лавров намерно заборави да напомене дека токму Русија е замешана не само во војната со Украина каде што по сите меѓународно-правни акти и параметри е агресор, туку и дека водеше војна со Грузија, но е и замешана во Ерменија.

И така дојдовме до Марија Захарова, официјалниот ПР на Лавров, која само пред десетина дена го нападна Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, дека провоцира воени дејствија и нестабилност на Балканот при посетата на Столтенберг на Босна и Херцеговина, земја која не е членка на НАТО. Токму Захарова тврдеше пред доаѓањето во Скопје тврдеше дека имало многу барања за средба со Лавров на маргините на самитот од кои тие (Москва) немало да бегаат, за на крајот да видиме дека тие мнозина се сведоа на Унгарија и Ерменија. За Ерменија ми е јасно и разбирливо, тие јадните си имаат голема регионална мака стиснати од сите страни поради што мораат до крајност да балансираат. За Унгарија не ми е разбирливо, но сепак ми е јасно. Унгарија како земја членка на НАТО и ЕУ направи преседан надвор од другите држави на ЕУ и заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата. Тука може да наведеме многу причини за тоа зошто така постапи Унгарија, но во оваа колумна нема да се занимаваме со прашањата на ролјата на Унгарија дури и во нашите внатрешни Македонски прашања и партиски прашања во ВМРО-ДПМНЕ. Важно е да забележиме дека ниту Блинкен (официјален Вашингтон), ниту Борел (официјален Брисел), ниту било кој од ЕУ или НАТО државите не се сретна ниту случајно со Лавров, сите избегнувајќи било каква средба со него. Состојбата на самитот на ОБСЕ беше до толку поларизирана и непријатна за Македонија и поради фактот дека Полска, Украина и Балтичките држави го откажаа присуството на највисоко ниво и тоа со право. Колку за подсетување, станува збор за земји членки на ЕУ од кои зависи нашиот пат кон ЕУ. Но не се секирам многу, нашиот Доктор, политичкиот „вундеркинд“ Бујар Османи, сигурно има подготвено стратегија. Оваа непријатност која континуирано лебдеше во воздухот покрај обидот за оправдувачки прес конференции на Османи, неможеа да ја намалат ниту изјавите на високите гости дека самитот е добро организиран.

Како и да е, Лавров, благодарение на исфрустрираниот и инфантилниот Османи (за причините во друга прилика ќе дебатираме) и неактивноста и збунетоста на Ковачевски (и за оваа „смотаност“ може да дебатираме, но не сега), и очекуваното молчење на подлизуркото Мицкоски (кое нема потреба да го образлагаме, бидејќи е познато, а беше и видливо од билатералните средби на самитот), успеа да си го реализира својот ПР план до крај, најбезобразно, вулгарно и директно. Ова го направи до степен што можеше да се почувствува дека Лавров поттикнува на војна на Балканот, како помеѓу балканските народи, така и помеѓу државите. Впрочем, ја потврди изјавата на Володимир Зеленски, дека Русија подготвува војна на Балканот (Босна, Косово или Македонија). Во тој контекст Лавров истури силен отров, а при тоа упорно ја претставуваше Русија како невин заштитник на меѓународното право и жртва во меѓународните односи која е присилена да се брани од НАТО и ЕУ. Дури, доведувајќи го во прашањето опстанокот на ОБСЕ на кои нели се основачи. И така се враќаме на почетната лага дека морал Османи да ја покани Русија како основач, а во својот говор за ПР цели, Лавров токму го нападна ОБСЕ дека е инструмент на политиките на ЕУ и НАТО и го доведе во прашање опстанокот на оваа меѓународна организација за безбедност и соработка. При тоа, највидлив беше обидот да се сведат обвинувањата врз ОБСЕ на тоа дека е организација за решавање на кадровски прашања и успее во неизгласување на буџетот на организацијата за следната година. Ова со цел да се уништи организацијата или на некој начин да ја стави под контрола и во интерес на Русија. Во тој контекст на пропаганда, Лавров дури и директно и највулгарно ги навредуваше Блинкен, Борел и другите и сето тоа на македонска почва, со македонска дозвола. Толку од конструктивната улога на Русија во ОБСЕ како основач, но и видливото единство на ЕУ и НАТО (со мали исклучоци) во однос на однесувањето на Русија на меѓународната сцена. Обидот за измамничко однесување и политикантски игри на Османи и владата на Македонија за два дена токму благодарение на Лавров и неговото однесување паднаа во вода и се виде дека „царот е гол“. И не му е грижа на Лавров за тоа што некој остана гол пред нашите партнери од ЕУ и НАТО, туку е задоволен од успешната ПР активност и уште повеќе од ставањето на Македонија како земја членка на НАТО во сивата зона под влијание на Русија.

Од оваа искуство сега по самитот на ОБСЕ во Скопје, дали е јасно зошто како внатрепартиска фракција предупредивме уште одамна дека и СДС несака да бидеме во ЕУ и дека Мицкоски е само добар изговор со својата анти ЕУ и анти САД политика затскриена зад задоцнет национал-романтизам. Дека уставните измени се само изговор за Македонија да не продолжи кон ЕУ и да биде сива зона-полу држава, Приднестровие 2.0. и секако клин во јужното крило на НАТО, на што исто така предупредувавме. Уште повеќе станува јасно дека и во ДУИ има група која не сака Македонија да биде дел од ЕУ. Ова е веќе проблем за самата ЕУ и за нашиот стратешки партнер САД, а се однесува на тоа каква ќе биде нивната реакција и позиција во иднина кон нас како држава, но уште повеќе кон нашите политикантски измамници и нивните игри.

Вториот клучен настан од мноштвото настани кои се случија минатата недела, а кој заслужува внимание во оваа колумна е средбата на помошникот државен секретар на САД за Европа и Азија О’Брајан со Мицкоски.

Отиде Мицкоски откако беше повикан во амбасадата на САД на средба со О’Брајан, но не отиде за да понуди решение, туку за да направи ПР. Ова со ПР-от ми изгледа нешто слично како оној претходно спомнатиот ПР. Впрочем може да забележиме дека се работи за иста политичко-манипулативна и пропагандна школа. Така Мицкоски објави слики со свој коментар на ФБ профилот, на која објава со спротивен став излезе Амбасадата на САД во врска со содржината на разговорите. Откако Мицкоски преку своите ботови се обиде на социјалните мрежи да се прикаже дека ете тој е клучен фактор во Македонија кој не е изолиран, се случи невообичаеното интервју за МТВ на О’Брајан. (Ние како внатрепартиска фракција во врска со овие пораки до Мицкоски и неговото клиентелистичко раководство искажавме и свој официјален став). Сепак, главната поента во интервјуто на О’Брајан е повикот до сите нас граѓаните, добро да размислиме околу гласањето на изборите. Интересен и невообичаен начин за комуникација со граѓаните и укажување на погрешните – катастрофални политики на Мицкоски кон партијата и кон Македонија. Но уште повеќе е значаен апелот и алудирањето на нашиот граѓански демократски капацитет и јасно покажување дали сме за членство во ЕУ или за ретроградни политики низ мрачните балкански сокаци.

Како и да е, не е прв пат Мицкоски да има различни толкувања на тоа што го разговарал со меѓународните претставници и амбасади во Македонија, но прв пат е да имаме вака директни пораки од високи претставници и тоа на нашиот стратешки партнер. Во врска со ова треба да се замислат не само сите нашите сопартијци, уште повеќе треба да се замислат граѓаните.

Главниот аргумент на Мицкоски дека го заштитува националниот идентитет на нас Македонците е глупав аргумент, бидејќи опстанокот на македонскиот народ, неговиот македонски идентитет и култура е загарантиран во рамките на ЕУ. За тоа може до бескрај да наведуваме аргументи, но еве за сите оние кои се повикуваат и жалат по Југославија имам едно прашање: „Дали македонскиот идентитет доживеа свое државотворно, јазично, културно и црковно дефинитивно оформување во југословенската заедница по Втората Светска војна“? Одговорот е несомнено ДА. Во тој, тогашен, геополитички контекст и под заштита на сите народи на тогашна Југославија на меѓународна сцена се штитеше македонскиот идентитет кои и тогаш некои го оспоруваа. Денес замена за југословенската држава за нас македонците е ЕУ и така треба да гледаме на Унијата во чии рамки македонскиот идентитет ќе биде потполно заштитен од секаков националистички и негаторски испад против македонскиот народ и македонската држава. Тоа е принцип на ЕУ и покрај тој принцип можеме до бескрај да зборуваме за предностите кои како македонски народ ќе ги имаме во промоцијата на македонскиот идентитет кај и помеѓу нашите сонародници во соседството, во ЕУ и во светот. Така и оваа измамничка и политикантска игра на Мицкоски дека со невлегување на Македонија во ЕУ ќе го заштити македонскиот идентитет е само една најприземна и тоа лукративно мотивирана измама. А јавното тврдење дека македонскиот народ, македонската нација, сите македонски граѓани на следните избори ќе ги поддржат неговите погубни политики е само лузерска политикантска игра која ВМРО-ДПМНЕ ќе ја воведе во повторен политички пораз, којзнае кој по ред откако Мицкоски ја узурпираше партијата за свои лукративни цели. Но доколку наседнеме на измамите и политикантските игри, одговорноста за штетите врз губењето на македонскиот идентитет кој нели Мицкоски го брани, и тоа што ќе бидеме држава во сива зона, ќе го носиме самите ние како граѓани, а пред се ние Македонците како стожер на македонската државност. Токму ние Македонците ја имаме најголемата одговорност да не наседнеме на измамите и политикантските игри на лажните патриоти. Да се спротивставиме на обидите да ни го сместат.

Случувањата минатата недела, колку и да беа тешки, многубројни и збунувачки, претставуваат слика за јасниот, исправниот и конзистентниот став и пат на внатрепартиската фракција за демократизација и ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ во хибридната квазимакедонска и квази политичка квазисцена која за жал сите ние македонски граѓани ја живееме, помалку и по своја вина, затоа што веројатно сакаме многу да бидеме лажени.

На крајот, се поставува еден логичен заклучок. Некој се обиде „да му го смести на зајакот Роџер“ и по се изгледа успеа. А зајакот Роџер? Е зајакот Роџер е Македонија – ова за да нема шпекулации што сакам да кажам и да подлегнете на измами и политикантски игри. Дали ќе ни го сместат до крај, зависи само од нас македонските граѓани, а тоа јасно ни го кажа и О’Брајан, појасно здравје.

 

Оливер Андонов

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *