Некогаш беше: „Дали си за Русите или за Американците“? Новата ненормалност ни поставува прашање: „Дали сте за Трамп и Путин или за Европската унија“? Според тоа што во пракса ни го покажува, но и кажува Мицкоски. Ние сме за политиките на Трамп, но и против нив, доколку се суди по тоа што разговарал со Ердоган и не сме за Трамп. Ами тотално лудило.
Е тоа е. Баравме, ќе гледаме. Колку и да сака човек да пишува, во недостиг на нормална политичка комуникација, за стратешки теми и прашања во повеќе општествени области, едноставно неможе поради силните будалаштини кои се претвораат во сеопшто лудило.
А можеби владата, Мицкоски или некој си „стратег“ во нашата партија ВМРО-ДПМНЕ, намерно го прави ова. Едноставно наметнува илјадници теми преку илјадници настани, преку безброј глупости на јавна политичка сцена, за да не може да се постигне да се напише или каже некој збор за будалаштините кои се таложат една врз друга. Но, не верувам дека тоа е од памет и план за препокривање на една глупост со друга. Тоа е веќе одраз на општиот не квалитет на лицата под илјада маски во политикантскиот живот во Македонија. Едноставно маските паднаа и сега кога го гледаме грдото лице и на Мицкоски и на Филипче како одраз на една иста неспособност и недокваканост во огледалото на македонското општество, не им остана ништо повеќе отколку да не занимаваат со глупости. Глупости во кои уфрлаат анти ЕУ расположение и тоа отворено. Глупости со примеси на шизофренија во однос на меѓународните односи и немањето на било каква идеја и стратегија за македонските позиции. Глупости на масивно руски дезинформации дека Македонија ќе мора да го напушти НАТО според некаков си договор Трамп-Путин. Глупости дека се поддржува политиката на Трамп, а и самиот Мицкоски нема поим каква е таа политика и кои се нејзините основни правци, а не пак какво е нејзиното влијание врз Македонија. Глупости за не соодветното однесување на безбедносната конференција во Минхен и прогласувањето на говорот на Венс за историски, а можеби и за настапот на Венс на состанокот со Зеленски ќе зборуваме како за историски настан. Истиот оној Венс по кој Мицкоски трчаше, а Гренел (другар му) на културен начин го сопре за да не направи скандал, па се остана со празни раце за ПР промоција пред припроста и клиентелистичка маса. Глупирање од собраниска говорница и незнаењето да се покрива со курназлак и демонстрација на моќ. Глупост до степен на хистерична мизогенија намерно поттикната од еден говор на Горданчето финансиерката, за да има со што да се забавува масата и со што дополнително да се трујат граѓаните преку социјалните мрежи и разни Миленковци и Јоцики. Да да тие Миленковци и Јоцики за кои ние од ВМРО-ДПМНЕ до пред две години бевме вмрони и јадниците од 27-ми Април требаше да скапат в затвор. За волја на вистината се уште скапуваат, некои од нив, а некои и умираат, додека некои конвенционери убаво си живеат и си коментираат – лајкуваат на Јоцика на социјални мрежи и од затвор. Не работејќи си земаат парички глумејќи жртви за каузата македонска. За некои доколку до вчера односот со Мицкоски беше на ниво љуби свиња магаре, за денес под влијание на финансии да бидат главни мизогенисти на јавна сцена, и до коска Трамписти кои го поддржуваат Путин и се шетаа во близина на окупираната украинска Авдиевка со руските окупациони сили. И нема реакции од другарот Панче министер по професија. Тоа него не го допира.
И се ми личи нашата Македонија на политичката сцена во Србија, со тоа што мали Вучиќ си го троши времето и политичкиот кредит многу, дури експресно брзо во однос на Вучиќ и од нашата партија создава СНС. Во исто време оние дудуците од ЗНАМ што ништо не знаат се во улога на СПС. А оние од ВЛЕН сите топтан се заинтересирани за својата кауза без разлика дали во некое време ќе треба да му послужат на Мицкоски за реализација на некој план или ќе треба да бидат мирни согласно некои надворешни препораки. Нешто како Зукорлиќ покоен во Србија на услуга на Вучиќ. Е да ама Македонија не е Србија иако Мицкоски е на ниво на Додик, во очите на ЕУ, но и на здраво мислечките луѓе во нашата партија ВМРО-ДПМНЕ. Но ќе се вратиме и на Додик и регионот.
Најпрво, доколку сака Гаши да му каже на Мицкоски која му е пораката од Обединетото Кралство и кој е советот кон ВЛЕН, како да се однесуваат во иднина во однос на македонските контрибуции во европско НАТО и приближувањето кон Европа, би било многу корисно за државата, особено доколку Мицкоски ќе сака да го послуша советот. Но мислам дека ниту Гаши ќе му ја каже вистината на Мицкоски, ниту пак овој ќе го послуша. Мицкоски е воодушевен од можноста со целата свита да патува два пати за еден месец во САД и покрај никаквите резултати (Крис Павловски не е резултат), тој е воодушевен, од самиот себе. Ова е голем безобразлук кон граѓаните на Македонија, а особено кон членовите на партијата. Токму граѓаните му дадоа доверба на Мицкоски како резултат на корумпираноста и неспособноста на СДС и ДУИ, но и очекуваат резултати кои веќе повеќе од осум месеци ги нема. За пропагандните активности не треба воопшто да разговараме. А во недостиг на сериозни дипломатски активности Мицкоски ќе ни објаснува дека ќе има заедничка владина конференција со Орбан во Будимпешта. Прашањето е што корист за Македонија од тоа или ќе имаме некој нов поголем кредит кој ќе треба скапо да го платиме. Се уште е нејасно и каква е користа на Унгарците во овие политичко-финансиски операции кон Македонија, но верувајте дека посебно во меѓународните односи нема бесплатен ручек и се ќе мора да платиме, па така и Унгарската „поддршка“ на Мицкоски. Како дополнување на дипломатските активности е и ручекот на Мицкоски со Ердоган и сметката уште веднаш му беше испорачана на Мицкоски. Кој разбра, разбра, кој виде, виде, но очигледно Мицкоски се согласил со некои интересни работи чии последици допрва ќе ги видиме и почувствуваме.
Оттука на сцена и јасно се поставува сликата за тоа како поминуваат недоветните во меѓународните односи кои се крстат во Трамп или едикој си претседател или премиер на некоја држава и „неговите“ политики. И САД како држава и европските држави, членки на ЕУ, имаат уреденост која се гледа во функционалноста на институциите на системот, не во политичката волја, одлуки, хировитост, суета или недај Боже лудило на еден човек кој самиот одлучува врз основ на сопствени перцепции, симпатии или не симпатии кон поединци или држави. Затоа се поддржуваат држави и нивните утврдени политики, а не моментални функционери. Оваа лекција треба да ја научат и нашите сопартијци во ВМРО-ДПМНЕ, ако од ништо друго тогаш од сопственото искуство. Впрочем, ВМРО-ДПМНЕ имаше пред Мицкоски двајца други претседатели па сега многу малку се зборува за нивната политика, дури и поради клиентелистичкото расположение и полтронството кон Мицкоски за овие двајца не смее да се каже во партија ниту некој добар збор во однос на некои политики од нивно време а од кои Македонија имаше полза. Ова не го научија нашите сопартијци, претседателот на партијата треба и мора да биде менлив и дека партијата мора да функционира според Статут и во неа да функционираат органите на партијата, а претседателот кој би се избирал на непосредни избори од сите членови на партијата само ја претставува партијата, тој не располага со нашите животи и кариери. Во партија се зачленуваат слободни граѓани, а функции на партиско и државно ниво треба да извршуваат реализирани личности а не неизживеани ликови кои се воодушевуваат од можноста да патуваат во САД и да водат со себе свита која ќе им се поклонува. Е тоа е лудило на јавна сцена. Но и наше лудило, бидејќи никој да праша со чии пари, во која функција, кој се и поради што се патуваше на партиска конвенција во САД. Патем Трамп не го ни спомена Мицкоски или Македонија во ниеден контекст, тоа може да е и добро за нас со оглед на тоа како си помина Зеленски, ни крив ни должен само поради лична нетрпеливост. Но важно е дека ние ете го фативме првото место во новата ненормалност.
Вториот пример кој ви е пред очи драги мои сопартијци е Додик и секако Вучиќ, но за Вучиќ може во друга колумна, треба многу да се објаснува за него. Зошто примерот ви е Додик? Па затоа што ЕУ на Мицкоски гледа како на ниво на Додик и тоа еднаш веќе ви го кажав. Затоа што сметката за лудилото со Резолуцијата во ООН на ЕУ и онаа на Трамп и „затоа што така сметаше“ Мицкоски е веќе внесена во сметката која ќе ја платиме. Затоа што драги мои сограѓани и особено мои сопартијци, Додик во два часа по донесувањето на пресудата против него и неговото непочитување на одлуките на Шмит, високиот претставник на ЕУ во Босна (или гувернер – фактор на стабилност на Босна низ призмата на ЕУ), даде две дијаметрално спротивни изјави. Едната за простата маса во Бања Лука и Република Српска, нај вулгарно навредувајќи ги ЕУ, поедини држави од ЕУ и Бајден (да не заборавиме дека Бајден беше претседател на САД и во тој контекст ја навреди институцијата Претседател на САД која денес ја извршува Трамп). Додик се надеваше дека фалејќи го Трамп ќе се претстави како многу важен. Потоа веќе колку за два часа подоцна во присуство на Вучиќ беше многу поумерен, Не дека Вучиќ претходно пред донесувањето на пресудата беше нешто умерен, но тој е многу поумен од Додик, а и си се грижи за сопственото здравје во ситуација кога Србија му е востаната и му покажува дека не му се плаши, го натера и Додик малку да се стиши. Ами општо лудило. И затоа овој пример од другар му на Мицкоски, Додик, со кого се дружи по разни саеми на вино и на кого му дозволува во Скопје да тресе глупости против НАТО и ЕУ а на тоа не реагира, е сосема соодветен пример за политичкото (а се прашувам дали е само политичко) лудило во кое не внесува Мицкоски.
Така и Додик сметал дека треба да се заебава со ЕУ високиот претставник и да се заканува на маѓународната заедница со растурање на Босна и Херцеговина. Сметал дека Трамп ќе застане зад него и дека е многу добар со Путин. И ете еден ден подоцна САД преку своите институции кои се демократски и функционални му одговорија на Додик и го попарија.
Ете затоа и Гаши отиде (беше поканет) на посета во Лондон, а Мицкоски ќе оди во Будимпешта. Е сега што се му е кажано на Гаши во Лондон може само да претпоставуваме за деталите, но големата слика и нејзиниот нацрт се гледаат веќе одамна од пред еден месец, а ќе се исцрта во целост по враќањето на Британскиот премиер од Вашингтон, и посетата на Зеленски во Лондон. Односно по формирањето на новата германска влада на Мерц. Оној Мерц кој се залага за цврста како орев ЕУ, а против чија Резолуција во ООН беше Мицкоски. Оној Мерц со кого Мицкоски тврди дека е во одлични релации и со кого се видел на конференцијата во Минхен, на маргините де, па не стигнал да го сликнат за ПР активности. Тоа е на маргините, не е како со Венс со кого се виде на пленарен настан. Кога си на државна функција, па уште и премиер и државата ти е членка на НАТО, голема е веројатноста ако не билатерално тогаш барем на некои настани ќе успееш да се сретнеш – видиш па нека е и на бина со некој од меѓународната заедница.
Излезот од оваа лудило во кое не внесува Мицкоски е во внатрепартиската структура на ВМРО-ДПМНЕ. Во силата и храброста на нашите членови да излезат од стравот дека Мицкоски располага со нивните животи и кариери. Дека во името на Мицкоски разни октроирани претседатели на ОК или аздисани пратеници или други локални и државни божем функционери кои да не се полтрони на Мицкоски би биле безвредни во партијата и во општеството, одлучуваат за тоа кој ќе биде вработен или кој ќе добие нешто на локално ниво. Треба храброст лична и подготвеност на лична жртва и борба за спас на нашата ВМРО-ДПМНЕ, пред се за спас на здравиот разум и да не влеземе во колективно лудило како партиска структура. Лагите и ветувањата дека еве само уште да победиме на локални избори, а потоа и на предвремени парламентарни избори, се веќе видени лаги со кои Мицкоски и групата околу него лично лојални и без идеологија лица под илјада маски сакаат да си го продолжат сопствениот политички живот и интерес. Нив не ги интересира ниту ВМРО-ДПМНЕ ниту Македонија. Нив ги интересира нивното конто и само тие самите и нивните најблиски, а вие како партиски членови не сте нивни најблиски. Обидете се при некоја посета на Мицкоски во ОК да му поставите некое за него незгодно прашање да видите што ќе се случи. Што мислите зошто со сите сили се обидуваат да ги маргинализираат сите оние кои ја поддржуваат работата на фракцијата? Зошто претседателот на ОК Аеродром и на другите ОК никако не комуницираат а не пак да ги повикаат поддржувачите на фракцијата кога Мицкоски оди по ОК за да глуми партиски активности, а во меѓувреме месните комитети не функционираат. Ова се прашањата на кои треба самите да си одговорите за да не бидете дел од лудилото кое ни го наметнуваат како на партиски членови, но и на граѓаните на Македонија.
Лудилото кое тринеасет години Вучиќ им го наметнува на членовите на СНС, денес гледаме какви резултати дава. Партијата како и државата не смее да зависи од еден човек, туку од органите и телата во партијата кои се демократски избрани низ уреден и демократски Статут, а државата мора да функционира преку институциите кои се потпираат на Уставот и спроведувањето на законите, без разлика кој е на чело на државата. Демократските општества подразбираат уредени односи засновани на демократски Устав (за партија Статут) и почитување на законите (за пртија одредбите и актите засновани врз Статутот), а не врз волјата на еден човек. Таквата волја несомнено порано или подоцна, посебно доколку не постојат контролни механизми и ограничувања со санкции врз поединецот ќе не однесат во колективно лудило.
Погледнете го само лудилото кое се создаде преку мизогенија и тоа од страна на жена изречено преку собраниската говорница. Тоа е јавна претстава на омраза кон се што не се согласува или поточно не се потчинува на нашата волја и нашата вистина.
Затоа, од таквите причини и се појави Внатрепартиската фракција за демократизација и ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ. Токму за да се зачува демократијата и нормалниот мислечки и здраво разумски капацитет во партијата и да се избегне влегувањето во вртлогот на оваа лудило кое ни го наметнуваат и тоа јавно.
Оливер Андонов