Е македонската политика не е ниту на лево, ниту на десно, а уште помалку в центар, туку
право кон Москва.
Во минатата колумна која беше посветена на анализа на првиот круг од локалните избори
многу јасно Ви напишав драги мој дека при евентуална дебата помеѓу Орце и Амар ќе гледате два
различни концепти на политичко – идеолошки настап, кој ќе може да ги види и препознае.
Видливо е дека со прифаќањето на дебатата тет-а-тет Амар се чувствува надмоќно над Орце и
токму тука е опасноста за Орце. Но не само за Орце, опасноста која ја носи со себе Амар низ
идеолошки аспект гледано, претставува долгорочна опасност за целата наша партија ВМРО-
ДПМНЕ, но најмногу за Македонија. Зошто е тоа така?
Затоа што Орце колку и да е „стар“ член на ВМРО-ДПМНЕ израснат во нашата партија со
тек на времето особено последниве десетина години поради не идеолошката политика на
раководствата на ВМРО-ДПМНЕ се има изгубено од десничарската идеологија, ориентирајќи се
кон прагматично дневно политикантство. Спротивно од него, а и од целото наше партиско
раководство, Амар е млад и идеолошки занесен – индоктриниран (погрешно идеолошки насочен),
но и образуван краен левичар. Колку и неговите идеолошко – политички ставови да се
дијаметрално спротивни на моите десничарски и неоконзервативни убедувања, како
универзитетски професор, но и децениски член на нашата партија и предводник на
Внатрепартиската фракција, потребно е без емоции да ги гледам предизвиците кои се исправаат
пред нас како членови на ВМРО-ДПМНЕ. Ова е важно пред се затоа што како членови на ВМРО-
ДПМНЕ исклучително е неопходно и полезно да бидеме свесни како за нашата состојба, уште
повеќе за состојбата на идеолошко-политичките противници. Токму противници, без оној божем
политички коректен термин „опоненти“. При тоа секогаш пред очи да ни е состојбата во СДС која
практично го живее резултатот на нивната идеолошко-политичка исплакнатост и децениско
политикантство кое кулминираше со Црпнатиот, но не престанува. И така и да си го разберете тоа
со политичките противници. Противници кои како Левица кога ќе ја земат власта в раце, најпрво
ќе ги гонат сторителите на криминал во македонското политикантско мочуриште (што е секако
обврска според законите и уставот на Македонија), но потоа ќе ги гонат сите оние кои идеолошко-
политички не се согласуваат со нив. Тоа е во генот на тоталитарните режими, а комунизмот е
тоталитарен режим исто како и национал-социјализмот, впрочрм и двата се од истото левичарско
легло. Колку и да сака младиот Мециновиќ да го идеализира комунизмот низ призмата на
југословенскиот самоуправен социјализам пред луѓето од неговата генерација, оние помладите и
дури и десетина години постарите од него кои не виделе како се живее и функционира во еден
таков систем, сепак е тоталитарен и не демократски. Токму обидот за идеализирање на
комунизмот преку марксистичката идеологија и особено будењето на сентименти кон
СФРЈугославија се најсилното оружје кое ќе го употреби Амар во борбата против Орце, односно
ВМРО-ДПМНЕ. Со јасно изразена про руска прагматична политика заснована врз Троцкизам
(само нашата вистина е вистина) кој продуцира непомирливост кон идеолошко-политичките
противници до степен на физичко исчезнување, Левица како анти НАТО и евроскептичен или
подобро анти ЕУ политички субјект претставува директна опасност за македонското општество,
но најмногу за Македонија како држава. Не сум воопшто убеден дека Левица може да биде Сириза
во Македонија и не гледам токму некоја идеолошка разлика помеѓу Апасиев и Мециновиќ,
единствената разлика е во тоа што Апасиев е повеќе елоквентен.
Од тука и започнува проблемот кој како политичка партија врз идеолошко-политичка
основа ние во ВМРО-ДПМНЕ го имаме, а допрва и ќе го имаме. Никој нам не ни е виновен што
нашите раководства освен да извикуваат ВМРО-ДПМНЕ по митинзи, немаат поим за историјата
на ВМРО и воопшто македонското револуционерно движење, а не пак за десно-конзервативната
политичка иделогија или уште помалку за нео конзервативизмот, Тачеризмот и Реганизмот, за
конзервативните вредности кои всушност се втемелени во ЕУ и НАТО уште при нивното
создавање, опишувајќи ја современа Европа втемелена врз нејзините исконски вредности. Тоа е

наш проблем поради кои немаме внатре партиска демократија и со тоа ниту политичко-идеолошки
расправи кои ќе обликуваат десно-центристички политики. Ние како Внатрепартиска фракција
јасно го увидовме тоа и повеќе од три години се обидуваме да го вразумиме Мицкоски и оваа
раководство дека без демократизација и ревитализација (токму врз идеолошката основа на ВМРО)
партијата се сведе на здружение на интересџии кои се занимаваат со политикантство на дневна и
пред се лукративна основа.
Спротивно од нас, Апасиев со Левица покажа идеолошко-политичка дефинираност која во
изминативе осум години ја надгради и внесе во прагматичната политика на ниво на дневна
политика која упорно испраќа конзистентни пораки до граѓаните, не прифаќајќи спротивни не
идеолошки и програмски коалиции заради власт како што тоа е случајот со ЗНАМ (што ништо
незнае и затоа ќе исчезне) или со ВЛЕН и ДУИ кои немаат идеолошко-политичка основа, туку
своето политикантство го темелат врз националистичко-шовинистички пристап заради
остварување на личните лукративни интереси на водствата на овие две политички групации.
Да беше Мицкоски барем идеолошко-политички умерен десничар тој никогаш немаше да
биде во коалиција со Социјалистичка партија која е умрена работа или со ЗНАМ, а уште помалку
ќе ги ставаше своите лични пријатели на политички и државни функции со што јасно ни става до
знаење дека нема потреба од идеологија во ВМРО-ДПМНЕ туку основата на божем политичкото
здружување е бизнис личен интерес а уште подобро и личните пријателски односи со него. Кога
те водат лукративните интереси тогаш прагматичната политика ја гледаш на дневна основа како
политикантство и така и се однесуваш, но тоа на долг период сигурно те доведува до голем
колапс. Тоа нам како на ВМРО-ДПМНЕ ни се случи засега како предупредување преку огромен
пад во бројот на гласовите на овие локални избори и секако за тоа нема да има никаква политичка
или барем морална одговорност. Сега се е ставено на една карта, а тоа е да се добие главниот град
и што повеќе градоначалници. Во меѓувреме (последните четири години, а посебно последната
година) Мицкоски успеа да создаде толку многу непријатели и да навлече толку омраза кон него (а
да не заборавиме дека и како таков е формално претседател на ВМРО-ДПМНЕ) но и кон нашата
партија. Од една страна идеолошко-политички не сме препознатливи, од друга страна како власт
неможеме да ее пофалиме со ниту еден државен стратешки проект кој ние како власт во овие 15
месеци го отпочнавме. Сето тоа страшно ги нервира граѓаните кои покрај не излегувањето на
избори го искажаа револтот и со над 50.000 неважечки гласачки ливчиња.
Во една од претходните колумни му поставив прашање на Орце во кое му реков
„…доколку ги изгубиш изборите…“. Е сега тоа доколку е некако многу блиску и Орце веќе во
вторник ќе има тешка задача да се спротивстави на Амар не само по прашања на локалната
самоуправа во градот Скопје, уште повеќе во однос на идеолошкта и политичка основа која јасно
ќе ја употреби Амар, колку и да е за реално очекување Мирчевски да се обиде да го заштити Орце.
Токму еден ваков обид на Мирчевски може да предизвика дополнителен револт кај
неопределените и неупатените граѓани на кои веќе се им е преку глава, а посебно ароганцијата на
власта (читај Мицкоски) или како што ги предизвикуваат некои објави на социјалните мрежи од
некакви си божем новинари. Оттука, планот дека 91 илјада на Орце и 27 илјади на ВЛЕН ќе му
гарантираат сигурна победа на Орце во вториот круг не ја прифаќам како свршен чин, особено не
верувајќи му на ВЛЕН. Не верувам во чуда, но верувам во инаетот и револтот на македонските
граѓани кои најубаво и со мерак, за инает што се вели, знаат да го искажат токму на избори. При
тоа не се размислува за последици, туку се гласа со емоции и тоа го докажавме како нација безброј
пати досега.
Еднаш одамна, уште во декември 2017 година кога Мицкоски стана претседател на ВМРО-
ДПМНЕ му кажав дека сега е моментот да ја демократизира и отвори партијата врз идеолошко-
политичка основа како национална македонска партија (не националистичка) и да формира
Општински комитети и во општините каде нема или во минимален број живеат етнички
Македонци, односно најпрво во партијата да ги вклучи Албанците со десно-центристичка
политичка идеологија. Доколку тогаш во 2017 година го направеше тоа денес (а и минатата
година) немаше да има потреба да прави непринципиелни коалиции со ВЛЕН или Беса (Касами)

со што ја доведе ВМРО-ДПМНЕ во состојба на потсмев а Македонија на работ на етнички насилен
конфликт. Можеби тоа и му е целта на Мицкоски за што исто така одамна напишавме и кажавме
дека во геополитичките планови на Москва дестабилизацијата на Балканот е клучна, а Македонија
покрај Босна е најпогоден пациент за такво нешто. Доколку Мицкоски, политички дустабанлија,
беше способен да ги види овие ризици и закани, ќе можеше истите да ги превенира првенствено
преку раководење со ВМРО-ДПМНЕ, односно отварање на партијата. Едноставно, денес ќе си
имавме сопартијци македонски Албанци кои ќе си беа на разни политички и државни функции
како членови на ВМРО-ДПМНЕ без можност да му се даде гориво за национал-шовинизам на
било кого. Тоа ќе ни овозможеше инклузивност врз политичко-идеолошка основа и да
спроведуваме десничарска политика со јасни цели за партијата но пред се за Македонија. Но ете
тој миг не беше искористен и сега Мицкоски, но тој не е важен, целата наша партија а особено
Македонија ја плаќа сметката и допрва ќе ја платиме. Се поставува прашање (нам ни е јасно и го
знаеме одговорот): „за кого работи ВЛЕН, за чии интереси, кога отворено повикува на
меѓуетнички конфликт“? Најголем проблем е тоа што Мицкоски ништо не работи, а одамна му
рековме да престане да се слика и шета туку да се фати за работа, но како и секогаш тој не разбра
и не знае што значи да се работи на државната нива.
Во една ваква политикантска состојба во која единствено Левица покажува идолошко-
политичка доследност во македонската политикантска бара, сосема очекувано беше дека Кремљ
како долгорочна варијанта која ќе може да се вклопи во нивните геополитички планови на
Балканот ја избере Левица. Ниту беа случајни мајските екскурзии во Москва на парада, ниту беа
случајни средбите во македонското собрание со Баздникин, ниту се случајни спотовите за
локалните избори и нивно поставување на you tube, а не што не е случајно, туку и чини пари.
Оттука, Москва посакува етнички судир во Македонија. Таков судир единствено на Левица која
сентиментално ќе се повика на борбата на македонската НОВ и ПОМ, посебно против албанските
фашисти во Западна Македонија и одговара во секој поглед.
Но главната улога на Левица, барем засега е да го прикажува нашето ВМРО-ДПМНЕ како
не идеолошки збир на политиканти (што и нема да погрешат) и некаква си збирштина на про
бугари и про срби (што ќе ја засили нивната теза за единствено исправниот идеолошки пат на
национал-левица), изгубени во лукративната магла која ја посеа Мицкоски (ова се лични
политички цели на Апасиев). Воедно да биде плашилото на Москва кон несигурниот и изгубен
Мицкоски кој мисли дека знае – разбира политика па се обидува да го имитира Вучиќ и да седи на
повеќе столици. Мицкоски никако не разбра дека ние сме земја членка на НАТО, дека имаме
насушна потреба итно да влеземе во ЕУ (да започнеме преговори) и дека неможе да „дава десен
жмигавец, а да врти лево“. Договорите на Мицкоски со Вучиќ и Орбан под патронат на Москва а
потоа божем кокетирањето со Европа не поминуваат не забележано кај никого. Сите следат што се
случува и знаејќи ја идеолошко-политичката шупливост на Мицкоски и нашата партија ВМРО-
ДПМНЕ втемелена врз лукративни цели за чие остварување потребно е да се спроведуваат дневни
политикантски активности, едноставно си преземаат активности кои во иднина ќе им овозможат
контрола на територијата наречена Македонија.
Затоа „десничарот“ Мицкоски преку љубовта со Вучиќ и Орбан е близок кон Москва а оди
кај Лондон за да ги смири партнерите од НАТО дека божем сме тука во НАТО, но во исто време се
вкопа во ров од трет степен за да ја спречи Македонија да започне со преговори за ЕУ. Кога уште
пред речиси една година ни беше дадена понудата од Обединетото Кралство како предводници на
европското НАТО и најголеми поддржувачи на Украина, Мицкоски тоа го игнорираше. Дури и
помошта за Украина последнава година во потполност е сопрена. Што е тоа ако не е
политикантство во соработка и од полза на Москва?
Од овие причини и тврдам дека во Македонија на политикантската сцена нема лево –
десно, туку има пат кон Москва. До ваквата состојба доведе токму Мицкоски со неговата анти
ВМРО десничарска политика за дневно лукративни цели и потполна неактивност во однос на
креирање и водење процеси –работа. И сега сметката ќе дојде за наплата.

Затоа и очекувам Амар токму на оваа основа да го нападне Орце па дури и прашањата за
комунални и инфраструктурни потреби на Скопје да ги поврза со политико-идеолошката
недоследност на нашата партија ВМРО-ДПМНЕ за што Данела како кандидат на Мицкоски во
2021 година и сегашните и идните членови на Совет на град Скопје од нашата партија даваат
идеални можности.
А на нас кој не учествуваме активно во оваа политикантска папзјанија со доста миродии од
Москва преку Будимпешта и Белград ни останува добро да размислиме што понатаму. Ние од
Внатрепартиската фракција знаеме кој е излезот, но знаете како се вели: „На човек со сила можеш
да му земеш, не и да му дадеш“. Затоа Мицкоски во неговите формални и стерилни, па и ступидни
говори по повод 8-ми Септември и 23-ти Октомври без и честичка емоции кон македонските
граѓани како најординарен досаден бирократ со измешани фрази за божем државна политика и
локални избори се обраќа на нацијата. При тоа како да не е 15 месеци премиер на нашата напатена
Македонија помеѓу другите флоскули на 23-ти Октомври ќе каже: „додека се занимаваат со орли и
зајци, народот е умрен за подобар живот“.
Овој вроден недостиг на емоции кон 23-ти Октомври кон идејата на ВМРО, кон десната
политичка идеологија, кон ВМРО-ДПМНЕ, онаа извештаченост на божем елита која при
напишаниот говор кој не се чувствува како своја исконска емоција, своја длабока идеолошка и
национална убеденост, ги држи дланките поставени во облик на женски полов орган и јавно
покажувајќи ни ја гестакулацијата на очиглед, е токму тоа што ќе го искористи Левица за да се
закани во политичко идеолошки контекст и тоа на долги патеки.
Основната цел на Левица, надвор од обврските преземени кон Москва да биде страшило за
Мицкоски, за да овој биде послушен, е идеолошко-политичко уривање на нашата партија ВМРО-
ДПМНЕ, но и по секоја цена невистинито прикажување на идејата на ВМРО за македонска
државотворност како про бугарска, при што јавно изнесува историски невистини и манипулации
поврзани со создавањето на КПМ во 1943 година, учесниците на АСНОМ, создавањето на
современата македонска држава и прикажување на македонската државотворна идеја и
создавањето на современата македонска држава исклучиво како дело на левицата. Оттука,
Апасиев свесно со план и долгорочна намера ја поместува и борбата на локалните избори во
насока на политичко-идеолошка линија, што во основа и е, но поместувањето кое сега го прави
треба да му даде целосни резултати за следните парламентарни избори, кога и да бидат.
Додека нашата партија излезе од ароганцијата на Мицкоски и раководството кое нели е на
власт, а мислејќи дека ќе може да се движи на клацкалката помеѓу Москва и НАТО само за да
остане на власт, дотогаш Апасиев ќе засилува. Со секој ден на негово засилување а наше
идеолошко-политичко пропаѓање се подалеку сме од членството во ЕУ и се понесигурен член на
НАТО, но се поблиску сме до Москва. А Москва тоа многу го сака и упорно работи на тоа, а при
тоа воопшто не и е важно дали е некој лево или десно, важно е да и е од полза и на нејзината
геополитичка линија, односно право кон Москва.

Оливер Андонов

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *