Филипче и неговиот демократски мајтап
Еднаш ви пишував за мајтапот кој врз сите нас го прават македонските политиканти. Но
едно е кога со граѓаните се мајтапи власта, впрочем нејзе и се може, нели, власт е. А сосема
различно е кога со граѓаните се мајтапи божем опозицијата. И ајде што се божем опозиција а се
всушност СДС умрено, уште со своите постапки го бранат и возвеличуваат Мицкоски. Ако тоа не
е намерно, тогаш се работи за изразито антиталенти и приглупи луѓе за политика.
Излезе Шилегов и го искритикува Филипче, што се вели на мртво име. И ете сосема
очекувано, Филипче онака демократски го исклучи Шилегов од СДС, како и Јована претходно за
истата работа. Тамам да го дозакопа СДС умрено насликувајќи го како не демократска партија. И
сега човек да го праша: „Ами ти при (не)здрав памет и со (не)чиста совест го направи тоа“?
Не е мое како десничар и член на ВМРО-ДПМНЕ да се мешам во дворот на СДС умрено,
но еден вака не демократски чекор во кој лидериштето Филипче не може да истрпи јавна критика
од свој сопартијци многу јасно покажува на кое демократско ниво е СДС умрено, и тешко дека
наскоро ќе оживее. Покрај се, од мој ВМРО-вски аспект гледано а како Внатрепартиска фракција
за демократизација и ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ, овој Филипче му направи услуга на
Мицкоски со еден ваков потег. Имено во јавноста го направи Мицкоски поголем демократ од
самиот себе, бидејќи за волја на вистината, Мицкоски формално не ги исклучи од партија
поддржувачите на Внатрепартиската фракција иако крајно не демократски се однесува кон нас и
само уште тој потег му остана да го направи како формалност. Секако, тоа не е вистински
показател за демократскиот капацитет на Мицкоски кој и не постои, но очигледно дека Филипче
помагајќи му на Мицкоски, создаде негација на негацијата, односно си поигра мајтап со
македонските граѓани. И кому сега би му паднало на памет да соработува со Филипче и за кои
политички идеологии и цели кои би биле демократски. Бравос бе генијалец!
Одеднаш се појавија и некои „функционери“ на СДС умрено кои ќе формирале
Демократска опозиција по урнекот на српската од времето на Коштуница и Ѓинѓиќ. Дечкиве
доцнат едно 25 години, а згора на се не се во состојба ниту да смислат нешто инвентивно туку
копираат бајати приказни од Србија. И замислете на тој начин ќе го уривале Мицкоски. Ами вие
навистина се мајтапите со сите нас.
Како тоа вие ќе го уривате Мицкоски? Тоа е само наратив и тоа политикантски а со цел
токму да му ги засилите позициите на Мицкоски внатре во ВМРО-ДПМНЕ и тоа го правите токму
по урнекот на Вучиќ. За да може Мицкоски да раскажува приказни внатре во нашата ВМРО-
ДПМНЕ како е многу важен и како се против него собрани сите, бидејќи тој е столбот на нашата
партија, а богами и држава. Потоа да може да создава внатрепартиски состојби за внатрешни и
надворешни непријатели кој го атакуваат него, како докажани предавници на македонскиот
идентитет и каузата на ВМРО, а врз основ на тоа да создава култ на личност за себе. Ете затоа
тврдам дека се мајтапите со македонските граѓани.
Едноставно, не е работа на Филипче или на СДС па и нека е умрено да менуваат
претседатели на ВМРО-ДПМНЕ. Наша внатрепартиска работа е да си ја демократизираме и
уредиме партијата и ние за тоа и се бориме и ќе успееме или ќе потонеме како вас од СДС умрено.
Ќе го обезвластиме Мицкоски и тоа преку демократизација на нашата партија. Но тоа не значи
промена на изворната политичка идеологија на ВМРО-ДПМНЕ. На Филипче и на оние ДОС од
СДС (им прилега акронимот „Демократска опозиција Србије“, впрочем се во сегашните
политикантски лидерства доаѓа од Србија) не им е работа да менуваат личности во конкурентската
партија или да им помагаат на некој да опстанат, туку како поука за политички дудуци – нивната
работа е да ги убедат граѓаните дека политиките на другата политичка опција се погрешни и дека
тие имаат и подобри политики и по квалитетни кадри.
Во конкретниве случаи имаме потполно промашување на политичката доктрина, а тоа е
дека тие божем се борат против Мицкоски. Со тој мајтап тие всушност му помагаат на Мицкоски
да остане таму каде што е, а нам на демократските и про-европски сили во ВМРО-ДПМНЕ ни
одмагаат. И убеден сум дека покрај тоа што намерно се мајтап со македонските граѓани, тие
намерно и му помагаат на Мицкоски да изврши внатрепартиска мобилизација за заштита на
неговиот лик и дело од божем нападите на СДС умрено и предавниците внатрешни ем
надворешни.
Врв на мајтапот кој го прави Филипче кон македонските граѓани е неговото лицемерие
дека е за ЕУ, додека во пракса го заштитува Мицкоски, односно се заштитуваат меѓусебно. Еднаш
ви реков, дека доколку не се свестиме на време, за следен премиер ќе ви го инсталираат Филипче и
се ќе си остане исто. Патем видете кои се се вклучи токму во одбрана на ликот и делото на
Мицкоски по овие најави на Филипче и СДС-ДОС.
Средбите и про европските активности на Мицкоски во ЕПП
И додека Филипче се мајтапи со македонските граѓани, Мицкоски се мајтапи и со сите нас
во ВМРО-ДПМНЕ. Отиде на годишниот конгрес на ЕПП во Брисел и се сретна со Пленковиќ. Ами
се сретнува со Пленковиќ на секој мултилатерален настан. Да го прашам Мицкоски: „Кога ќе се
сретнеш со некој европски десничарски премиер на билатерална средба“?
Доколку сте забележале сите средби на Мицкоски со едикојси се случуваат на
мултилатерални средби. Целата меѓународна и божем европска политика на Македонија е сведена
на средби – видувања при мултилатерални настани или овде во Македонија на некои настани на
кои ќе се согласи амбасадата на ЕУ да учествува или некоја друга амбасада. Но и тогаш нема
конкретни политички разговори или пак договор за спроведување процеси. Има само ПР сликички
или обиди да се биде духовит седејќи зад Урсула, но тоа не се смета за политички успех, освен кај
нашите сограѓани кои сакаат да му се додворуваат на Мицкоски и кои самиот Мицкоски ги смета
за корисни ФБ идиоти.
Силен е впечатокот дека Мицкоски би сакал да се скрие и надвор од сопствениот му
клиентелистички круг да нема комуникација со никого, но да си го грицка мандатот, а ако може и
уште еден.
Добро е што граѓаните не гледаат така на неговите желби, туку кај граѓаните се гледа
апатија, очај, тага и желба за заминување од Македонија. Останаа празни големите авиони на
унгарската компанија, никако да почне големата преселба на нашите сонародници од туѓина назад
во Македонија.
Министерски мајтап
Неделата што измина излезе и Мисајловски на интервју. Излезе човекот и го стави во
непријатно новинарот кој беше збунет од признанието на Мисајловски. Но добро е што
Мисајловски си призна онака потполно не свесен за тоа. Впрочем, Мисајловски изјави дека
доколку бевме членка на ЕУ набавките на вооружување и опрема за одбраната на Македонија ќе
беа многу поевтини, како и користењето на одредени фондови ќе беше достапно. Точно министре!
Добро утро Колумбо!
Е сега уште да имаш храброст тоа да му го кажеш на Мицкоски и да преземеш конкретни
чекори во таа насока.
Се друго што кажа Мисајловски беше полувистина и мајтап, забава за и така малата
публика која го гледа. На што ли се должи тоа што министерот за одбрана по скоро две години
извршување на функцијата се уште не ги има усвоено термините кои се користат во одбраната? А
и очигледно е дека оние кои го подготвуваат за интервју знаат помалку и од него.
И така играјќи си мајтап со македонските граѓани, Мисајловски во еден миг ја помина
домашната линија и почна да си игра мајтап со НАТО и тоа преку Украина. Ами му се може – ем
ќе го задоволи шефот Мицкоски – ем пред одбраната клиентела која според гледаноста е мала
група но одбрана, ќе испадне патриот – ем пред Вучиќ и Орбан, а богами посебно пред Москва ќе
испадне лојален. Што се вели – три во едно.
Но што е всушност вистина? Вистина е дека заради досега дадената помош на Украина (од
претходната влада – колку и да беше утепана „со ловџиска пушка“) Македонија доби десетици
возила донација од земји членки на НАТО, како и униформи и донации за разна опрема (намерно
не наведувам прецизни информации). Оттука, мајтап е да се тврди дека „не даваме затоа што
ништо не добиваме за возврат“, посебно кон нашите партнери во НАТО. Мајтап кон Украина и
кон НАТО е да не даваме застарено вооружување кое и ние не го употребуваме и лежи во
магацини, а да глумиме големина, како што е мајтап да ветиме 150 КВ генератор за хуманитарна
потреба за Украина, а да не го испорачуваме. Со вакво играње мајтап, добро е што се уште ни
даваат донации и што сакаат да соработуваат со нас.
Мајтап е и одговорот на прашањето во врска со однесувањето на Вучиќ во врска со сојузот
помеѓу Хрватска, Албанија и Косово, а лага е дека немало покана до нас. Изгледа Мисајловски
заборави дека Мицкоски во една прилика рече дека Македонија токму поради односите со Србија
не прифатила да влезе во овој сојуз. Ех министре, го утна мајтапот. А новинарот не се сети да те
праша за изјавите на некој блиски луѓе на Вучиќ во врска со тоа зошто набавиле хиперсонични
ракети воздух-земја со дострел од 400 километри. Да те прашаше мајтапот ќе беше уште поголем.
Добро што не те праша.
Мајтап е и тоа дека во дневните билтени се следи состојбата во Иран. Се следи преку
медиуми, во спротивно Мисајловски ќе дадеше некоја проценка на безбедносната состојба во
однос на ризиците и заканите врз Македонија. Но се прашувам и дали знае што е тоа проценка на
ризици и закани и безбедносна состојба, затоа и тврдам дека човекот се појави на интервју по
задача за да исполни норма од појавување во јавност и малку да се помајтапи со македонските
граѓани. Но најсилно беше она „знам ама не смеам да кажам“. Каков мајтап, како ние да очекуваме
министерот за одбрана да ни зборува за конкретни податоци кои се однесуваат на армијата или
одбраната? Не бре Мисајловски, очекуваме да зборуваш за одбранбените политики – ако знаеш
што е тоа.
Токму во тој контекст ништо не слушнавме во врска со развојот на воената индустрија што
е стратешка цел. Ех, да, се уште немаме стратегија за одбрана, па министерот нема за што да
зборува. Затоа ни кажа дека ќе се реновира домот на армијата во Скопје со пари од УНДП. Но ни
кажа и колку тој би сакал еден воен хеликоптер да биде вооружен „до заби“. Ами не може – нема
заби хеликоптерот. А и никој не му кажал на Мисајловски дека постојат хеликоптери со различна
намена, па така доколку сака хеликоптер до заби вооружен нека купи една ескадрила борбени
хеликоптери – ете да му мине меракот. А за сместувањето, одржувањето, вооружувањето,
муницијата, обуката и друго, потоа ќе му мислиме. Ех, да не пукне, голем мајтапчија излезе – до
заби.
Инаку да го потсетам министерот дека за хранарина во армијата и министерството се
исплаќаат месечно под 6.000 денари и тоа не е пресметано во плата. Повторно некој го има
излажано дека се работи за 7.000 денари, како и за тоа колкава е платата на еден професионален
војник кога не мајтапеше минатиот пат. Тоа што се обидувам да го разберам покрај големиот број
тужби и тоа што Мисајловски како мантра го повторува дека нема повеќе тужби во
министерството за одбрана, е фактот утврден од ревизијата дека во 2024 година министерството на
име разни отштети кон вработените има исплатено од буџетот околу 12,5 милиони евра. Огромна
сума доколку е навистина така, а нема одговор за тоа кој е одговорен, што поради не почитување
на законските одредби или намерно укинување на правата на вработените во министерството и
армијата, државата – ние сите, преку министерството за одбрана сме во зијан. Како во правната
служба на министерството да работат фантоми, а и никој од министрите не е одговорен, а
всушност министерот е одговорен за работата на министерството. И ај сега, кој со кого се мајтапи?
Последниот мајтап е повторно на сметка на професионалните војници. Аман веќе, да не се
професионалните војници, со што ќе раководи министерот односно генералштабот и со кого ќе
командуваат старешините. Војникот е најмал но основен и најзначаен фактор во составот на
армијата и како борец основа на водењето на вооружената борба за што впрочем се подготвува
секоја армија. Министерот мисли дека професионалните војници треба да живеат во колективни
објекти како да се војници на отслужување на воен рок или питомци на школување. Малку ги
мајтапи, но по малку мислам дека по ова прашање министерот е аутистичен. Со оглед на тоа дека
не служел воен рок и со армијата се има сретнато досега само на филмови или доколку се
разминел со некое воено лице на улица не сум изненаден околу овој став. Но очигледно е дека
преку него мајтап играат и тие кои би требало да го советуваат, а очигледно и Ковачки не сака да
му каже, го зафркава. Аман Драган, па не е коректно на нашиот сопартиец кој е на функција
министер за одбрана да не му ја објасниш разликата помеѓу војник на отслужување на воен рок и
професионален војник.
За крај, воведувањето служење на воен рок министре е прашање на проценката на идните
загрозувања на државата и видот и обемот на тие загрозувања. Обуката при служењето на воен рок
е обука во одбраната, а обврска на државата и надлежните институции е да направи планови за
обука на населението преку која ќе се засили отпорноста. Таа отпорност не е отпорност на
куршуми и бомби, односно засолнување и преживување, туку отпорност кон многу аспекти на
војувањето. Државата не војува само со оружје и војната не е изразена само низ еден нејзин
специфичен облик – вооружена борба.
Но за да не мислиш дека и јас терам мајтап со тебе, еве министре те поканувам да дојдеш
на едно мое предавање по предметот Полемологија. Кога сакаш и избереш ти, бидејќи моите
предавања и испити се јавни како што предвидува Законот за високо образование кој патем да те
потсетам ти не го спроведуваш а си должен. Јас сум со студентите – питомците на предметот
Полемологија (наука за војната) секоја среда од 08.30 до 12.30 во 55-ка во училница бр.3 – повели,
ќе научиш нешто што ќе ти помогне на состанокот на министрите на НАТО во Јуни. Да не те
земаат таму на мајтап кога веќе ти се мајтапиш со македонските граѓани – а се мајтапиш ли?
Оливер Андонов