Внучко, Ти го пишувам ова писмо на стар начин, хартија и мастило, поради две причини, со современата технологија не сум во добри односи и мојот временски часовник мора да оди кај часовничар. Тргнав со ниет да дојдам во 2023 г. кога влетав во 1923 г., срамотии утнав цели 100 години. Користејки ја старата конспираторска мрежа на ВМРО верувам писмото ќе пристигне благовремено пред неделната колумна, за да го објавиш.

Собрани во просториите на МНИ (Македонскиот научен институт) во Софија, глаголиме за иднината на Македонија поточно за нејзината европска иднина и проблемите кои ги имате на тој пат. Друштвото е респектабилно и компетентно да дискутира по таа тема (Љ. Милетиќ, К. Прличев, Ѓ. Петров, Д. Влахов, А. Балабанов, С. Гулапчев и др.)  и со внимание го слушаа моето излагање.

Прв се јави штипјанецот, академикот Милетиќ, академик или почесен член на 19 европски академии на науки и секако „ќупот на мудроста“ на Македонското ослободително движење. Герасиме, ми вели, знаеш добро дека нашата заложба одсекогаш била Европа и САД. Да не те подсетувам дека уште во 1905 г. баравме да бидеме една од земјите на САД, од тие причини и го формиравме МПО. Европските земји уште во 1920 година подпишаа акт за признавање на ВМРО и отворивме официјални наши претставништва во Италија, Австрија, Унгарија па потоа во Албанија и Турција. Држави кои, освен Бугарија, ни даваа логистика во нашата борба за „македонската кауза“.

Кога веќе зборуваме на оваа тема, се јави Прличев синот, добро ќе беше да бидат присутни и представници од другите организации на Македонците во Бугарија. Друштвото на Илинденците, братствата роднокрајни како Штипско, Скопско, Охридско, Велешко, Прилепско, Македонските благотворителни братства, Македонскиот младински културно-просветен сојуз, Студентското друштво „Вардар“, Сојузот на македонските девојки како и „Емигрантскиот комунистички сојуз“, Емигрантска земјоделска дружба, Македонска емигрантска федеративна организација (МЕФО), ВМРО (обединета) и многу други. Но, во „ќупот на мудроста“ на МНИ имаме релевантни информации за сите оние организации и лица кои се бореле за „македонската кауза“ од 1850 г. до 2023 г. Поради ова и секој сериозен научник кој го истражува „македонското дело“ неодминливо мора да влезе и пребарува во овој ќуп. Герасиме, барем тебе ти е познато, од десетиците милиони нуклеотиди од кој е сочинет архетипот на македонската ДНК, барем десетици се креирани во Софија, Горна Џумаја, Св. Врач, Ќустендил, Петрич….

Вака Герасиме, се јави тивкиот Димитар Влахов, ме познаваш мене поминав сѐ, од борец за каузата во ВМРО преку пратеник во Турскиот парламент, Областен управител на Приштинската област заедно со Ѓорче Петров кој беше на Прилепската област, борец во партизанското движење до функционер во комунистичка Југославија. Наспроти различните толкувања во македонската историографија, што прави борбата за „македонската кауза“ да изгледа тешко разбирлива сепак постојат и ноторни факти кои не трпат опонирање. Овие факти кои се непобитни можеме да ги распределиме низ повеќе области и периоди. Во оваа прилика, имајќи ја предвид моменталната ситуација во Македонија, им предлагам на браќата да разговараме за оние непобитни факти кои ги спојуваат народите и државите. Балканските држави постојано бараат историски факти како причина за омраза и кавга и затоа се таму кај што се, во ќенефот на светската цивилизација. Доста беше!

Токму така, се јави професорот Балабанов, еве јас како ерменец, роден во Штип, цел живот посветив на „македонската кауза“. Кога на гарата (железничка станица) во Софија, на заминување за Лајпциг на докторски студии, ме испрати Гоце Делчев и ми даде пари на Организацијата за пат, завет дадов секогаш да ја зборувам вистината. Предлагам прво да зборуваме за нашата благодарност кон Бугарија во опстојување на борбата за „македонската кауза“. Ние сите побегнавме од теророт во Македонија и овде најдовме засолниште и продолживме да делуваме, пишувавме книги за каузата, објавувавме весници, комунициравме со меѓународната јавност и дипломатските мисии, тука ги организиравме Конгресите на ВМРО, овде ги подготвувавме и одовде ги испраќавме четите за ослободување на Македонија. Доколку не беше така, прашање е дали „македонската кауза“ ќе останеше витална за да денес постои Самостојна Независна Македонија, нашиот идеал. Тоа е ноторен факт!

Еве јас, се јави стариот Спиро Гулапчев, овде ги издадов 1887г. „Един оглед по етнографијата на Македонија“ и „Македонски маслад“ 1893г., го издавав весникот „Македонија“ објавував и во в. „Свобода“ на Стефан Стамболов, каде ми дадоа „титула“ „прв проповедник на сепаратизмот меѓу Македонците“. Објавував и за „Македонски глас“ на Димитар Ризов. Овде во Софија заедно со Темко Попов, Коста Групче, Наум Евро во 1886г. создадовме „Таен Македонски комитет“.

Никогаш немаше да ја објавам поемата „Оплакувањето на Мара“, се јави Ефтим Спространов, ако во Софија не излегуваше в. „Лоза“ на Младата Македонска Книжовна Дружина, редактиран од нејзиниот Претседател Петар Поп Арсов како и „Глас Македонски“ на Коста Шахов. Но немаше да напишам ни збор да не беше Марко Цепенков, тој ингениозен собирач на македонските народни умотворби, кои ги објави во софискиот „Сборник на народни умотворенија, наука и книжнина“ на Иван Д. Шишманов.

Ноторен факт е, го слушнав милозвучниот глас на „мајсторот на преговорите“ младиот Даме Груев, за 36 години живот остави  неизбришлив одпечаток во македонската историја. Уште долго генерации и генерации Македонци ќе ги повторуваат неговите зборови, понекогаш без да знаат дека се негови, „подобро ужасен крај одколку ужас без крај“. По одлуката во Солун за дигање на „Илинденското востание“, јас и Борис Сарафов во Бугарија ги организиравме и подготвивме четите на револуционерите и заминавме во Македонија. Исто така, откако пропадна востанието, ноторен факт е дека востаниците, за да го избегнат масакрот и осветата на Османлиите, заедно со своите семејства најдоа засолниште во Бугарија и се организираа во друштвото на „Илинденци“. Од Бугарија за последен пат влегов во Македонија во 1906 г. кога ме предадоа и убија!

Ноторен факт е, се јави стариот Генерал Протогеров кој никогаш не создаде семејство бидејќи се оженил за Македонија, дека 11-та Пешадиска ополченичка (доброволци) дивизија, предводена од Нас Македонците: јас, Дрвингов, Дрангов, Петар Чаулев, Петар Ацев, Александров беше организирана од илинденците и во неа како доброволци за ослободување на Македонија, во Балканските војни и Првата светска војна, влегоа десетици илјади бегалци од Македонија во Бугарија.

На „Версајската конференција“, започна Ѓорче Петров, од овде пишувавме писма, меморандуми заминувавме по европските метрополи за да бараме лобисти кои ќе се заложат за „Независна македонска држава“. Овде во Софија ги пречекувавме Алберт Лондр (Комитаџии), Сониксен (Исповед на еден македонски четник), Стојан Христов (Херои и убијци), Л. Неманов новинарот на „Тајмс“ и многу други „белосветски“ новинари за да пишуваат за теророт над македонскиот народ и неговата борба за слобода и на тој начин се информира меѓународната јавност за „долината на плачот“- Македонија. Овде ги прибравме нашите од Егејска Македонија, по насилниот акт од Нејскиот договор за „размена на населението“. За жал децата бегалци, кои со солзи во очите бараа љубов и топла преградка, безмилосно само немо ги препративме во возовите до Ташкент, Романија, Чехословачка, Полска, Унгарија…

Ноторен факт е, вели Милетиќ, дека од овој „ќуп на мудроста“ што со децении го полниме во МНИ, Љубен Лапе во 1947г. зеде материјали за да го оформи Македонскиот историски архив!

Заборавивте, се јави повторно Влахов, дека објектот во кој се случија незаборавни историски културно-уметнички и политички настани, Универзалната сала во Скопје е поклон на Македонија од Бугарија по земјотресот во 1963г. Ноторен факт! Ајде што никогаш не се „охрабривме“ пред неа да ставиме плоча за донаторот, ајде што никогаш не се заблагодаривме туку сега гледате како да ја срушите за да не ве подсетува на тој благороден чин.

Како компетентен во областа на меѓународните односи, прозбори ресенчанецот Симеон Радев, да кажам за еден ноторен факт. Од 8-ми Септември 1991г. до 15-ти Јануари 1992г. Македонија се наоѓа во своевидна лимбо состојба, ни жива ни мртва, со акт за независност третиран од меѓународната заедница како список на желби за домашна употреба. Оваа состојба се прекина кога Бугарија прва ја призна Независна Македонија на 15 Јануари 1992г., всушност од тој датум започна да „живее“ Република Македонија во меѓународните односи. Благодарение на лобирањето на Претседателот Жељу Желев, кај рускиот Претседател Борис Јелцин, Македонија во август месец 1992г. беше призната од Русија, постојан член на Советот за безбедност во ОН. Ноторен факт како започна современата приказна за Самостојна Независна Македонија.

Да додадам нешто и јас, се слушна засипнатиот баритон на Дедо Иљо Малешевски, не нема да зборувам за моето постојано место на „живеење“, гробиштата во Ќустендил, каде никогаш не дојдовте цвеќе да положите, како и на многу други гробови на македонски револуционери расфрлани по гробиштата низ Бугарија. Сакав да подсетам дека од 1992г. до 1999г. во АРМ имаше само 5(пет) музејски експонати на тенкови од почетокот на 20-от век. Во 1999г. АРМ доби на поклон од Бугарија 145 тенка за да може конечно да оформи оклопна воена единица и заличи на армија. Ноторен факт!

Внучко запомни, во „животот“ на еден народ постојат генерации кои добиваат се, постојат генерации од кои се бара премногу но постојат генерации, како оваа Вашата, која има рандеву со судбината! Поради ова, доколку сакаш да и помогнеш на Македонија, зборувај ја вистината и само вистината и секогаш имај на ум – Memento mori!

 

На денот на Св.маченичка Теодосија и Св.Александар Александриски (Петрови поклади)

 

Вонреден професор д-р Оливер Андонов

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *