Дилемата за неделнава колумна беше во изборот на темата. Дали да пишуваме за геополитичките случувања и новиот геополитички мозаик и нашата – македонска позиција во него, или да пишуваме за бурата во чаша вода (чашка за ракија) во врска со Конгресот на нашата партија ВМРО-ДПМНЕ.

Било каква анализа или осврт кон Конгресот  на ВМРО-ДПМНЕ и „изборот“ или поточно самоназначувањето на старо-новиот претседател е сосема непотребно и претставува само изгубено време без конкретни резултати врз Македонија и партијата. Одамна кажавме дека за да биде сериозен настан изборот на претседател на нашата ВМРО-ДПМНЕ, истиот треба да биде уреден како внатрепартиски изборен процес каде што ќе гласаат сите членови на партијата. Но ете и понатаму не е така иако се глуми демократија со назначени овој пат 800 делегати, а за да се даде масовност, демократски привид и божем значај на нечии суети и 1800 гости, како што најави партискиот ген-сек. И повторно се кршат одредбите од Статутот на партијата и на една недела пред одржување на 18-от Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ никаде не може да се видат Одлуките за одржување на истиот, како и списокот на делегати. Овие постапки и факти само укажуваат колку како Внатрепартиска фракција за демократизација и ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ сме во право дека на нашата партија и е неопходна итна демократизација и промени на Статутот пред да се урнеме со тресок како СДС умрено. Се друго ќе остане како ФБ постови колку убаво си поминале во Кавадарци и кој со кого се сликал во квази патриотски и божем ВМРО-вски дух.

Но да си се вратиме ние на денешната многу важна тема на оваа неделна колумна видлива низ призмата на последните геополитички турбуленции, а тоа е прашањето на геополитичките поместувања и создавање на новиот геополитички мозаик во кој ние не учествуваме и не го пополнуваме нашето место. Впрочем, не се ни трудиме да учествуваме, затоа што не знаеме како, но и каде да се позиционираме иако ни е јасно покажано и кажано. Е ова треба да е сериозна тема за разговор, а не внатрепартиските авторитарно договорени активности со познат крај уште пред да започнат.

Тука во меѓународните односи, особено при вакво „чудно“ и пред се непредвидливо и брзо променливо однесување на Трамп, војната во Украина, интересите на Кина, ароганцијата без покритие на оној Сатрапот од Кремљ и обидите за деструрање и дезинтегрирање на ЕУ и НАТО, клучна е големината на политичката мудрост како побрзо и на вистинско место да се позиционира Македонија. Не да се позиционира формално, декларативно, преку истрошени флоскули за нашиот „цврст“ европски пат и божем стабилно членство во НАТО, туку да се позиционира директно и практично, а со тоа и ефективно со јасен план и стратешка цел. Во изразувањето на овој став нема да ни помогне постојаното подигање на тензии со Бугарија како зацртана и единствена надворешна политика на владата на Мицкоски со цел одвраќање на македонските граѓани од желбата и практичното членство во ЕУ.

Оттука, можеме сосема јасно да го видиме мозаикот на идната слика на распределба на силите во Европа. Во Европа затоа што тука ќе се прекршуваат геостратегиските интереси на САД, ЕУ, Русија и Кина. Како и секогаш, кој ќе ја „владее“ Европа тој ќе има влијание врз светот. Европа по својата бројност, ресурси, култура, економија и техничко-научен развој има несомнено стратешко влијание не само на континентот туку и врз соседните региони на Блискиот исток, Кавказ и Северна Африка, а со тоа и во светски рамки.

Одамна пишував за тоа дека Европската унија е стратешки глобален актер и тоа и ќе остане и ќе зајакне во тој контекст со јасна тенденција, без разлика на тоа колку руските портали и разни ботови и тролови постојано (веќе 30 години наназад)  зборуваат за тоа дека ЕУ само што не се распаднала. ЕУ нема да се распадне, туку токму спротивно, ќе ги преземе обврските за своите директни активности на европска почва или како што тоа се вели во Европскиот безбедносен простор и соседството. И да не се сомневаме дека во таа активност на ЕУ која е во тек веќе и се придружи и Обединетото Кралство како клучен партнер кој несомнено de facto е дел од ЕУ, или да појаснам за некои, од Европскиот безбедносен простор.

Моменталната политика на САД кон Русија, поточно неурамнотежената политика на Трамп кон Путин (одушевување, имитација и несериозност), како и принципот на семејна бизнис политика на Трамп во светската политика ќе завршат. Посебно со изборите за Конгресот на САД догодина, а потоа и за следните две-три години кои за жал ќе треба да ги преживееме и ние и нашите пријатели и сојузници во САД и Европа. Со разните афери, како што е Епштајн или видливиот руски ракопис на божем „планот на Трамп во 28 точки“ (од кој и самиот Трамп сега се откажува), притисокот врз Украина кој во најмала рака можеме да го наречеме притисок а се работи за уцена и играчка со опстанокот на цела една Европска нација – Украинската, глупавите обиди да се врати Путин од изолација на светската сцена и да се направи Русија геополитички фактор и со потценувањето на Европа и Обединетото Кралство во решавањето на војната во Украина, се внесуваат во обид дополнителен хаос и раздор во ЕУ и НАТО.

И сето тоа  го гледа Кина која божем мудро молчи, а ги остава довчерашните сојузници ЕУ и САД да имаат дисфункционални политички ставови, ја остава Русија да слабее на секое поле, заплеткана во војна која самата не може да ја добие (затоа Путин и го употребува Трамп преку Виткоф кој добива напишани текстови од Д’митријев кои треба да му помогнат да ја добие војната), и токму посакува да се случи преседанот на Европска почва, по Втората Светска војна да се изврши насилно прекројување на границите.

Патем, ги замолувам рашистичките пропагандисти и „умници“, како и белградските платеници, да не тресат глупости правејќи паралела помеѓу Украина и Косово. Таа тема е посебно интересна за обработка (дури и научна) и за неа е потребно да отвориме историско, правна и уставна расправа за позицијата на областите во Украина кои Русија ги окупира и Косово и Војводина во рамките на СФР Југославија и глупавата политика на Милошевиќ.

Во конкретниот случај со Украина работите се јасни, Русија изврши агресија врз една суверена и независна држава со што ги прекрши правилата на меѓународниот поредок. Оттука, Русија е агресор а Украина жртва и за тоа нема понатаму дискусија. Згора на тоа што во Украина секојдневно страдаат десетици цивили надвор од линијата на фронтот и тоа како резултат на руските ракетни и дроновски напади исклучиво намерно врз цивилни цели.

Но да се вратиме на Кина и нејзиниот геополитички интерес со обидот за  какафонијата во Европа. Пред се обидот за отстранување или онеспособување на ЕУ како глобален политичко-безбедносен актер и преседанот од промената на границите со војна, односно уривањето на меѓународниот поредок и норми.

И еве приказна за широките маси. Кина ќе го окупира Тајван, откако САД – Трамп еднаш ќе „благословат“ а потоа и ќе спроведат таков преседан и тоа во Европа. Тогаш и Кина ќе го има оправданието за окупација на Тајван.

Всушност на Кина многу и одговара слаба Русија, економски и војно-технолошки исцрпена во Украина и неспособна за било какво влијание во средна Азија и на Далечниот Исток со што на Кина и се остава тој регион кој е далечен за ЕУ да го расправа и моделира најмногу со САД (во зависност од интересите на Трамп) и скоро сигурно со Обединетото Кралство и Комонвелтот. Во тој контекст на односи со САД, Кина ќе понуди семејна бизнис зделка на Трамп и ете решение за неа и повторно преседан. Во исто време Кина се обидува преку Русија да ја ослаби и ЕУ, но и да ги тестира нејзините способности и граници на политичка и безбедносна издржливост.

Така распоредот на геополитичка моќ ќе се промени во иднина во насока на мултиполаризам, но со кои се актери и со каква моќ допрва ќе видиме. Во тој мултиполаризам ЕУ ќе остане глобален политичко-безбедносен и економски актер кој ќе се соедини со Обединетото Кралство во однос на заштитата и контролата врз европскиот безбедносен простор и неговото соседство. Се работи за исклучително голем радиус на делување на ЕУ од Брисел и од некогашните во Лисабон утврдени 6.000 км, ќе се зголеми на 10.000 км. Едноставно ЕУ мора да ги штити своите надворешни граници, а тие се во регионите надвор од Европскиот континент.

Во тој нов распоред на геополитиката, Македонија е само едно камче на кое никој нема да му дозволи да го нагрди мозаикот, односно да биде дупка во која ќе се испреплетуваат руските или кинеските влијанија во мекиот стомак на Европа и постојано ќе предизвикуваат дијареа која ќе ја деконцентрира и мачи Европа, а што е видлива долгорочна цел на Русија пред се. Оттука, стабилизацијата на односите помеѓу сојузниците во јужното крило на НАТО и зацврстување на европското НАТО е неминовен процес кој само дополнително мора да се зацврсти со европските врски, отворените граници, почитувањето на човековите права, демократијата и доминација на европските вредности.

Ова многу добро го знае владата на Мицкоски но не може да го реализира поради претходно преземените обврски кон своите доверители. Ова одлично го знае и го гледа ЕУ, но се обидува да биде трпелива и да најде демократски начин за решавање на прашањата кои се за неа самата од стратешко значење. Тоа време за демократија и трпение брзо се троши, така што во еден миг ЕУ ќе биде принудена да дејствува рапидно брзо и одлучувачки, што можеби нам ќе ни изгледа брутално, но едноставно се работи за нејзиниот, но и за нашиот опстанок, за што самите ние не сме баш свесни. И ова можете да го видите на примерот како ЕУ и Обединетото Кралство многу сплотено реагираа на оној божем „Предлог на Трамп за мир во Украина“ што доведе до негова ревизија до степен на прашање „дали воопшто ќе се прифати да се разгледува“. Повторно останаа празни гласови повиците на Сијарто и Орбан (другарчињата на Мицкоски), на Фицо и П’сков дека некој во ЕУ сакал војна. Празни приказни за глупи луѓе. А кој ја започна војната во Украина? Тој што ја започна и неговите платени сателити таканаречени божем „суверенисти“ сега зборуваат дека ЕУ е воинствена. Каква безобразна замена на тези и испревртени слики, сосема својствено за Путин и неговата банда од Кремљ, но и за нашите рашистички потрчковци. Но сигурен сум дека Европа многу бргу политички ќе расчисти со овие рашистички сили кои работат на дезинтеграцијата на Европа а ги сакаат европските пари (за себе секако), употребувајќи најдемократска процедура.

И во една ваква геополитичка состојба владата на Мицкоски упорно  се занимава со анти европска кампања, ги подига страстите во односите со Бугарија и вергла празни фрази во контекст на квази патриотизам. Ништо од засилувањето на НАТО позицијата на Македонија да пораснеме од тактичко на оперативно ниво и да бидеме цврстото камче во геополитичкиот мозаик на новото европско време кое преку Македонија ќе поврзува три европски мориња и ќе стабилизира еден цел регион. Ова се определува како држава која зрачи стабилност и сигурност, односно во рамките на НАТО е со висока отпорност и цврста одбрана.

Ние припаѓаме на Европа и географски, но уште повеќе културолошки, економски и на секој друг начин. Тоа што Мицкоски не замајува со квази патриотизам е најпростачки начин во обидот да остане на власт за да ги реализира своите должнички односи кон доверителите му.

Нема поголема сувереност и достигнат патриотизам за мала и слаба држава како Македонија од тоа да биде на масата и рамноправна во ЕУ. Преку таа и таква ЕУ, како глобален актер, Македонија да учествува во геополитиката, а преку својата територија, повторно преку ЕУ и НАТО (европското НАТО) да биде дел од геополитичкиот мозаик. На тој начин низ телата и институциите на ЕУ да влијае врз светската политика, но и да ја воздигна македонската нација како рамноправна современа европска нација која учествува во европската иднина.

Ете затоа е важно да го разбереме мозаикот кој се создава пред нашите очи, да се приклучиме кон ЕУ и Обединетото Кралство како најблиски партнери и сојузници, да учествуваме и тоа активно во Коалицијата на волните како вовед во европското НАТО и искрено да и помагаме на Украина во нејзината праведна борба. Борбата на Украина е борба за нејзиниот дел во мозаикот, но не помалку борба за сите нас, за силна Европа во новата геополитичка прагма.

Каде сме ние тука и кога ќе го пополниме нашето место во мозаикот пред друг да го пополни и одлучи како? Ова прашање треба пред македонската јавност искрено да го одговори Мицкоски кои сака да зборува за се и сешто. Ние како Внатрепартиска фракција во ВМРО-ДПМНЕ го знаеме и имаме одговорот, но повеќе сме за конкретна работа, а и тука знаеме како.

 

Оливер Андонов

 

 

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *