Неодамна во една од колумните пишував за функционерското зголемување на платите од само 78%. Секако, во Македонија тоа зголемување помина со ФБ реакции сместено во рубриката „теорија на заговор“. Но ете, од имагинација стана вистина. Нашите функционери си инкасираа поголеми плати за 78%, додека ние се забавуваме со информации чии бил адвокатот кој поднел претставка до Уставен суд, а во меѓувреме никако да се сетиме да прашаме чии се тоа судиите во Уставен кои експресно ја разгледаа оваа иницијатива. На пример, тој исти Уставен суд со години, уште од 2018 година, сеуште не ја разгледува иницијативата на колешката Каракамишева поддржана од поголема група универзитетски професори (чинам триесетина колеги од сите универзитети ја потпишавме), но затоа како одраз на лицемерие кон оние кои се даночни обврзници од кои живеат уставните судии, по итна постапка одлучија за функционерските 78%. Каква навреда, лицемерие, цинизам и што уште нѐ кон академската заедница. Академска заедница која молчи и во која редовен професор на било кој универзитет неможе да надмине 60.000 денари месечна плата, а повеќето плати се движат помеѓу 38-54.000 денари. При тоа имајте на ум дека ова се плати, а не дополнителна работа на проекти. Според тие плати и приходи, а не според проектите универзитетските професор ќе треба да остварат пензија. Тоа се платите на оние кои образуваат нови генерации и оние кои треба да бидат разумот на општеството и двигател на научната и развојната мисла во Македонија. Што пак да кажеме за наставниците и професорите, оние кои се основот на образование на идните генерации. За лицемерието со кое го укинаа воспитанието на идните генерации, како процес во кој е вклучена и љубовта и односот кон татковината Македонија во друга колумна.

И како што не дал Господ ние само си мрмориме в пазуви, а лицемерието продолжува и тоа на јавна сцена. Спасовски јавно се потсмева и не прави будали сите, кажувајќи ни дека не проверил колку плата зел. Всушност не само што ни се потсмева, тој последнава недела на два пати ни испраќа многу значајни пораки кои пак ние не ги разбираме или не сакаме да ги разбереме. Така, оваа цинично лице под маска, од собраниска говорници на пратеничко прашање ни откри дека тој е соучесник во договори со господинот Мицкоски околу ослободување од кривична одговорност на некои лица вмешани во случајот „Делчевски ниви“, додека пак не преговарале (затоа што Мицкоски не сакал-не го интересирало) за клетниците од 27-ми април.

Кога министер за внатрешни работи јавно ќе признае дека е соучесник дури и во разговори за изземање од кривична одговорност на некого или во овој случај на група, тоа значи дека и тој самиот е вклучен во организиран криминал и дека не се работи за изолиран случај, туку дека тоа е пракса во Македонија.  Уште доколку на тоа го додадеме и неговиот цинизам дека всушност незнае колку има пари на сметката, или народски кажано „не живее од плата“, а вработените во министерството кое го води едвај чекаат да дојде втори во месецот за да можат да земат плата која веќе однапред е потрошена, и при тоа не им се исплаќаат сите прекувремени работни ангажмани, тогаш не станува збор само за цинизам и лицемерие, туку станува збор за вулгарно подбивање со маката на народот. Но, знаете како вели една стара поговорка: „за каква глава – таков брич“.

Затоа да не се чудиме на јавното безобразие кое го гледаме на политикантската сцена во Македонија. Тоа е токму тоа лицемерие и повеќе од тоа кое ни се демонстрира од политикантите како од некое повисоко ниво на недопирливост. Тие владеат во наше име, но одлучуваат за нашите животи, за секојдневието наше, а во исто време ни кажуваат дека не живеат од плата, од плата од која ние сите живееме, а е во илјадници евра помала од нивната за која пак ние плаќаме даноци.

Не сум зачуден, но доколку и најмалку би имале емпатија кон граѓаните, овие покачени за 78%, токму тие 78% јавно ќе ги донираа на сметки на социјално загрозени граѓани или институции за згрижување на деца без родители, стари и изнемоштени лица, болници или слично. Тоа сигурно нема да се случи, но секојдневно ќе се случува притисок врз граѓаните од разни глоби па се до заплена на стока од оние кои токму живеат од својот труд и плаќајќи даноци им обезбедуваат 78% повеќе на лицемерите.

А лицемерието продолжува, продолжува и од страна на ЈО пред чии очи министер од собраниска говорница признава за соучество во кривични дела во доменот на организиран криминал, друг министер тврди дека се договарале со претседател на опозициска партија за меѓусебно напаѓање и предизвикување на ширење омраза и нетрпеливост заради подигање на политички рејтинг, министер посредно кажува дека „не живее од плата“, премиерот незнае каде е и што воопшто работи, а сите ни зборуваат за европски вредности. Не убедуваат во тоа дека се за членство во ЕУ на Македонија, а сите заедно работат и тоа напорно и особено лицемерно и повеќе од тоа Македонија никогаш да не влезе во ЕУ. Знаат добро лицемерите дека оној миг кога ќе станеме земја членка на ЕУ ќе треба да поднесат сметка, но и ќе мора да има одговорност за нивните постапки и секако проверка на потеклото на имотот. Едноставно, да видиме, а можеби и да научиме ние „обичните смртници“ како тоа „не се живее од плата“. Како се живее од фотоволтаични централи на државно земјиште купено за бадијала, секако без судир на интереси, бидејќи нели сопругата купила, а сопруга не е во крвна роднинска врска. Како се живее од плантажи со марихуана. Како се живее од продажба на струја или можеби од парите кои остануваат откако ќе им ги простат долгови за струја, ама ќе им ги простат нашите пари кои ги должат.

Во меѓувреме, ние ќе се занимаваме со тоа кој и што бил Гоце Делчев, дали Бугарите треба да влезат во Уставот на Македонија или тоа нема да биде во овој состав на Собранието, а можеби ќе биде во следниот. Потоа ќе се занимаваме со Бехтел и Енке, а сите заедно во Собранието го изгласаа законот за да сега расправаат за договорот или можеби расправијата е за 22-та милиони евра за надзорот. Па ќе се занимаваме со тоа кој може да ни биде премиер по изборите идната година или кои се може да биде претседателски кандидат.

И додека здравството, образованието, судството (циркузот од Судски совет) и воопшто системот на функционирање на државата се во состојба на распаѓање, на секој чекор гледаме лицемерие и многу повеќе од тоа. Во тоа лицемерие гледаме лажна побожност и во тој контекст покрај тоа што материјално-финансиски не уништуваат и осиромашуваат, лицемерите сакаат да не стават и во духовно ропство. Ја распродаваат МПЦ-ОА за „нов мандат“, за уште некоја година да се на власт.

Тоа однесување ни покажува една многу важна работа која треба да ја знаеме и да ја разбереме. Тоа не е само нивната горделивост, нивното лицемерие, тоа е нивната омраза кон македонскиот народ и кон сите граѓани на Македонија. Како на друг начин да го толкуваме нивното меѓусебно политикантско договарање кое е во секој чекор и има само и само материјален интерес за нив самите. Но, колку и да не мразат, колку и да си ја мразат сопствената татковина, таа Македонија и тој народ од кого ги земаа „нивните“ уставно заслужени 78%, колку и да се договараат помеѓу себе како да ни ја одиграат театарската претстава на божемни политикантски конфликти за да може да останат во играта за пари, неопходно е да знаат (а знаат) една работа која на прво место треба на сите нам – граѓаните на нашата Македонија да ни биде познато и јасно: „Тие неможат да останат ниту на власт ниту во опозиција, неможат да бидат било какви политички чинители во Македонија без нашиот глас“. А ние, ние треба да не бидеме слаби, туку да ја покажеме нашата сила како граѓани.

И секако, најпрво да си одговориме самите себеси, без да се самозалажуваме: „Сакаме ли Македонија, нашата Македонија да биде држава, сакаме ли да имаме држава по европски терк, функционална, богата и стабилна“?

 

Во четвртата недела по Пасха – на Раслабениот

 

Вонреден професор д-р Оливер Андонов

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *