Размислував за пишување на колумна поврзана со стратегијата за образование која ништо ново, ја немаме. Токму сакав да прескокнам да пишувам за луксузната исхрана на Мицкоски коиј нели пости, за неговите скапи патувања во прекрасната Будимпешта и за не прекрасните политички пораки од таму и во која група земји се подредивме. Нема смисла да се пишува ниту за тоа дека повторно Мицкоски ќе не задолжи со една милијарда кај чичко му Орбан, како и за тоа кој се се сретнал со Груевски во Будимпешта и што ќе докажува Мицкоски. Впрочем, само на глуп човек не му е јасно дека Груевски е потполно под надзор на унгарските служби и секоја негова средба со било кого е документирана и е во посед и на располагање на унгарската политика и за потребите на Орбан.
Но, токму коментарите на мојот Фејсбук профил а во врска со присуството на чествувањето на националниот празник на Република Бугарија во организација на бугарската амбасада во Македонија, ми покажаа една многу загрижувачка социјално-психолошка слика и духовна состојба на дел од македонскиот народ, на мојот народ. И таквата слика и состојба полна со омраза ме поттикна да ја напишам оваа колумна. Ова секако не претставува јавно образложение за тоа зошто како дел од Внатрепартиската фракција за демократизација на ВМРО-ДПМНЕ присуствувавме на еден нормален дипломатски настан на кој патем присуствуваа многу македонски државјани, туку само осврт кон состојбата на нашата македонска свест. Намерата не е ниту да се биде апологета на бугарската историја или да се занимаваме со истата.
Најпрво нешто од историската вистина. Трети Март како Национален ден на Бугарија е „ден на ослободување од османското ропство“. Тоа е официјалниот назив на празникот околу кој за волја на вистината и во Бугарија спорат за тоа дали треба да се празнува или не. Овој празник не е промоција на „Големо Бугарските“ аспирации кон Македонија, туку едноставно ден кога со договорот за мир во Сан Стефано на тогашното Отоманско Царство и се одземени европските територии и тоа после Руско-Турската војна 1877-1878 година. Всушност овој договор и создавањето на таканаречената Санстефанска Бугарија е дело на Царска Русија и на нивните империјалистички цели за геополитичка доминација на Балканот и врз протоците Босфор и Дарданели. Ништо поразлично отколку денешните амбиции на Путин за влијание врз Балканот за да ги оствари руските геополитички цели, и тука не се работи за никаква љубов или пан славизам, туку само и единствено за интереси. Со овој Санстефански договор се формира наследно кнежевство Бугарија како автономно кнежевство во вазален однос кон Турција а на териториите на денешна Бугарија, Македонија, Грција и Турција (вклучително Тракија), Косово, Романија и Србија. Значи не е само Македонија засегната од денешен аспект на гледање на некакви си територијални претензии доколку сакаме да гледаме конфиктно и негативно. Односно доколку сакаме да го поддржуваме ставот на некои современи бугарски политичари со националистички и политички ставови од деветнаесеттиот век. На чело на оваа нова држава е поставен кнезот Александар Батемберг, роднина на руската царица Марија сопруга на рускиот цар Александар II и тоа со директна поддршка на руската војска, поради што кнезот Александар доаѓа во судир со Народното собрание во Трново. Веќе во Јуни 1878 година на Берлинскиот конгрес ревидирани се одлуките на Санстефанскиот договор, а конгресот е свикан на барање на грофот Андраши министер за надворешни работи на Австро-Унгарија првенствено поради големата загриженост од директното руско влијание на Балканот и Блискиот исток. На Конгресот со свои претставници учествуваат Грција, Романија, Црна Гора и Србија, но не и Бугарија и секако за наша жал ниту Македонија. Резултатот од Берлинскиот конгрес е формирање на современата Бугарска држава како меѓународно признаен субјект на 13-ти Јули 1878 година во многу помали граници од денешните. Резултат се и многу територијални промени, пред се од интерес на Романија, Австро-Унгарија и Русија, но и на Србија, Грција и Црна Гора, а никој не се обидел – не предложил да се формира автономна област Македонија во состав на Отоманското царство како што е тоа случајот со Источна Румелија. Инаку, историското искуство од Берлинскиот конгрес и претходната Кримска војна во 1856 година јасно ни ги исцртуваат геополитичките судири и во современ аспект, но кој тоа да го види при очи заслепени од омраза. Оној што во Македонија треба тоа да го гледа нема интерес од тоа туку си ги брка неговите лукративни интереси и согласно истите се престројува.
Преку овие историски факти кои многу потсетуваат на денешните геополитички превирања може да видиме дека во тој период ниту нашата македонска ниту бугарската судбина била во нивни, односно наши раце. Оттука сите националистички изјави на поедини политиканти во Бугарија насочени првенствено кон Македонија се само лични ставови-измислици и митови без историски факти и неостварливи во современието. Впрочем потполно истото важи и за оние во Македонија кои Санстефанскиот договор го разбираат како територијални претензии на современа Бугарија кон Македонија. Познато е дека ние на Балканот многу љубиме да се занимаваме со историски митови а не со факти и од тие факти и собитија да извлечеме поуки за иднината. Токму поради овие историски факти Санстефанскиот договор кој по само три месеци е мртов и на сила е Берлинскиот договор чии што последици и денес ги чувствуваме, не треба да се гледа буквално и погрешно. Во овој контекст имам едно многу логично прашање: „Имено, доколку Русија толку многу не љубеше и признаваше како Македонци и на Македонија гледаше како на лулка на Словенството и Православието, зошто не се избори Македонија да добие автономија, барем по примерот на Источна Румелија? Таа, Русија во Берлин, успешно се избори за слободна пловидба низ морските пропустите и низ Дунав, но и за територијално проширување во Бесарабија и на Кавказ. И толку од руската безгранична љубов кон нас Македонците, или кон било кого на Балканот или во друг регион.
Доколку образованието во Македонија беше темелно и историјата заснована на факти и вистини толкувани врз основ на документи (а 1878 година беше пред 150 години и постојат изворни документи во архивите на Турција, Австрија, Русија и други) тогаш за нас како Македонци, Санстефанскиот мировен договор ќе немаше никакво значење, а за Бугарија датумот на неговото потпишување ќе си останеше само ден на ослободување од османлиското ропство.
Сепак, на јавна сцена искажаната омраза кон еден цел народ а патем и кон мене лично претставува слика на психолошката состојба на дел од македонскиот народ. И не само на психолошката состојба, туку и на нивото на незнаење, необразованост и примитивизам а секако и на не разбирање на современите политички односи и основи на ЕУ. Да биде уште потрагично за Православните Македонци кои само еден ден порано низ социјалните мрежи си честитаа ПРОЧКА (инаку тоа не е празник, туку простувањето има силна духовна порака на почетокот на Великиот пост), а отровот на омразата го истурија на чист Понеделник на првиот ден од Великиот пост. Омраза и тоа кон еден Православен и соседен народ што е показател на исклучиво лоша духовна состојба во која се наоѓа дел од македонскиот народ.
Ова е шизофренична состојба на поединци, состојба на постојана омраза кон некого. Таа состојба е поттикната од политичкиот наратив и однесување на владата и власта во целост. Тоа можеше да се види и од фактот дека на одбележувањето на националниот ден на Бугарија во Скопје немаше никој од министрите во владата на Македонија (со исклучок на Меџити и Таравари) како и не присуство на Претседателот на Републиката, Силјановска. Ние не сме во војна со Бугарија, ниту ги имаме прекинато дипломатските односи за да се покаже игнорирање и таков однос кон една соседна земја. Не беше таков односот кон денот на независноста на Србија и неговото одбележување во Скопје, а посебно на денот на Св.Сава и тоа при еден посебно навредлив настап на Додик. Затоа можам слободно да констатирам дека најдиректно кон еден ваков со омраза полн однос кон Бугарија влијае однесувањето на Мицкоски и однесувањето на владата. Декларативните реторички изјави на разни прес конференции дека сме кредибилен член на НАТО и дека сакаме кон ЕУ, се само празни флоскули, реалноста покажува нешто сосема друго. Очигледно дека Мицкоски и владата и воопшто нашата ВМРО-ДПМНЕ треба да го сменат своето однесување во современиот свет и перцепцијата кон ЕУ. А што ќе се случи со вас кои сте полни со омраза доколку Мицкоски „доброволно“ или во други околности преку посредувањето на другар му Орбан, го смени своето лично и политичко однесување кон Бугарија? Тогаш ќе го мразите Мицкоски, нели, или можеби не? Тешко дека ќе се погледнете во огледало и ќе се засрамите од самите себеси, затоа што ќе треба себеси да се мразите. И Мицкоски ќе треба да се погледне во огледало, но што ќе види а и што денес гледа, тоа само тој си знае.
И тоа, можеби би поминало на едно бедно нецивилизациско ниво преку јавно покажување на некултура, недипломатичност и анти европско и не демократско однесување во исклучиво билатерални односи, доколку Бугарија не е земја членка на НАТО и ЕУ. Згора на тоа на самиот прием беа присутни претставници од сите амбасади во Македонија. А дипломатските претставници кои беа на приемот на било кое ниво и да се во своите амбасади, ќе напишат известување до своите министерства. Тие известувања во рамките на ЕУ, но и на НАТО ќе се разгледуваат и од нив ќе произлезат безброј непријатни прашања за Македонија. И уште кога на тоа ќе се додаде и говорот на омраза, озлобеност без основа излеана на еден обичен ФБ профил и објава од дипломатски настан, сликата ќе биде потполна, и нема да биде убава. Потоа да не ни е виновен никој во Софија, Брисел, Лондон, Берлин, Париз, Рим или не знам каде.
Доколку не ни е јасно дека денешна современа Бугарија не е истата онаа од 1878 година или од времето на Првата и Втората Балканска војна или од Првата Светска војна, или пак од Втората Светска војна, не е истата дури ниту од времето на Тодор Живков иако може да се најдат остатоци на таков ментален склоп кај поединци или помали групи, па ниту од времето на деведесеттите години од минатиот век, тогаш ние имаме сериозен колективен проблем не само со нашата психолошка состојба, туку и со перцепцијата на реалностите во современиот свет. Денешна Бугарија, во средината на третата деценија од 21-от век, е земја членка на НАТО и со тоа и наш сојузник во НАТО. Членка е на ЕУ и е во Шенген зоната на ЕУ. Со сите свои проблеми на внатрешно-политички план, економски или било каков друг аспект на социјалното живеење, бугарското општество токму преку членството во ЕУ е далеку пред нас, а пред само 18 години во 2007 година станаа полноправна членка на ЕУ.
Таквата Бугарија на одбележувањето на својот национален ден во Македонија покажа европско однесување. Имено, македонската химна ја испеа солистка од Бугарија и ја испеа целата од почеток до крај, сите строфи и без грешка, со што и некои наши македонски солисти не можат да се пофалат, а говорот на бугарскиот амбасадор во Македонија беше преведен на македонски јазик, додека оркестарот во својот репертоар исполни и неколку македонски инструментални композиции.
И сега драги мои пријатели полни со омраза, што мислите кој е во зијан? Македонија или Бугарија, посебно во очите на меѓународната јавност во период кога имаме потреси на геополитичката сцена.
Слушам некои имаат „генијална“ идеја да се самоизолираме. Бравос за нив. Заборавија тие како живееше Албанија и Албанците под Енвер Хоџа па сакаат да пробаме и ние. Некои луѓе навистина се без памет, но таа своја глупост ја насочуваат создавајќи штета за идните генерации. Потоа да не ви е криво кога луѓето си заминуваат од Македонија. А секое заминување, посебно онаа под притисок на чувството на отфрленост, на омраза, на лош општествен амбиент, е заминување со огорченост и засекогаш. Таквите заминувања го намалуваат до крајни граници капацитетот на Македонија да биде способна за ревитализирање, бидејќи нема кој со демократски капацитет, знаење и здраво разумски да пренесе искуство на следните генерации кои ќе се родат во Македонија. Тоа што ќе остане и ќе биде пренесено и тоа како дегенеричен национален код, ќе биде само омразата, фрустрациите и чувството за немоќност на Македонецот. Немоќност и фрустрации во сопствената држава, а при тоа во светот нема ниту да не забележуваат.
За крај. Не им е важно на Бугарите колку жолч и омраза ќе истуриме врз нив или особено помеѓу себе. Не им е грижа ниту за нашите удирања во гради дека сме патриоти (оној што се удирао у грудима његовим го заборавивте, никој не го прашува Мицкоски зошто нема обвинение против Заев). Не им е грижа ни дали ќе ги внесеме Бугарите в Устав. Ние сме слепци кои секого и се мразат и никако да видат дека внесувањето на Бугарите и другите во Уставот на Македонија, како и некои други одредби од таканаречениот Француски предлог се всушност постапки кои треба нас да не очовечат и пред се осовременат, европеизираат. Да не натераат да не мразиме, да почитуваме различности, да ги прифаќаме вистините, да бидеме со цврст и голем демократски капацитет, да бидеме кредибилен партнер во ЕУ како што сега не сме во НАТО.
Никој нас Македонците не може повеќе да ни наштети отколку самите себе си, а посебно со фрустрациите и омразата кои ги носиме во себе. Неразбирливо за нормален човечки ум, затоа што истите тие кои ги мразат Бугарите бидејќи не не признавале, не ни признавале македонски јазик, се прашувам зошто ги мразат Украинците и се ситат на нивната несреќа. Веројатно затоа што Русија историски и низ призмата на Санстефано толку многу не задолжи со нивната помош и љубов, па и сега ако треба ќе не брани од лошата Европа. Не знам зошто од пред некое време одеднаш почнаа да ги мразат Хрватите (поради знамето беше или затоа што и тие побараа да влезат во Уставот). Зошто ја мразат Европската Унија, а од нејзините фондови добиваме дотации во буџетот. Го мразат УСАИД, а до пред некој месец во Македонија годишно влегуваа стотина милиони долари пари на американските граѓани и тоа најмногу во државните институции. Има работа за МВР и финансиската полиција, но тоа е за да се утврди кој крадел од парите на УСАИД или не плаќал даноци на македонската држава.
За жал во Македонија најлесно е да се шири омраза, а таа ни е национален спорт комбиниран со дволичноста и неблагодарноста, при што простотилакот и не сакањето да се образува и воспитува идното поколение е научно многу интересна социјално-психолошка појава. Тоа е состојба на психички и духовно болна нација. А таа состојба не се лечи со омраза.
Оливер Андонов