Чудна карма е ова за Мицкоски (чие хоби е да биде премиер) и Тошковски (министер по занимање). Освен нападна пропаганда од страна на владата во координација со СДС пропаднато, а со цел да се реализира политикантската театарска претстава врз Македонија и се да си остане по старо, ништо друго не гледаме во јавните политики. И ќе си остане, не се сомневајте во тоа. За едно месец-два, дефинитивно ќе заборавите на Кочани или барем ќе ви изгледа како трагедијата да се случила некогаш одамна и некаде далеку. Е токму тоа е целта, да се заборави, а како што еднаш ви напишав, заборавеното знаење, како и немањето колективна меморија се најсигурниот пат кон заостанувањето на нацијата и нејзино заминување во историска темнина, или Македонија и македонската нација, Македонците да бидат фуснота во европската историја. Си беше еднаш…
За деветти мај (или историското знаење)
Неделава се одбележаа осумдесет години од завршувањето на Втората Светска војна на територијата на Европа и денот на победата над Фашизмот, но и денот на Европа. Во јавноста видовме многу реакции, особено на социјалните мрежи по повод овој јубилеј. Изразено про руски реакции кои не се ништо ново, но кои ги перципираат како сопствена дневно-политичка можност политикантите во Македонија. Но загрижува изразеното незнаење на македонската јавност за историјата, политиката, идеологијата и современите мотиви за одбележување на 9-ти Мај како ден на Европа, победата над Фашизмот и осумдесет години од завршувањето на Втората Светска војна. А сето ова е меѓусебно поврзано и тоа не може да го избрише ниту една пропаганда колку и да е силна и колку и да Русија под Путин (затоа поточно Кремљ, не Русија) се обидува преку хибридна војна да направи тотална збрка и замена на вистината.
Најпрво, да се потсетиме дека Втората Светска војна започна на први Септември 1939 година со нападот на нацистичка Германија врз Полска на што реагираа Обединетото Кралство и Франција застанувајќи отворено на страната на Полска. На овој напад претходеа низа други настани, од кршењето на Версајскиот мировен договор од страна на Германија во 1936 година и влегувањето (милитаризацијата) на Рајнската област, преку аншлусот на Австрија, до Минхенскиот договор во 1938 година и анексијата на Судетската област и окупацијата на Чешка и прогласувањето на независна Словачка под Тисо (не слушнавме каков е ставот на Фицо по оваа историско прашање, или подобро овој период да не го отвора, барем не сега кога е во љубов со Кремљ), а особено договорот Рибентроп-Молотов. Е токму преку овој договор – пакт помеѓу нацистичка Германија и комунистичка Русија (поточно СССР), СССР и даде одврзани раце на нацистичка Германија да ја окупираат Полска или поточно да ја поделат со СССР по течението на реката Буг. Денес сите (освен Полјаците) заборавивме за масовните убиства извршени над Полјаците во Катинската шума од страна на СССР. Како да заборавивме дека СССР не беше загрижен ниту за Кралството Југославија (ова за југо-носталгичрите) кога беше нападната од страна на силите на Тројниот пакт и дури Сталин бараше од КПЈ да не преземаат мерки против окупаторските сили се до нападот на Германија врз СССР. Таквиот однос на Русија (СССР) не го заборави ниту Тито, па едноставно во 1948 година расчисти со тој модел кој пак денес Путин преку хибридна војна чии дел е пропагандата сака да ни го врати, а ние во своето незнаење го прифаќаме. Зачудува (или не) подвоениот став на Мицкоски и неговата влада во однос на современа Бугарија која во 1941 година со владата на Богдан Филов беше дел од Третиот пакт, и ставот кон современа Унгарија која во истиот временски период беше исто така членка на Тројниот пакт под водство на адмиралот Хорти. Денес и двете држави се членки на ЕУ, а види чудо, и Орбан не замина на парада во Москва, а заминаа Вучиќ и Фицо.
Всушност, комунистичкиот СССР и неговиот Сталин по ништо не се разликуваа од нацистичка Германија и Хитлер. И во двата случаи се работеше исклучиво за тоталитарни режими кои имаа меѓусебна нетрпеливост, но во се се согласуваа додека требаше да делат некоја трета држава. Замислете да победеше нацистичка Германија, како ќе се толкуваше денес историјата?
Тврдењето дека СССР (колоквиално тврдење дека тоа е Русија) дала најмногу жртви во борбата против Фашизмот во Втората Светска војна или уште повеќе, дека СССР ја извојувал победата над Фашизмот е едноставно потполно неточно тврдење. Точно дека номинално СССР има дадено најмногу жртви во Втората Светска војна. Но поодделно, најголеми жртви во СССР како народ поднесоа Украинците, бидејќи на територијата на Украина се водеа најголемиот број на битки и нејзината територија беше во целост под окупација на Германија поради што дополнително на украинска територија се водеа и партизански дејства. Понатаму, според процентот на загинато население во Втората Светска војна, најголем процент на жртви има поднесено Полска. Посебна работа за анализа е доктрината на употребата на армијата и водењето на вооружената борба од страна на Црвената армија, што како резултат има голем број на загинати.
Кон победата над Фашизмот, односно завршувањето на Втората Светска војна на територијата на Европа (а со сигурност и пошироко на далечниот Исток и Пацификот) несомнено придонесоа западните сојузници на чело со САД и Обединетото Кралство и тоа преку изведувањето на борбените операции во Северна Африка, во Италија, а потоа и на Западниот фронт. Кон ова непосредна борбена активност да не ја заборавиме економско-техничката помош која САД пред се, во текот на целата војна ја даваше – донираше на СССР. Впрочем помошта на САД за Русија (СССР) уште пред САД и официјално да влезат во Втората Светска војна доведе од пресврт на војната во битката кај Москва каде што Црвената армија беше опремена со воена техника, но и храна од помошта пристигната од САД.
Оттука, тврдењата дека Русија е единствената и најзаслужната за победа над Фашизмот е само една неточна историска конструкција наменета за актуелните политички потреби на Путин и креирање наративи за водење на хибридна војна во чија основа се игра врз незнаењето на целните групи (народните маси) и неработењето на државните органи за спречување на влијанијата.
Згора на се, се поставува прашањето: „Го победивме ли Фашизмот на 9-ти Мај 1945 година“? При тоа треба да имаме пред вид дека Фашизмот е само една од тоталитарните идеологии, поради што прашањето може да го поставиме и како: „Ги победивме ли тоталитарните идеологии и автократски режими“?
Токму решението на ЕЗ, 9-ти Мај да биде прогласен за ден на Европа има длабока смисла за трајно сеќавање на жртвите од Втората Светска војна која покрај вооружена борба беше и борба против една тоталитарна идеологија. Потоа и како ден во кој е завршен најголемиот воен судир во Европа и ден на Европската цивилизација, бидејќи Европа е пред се цивилизација. Како ден во кој војнички е победен национал-социјализмот и Фашизмот. Напоменувам, војнички. Во исто време, што е особено значајно, тој ден е и годишнина (оваа година 75 години) од декларацијата за Европа на Роберт Шуман, или почетокот на создавањето на денешната ЕУ. Оттука, сосема се неточни и погрешни обидите за глорификација на денешната Русија и ограничување на значењето на 9-ти Мај единствено како ден на победата над Фашизмот во кој Русија имала одлучувачка улога.
Но за да може да кажеме дека навистина сме го победиле Фашизмот, токму Европската идеја врз која се темели ЕУ е демократија, слобода, братство, рамноправност, засновани врз Француската буржоаска револуција, врз заедничката европска цивилизација, историја и наследство, потребно е да ги победиме сите тоталитарни тенденции. Овие тоталитаристички идеологии (како и да се нарекуваат, фашизам, нацизам, комунизам) денес во современа Европа оживуваат низ автократските режими поддржани од Кремљ. Идеолошки се спакувани во флоскулата „суверенизам“ што не е идеологија, туку теориско оправдување на автократијата, посебно во однос на оправдувањето на војната која Путин ја води против Украина. Денес 80 години по завршувањето на Втората Светска војна и поразот на нацистичка Германија, Русија е агресор врз Украина, како и да сака тоа да го прикаже со лаги и измами кон широките народни маси, таа е и ќе остане забележана во историјата како агресор врз Украина, а не и е прв пат.
И толку за 9-ти Мај и неговото значење во директна историска и пренесена смисла. Па кој разбра, разбра, кој не, тоа му е, нека чита историја, но со разбирање.
За кармата на Мицкоски
Јас би рекол дека се работи за комбинација од незнаење и неработа. Но да не бидам груб и погрешно разбран, еве ќе кажам карма – судбина.
Е карма, кога постојано објаснуваш како оние претходните се виновни за се, а не се зафаќаш за работа за да ги спречиш последиците од неработењето на претходните. Не се спречуваат последиците од неработењето и незнаењето со постојано повторување на виновноста. Тоа се постигнува со макотрпна работа. Не со безполезни јавни или тајни патувања со баџанаци, туку со осмислена и точно испланирана динамика на работа, нејзина проверка во врска со резултатите и постојани корекции. Тоа се нарекува едноставно „план за работа“ и јавни политики. Но за да имаш план за работа, треба да имаш и идеја што треба да работиш и во кој временски период на краток и долг период. Тоа зависи директно од знаењето и од работните навики. Во спротивно како карма ќе ти се враќа се што си зборувал или зборуваш за оние претходните (името да не им се споменува). И буквално ќе ти се врати и тоа во истиот облик и на истиот политичко-општествен начин.
А Мицкоски јаден, не само што не знае туку и не смее да работи. Ами така му е наредено а тој за да преживее политички мора да ги почитува наредбите од претпоставените.
И видете ја сега таа шизофренија на македонската политика. Како карма му се враќа на Мицкоски. Стоиљковиќ го прима Селаковиќ и заедно со Баздникин (рускиот амбасадор во Македонија) положува цвеќе на „рускиот“ споменик во Скопје. Мицкоски „приватно“ (со баџанакот) исчезнува во непознат правцец (тој не е од тука). Муцунски на покана на украинскиот Министер за надворешни работи оди во Украина. Оној Апасиев оди во Москва. Е Бог да чува. Ај што Апасиев применува прагматична политика со која сака на Мицкоски да му го одземе приматот за прв про руски играч, или така се договорени за да му го намали притисокот, туку Стоиљковиќ како потпретседател на владата ја отсликува целата владина шизофренија. Ова е според онаа „дај лев жмигавец, врти десно“. Само што Мицкоски мисли дека доколку исчезне во Виена на два дена никој ништо нема да го праша затоа што не е (од)тука. Е тука е проблемот со неговата карма. Никако да разбере дека колку и да се прави на будала, кармата ќе го стигне, бидејќи е кучка, нели. Па оттука, тешко дека ќе може да се оправда за една ваква шизофренија. Впрочем, како Внатрепартиска фракција неколку пати јасно му советувавме на Мицкоски во однос на политиката да биде јасен и да се изјасни дали е за тоа Македонија да биде дел од ЕУ (не само декларативно) или е за тоа Македонија да биде блиска до Русија (или БРИКС). Една вака јасна одлука е чесна кон македонските граѓани, добра за здравјето на општеството, а секако политички го ослободува Мицкоски од жонглирање со флоскулите дека е за ЕУ и праксата со која покажува дека е против ЕУ. Тогаш нема да има потреба да игра политикантски игри со Апасијата, па овој божем му е опонент и е отворен про руски политикант, а Мицкоски е божем про ЕУ. Нема врска тоа со политика, тоа има врска исклучиво и само со личен интерес, а всушност држење на Македонија и нејзините граѓани во капсула на потполна изолација. Па видете, ние сме политички изолирани, ниту една билатерална средба нема Мицкоски а и тоа што се случува се формални еднодневни состаноци на странска иницијатива на пониско ниво (посетата на Милановиќ беше на негова иницијатива и тоа еднодневна) или се работи за групни сеанси на ЕУ кон Западен Балкан. Муцунски во Украина на 9-ти Мај е групна активност на земјите членки и кандидати за ЕУ, во изразување на поддрршка на Украина и како идеја на Украина како против тежа на милитаристичкиот дух во Москва, а не конкретна про ЕУ активност на нашата влада. Тоа покажува немање идеја и потполно отсуство на работење.
Еден мал совет до Мицкоски. Еве како Внатрепартиска фракција да ти посоветуваме кога веќе немаш идеја што би работел од интерес на државата, ајде поработи малку на некои прашања околу нашата партија ВМРО-ДПМНЕ. Не околу нејзината демократизација и промена на Статутот, тоа нема да го направиш, немаш капацитет за толку големи и важни чекори. Направи нешто поедноставно, тривијално но што ќе привлече внимание на нашите сопартијци. За почеток, смени го знамето на кулата на палатата Христо Татарчев (оној бугаринот д-р Татарчев, починат 1952 година во Милано а чии гроб денес е во Софија), кое е излитено, искинато и непроменето последниве осум години, па изгледа како пачавра закачена на стап. До него стави и знаме на ЕПП и знаме на ЕУ. Потоа најди начин па исчисти ги прозорците на партијата да не бидат изгнасени од птичји измет. На крајот осветли ја палатата, па барем да се гледа дека сме партија на власт која се грижи за имотот со кој владее. Белким тоа ќе ти ја сврти кармата во обратна насока па ќе ти текне дека треба да се грижиш и за Македонија која е наша единствена палата. Но да почнеш од помалите работи па белким ќе прогресираш. Ова со авионот ти е малку крупничко засега.
При тоа, не мислам дека меѓусебните доделувања плакети и награди со другар ти Панче, како и на баџанак ти, а потоа и твоите тајни патувања претставуваат некаков почеток. Тоа претставува само уште една случка на траги-комедијата во која учествуваш на мала сцена. Еднаш ти напишав дека ти си премиер 24 часа, но ти тоа не го ни разбираш што значи да си премиер и каква одговорност носиш. За тебе е важно да си премиер за да те викаат „премиере“ и да ти аплаудираат кога твоите клиентелисти ќе ти доделуваат плакети за божем заслуги. Во тој контекст ти е и одбивањето на состанок со тебе од страна на родителите на настраданите – загинатите во трагедијата во Кочани. Токму како одговор на твоето политикантство за заборавање на трагедијата како што и ти нашишав на почетокот на оваа колумна. Тоа се јасни реакции и сигнали за вовед во апсолутизам, но уште повеќе сигурен пат кон пропаст на татковината Македонија.
Кога ќе се стемни
Кога ќе се стемни и нема да биде осветлено, нема да се гледа знамето претворено во пачавра, валканите прозорци, но и не работата а заборавањето ќе биде брзо. Тоа и го сакаат или…
За нас како Македонија поради високото општествено ниво на незнаење, слабиот општествено-интелектуален капацитет, и изразеното владино поддржување на македонската интелегенција со про руска основа заради креирањето на посакуван за нив општетсвен дискурс, се наоѓаме во длабока темнина. Оттука спроведувањето туѓи политики – карма и темнината, тешко дека може да биде видливо тоа дека сме излезени од фокусот на внимание на ЕУ. Некој поголеми геополитички прашања кои се резултат на огромната руска хибридна активност на територијата на Европа, нас како Македонија не исклучи од фокусот на интерес и ни го изгаснаа светлото. Сега веќе мораме самите да го запалиме, во спротивно во темницата ќе имаме само несреќи, убиства, неред, беда и продолжено наследено незнаење. А тоа веќе не е карма, туку лудост втемелена врз будалштина.
Излезот од темнината не доаѓа од надвор, тоа доаѓа исклучиво и само преку општествена мобилизација на самосвесни луѓе кои имаат колективна меморија, национална свест, знаење и волја да бидат во светлината, во Европската Унија. Колку повеќе чекаме некој друг да ни го отвори прозорецот и да ја видиме светлината, толку повеќе ќе тонеме, а разликата, пред се економска и во квалитетот на живеење помеѓу нас и клетите Албанци (Шиптари), Грци и Бугари ќе биде за нас недостижна. При тоа секој од нас поединечно ќе се обидува де замине од тука за да биде во светлината.
Оливер Андонов