И бидна и тоа чудо, од Бељаковце до Петровец via Вашингтон и Њу Јорк. Повторно истите будалаштини за збудалување на Македонецот. Аман бе ….тииит, од каде ти текна да ги проблематизираш МАКЕДОНСКИОТ НАРОД И ДРЖАВНОСТ низ глупавата флоскула за божем „македонското прашање“ и неговото не затварање или отварање (како да сме конзерва, отвори-затвори, стави во замрзнувач). Најпрво, не постои таканаречено „македонско прашање“ тоа е оксиморонски, посебно во современието. Второ, Македонија е независна држава, значи постои македонска држава не само формално, туку и суштински како меѓународно правен субјект (па нека во овој момент ја нарекуваат и Северна на што и ти кумуваше). Трето, постои македонски народ со сите атрибути на народ а последно, токму ти бе…. тииит, си премиер на таа македонска држава и за себе самиот велиш дека си Македонец. Е па доколку толку те боли и пече за Македонија, зошто бе …. тииит ја проблематизираш сопствената држава и народ зборувајќи за некакво „македонско прашање“ кое не е затворено. Божем ти бе …. тииит си најголемиот борец за Македонија и македонскиот народ, и види мајката, нема да го затвориш прашањето кое ти го отвораш додека си ти премиер. Е па, браво бе…. тииит, дојде од САД и веднаш во Петровец на робусниот економско-социјален-инфраструктурен проект се изнатресе глупости и остана жив.

Но да се вратам јас на колумната и нема повеќе да коментирам околу твојата прошетка во САД, чекајќи ги брзите и интензивни резултати од истата, но нема, не сакам да поминам преку твоите будалаштини во обид да се претставиш како гооолем патриот – Македонец и заштитник на македонскиот народ и држава, а при тоа преку постапките да го правиш токму спротивното. Не треба никој од Бугарија, Грција или од друга држава да го поставува „прашањето“, бидејќи наместо нив ти го поставуваш. За мене, а и верувам за мнозинството Македонци тоа прашање не постои, јас сум Македонец и живеам во македонска држава-Македонија (уставно наречена со придавката Северна) и тоа за мене и мнозинството Македонци е факт дека сме Македонци и тука нема никакво „прашање“ кое ти го поставуваш и проблематизираш заради дневно политички лични цели. Или можеби ти не си сигурен во тоа дека си Македонец, па тоа го правиш наше?

Во претходната колумна Ви напоменав дека одамна на ум ми е една колумна преку која сакам да се обратам до моите сопартијци, иако токму поради будалаштините на инстант вмровците не може да постасам. Идејата е да се обратам со цел повикување на здраво разумско расудување кое треба да го втемелат во меморијата, искуството и праксата внатре во нашата партија ВМРО-ДПМНЕ за изминатите триесет и пет години. Токму не размислувањето туку голтањето на сите фекалии кои раководството ќе ви ги сервира е основ за да дојдете до одговор на прашањето: „Зошто се наоѓате во состојбата во која се наоѓате“? Втората причина за вашата пониженост во општетсвото и во партијата поради што буквално се молите на овие инстант вмровци да ви ги решаваат егзистенцијалните проблеми е вашата определеност за краен индивидуализам до ниво на полтронство. Тука владее принципот: „Моето да помине па за другите не ми е гајле“. Тоа не е партиска дисциплина, туку оправдување за обично вулгарно полтронство.

Се додека го имате овој принцип на однесување и не се вртите и загледувате околу себе, посебно во партијата каде членувате, ќе ги имате овие ефекти и тоа првенствено врз вашиот личен живот и животот на вашите семејства. Резултатите за многу бргу ќе бидат трагични и тоа ќе го видите и почувствувате кога вашите деца – нашите идни генерации, ќе ги гледате на Вибер и тоа кога тие ќе имаат време за вас. Едноставно, идните генерации ќе се иселат од ваквата Македонија. Тоа значи дека државата нема предвидлива и планирана иднина, нема ниту едноставна иднина.

Кога ќе нема доволно млад и образован потенцијал тогаш не можеме да очекуваме ниту било каков општествен напредок, бидејќи за многу бргу 10-15 години државата ќе ја водат необразовани (со купени дипломи), неспособни медиокритети кои според научениот принцип на општествено поведение ќе се однесуваат потполно исто и кон идните генерации. Тоа е спирала на негативност во општеството која се потешко ќе се сопира, дури ќе се доведеме во состојба кога тоа ќе стане невозможно. Едноставно, не квалитетот создава поголем не квалитет и така до без крај.

Наместо државата да го зголемува бројот на население и со тоа и економскиот потенцијал, ние имаме драстично намалување на младата популација. Во меѓувреме инстант вмровците ќе заземаат партиски и државни позиции благодарение на лични врски и сомнителни квалитети кои немаат врска со знаење, образование или партиско-идолошка определеност и партиски стаж.

Тоа е така затоа што покрај тоа што не размислувате и расудувате за вашата улога во општеството и партијата, не успевате да ја разберете и пораката која како Внатрепартиска фракција ви ја претставуваме – испраќавме скоро секојдневно. Секако, читавте, но не сакавте да прифатите, бидејќи мислевте дека политиката е исклучиво и само лична прагма за решавање на сопствените егзистенцијални прашања преку слепа послушност и полтронство токму кон оние кои инстант ви ги донесоа во партија и на власт. А дојдоа на власт благодарение на сите нас, на нашата работа, на членувањето во партијата и на крајот на гласањето. Но грешката, фалинката е настаната во основа на процесот. Дали некогаш сте се запрашале на кој волшебен начин вашиот кандидат за пратеник (од вашиот ОК) дојде до тоа да биде кандидат за пратеник? Каква беше процедурата за токму тој-таа да биде на листа за пратеници? Кои критериуми беа дефинирани за да може некој да се кандидира и дали воопшто вие лично имавте удел – глас во тој избор? Впрочем, запрашајте се дали вие како членови на МК, ОК на ВМРО-ДПМНЕ имате било каква улога во изборот на претседателот на вашиот МК, ОК? Дали ќе имате било каква улога во изборот на кандидатот за градоначалник и советници? Во оваа поставеност во партијата сигурно никој ништо нема да ве праша. Дури и ќе ве лажат дека сега е времето да трчате на избори а потоа ќе ви ги решат егзистенцијалните прашања. На крајот повторно инстант вмровците кои преку ноќ како лични пријатели на Мицкоски ќе станат државни или општински функционери ќе треба да ги молите и со судни маки да стигнете до нив за да се обидете да решите некој ваш егзистенцијален проблем. А тие? Тие нема ниту да се сетат на вас, затоа што никогаш немале вмровска идеологија, никогаш во рамките на Месниот или Општинскиот комитет не живееле, работеле со вас, не ве запознале како луѓе како свои сопартијци, немаат емпатичност кон вас, не споделуваат ништо заедничко со вас. Нивната единствена цел е да се доберат до функцијата која Мицкоски или некој друг „фактор“ во партијата им ја ветил и која ја сакаат исклучиво од лични лукративни цели. Нив не ги интересира партијата и тие ќе се држат во партијата (како организација) не до идеологијата, етиката, честа, туку исклучиво за да истата таа партија, односно сите вие им биде заштита од прогон поради нивните криминали додека биле функционери и да во јавноста се претставуваат како жртви на политички прогон и повторно да ги зачуваат и остварат своите лукративни цели. Вие – ние, …???

Додека ги трошат нивните функции со сите сили ќе ви се претставуваат како огромни патриоти кои гинат за Македонија и оставаат срце на терен во Вараждин на пример, мавтајќи со знаме, сонцето од Кутлеш, и при тоа подигајќи тензии дека сега и Хрватите не не сакаат. Одлично сервирани фекалии повторно според рецепт од кујната на Вучиќ. А Хрватите и Словенците и во СФРЈ никогаш немаа омраза или негативни тенденции и интереси кон нас Македонците. Но вие ќе гровтате нахранети со квази национализам, а нема да се запрашате како тоа скоро сите државни и партиски функционери се нацртаа во Вараждин и со чии пари. Еве јас сум универзитетски професор без лични егзистенцијални проблеми, а сепак не можам да си дозволам да отпатувам до Вараждин и таму да престојувам 4-5 дена бидејќи тоа ќе ме чини најмалку илјада евра, а за двајца или тројца тоа се мултиплицира. Ете така драги мои сопартијци ќе ви постираат слики на ФБ кои вие ќе ги лајкувате за да им се додворите, повторно во надеж дека од нивните директорски – министерски или не знам какви позиции ќе ви ги решат егзистенцијалните проблеми за корка леб. Ќе ви покажуваат слики на ФБ како шетаат низ Вашингтон и Њу Јорк, а вие како недоветни ќе им лајкувате без да ги прашате каква полза донесоа за Македонија трошејќи ги нашите пари за шетање на дестинации за кои вие можете само да сонувате. При тоа, гледајќи ги вашите малоумни и полтронски лајкови тие ќе се потсмеваат радувајќи се колку „будали“ има, и ќе ви глумат патриотизам поради кои ете страдаат шетајќи се низ белиот свет и бранејќи ја Македонија. Ќе не лажат дека имаме „симпатии“ и „разбирање“ во светот а всушност на наш трошок за личен ПР ќе се шетаат и нема да имаме никаква полза од нивното „разбирање“ и „симпатии“. Па запрашајте се само што бара заменик министерот за европски интеграции Викторија Трајков (патем, ја познава ли некој во било кој месен или општински комитет како наш активист со години) во Вашингтон. Каква врска има министерството за европски интеграции со лобирање и активности во САД? Во исто време чудно е зошто на состанокот на министри за надворешни работи на југоисточна Европа во Киев присуствува министерот за европски интеграции Муртезани во придружба на заменик министерот за надворешни работи. Како врв на лицемерието на оваа влада на Мицкоски на меѓународно ниво и при тоа сомнителното однесување во рамките на НАТО е не испраќањето на македонскиот дел од воената помош за Украина веќе со месеци. За кого тоа всушност работи оваа влада на Мицкоски додека во исто време Муртезани потпишува договори за взаемна помош со Украина на патот кон ЕУ. Ова е трагично за сите нас, не е воопшто смешно. Кој е овде будала, а кој се прави на будала?

И може вака до бескрај да ви пишувам, глаголам и објаснувам, решението е во вас, односно дали ќе се освестите дека вие – членовите на ВМРО-ДПМНЕ (обичните членови како што љубат да ве нарекуваат) сте клучни за функционирање на партијата, а со тоа во ваши раце е и партиската и професионалната кариера на сите министри, директори, пратеници, градоначалници и други партиски и државни функционери.

Едноставно е, сите нив на тие „нивни“ функции вие – ние, ги поставивме. Ние сме им работодавачи, а тоа значи дека ние можеме и да ги отпуштиме од работа доколку не сме задоволни од нивната работа или работат на штета на државата, партијата, сите нас. Тоа значи дека не треба ние да ги молиме за егзистенцијални решенија, туку да побараме јавно од сите нив одговорност за нивното не работење и не создавање нормални услови во општеството секој на нормален, уреден со закон начин и согласно сопствените знаења, вештини и образование ги решава сопствените егзистенцијални потреби и граѓански права. Во исто време во партиската структура, политичките – партиски функции да ги добиваат исто така личности со интегритет, знаење, образование и посветена долгогодишна партиска работа на волонтерска основа.

Како може тоа да се направи во пракса ќе Ви објаснам низ една од следните колумни низ призмата на програмата на Внатрепартиската фракција во ВМРО-ДПМНЕ која се појави токму за да ги спречи злоупотребите и лукративноста на „нашите патриотски“ функционери.

И ве молам драги мои сопартијци, запаметете го следното: „Секој политички арамија, со цел да ги заштити своите лукративни интереси и да ја сокрие својата неспособност, незнаење и простотилок се крие зад вулгарниот и непотребен национализам“.

Исто така, кога ќе ги молите да ви решат некое егзистенцијално прашање помислете на тоа дека не се толку големи доколку вие престанете да сте на колена и се исправите. Ќе видите колку се мали и ништожни инстант вмровците.

Вучиќ е пред тресок, затоа што во Србија се разбуди граѓанската совест на српските граѓани наместо полтронството и клиентелизмот во СНС, а кај нас во Македонија Мицкоски на најсилно ја спроведува политиката на Вучиќ, дури и на секојдневните прес конференција нарачува прашања во манирот на Вучиќ: „што мислите за ставот на опозицијата и како го коментирате“?, звучи многу познато. Доколку ова не го гледате драги мои сопартијци тогаш сте многу слепи или сакате да бидете слепи. Доколку го гледате чудно ќе е да не сте свесни дека само демократизација и ревитализација на нашата партија ВМРО-ДПМНЕ ќе не спаси како партија од судбината на СНС и најмногу од се ќе ја спаси Македонија од вучичевиот синдром и продуцирањето на внатрешни етнички и политички конфликти за да некој може да се богати на нашата мака.

А од инстант вмровци нема ниту долгорочни, а не пак инстант резултати како што јавно се обидува да се оправда Мицкоски седум месеци по силните предизборни ветувања. Нема долгорочни резултати ниту за Македонија, а уште помалку за нашите сопартијци од ВМРО-ДПМНЕ или пак за граѓаните на Македонија. Да сме живи и здрави и набргу ќе видиме дека како Внатрепартиска фракција сме во право со нашите анализи и забелешки за политикантството и недемократичноста на Мицкоски.

 

Оливер Андонов

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *