Во светот постојат голем број на професии кои се определени како опасни и штетни по здравјето на луѓето. Овде пред се мислам на оние кои со саможртва, низ научни откритија или политички активизам, го менуваа светот во подобро место за живеење. Наспроти стигматизација од општеството, бидејќи ги рушат старите одамна воспоставени стереотипи подигнати на ниво на догма, сепак се јавуваат личности на кои алтруизмот им е основна филозофија на нивното битисување. Брачниот пар Марија и Пјер Кири како и Александар Флеминг на себе експериментираа пред да ги предадат на човештвото своите откритија. Исто беше и со оние храбри космонаути кои полетаа во непознато ризикувајќи ги своите животи. Плејада храбри личности го моделираа цивилизацискиот развој на човештвото. Во овој контекст би ги спомнал Галилео Галилеј, Џордано Бруно, Никола Тесла, Мандела, Сартр, Мартин Лутер Кинг како лица кои по цена на својот живот и отфрлање од средината останаа на своите ставови за нивните научни откритија и политички активизам. Како би рекол еден од нив „Eppur si muove“.
Во земјата каде што бандите се караат за тоа дали јајцето треба да се крши од острата или тапата страна, реметењето на нивниот мир од позиција на алтруизам е најголемиот грев што може да го сторите. Маките Ви се зголемуваат доколку алтруизмот го преточите низ фракционерско политичко делување. Тогаш веќе имате голем проблем и очекувајте да се вклучат сите во вашата стигматизација со пласирање на најразлични епитети за вашата етичност, криминогеност, асоцијалност и целосно медиумско негирање на Вашата личност, ако затреба и на вашата фамилија. На бандите на „Шилоглавите“ и „Тапоглавите“ кои имаат толку многу интелектуални оптеретувања околу проблемите со јајцето, уште Вие им недостасувате.
Доколку не беше алтруизмот кај некои наши сограѓани, мирјани и свештеници, процесот за автоќефалијата на МПЦ-ОА никогаш немаше да заврши за добро на Православните верници. Секако, во „добриот дух“ на „Шилоглавите“ и „Тапоглавите“ тоа заврши со стигматизација на актерите. Истиот наратив се користи и кон подржувачите на „Фракцијата за демократизација и ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ“, потенцирам подржувачи, „Фракцијата..“ нема членови, сите подржувачи се единствено членови на ВМРO-ДПМНЕ.
Мудрите Градоначалници од „Бандата на Тапоглавите“, во зависност колку сакаат да бидат поблиску до сонцето односно Мицкоски алијас „Кралот на сонцето“, толку се поинвентивни во осмислувањето на подмолни методи и средства за омаловажување и навреда на секој кој се „дрзнал“ да зборува лошо за „Кралот на сонцето“ или пак е забележан во близина на некој од јавно пројавените фракционери. Во овој контекст посебно се истакнуваат Градоначалникот на Кисела вода, како род на „Кралот на сонцето“ со право ја носи дворската титула „Великиот Шут и ордоносец од Прв ред на замонашените момоци“, како и Градоначалниците на Штип, Прилеп и Битола. Верувам дека за тоа ќе бидат наградени од Луј 14/2 + (G x mc2) со поголем % од тендерите кои завршуваат во џебот на Луј-чето. Во такво „наградно“ исчекување се и некои кои себеси веќе се гледаат како министри на „Кралот на сонцето“ и во обидот за јавно додворување на Луј-чето изјавуваат дека не разговараат со тие што го критикуваат нивниот „Крал“ и нив. Велелепен пристап кон демократијата на јавна сцена.
Борбата меѓу момоците на „Кралот на сонцето“ кој да биде поблиску до „Сонцето“ е безмилосна, постојано се менуваат на „АТеПе листата на рекетарите“ кај „Тапоглавите“. Влегувајќи на оваа листа со „вајлд карта“ Градоначалникот на Штип стана „ведета“ на оваа хумореска. Неговите ступидни иновативности почна да стануваат синоним и предизвик за достигнување состојба на „нирвана“ во „Бандата на Тапоглавите“.
Колку „сиви“ клетки се потребни за да осмислиш како да го поништиш алтруизмот на еден твој пријател, сограѓанин и 30 години член на твојата партија. Но тој твој пријател го заслужува тоа, неверник кој не го слави името и делото на Луј 14/2 + (G x mc2) па уште има и „Блиски средби од трета врста“ со подржувачи на фракцијата. „Распни Го! Распни!“
Нашиот тапоглав херој „Неговото Величество Главен Градски Шут“ долго мислеше и на крајот смисли како да се спротивстави на неверникот кој си земал за право да се спротивстави на воспоставената матрица и промовира алтруизам. Замислете само каков натрапник, антипартиски елемент кој се обидува да ја сруши партиската монолитност. Да се осуди на вечно прогонство од партијата. „Распни Го! Распни!“
Некој си таму Јонче Манојлов, каков безобралзук, без никаква надокнада, без никаков финансиски бенефит собрал 30 млади луѓе и ги тренира бокс, врв на безобразлук не им наплаќа ниту членарина, а им обезбедува реквизити и опрема. Навлегол во недозволени активности промовирајќи ја забранетата филозофија на нашите банди, „Шилоглавите“ и „Тапоглавите“, кои децении потрошија додека ја уништат злокобната филозофија на алтруизмот. Ајде да беше збор за тенис или голф, спорт на „нашите“ олигархиско-политички наследници, тогаш ќе беше во ред. Но вака …. „Распни Го! Распни!“
„Припростиот“ Јонче не ја разбрал нашата малтузијанска филозофија. Алтруизам, доблест, чест се само за пред избори колку да ги пренесеме „жедни преку вода“ гласачите. Општо е познато што проповеда нашата малтузијанска библија, најдобро операционализирана преку владеењето на националсоцијалистите и фашистите на Хитлер. Се знае има граѓани од прв и од втор ред, не тече секому ариевска крв низ вените. Граѓаните, надвор од политичката каста, треба само да знаат основна писменост и се потребни за да ги исполнуваат желбите на „богопомазаната каста“. А овој овде Јонче, барем името да му беше народно како Христијан, Иван, Штерјо, Илир, си зел за право 30 млади идни наши поданици, можни следбеници на ЛГБТ традицијата, потенцијални конзуматори на дрога, алкохоличари, насилници, потенцијални сторители на кривични дела идни бездомници да ги извлече од улицата и преку тренирање на благородната вештина ги зарази со својот алтруизам, чест, храброст, љубов, искреност, лојалност. Замислете, каков безобразлук, си зел за право да создава чесни и лојални граѓани. Недопустливо до ниво на терористички акт, мора да се казни за пример на идните генерации. „Распни Го! Распни!“
Дополнително, гревовите не завршуваат тука, таа „бараба“ се спротивставила, замислете гласал против НАШАТА одлука да се зголеми таксата за комунални услуги во градот, зборувал за некакви европски етички вредности, за сиромаштијата на граѓаните, за корупцијата во Јавното Предпријатие. Наместо да си ги земе своите 5000 денари како член на УО и да молчи, заборавил дека „молчењето е злато“ или 80 евра. „Распни Го! Распни!“
Но, има ли крај на гревовите, гавазите информираат дека ги оспорувал кадровските решенија на „Неговото Величество Главен Градски Шут“ и ширел дефетизам меѓу рајата. Поради ова без одолговлекување, за да се спречи можната епидемија, веднаш да се превземат специјални мерки на превоспитување и ресоцијализација, за да се врати во семејството „блудниот син“.
За почеток да се исфрли од член на УО на ЈП„Исар“, нема тој да ги „јаде“ за џабе парите на граѓаните. И Би така!
Да се пренаменат подрумските простории, 7 на 7м со висина од 3м, во Специјална Спортска сала. И Би така!
Да се донесе решение за ќирија за користење спортска сала од 200 ден по час, 6 дена по 3 часа се 3.600 ден, месечна кирија од 15/000 ден. И Би така!
Да се казни за недозволена прекувремена работа и запоставување на семејството. Не е тој вработен во „Бехтел и Енка“ па робски да работи по 10 часа на ден. И Би така!
Да му се одобри годишна финансиска подршка, која никогаш нема да ја добие, од 60.000 ден. Аналогно на две флаши „Чивас Ригал Ројал“ пијалок на Нашиот Семудар Водач Луј 14/2 + (G x mc2), кои ги пие во еден здив после секое посетување на некое село. И Би така!
Да се испитаат политичките мотиви на оние кои пред 60 години го создале клубот и поради антинародно, антимакедонско, црноберзијанско и антиВМРО работење да се затвори клубот. И Би така!
Но ова, на „Неговото Величество Главен Градски Шут“, му се стори некако премногу блага санкција за такво злосторство, па седна да смислува други едукативни мерки. „Наредба за мислење“ добија сите, од мали умни, штрумфови и штрумфети од неговиот вилает, да смислат други мерки за ресоцијализација. Кога еве го најмилиот на „Неговото Величество Главен Градски Шут“, кого одамна го ракоположи во „Благоглаголниот Витез на светиот ред на благочестивите почешиме поташаку“. Шефе, мене ми текна! Ќе ги избушам вечер гумите од Вашиот цитроен, а него ќе го набедиме. Нашите коалициони партнери СДС, пардон, од МВР ќе ни помогнат. И Би така!
Дедо Герасим
Внучко, извини задоцнив! Во последно време имам проблем со мојот временски часовник, можеби батериите ослабнале. Последен пат ги заменив кога бев кај Клеопатра, прекрасната Македонска Кралица. Пред некој ден сакав да дојдам во сегашноста, но…Гледам нешто око не ми фаќа! Доцна есен, а Скопје никогаш поубав, насмеани граѓани, некако слободно се дише, чудо некое. Кога слушам од големиот екран на плоштадот „Александар Македонски“ – ноември 2024г. Ајдеее, пак сум ја утнал! Гледам на Кеј три машки фигури, но некако се движат како да бегаат да не бидат забележани од луѓето. Пријдов до нив, кога под високо подигнатите крагни од капутите ги забележав, тоа беа Тие – „Трио Оксимороникус“ Стево (Прецедникот), Крсто (Даскалот) и Мите (Таче). Така гледајки ги прво што ми дојде на ум е почетокот на сите наши вицови „Си биле Стево, Крсто и Митко…“ Абе, им велам, Вие да не сте побегнати од некој виц?
На денот на Светата Педесетница
Вонреден професор д-р Оливер Андонов