Повторно не можам да најдам простор да пишувам за многу итната потреба нашата партија ВМРО-ДПМНЕ да биде демократизирана и моделот на тој процес да ви го објаснам од повеќе точки на гледање. Многу наши сопартијци се обраќаат до Внатрепартиската фракција за демократизација и ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ предупредувајќи за континуираното прекршување на Статутот на партијата. Иако знаеме за актуелните проблеми во партијата, особено во врска со веќе во пракса како правило применетото прекршување на Статутот на ВМРО-ДПМНЕ од страна на Мицкоски, секогаш ме испреваруваат постојаните глупости повторно од нашата власт. И по осум месеци власт, Мицкоски и неговата влада се однесуваат како да се опозиција, како да не се од тука, како вчера или поточно тукушто влегоа во владата – министерствата. Покрај тоа може да заклучам дека по осум месеци власт владата на Мицкоски покажува голема не капацитетност и тоа во сите министерства. Но, тоа ни е што ни е, ние си ги гласавме и тоа свесно, бидејќи Мицкоски не дојде на чело на ВМРО-ДПМНЕ ден пред изборите. За госпоѓата на Водно немам коментар. И така од почеток јавно го кажав мојот став во однос на процесот со прекршување на Статутот на нашата партија преку што дојде на тоа место (географско – топографско). Затоа и не очекувам некаква реакција од таму, ниту словесна ниту практична.

Енормниот ПР, постојаното сликање, секојдневното појавување на медиумите, секој часовното постирање на социјалните мрежи, за овие политички дустабанлии би требало да претставува замена за неработењето, немањето резултати и за манипулација со граѓаните. А тоа што всушност се случува во секојдневниот живот на граѓаните, тоа не е важно, тоа не мора да се прикажува ниту за тоа да се зборува, па така и нема да добие на јавност.

Е токму поради овој и ваков однос ни се случуваат трагедии, криминалот е во пораст, но ние сме успешна власт, само затоа што во министерството кај другарот Панче не се заведува секој настан во евиденцијата на МВР, а кога нешто не се заведе и го нема архивски-административно, тоа не постои и во реалноста. Постои искуство со такви работи, но што правиме кога „свиркачи“ ќе почнат да ги вадат кривично-правните настани во јавноста?

И замислете, Панче нема појма какви му се советниците, дека никој од нив ништо не знае, нема никакво конкретно полициско искуство во однос на јавниот ред и мир, сообраќајот, криминалистички работи, криминалистичко-технички работи, работи на аналитика или криминалистичкото разузнавање. Немаат врска со полициска работа во пракса, тие се само одлични партиски полтрони и клиентелисти. А токму сите активности на полицијата во однос на јавниот ред и мир, сообраќајот и криминалистичките работи претставува непосреден допир со граѓаните и тоа секојдневно. Фалбите за апсење на функционери од минатата власт се веќе видено и во минатото. Дај Панче нешто ново, напредно, развојно или барем повеќе виспрено. Дај нешто што ќе ја подобри сигурноста на граѓаните во секојдневниот живот, нешто што ќе им го олесни животот, ќе се чувствуваат предвидливо сигурни во однос на јавната сигурност, а доколку имаат некоја административна потреба истата да не им претставува измачување и чекање со недели, месеци, години.

Како бре Панче во твојата нова професија, граѓанинот кому ти и сите вработени во МВР му служите, според Устав и закони, не може да заврши едноставна работа, на пример да добие некаква потврда која секоја нормална институција треба да му ја издаде за најмногу еден ден. Како е возможно една обична потврда за пријавен настан од граѓани да се чека 10 работни дена? Како е возможно со години да не се решаваат управни постапки за доделување на дозвола за набавка и поседување на огнено оружје (ловно, спортско, полуавтоматско и др.)? Колку време е потребно за да се регистрира едно легално внесено возило во Македонија? Колку кривични дела се сторени во текот на 2024 година и колкав е процентот на откривање на сторителите на овие кривични дела? Што ти работи Советот за безбедност на сообраќајот на патиштата? Плаќа ли странски професори за да му изготват нова стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата кога веќе имаш две претходно подготвени стратегии од македонски експерти и универзитетски професори? Има ли превентивни активности за намалување на жртвите во сообраќајот со подигнување на свеста кај сите учесници во сообраќајот на патиштата или превентивни мерки за смирување на сообраќајот во населени места? Покрај надзор и казнување – репресивни мерки, дали некој ти предложи превентивни мерки или избегнување на двојно казнување? Дали можеби save sity е само изговор за потполна контрола на движењето на граѓаните за некакви други не безбедносни потреби? Какви ти се јавните програми за превенција од злоупотреба на дроги и прокурзори посебно кај младите? Какви ти се превентивните програми за борба против трговијата со мигранти и луѓе? Што е ново во однос на граничното обезбедување и состојбата со прекуграничен криминал? Имаш ли изготвено стратегии за сузбивање на разни видови криминал или девијантни појави на сите нивоа? Знаеш ли до каде ти се со спроведување и какви резултати ти даваат индикаторите од постојните стратегии, доколку ги имаш?

Еве тоа се всушност политики со кои ти и твоите советници треба да се занимавате и тоа секојдневно работејќи на планирање и превенција со нови идеи во насока на унапредување на личната и јавната безбедност на граѓаните.

Но ти немаш време за тоа, тебе те интересираат „високи“ политики во Дубаи, комуникација со Заеви, да те викаат министер и да ти се додворуваат твоите советници. Убаво е чувството, знам како се чувствуваш, но не знам дали си свесен за сопствената ти одговорност. А ти си одговорен и по закон и по морал иако веројатно и за двете не те боли многу. Ами шу праиме кога законот ќе дојде по свое? Знаеш ли дека посебно во МВР, постои казнено дело и за не преземање на службени мерки и овластувања? Веројатно знаеш но ти одговара да се правиш дека не знаеш.

Твојата одговорност Панче е единствено во креирање на политики во МВР и тоа безбедносни политики во однос на личната и јавната безбедност на граѓаните, а таа политика е јавна. Втората твоја одговорност е спроведувањето на законите и во тој контекст поддршка на активностите на јавното обвинителство во откривањето на кривичните дела. Одтука, и во рамките на двете задачи повикан си да креираш јавни политики со цел да им го олесниш животот на граѓаните не само да бидеш репресивна сила со арогантни службеници.

А ти пак спротивно од тоа, им го отежнуваш животот на граѓаните со непотребни административни постапки. Панче, не си ти во твојата поранешна професија па како добар адвокат да ја развлекуваш постапката до без сознание за тарифникот да ти работи. Ти брат, имаш нова професија нели? Сега си Министер за Внатрешни работи во владата на Мицкоски. А Мицкоски кажа дека како визионер има визионерска стратегија за иднината до 2028, веројатно се работи за визија како да дели клучеви од социјални станови, па така тоа тебе не те засега. А таа твоја нова професија Панче е дијаметрално спротивна од онаа довчерашната и бара динамичност. Не динамичност да се возиш низ Македонија и сликаш за ПР, туку динамичност во работата, размислувањето, планирањето, креирањето и спроведувањето на политики, изработка на стратегии и нивна реализација. МВР е организирано врз хиерархиски принцип, доколку ти издадеш насоки за работ и тоа е втемелено врз законски одредби и подзаконски акти, тогаш тоа значи дека сите во командниот синџир мораат да ја спроведат доколку не е спротивна на закон. Твоја обврска е да извршиш контрола на работата на единиците на МВР и преку индикаторите кои ги имаш да утврдиш каде се проблемите и да осмислиш како да ги надминеш проблемите, а тоа се проблеми на граѓаните, ти лично немаш проблеми додека ти трае професијата. И повторно, се со цел да им олесниш на граѓаните, а еден ден можеби и побргу отколку што мислиш повторно и ти ќе бидеш граѓанин по професија.

И не можам, немам волја да те учам како треба да работи еден министер за внатрешни работи и кои се неговите задачи и обврски. Доколку умееш да читаш ќе прочиташ и ќе разбереш што сум ти напишал. Доколку немаш тим  со кој можеш да работиш и да креираш и спроведуваш безбедносни политики, да си најдеш чаре, ако смееш. Доколку пак ниту знаеш, ниту умееш, ниту пак можеш да си организираш тим, не е лошо да си заминеш со време, и тоа е чаре.

За крај, да го прашам Мицкоски: „Што стана со помошта за Украина и размислуваш ли за нејзино проширување според одлуките на НАТО за помош на Украина“? И тоа е дел од политиката, но онаа меѓународната, и визионерската. Не му доликува на еден докажан визионер да ја кочи помошта на Украина или скраја да е намерно тоа да го прави, или пак да нема визија како да ја прошири истата.

Се прашувам дали воопшто некој во владата онака визионерски, размислува за стратегии во однос на создавањето на новата геополитичка реалност и очигледната промена на светот која пред очи ни се случува. Каде е тука Македонија? Само молам без визионерство во контекст на вообичаените флоскули за ЕУ и НАТО како наша стратешка определба. Ви чуе вам и за ЕУ и за НАТО, единствено што ве интересира е со ПР сликички на ФБ да ја покриете неспособноста и без идејноста, но и лукративните интереси. Тоа што ви чуе за македонскиот народ, за граѓаните и Македонија е најстрашното, но за нас како Македонци, не за вас.

 

Оливер Андонов

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *