Да ги изгасиме светлата, подобро е в темница, барем срамот нема да ни се гледа.

Ете, реков и пореков. Реков дека нема да пишувам колумна до по вториот круг за локалните избори, а потоа ќе направам анализа на истите, но порекнав. Паднав, како впрочем и секој човек што секојдневно за нешто паѓа. Паднав на искушението во облик на дупла провокација. Првата, со колегата Апасиев и неговото интервју на Инфомах, а втората, на дуелот помеѓу Орце и Амар.

Прво излезе Апасиев и како што и очекував низ призмата на идеолошко-политичката поставеност (индоктринираност) го подготви теренот за Амар. Ама, ех тоа ама, Амар испадна дека не што не го оформил своето базично високошколско образование, туку неговата идеолошка подготвеност е на ниво на расказите по политичка идеологија (читај индоктринација) кои ги слушал од Апасиев. Верувам дека доколку Апасиев одеше на дебата со Мицкоски ќе извојуваше брилјантна идеолошко-политичка победа и ќе ја демонстрираше сопствената ерудитност и особено политичка образованост. Ова со Амар беше жално за гледање, за среќа по нас од ВМРО-ДПМНЕ и пред се за нашиот кандидат Орце..

Жален беше и концептот на дебатата која веднаш на почетокот се претвори во една тривијална лавина од лични навреди во кои не беа поштедени ниту родителите на кандидатите. Тоа се случи на самиот почеток што понатаму и даде еден мачен тек на целата дебата која се претвори во дуел со надвикување, ставајќи ја публиката пред дилемата за одбирање на страна за која ќе навива. Така што воопшто не дојдоа до израз идеите и конкретните решенија за потребите на градот Скопје.

До Бога луѓе, па нам не ни треба градоначалник на Скопје за кого ќе навиваме, нам ни треба човек кој е способен да го менаџира градот кој стенка под товарот на милион секојдневни проблеми. Овие проблеми во основа се идеолошко-политички бидејќи политиките, особено оние јавните и на локално ниво се креираат врз основ на идеолошко-политичката база која застапува точно определени вредности. А раководењето со главниот град не е ништо друго туку едноставно и само јавни политики од интерес на граѓаните на Скопје.

Според она што можевме да го видиме во рингот на Канал 5, кандидатите за градоначалник си пуштаа крв еден на друг не врз основ на идеолошко-политичка основа или на политичката мотивација (некој ќе кажат политичка волја) туку врз основ на ниски страсти. Сето тоа подготвено од некој „умни глави“ во партиските штабови кој во својата ПР стратегија смислиле дека треба да се навреди, оцрни, изнервира и дезавуира противникот за да се покаже доминација. Да се нацрта во јавниот дискурс противникот што е можно погрдо и понеспособно. Воедно на граѓаните да им се разбудат ниските страсти и жед за крв, политичка и морална секако. Наместо да гледаме една интелектуална дебата на двајцата политиколози (едниот во најава), ние гледавме лични и семејни омаловажувања. Е па така е кога нашите сограѓани не избраа Универзитетски професор во техничките науки за градоначалник, туку сакаат политиколози. А водењето на градот покрај креирањето на јавните политики врз база на политичката идеологија бара и знаење од практичните можности и капацитети за реализација на проектите. Тоа што го видовме е всушност ништо, бидејќи не видовме ниту еден конкретен проект, разработен во детали (временски и финансиски).

Верувам дека двајцата политиколози во своите намери, а пред се идеи за градот се потпираат на своите партиски штабови и да си кажеме за волја на вистината дека нашиот штаб на ВМРО-ДПМНЕ, колку и да Луке има застарен модел на водење на кампања (од 2016 со покажувањето на сликички), во споредба со овие од Левица кои се изгубени и самоодушевени од тоа што влегоа во втор круг, се покажа поуспешен. Се прашувам дали Левица воопшто има штаб, аналитички центар и проучување на политичките противници? Најпрво нашите се потрудиле да го смират Орце да нема видливи нервозни реакции дури ни во однос на промената на бојата или интензитетот на гласот (со мали исклучоци во кои моменти водителот ја покажа способноста да се вмеша). Амар си беше како секој недоделкан пролетер кој за прв пат за разлика од собраниската говорница каде сам може да си каже што сака како на мегафон, доаѓа пред камерите во директен судир со против кандидат кој му контрира, упаѓа во збор, се надвикува, има поддршка од водителот, му поставува „тешки“ прашања за кои е потребно брзо да се мисли, да се знае и познава градот Скопје и да се дадат веднаш издржани одговори и решенија. Доколку наместо Амар беше на пример Стевче Јакимовски, немаше многу да му помогне партиската подготовка на Орце. Ете тоа го знаат и кај нас во партија, добро го процениле лично противникот според неговиот карактер и капацитет и искуство и тамам успеале да го подготват Орце да ја достигне минималната линија за доминација насочена кон себе прикажување како иден успешен градоначалник во споредба со Амар. Токму затоа од партија и не го пуштаат Соте на дуел со Стевче затоа што знаат дека колку и да го спремаат Соте „Прасе пред Божиќ не се гои“ што би рекле во народните поговорки. Таа доминација Стевче ја покажа на интервјуто на Телма на кое не се појави Соте, па Стевче дебатираше со водителката. Да се појавеше Соте на дуел со Стевче ќе беше нокаутиран во првите три минути и ќе седеше во ќош. Вака остана надежда дека ќе се манипулира со граѓаните сепак Соте да се избутка, ама тешко тоа. Ете Христијан како поминуваат твоите кадровски решенија, односно твоите другарчиња буткани на партиски грб заради лукративни цели. Оние „паметните“ божем инфлуенсери и новинари кои за паричка и сопствениот задник си го продаваат и што сега пишуваат навивачки и навредувачки постови, воопшто не се важни во однос на креирањето на јавното мислење. Тие реално се контра продуктивни за нашата партија.

Како и да е, Амар покажа непотребна нервоза која е резултат на непознавање на состојбите, слабост на карактерот да реагира при директни провокации и навреди, односно споменување на семејството како резултат на некои минати трауми од детството. Посебно разочарувачки беше што како млад човек, а и не толку млад на 29 години се уште не го оформил високото образование за да може сериозно да се занимава со политика. И ние во партија имаме такви случаеви на „угледни“ партиски членови кои како пратеници успеаа да го завршат факултетот. Потоа од нивните и професионални и политички кариери ништо не остана, си останаа потрчковци и подлизурковци кои да не е нашата ВМРО-ДПМНЕ не би вределе ништо на пазарот на трудот и во општеството. Ете таков впечаток остави и Амар. Токму како што Апасиев остави впечаток дека е неприкосновен во Левица. Исто како и Мицкоски во ВМРО-ДПМНЕ според истиот модел. Но не поради друго, туку само поради тоа што немаат никој околу нив кој со капацитет и интегритет врз идеолошко-политичка основа ќе им се спротивстави во однос на креирањето на политиките, дури и оние јавните.

Ете тоа е сликата на македонската политикантска сцена и затоа гаси светло и пушти НОКТУРНО. Полесно ќе ни биде да преспиеме, особено на нас од Скопје.

Искрено кажано, да сум на место на Орце, нема да има никаква потреба да излегувам на втор дуел и да му дадам можност за поправен на Амар. Ова е тамам според ПР правилата доволно два дена по дуелот да се испукаат по ФБ сите и да остане впечатокот, така што нема потреба од ризици. Мојата перцепција е дека доколку се оди како што е најавено на втор дуел на два-три дена пред изборите в недела во подготовката на Амар ќе се вклучи директно Апасиев. Откако му покажа на Амар на кое ниво е, професорот го дисциплинира својот студент во однос на порастот на суетата и сега може да се посвети на остварување на крајната цел пред се лична на среден период, но и целите на Москва. Всушност овој урок му го испредава пред македонската јавност со што ги поби тезите дека е загрозен на местото претседател на Левица. Оваа мака ја отстрани токму како по учебник.

Онаа краткорочната цел на Москва за дисциплинирање на Мицкоски, успешно се реализира преку согорувањето на Амар кое Апасиев го најави ден порано, но верувам дека го присили Мицкоски да мора да води тајни политички преговори за да опстане со победа во градот Скопје и неговите газди да ја утврдат новата политичка цена која ќе ја платиме сите ние од ВМРО-ДПМНЕ, а секако најмногу Македонија.

Затоа и не очекувам ништо посебно да се случи в недела освен можеби поголем број неважечки листиња или експлозија на инаетот на Скопјани. Загрозувањето на сигурното водство на Орце зависи единствено и само од тоа што се ветил Мицкоски, посебно по Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ за кој најави дека е потребно внимателно да се следи.  Иако мислам дека нема да се случи ништо спектакуларно во однос на статутарните измени и демократизацијата на партијата.

Секако се околу вториот круг локални избори е условено со нашата партиска машинерија доколку не потфрли кај нашите членови и симпатизери бидејќи притисокот кој се прави на терен е непотребно изнасилен и револтира што може да има негативен ефект, а во политикантското семејство на Мицкоски инцестните активности се на највисоко ниво па не сум сигурен дека ќе излезе на добро. Дури и нашите членови ги лажат и прелажуваат да влезат во инцест дури и помеѓу себе во нашата партија ВМРО-ДПМНЕ. Плодовите кои ќе се изродат од овие инцести многу бргу по изборите ќе ги видиме и ќе ни загорчат и засмрдат.

И да, некои лица под маски не треба воопшто да се појавуваат ниту на социјалните мрежи, едноставно иритираат и го креваат инаетот, но Луке си знае, тој се си знае, само што сега не е 2008 година, а не е ниту 2016-та.

Како и да по патот по кој одиме е НОКТУРНО не ни гине.

 

Оливер Андонов

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *