Роди ме мајко со к’смет и фрли ме на буниште. Е оваа народна поговорка во потполност важи како објаснување на политикантската кариера на Мицкоски и неговите актуелни политикантски потези. К’сметот е заштитен знак за Мицкоски веќе подолго време. Или можеби к’сметот е на наша страна како македонски граѓани, па ни отвора пат во беспаќето. Со ваква опозиција, неспособна и СДС распаднато кое сојузот Заев-Мицкоски никогаш нема ни да го „исплаши“ Мицкоски, а не пак да стори нешто повеќе за татковината, к’сметот ни е неопходен. Е па сега преку Мицкоски, ам то е, к’смет има.
И токму патот кој требаше да биде отворен низ сојузништвото по НАТО и во ЕУ, Мицкоски ни го затвори и не однесе во беспаќе. Тоа што сега повторно се вергла (што би рекла Силјановска, се реафирмира) одложеното дејство на уставните промени ништо не значи. Едноставно нема да има ништо од тоа, па дури и евентуалната средба Силјановска-Радев на маргините на самитот на НАТО во Хаг би била само протоколарна, колку да се видат. И така и двајцата немаат никаква моќ на реално одлучување. Од друга страна, идеите на Мицкоски за состаноци со Бугарија со посредство на ЕУ, САД и Обединетото Кралство на кои би се разгледале повторно можностите за некакво си „ре-преговарање“ или изнаоѓање на друго решение надвор од Францускиот предлог, е неизводливо. Тоа дека е неизводливо ни го повтори и бугарската страна, повторно низ нивна собраниска резолуција и со јасен став дека се е договорено во 2022 година. Тоа што ние мислиме дека е изводливо и повторно доцниме со јасните ставови, не значи ништо, не само за Бугарија, туку и за ЕУ. Впрочем, веќе пишував за тоа дека ние не сме тема во Бугарија. Тоа што донесоа експресно собраниска резолуција значи дека на обидот на Мицкоски да за внатреполитички цели наметне политичка тема Македонија во Бугарија е пропаднат. Останува единствено да ја замајува јавноста со божем некакви наши цврсти ставови и барања кон Бугарија, а кои немаат никакво значење ниту реална можност за остварување. Замајаното граѓанство, неграмотно во однос на внатреполитичките случувања и манипулации, не пак во однос на меѓународната политика ќе си остане замајано. Неизводливо е и во однос на промена на веќе утврдените рамки и евентуалниот влез на мала врата доколку Мицкоски сериозно ги прифати и изработи француските (европските) сугестии. Тоа би не вратило во колосек, би го отвориле првиот кластер за преговори со ЕУ и би добиле околу 750 милиони евра неповратни средства за реформи. Но ништо од тоа.
Затоа и пристапи Обединетото Кралство во реализација на стратешко партнерство со посреден пристап. Ова партнерство кое е одлична можност за Македонија, може да го гледаме и како супститут на беспаќето, односно враќање на Македонија во колосек на НАТО и повторно посредно и ЕУ. Пред се, ова партнерство со Обединетото Кралство е јасно ставање на Македонија под заштита на европското НАТО, на прво место под заштита на Обединетото Кралство како држава која е постојана членка на Советот за безбедност на ООН.
Но како што веќе еднаш реков, нашите сомнежи се во однос на искреноста на Мицкоски, секако покрај прашањето дали тој и неговите клиентелисти ја разбрале содржината на договорот со Обединетото Кралство. Впрочем од тој договор покрај обврските на Обединетото Кралство кон нас има и обврски кои ние ќе треба да ги исполниме. Не сум баш убеден дека Мицкоски знае што се случува околу него, а не пак да ја антиципира иднината и улогата на Македонија во таа иднина во однос на геополитичките игри. Улогата која ни е наменета. Всушност, сите крупни процеси во Македонија или оние во кои Македонија има улога во геополитиката поминуваат без нивно осознавање од страна на Мицкоски. Тој, односно тие, гледаат „процеси“ единствено во ситните внатрепартиски или административни кадровски решенија, па и тука се во клучни мигови потполно слепи. Барем да ги препознаат и да се приклучат кон нив.
И ете затоа се доведуваат нашите партнерства и сојузи во прашање и зависиме од к’сметот. А тој пустиот, еден убав ден ќе престане да работи. И со боринче да го бараме, нема да го најдеме. Едноставно ќе му досадиме. Нели, „треба молитва, ама треба и мотика“, ама нешто Мицкоски „за мотику не се фаќа“, па македонската нива се повеќе е запустена. А кога некоја нива е запустена, безбели ќе се најде друг сајбија што ќе ја изора. Лошо за нас и к’сметот наш.
Ситните бизнис компензации во партија и игрите со обвинителството со меѓусебен интерес со Коцевски околу спасувањето на Бојанчо, само покажуваат колку во прв план е најважна манипулацијата со граѓаните, а немањето допирни точки со процесите. Попатно на секој начин се урива и така урнатиот систем на државата Македонија и до крај доведува реалното чувство на граѓаните за недоверба во институциите. И кога сме кај институциите прва на списокот на недоверба е токму владата.
Затоа и постојано повторуваме дека во врска со стратешкото партнерство со Обединетото Кралство не е проблем партнерството, тоа е одлично, проблем е и ќе биде однесувањето на владата на Мицкоски во исполнувањето на обврските. Особено затоа што не разбирајќи ја суштината на едно такво партнерство со Англичани, самиот договор се искористи за дневно политички, краткорочен ПР. При тоа токму политичките штети и придобивки за Мицкоски, а преку неговото политикантство и за целата наша партија ќе ги видиме на локалните избори, колку и тие да се избори за решавање на комунално-административни потреби на граѓаните. Секако, да не се сомневате дека резултатите од изборите ќе се употребат за мерење на политички рејтинг. Не е изненадување и тоа што некои потенцијални кандидати за градоначалник од редовите на нашата партија ВМРО-ДПМНЕ се обидуваат да ни објаснат дека Данела ништо не работела а градот го довела во хаотична состојба. Ами да прашам: „Кој ја предложи и доведе Данела на таа позиција во 2001 година“? И второ и поважно прашање: „Кој и зошто го растури партнерството со неа и ја опструира нејзината работа веќе три години за да страдаме сите жители на Скопје“? И уште едно прашање: „Кој како извршна власт со репресивни органи не реагира на нејзиното „запомагање“ во врска со случувањата во Чаир“? Или тоа уште сега почнуваме да си играме на картата, слабо паметење на граѓаните и слепа послушност на членовите (на дел од нив)? Како и да посредно преку критика врз Данела, онака од страна, да го браниме нашиот коалиционен партнер Меџити и неговиот Ганиу и нивните против законски дејанија. По се изгледа дека активноста на Данела може да доведе до растурање на сојузништвото со ВЛЕН и ризик од пад на владата на Мицкоски, секако доколку обвинителството на прво место и репресивните институции на извршната власт си ги работат законските обврски. Особено откако јавно Данела поднесе официјално барање до ОЈО да постапува. При тоа повторно Мицкоски во името на повисоките партиски и државни цели вовлекува наши сопартијци во кривични дела (Медо од Катастар засега) по што ќе ги пушти низ вода. Е па да, додека има овци, ќе има и волна.
И ете пак дојдовме до Коцевски. Не бил само Бојанчо за спасување. А не се ниту виновниците за трагедијата во Кочани само за спасување. Меѓу тие виновни во Кочани има неколкумина актуелни партнери на Мицкоски не само партиски клиентелисти и полтрони. Полтроните и клиентелистите Мицкоски може да ги пушти низ вода како што знаеме, бидејќи не зависи од нив, но владините партнери не смее никако, особено не сега пред локални избори и претстојни внатрепартиски избори. Затоа пак
Коцевски ќе заигра по свирчето на Мицкоски и тоа во тандем со Панче, шија ми гу униформу, ќе сторат се да го заштитат дури и од истрага Меџити (за некаква одговорност не станува збор), а со тоа и партнерството на Мицкоски.
Во однос на ова се ни е јасно. Простачка, приземна политичка математика со криење и спасување на криминалци преку не спроведување на закон и владеење на правото. Но никако докрај да ми се разјасни целта на Коцевски. Глуп е или тренира? Неговата улога како Јавен Обвинител во оваа политикантска претстава на театарската сцена во нашата Македонија е јасна и видлива од месечината. Не се јасни неговите мотиви поради кои го прави сето ова во сите овие постапки од Бојанчо, преку Кочани до Меџити. Најпрво започна да ја решава состојбата во Кочани по што одеднаш го смени курсот. Пред само еден месец јавно изјави дека сертификатот на Бојанчо е фалсификат и дека тоа отворило и други сомнежи и прашања во врска со неговото образование. И одненадеж, промена на курсот. Кочани не се споменува, истрагата е завршена со преку четириесет обвинети што ќе значи маратонски судски процес кој во следните години и години нема да заврши. Соопштение на обвинтелството дека нема основ за постапување по пријавата против Бојанчо за фалсификат, додека во исто време постои судско-обвинителска пракса и искуство во потполно исти такви случаи и од истото божем училиште во Бугарија и издадените сертификати. Веројатно Коцевски си мисли дека него Мицкоски нема да го пушти низ вода, или меѓусебно се држат за врат. Мислам дека е ова второто, само прашање на време е кога ќе дознаеме за што точно се држат за врат. А на крајот од сета ова режирана претстава за забава за народот, како девастирање на последните атоми на доверба кон институциите на системот погледнете го однесувањето на третиот партнер во владата на Мицкоски, другарот Максим. Го нема никаде, во земја пропадна и тој и неговиот Филков и целиот му ЗНАМ, ништо од корективот и чесноста, до власта е и ништо повеќе. Сега ќе гледаме здружена операција на повеќе државни и локални институции и на повеќе нивоа во спасувањето на Ганиу, а всушност ќе се спроведува акција за спасување на владата на Мицкоски. Да издржи барем до после избори, а потоа ќе се заборави. И така народот наш напатен, брзо заборава. А ќе се потрудат да се заборави и да нема влијание и преку одредбите од Изборниот закон кој ги укина Уставниот суд. Не толку да се заборави, колку да се ограничи било каква можност за демократија и не дај Боже појава на независни кандидати за кои според нивниот углед во локалните заедници – општините и нивните визии може (а мислам дека и сигурно) ќе им ги земат општините на однапред договорените глумци во театарската претстава „Локални избори’. Како беше онаа старат: „Сложни калуѓери и во Петок мрсат“. Е овде гледате драги мои сопартијци и сограѓани пред ваши очи како лапаат сарми без леб ама за жал при очи сте слепи. Чекате милост, а моќта ви е во раце. И наместо тие да чекаат милост од нас, тие нe…
Но ете да се вратиме на сојузите. Како членка во НАТО, а тоа е воено-политички сојуз, ние имаме обврски кои или не ги извршуваме или ги извршуваме под притисок и преку… Очигледно е дека владата на Мицкоски, а и Венко како негов партнер со неговото СДС распаднато нема намера да ги поттикнат процесите за наш влез во ЕУ која е економско-политичко сојуз. Оттука, бидејќи е потполно јасно како се однесуваме кон сојузништвото како држава со политикантски марифети, некои држави тоа сојузништво го супституираат преку стратешко партнерство. И повторно тоа партнерство не е онаа како партнерството на Мицкоски со Меџити и Максо, ова партнерство е со геополитички димензии и во него како држава имаме место и улога.
Прашањето е: „Знае ли Мицкоски кое е местото и улогата на Македонија во геополитичките процеси, како и дали ги препознава последиците од нивно не исполнување“? Тие процеси се движат уште одамна и се повеќе се забрзуваат за што пишував и објаснував. Поентата не е да се оди на другарско-партиски настани во Будимпешта, бидејќи нема таму другарство. Впрочем видовме јавно какво е другарството на Орбан кон Вучиќ и Фицо, кога ги испрати во Москва а тој не појде. Или да се запрашате што стана со воениот сојуз на Србија со Унгарија, нели како одговор на НАТО подсојузот на Хрватска и Албанија со Косово? Ништо секако, како што и нема да биде никогаш. Орбан е паметен, тој си го чува сојузништвото со ЕУ и НАТО, само каде најде будали ги работи, секако за свој грош. А и нему, на Орбан му се потроши к’сметот.
Затоа Мицкоски, батали потпирање на к’смет и така премногу го потроши а во иднина и тоа можеби наскоро ќе ти треба за лични потреби кога нема да бидеш на власт. Посвети се на сојузништвото и партнерството каде се градат цврсти и долгорочни искрени односи засновани врз исполнување на обврските и градење доверба.
Како внатрепартиска фракција тоа постојано ти го укажуваме, па дури и низ сите јавни обраќања ти даваме совети кои ти со задоцнување ги прифаќаш, бидејќи не сакаш да признаеш дека земаш туѓи идеи и ставови кои се исправни и во полза на граѓаните и државата. Тоа е затоа што ти немаш партнерство со граѓаните, како и со сопартијците, туку твојот однос кон нашите сопартијци и сограѓани се темели врз манипулации. Немаш коректен однос ниту кон медиумите, но за тоа во друга прилика, бидејќи твоето партнерство со некои медиуми ќе се покаже многу фалшливо и штетно не само за тебе лично, туку и за општеството во целост. Впрочем веќе еднаш тоа го видовме.
И кога к’сметот ќе те напушти и ќе не можеш да се потпреш на сојузите како доверлив партнер, а лажните политикантски партнерства и божем политички другарства ќе пропаднат, ќе останеш сам и ќе си го бараш к’сметот да ти поработи уште малку за да си најдеш чаре.
Но тогаш нема ни да го најдеш к’сметот, како што и политичките другари нема да ги најдеш затоа што ќе си бараат чаре за себеси, а исто и коалиционите ти партнери кои со сета сила ќе се вадат на тебе и за се ќе бидеш виновен, а посебно за тоа што си ги заштитувал во криминалите и злоделата врз македонските граѓани.
Но нели, ти не си наивен…, е к’смет…
Оливер Андонов