Многу е смешно драги мои сопартијци, драги мои сограѓани, кога сега на една година пред локалните избори кои патем сосема случајно, може да бидат и малку порано, ние секојдневно да се забавуваме со односот на Мицкоски и неговите полтрони кон Арсовска. Во таква изнасилена траги-комична состојба на политикантски растурања пердуви за да се збунат граѓаните на Скопје, а и сите во Македонија, доаѓаме до најтрагичната констатација за сите нас, онака колективно. Политикантските субјекти во Македонија не третираат како глупава, неписмена, неспособна, несвесна, неосознаезна маса која треба согласно нивните ПР политикантски стратегии да излезе на избори во доволен број и да гласа за нив. Ова посебно нагласено се однесува за членовите на ВМРО-ДПМНЕ, нашите сопартијци. И го знам оправдувањето, изговорот за оваа однесување. Па ние сме лидерска партија. Од друга страна ќе слушнеме: „па за кого да гласаме“? Потоа ќе слушнеме исто така глупав коментар: „не ме интересира политика“. И се така во недоглед разни изговори. Всушност, навистина се работи за необразованост, немање критички поглед на светот и случувањата околу нас, но најповеќе за немање храброст да се влезе во отворена борба со јасни цели за Македонија, за нашата и иднината на нашите поколенија. Едноставно македончето сака да биде водено и лажано, по можност да не презема никакви одговорности не само за државата, за организацијата или институцијата во која работи, туку и за семејството па дури и за самиот себеси. При тоа има едноставно – простачко самооправдување, колку да си ја смири совеста која во него се буни: „не сум јас виновен, други така одлучиле“. Затоа и не работат како бавча, секогаш некој друг ни е виновен, а најчесто токму оние кои најмногу ни помагаат како САД, ЕУ и НАТО. Затоа и во рамките на нашата партија ВМРО-ДПМНЕ немаат храброст да ја критикуваат (не)работата или политикантските глупости на Мицкоски или пак јасно да ја поддржат Внатрепартискта фракција кон која пристапуваат да се исплачат или да купат нешто за да искодошат, повторно за некоја ситна лична полза. И повторно, во прашање е немањето способност за критичка анализа и храброст јавно да се каже вистината и сопствениот став и да се побара одговорност од секој оној кој направил штета врз државата Македонија, манипулирал со граѓаните со вас како партиски членови, работи против интересите на Македонија, односно едно мисли, друго зборува а трето работи, па дури нека е и формално претседател на нашата ВМРО-ДПМНЕ, едноставно да не биде амнестиран од секаков вид одговорност. Така е токму затоа што сме со кратко паметење и си дозволивме да бидеме на оваа дерџе.
Но, да се вратам на насловот на оваа колумна преку кој токму сакам да ви упатам порака на освестување. Да не бидете со кратка меморија и да заборавите што се се случуваше пред само три години. За потсетување, прочитајте ја мојата колумна со наслов „Кандидати“ од септември 2021 година. Не дека сум пророк, не дека некој ми кажал, туку едноставно како активен член на ВМРО-ДПМНЕ и тоа полни 30 години имам одлична меморија за случувањата и грешките на партијата со кандидирање на „непартиски“ кандидати (сетете се на Пенов, Трифун). Како универзитетски професор не можам од лични причини и убедувања, а и не смеам поради мојата припадност кон академската јавност, но и како човек да си дозволам да премолчам повторување на грешките од минатото како фарса или трагедија врз моите сограѓани и сопартијци, без разлика дали се работи за државни или партиски грешки. И тука сакам да нагласам една многу важна работа. Имено, партиски успех не е да се добијат изборите по секоја цена и со измама на членството и граѓаните или нивните емоции. Тоа е краткорочен „успех“ кој подоцна се плаќа многу скапо, и токму поради таква непринципиелност – нечесност кон сопствените граѓани досега во изминатите триесет и нешто години плативме многу скапа цена. Но и тоа не можеме да го видиме, виновни ни се САД и ЕУ, нели. А кога сме веќе кај САД, а да си побараме ние Македонија да си биде педесет и прва држава на САД? Колку да не ни бидат виновни, а и да станеме сериозни.
Затоа драги мои сопартијци пред се, но и драги мои Скопјани, не се работи за тоа „кој прв кажа“ или „кој прв почна …“, да се обидува да си направи бизнис зделки во градот Скопје или пак „прв“ формално божем се извини за тоа што Данела ја предложи за кандидат за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ (а патем ниту ги праша членовите на партијата). Пред се, се работи за тоа дали некој поднесе одговорност за погрешните политички одлуки поради кои страда целиот град сите ние, а при тоа меѓусебната борба помеѓу Мицкоски и Данела трае и трае. Дали некој воопшто имаше храброст освен Внатрепартиската фракција да побара одговорност од Мицкоски поради тоа што ги излажа членовите на партијата и при тоа ги присили да трчаат и работат на терен. Дали тоа ќе ни се повтори на следните локални избори да трчаме пак за погрешен кандидат или можеби за прелетаните од СДС во ЗНАМ, за Максо, или за некој од ВЛЕН. За да се покрие оваа намера забавата наречена борба помеѓу Мицкоски и Данела ќе трае до локалните избори и потоа, затоа што пак потоа ќе треба да има оправданија. Во таа борба во која секој од нив има своја крајна цел и час се интензивира, час се смирува, во зависност од потребата за покривање на некои други политички случувања и повторно замајување на јавноста, единствена реална жртва се граѓаните на Скопје. И како што тргнало до локалните избори ќе гледаме секакви работи во борбата на Мицкоски против Данела при што ќе се тепаат до последниот граѓанин на Скопје и Шутка, секако.
Всушност, крајната цел е јасна, барем за Мицкоски, а тоа е да по секоја цена го освои Скопје. И не е грешка тоа што го напишав во претходната реченица, тоа е јасна цел на Мицкоски, не на ВМРО-ДПМНЕ. Да појаснам и зошто. Затоа што Мицкоски води своја лична политикантска и лична лукративна борба. Политикантска затоа што си мисли дека со победа во Скопје ќе се легитимира или поточно утврди себеси на местото претседател на ВМРО-ДПМНЕ и ќе си побара трет претседателски мандат во Декември 2025. Лукративна, затоа што по секоја цена, повторно со манипулации, ФБ статуси, општа пропаганда, ќе се обиде да го „убеди“ членството дека неговиот личен избор за кандидат за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ е најдобар избор, а тоа всушност ќе го направи со оној лик под некаква си маска за кој јасно ќе утврди (договори) бизнис и тоа како моментален во облик на кеш, така и долгорочен во облик на тајни содружништва и договори за разни бизниси со што долгорочно ќе си го молзе градот, односно граѓаните на Скопје. Затоа во јавноста на меинстрим медиумите, на социјалните мрежи, ви се нудат 2-3 имиња на потенцијални градоначалници на Скопје, создавајќи ви привидна слика за големата дилема или трилема или задуманост на „лидерот“ и негова загриженост за градот Скопје. Е па сега, членовите на ВМРО-ДПМНЕ од сите комитети на градот на Скопје, но тоа важи и за сите оние кои не живеат во Скопје, нека се замислат за две работи: Прво, зошто тие не се прашани да одлучат кој од нив ќе им биде кандидат за градоначалник и Второ, кој се ќе се најде на советничките листи без воопшто и да знаат, а ќе го гласаат. При таква понуда во чии рамки сите во партијата нешто се надеваат (за продавањето надеж веќе ви напишав) ќе излезат на гласање како овчички и ќе си гласаат, а потоа ќе трчаат по кандидатите – градоначалници и советници и ќе им бараат услуга, кога пак овие нема ни да ги забележуваат а не пак да им направат услуга, во кулоарите низ партијата ќе си шепотат против избраните (оние кои тие ги избраа), а понекој од шепкачите за да ќарат понешто ќе ги кодоши другите. Ете драги мои сопартијци, поради вашето не борење за внатрепартиска демократија при што сите ние како членови на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја контролираме работата на сите нивоа, функции, тела и органи на партијата, ќе имате вечно вакви резултати. Потоа новите генерации разочарани ќе си заминуваат од државата затоа што недемократијата во партијата произведува недемократија во државата, а според веќе виденото и бројот на активни членови на ВМРО-ДПМНЕ ќе се намалува и тоа драстично. Партијата се брани со идеолошка посветеност, знаење, политичка храброст и јасна цел за неа и за Македонија. Како што реков, кој тоа прв кажа или кој прв почна… беше.
И секако, повторно, кој прв почна. Тема која неделава не може да се избегне, повторно истата фарса во ФК Вардар, повторно некој нов Самсоненко во лицето на некаков си Турчин близок до Орбан. Повторно притисоци врз дел од сопствениците на клубот. Се е исто, кој ли прв почна…? Зошто никако не се научивме на веќе поминатите лекции на кој веќе еднаш паднавме. Голема поддршка за Комити, доколку некако конкретно можам да ви помогнам пријатели, за оној Вардар кој го паметам како дете кога во Крива Паланка помеѓу сите Ѕвездаши и Партизановци единствено јас така воспитан од татко ми Александар навивам за македонски клуб Вардар и скоро секоја недела одевме во Скопје да гледаме натпревар, тука сум.
Туку ме чуди една работа. Што ли бара во Вардар Миленко? Што го замешуваат овој лик? Не бе не е тој таков. Може Нело како шеф на кабинет на Мицкоски може да објасни онака јавно и елоквентно како што го прави тоа во четири очи со Комитите.
На крај и последната актуелна тема за оваа недела. Изборот на Шеќеринска за Заменик Генерален Секретар на НАТО (или поточно за еден од замениците). Во оваа прилика ја повторувам мојата честитка кон Шеќеринска посакувајќи да работи посветено и искрено за интересите на Македонија во НАТО и на геополитичката сцена. Моето идеолошко-политичко несогласување со неа и со некој нејзини постапки како потпретседател на СДС, особено кон Воената академија, тенденциозно малициозните постапки кон мене лично и поедини колеги додека беше Министер за одбрана ќе останат темна страница во нејзината кариера. Тоа ќе и го простиме како личносен однос и нејзина погрешна политички мотивирана проценка за однесување и постапување. Во исто време се надеваме дека е преумена и созреана во духот на западната демократија и очекуваме да покаже максимална посветеност во рамките на НАТО првенствено во однос на подигнување на Македонија на стратешко ниво и минимална лична суета и посветеност кон личните интереси. Што се однесува до „улогата“ на Мицкоски во изборот на Шеќеринска на високата функција во НАТО, многу сум сигурен дека воопшто не бил ниту прашан или прашањето било формално за да што се вели „му измерат ум“. Едноставно токму спротивно, изборот на Шеќеринска за Заменик Генерален секретар на НАТО е директна и сериозна политичко-безбедносна порака до Мицкоски која „некој“ се обидува во јавноста да ја претстави како притисок на НАТО кон Бугарија, што не е точно.
Во овој контекст ние ја доживуваме Шеќеринска на друг начин од многу причини, но токму Мицкоски е „виновникот“ за тоа зошто Шеќеринска беше избор на НАТО и како тој се однесува кон нашите обврски во НАТО. И засега толку за оваа тема, времето повторно ќе ни покаже колку за Македонија е важно да имаме Македонец во врвот на НАТО и директен учесник во геополитичките случувања и донесување одлуки. Како ова ќе го искористиме за остварување на националните интереси и која ќе биде следната политичка функција на Шеќеринска ќе видиме и зависи единствено од нашите способности да ја антиципираме иднината.
Во меѓувреме му препорачувам на Мицкоски наместо што медиумски манипулира со чувствата на македонските граѓани, заради покажување на посветеност кон нашата улога во НАТО, конкретно да ја реализира воената помош од Македонија за Украина и тоа што побрзо, бидејќи на украинците им е насушно потребна. Кога веќе по пет месеци конечно ја донесе владината одлука за испорака на воена помош на Украина, сега треба истата брзо да ја испорача без ескивирања и глупави изговори кои секако нема да поминат пред НАТО сојузниците, а ниту пред нашите украински пријатели.
Во спротивно пак ќе биде кој прв рече или кој прв почна… беше.
И драги мои, доволно е за една неделна колумна. Не дека нема за што уште да се пишува, од „збунката“ во врска со унгарскиот кредит и каматите за него кои сите ние ќе ги платиме, па се до онаа претстава во Собранието во која повеќе вулгарни јазични мускули се покажаа отколку реални мускули или нешто друго, за нафтата за ЈСП како посебна тема, или за тоа зошто Тимчо наместо Владо потпишува договор за безбедност и одбрана со ЕУ, можеби за отштетите од 450 милиони евра кои како држава ќе треба да ги платиме заради не спроведени економски меѓународни договори за што не сака владата да каже кој е виновен а не пак да се спроведе истрага и обвинение, или пак за прошетката на Мицкоски во винскиот српски свет или отворен Балкан беше на кој онака попатно не информира дека не чека нов тендер за 120 автобуси (затоа ли три години се изживуваа над Скопје, за тендерче мрсно), а можеби за потпишувањето на договорот за коридор 10 со Орбан и Вучиќ додека пред неколку дена од Приштина го истакнуваше значајот на коридор 8 и Македонија како стратешка раскрсница на Балканот, веројатно фрлајќи ни прашина в очи на сите вклучително и на стратешкиот партнер и ЕУ.
Додека Мицкоски ужива замаен во небесата на славата, мислејќи дека е фактор кој разбира политика и ги „вози“ сите по дома и во светот, би требало сериозно да се запраша кој тоа од оние околу него му го трга чергичето од под нозе?
Не е баш дека е дотолку глуп, па не знае и не разбира што први, впрочем веќе реков, тој само е умислен дека сите ги шета по керамиди, но мислам дека ќе падне од керамидите, само се плашам и нас да не не повлече со него во страшното паѓање.
Да не биде дека не е речено, затоа што се ви е кажано и постојано ви се кажува, а потоа повторно се пцуе по тој што кажал, а не по тој што прв почна …
Оливер Андонов