(или за тоа како ќе си гласаме за нивната или за нашата комуњара)

Почитувани читатели, оваа колумна е пред се наменета за членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ кои во пракса, реално и на јаве се доведени во политичко-идеолошка шизофренија.

Пред неколку месеци напишав дека Мицкоски ќе не доведе во состојба да ние како членови на ВМРО-ДПМНЕ ќе треба да си гласаме за нашата или за нивната комуњара. Верувам дека кога јавно го соопштив овој мој став бевте многу скептични во однос на истиот и се прашувавте како е возможно тоа. Но, за наша жал еве и тоа ни се случи, и тоа по втор пат, па дури успеавме „нашата“ комуњара да ја видиме како не „претставува“ на конгресот на ЕПП во Букурешт. Тоа е конгрес кој ЕПП го организира пред почеток на европските избори на кој беа присутни сите десни – народни европски партии на највисоко ниво, со исклучок на Фидес на Орбан кои се исклучени, но и конгрес на кој Мицкоски успеа да оствари средби и да ја претстави нашата комуњара само пред Пленковиќ и Брнабиќ. И тоа е разбирливо за Пленковиќ, бидејќи има намера по овие европски избори да се кандидра за европски комесар поддржан од ЕПП и за тоа му треба јасна политичка позиција дека со сите е „добар“ и ги познава проблемите на Балканот. Разбирлива и средбата со Брнабиќ, бидејќи и на Ана (не дојде Вучиќ) заради внатре-политички ПР насушно и е потребна било каква средба за да се покаже политичка активност и моќ. Тоа е несомнено дел од тоа за кое исто така еднаш пишував а се однесуваше на „позајмена моќ“, односно кога Мицкоски упорно оди кај Орбан или Вучиќ пред изборната кампања за да преземе малку  политичка моќ која ќе ја покаже најпрво пред нас членовите на ВМРО-ДПМНЕ во контекст дека не е сам и изолиран на европската политичка сцена. Тоа што се сретнал со Јохан Вадефул, пратеник од ЦДУ во германскиот парламент, а при тоа нема никаква информација за прашањата кои нашиот пријател од ЦДУ му ги поставил на Мицкоски или за пораките кои му ги пренел во врска со европските прашања и интеграции на кои се спротивставува Мицкоски кажува за нивото на кое како претседател на ВМРО-ДПМНЕ е и какви се погледите кон неговите политики во однос на ЕУ. Дури и низ кратката изјава на господинот Вадефул напишана на Х мрежата можеме да видиме дека се вели: „цврсто ја поддржуваме нашата сестринска партија да го преземе водењето на земјата и да продолжи силно и посветено по патот кон ЕУ“. И тука во оваа изјава е испратена јасната порака до Мицкоски и неговиот кандидат, нашата комуњара Силјановска, дека поддршката од ЦДУ и Германија за преземање на водството на државата е условена со силно и посветено движење по патот кон ЕУ, а тоа движење знаеме од што е условено. Средбата со Јоханес Хан не е проследена ниту со коментар од страна на Хан, само сликички од четири состаноци на маргините на Конгресот. За оние што знаат да читаат во политиката пораките се многу јасни. За оние што сакаат да гледаат сликички и да веруваат во тоа што ќе им го каже Мицкоски нема зошто да им се објаснува.

Но, изолиран е, и тоа многу е изолиран, тоа се виде и по „реакциите“ во ЕПП на неговото обраќање, а со него е изолирана и нашата партија. Тоа најдобро го покажуваат токму средбите со лидерите на сестринските партии, оние најголемите и најважните по влијание во ЕУ и во своите држави, а кои ги нема. Ги нема дури ниту како пријателски фотографии на маргините на конгресот на ЕПП. И толку за користењето на туѓата моќ во оваа фаза и обидот на Мицкоски да ја покрие социјалдемократската идеолошка основа на неговата комуњара која ја шета по конгреси на ЕПП со наши партиски пари, а згора на се Силјановска не ниту член на ВМРО-ДПМНЕ.

На крајот, на самиот Конгрес на ЕПП во Букурешт јасно е кажано дека за поддржувачи на Путин и руската агресија врз Украина нема место во ЕПП. Сега, Мицкоски нека се запраша дали нему му е од корист неговата поврзаност со Орбан и Фидес кои не се дел од ЕПП или му е од корист тоа што еден љубител на воени фронтовски авантури и сликања во близина на Авдиивка јавно го промовира низ призма на Конгресот на ЕПП. Многу шизофренично е и во главата на Мицкоски, но така е тоа кога се има идеолошко-политичка празнина во главата која се пополнува исклучиво и само со лукративни цели кои се маскираат со празни безлични флоскули. Тоа кај тате на машински не се учи, колку и колешката Силјановска да се прави недоветна и дека не дослушува. Тоа е класичен настап и резултат на југословенските тајни служби и политичката олигархија како наше наследство и триесет и нешто години по смртта на Југославија. Затоа Мицкоски и раководството на нашата партија ВМРО-ДПМНЕ се наоѓаат во политичко-идеолошка шизофренија која упорно ни ја наметнуваат на сите.

Сега да се вратиме на политичко-идеолошка шизофренија во која свесно и намерно како членови на ВМРО-ДПМНЕ, десничари, не внесе Мицкоски.

Драги мои сопартијци, тоа што во оваа колумна ќе ви го кажам во однос на политичко-идеолошката основа на колешката Силјановска Давкова ќе ви го повторувам често, се до завршување на изборите, за да не заборавите што ви се случува и како Мицкоски и неговите клиентелисти под патронат на политичката-олигархија ви ја подметнаа нивната Гордана Силјановска Давкова, левичар, социјалдемократ, министер во владата на папата Бранко Црвенковски, соучесник во грабежот на националното богатство наречен приватизација за „наш“ кандидат за претседател на Републиката. Нема да ви зборувам за процесот на нејзин избор за кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на Републиката, за тоа зборував и пишував и таа правна борба за демократизација на нашата ВМРО-ДПМНЕ ќе ја водам и јас и нашите сопартијци поддржувачи на внатрепартиската фракција се додека не ја демократизираме нашата партија и таа прерасне во нормална десна про-европска и демократска политичка партија.

Нашата шизофренија во која не внесоа е втемелена врз партиско-идеолошкото незнаење, некритичност, неграмотност и најмногу клиентелизмот и полтронството преку кои поединци во нашата партија ВМРО-ДПМНЕ се надеваат на личен бенефит од јавната поддршка дадена на Силјановска. Кога зборувам за јавна поддршка мислам исклучиво на спроведувањето на акциите 1+3 и 1+10 во собирањето потписи за Силјановска Давкова и личното присуство и потпишување за нејзина поддршка.

Најпрво, во оваа претстава за јавност во која се презентираше „моќ“ на ВМРО-ДПМНЕ, а паралелно „моќ“ презентираше и СДС, можевме да видиме дека нашите членови отидоа под принуда да бидат видени исто како и оние од јавната администрација, кои се во борба за егзистенција. Тоа не значи дека по истиот принцип ќе гласаат за Силјановска зад параванот.

Второ, Силјановска на својот прв јавен настап по монолитната Конвенција во режија на Мицкоски и прифатена доброволно од стари кадри и функционери на нашата партија, каде што и самата иако не е член на ВМРО-ДПМНЕ беше делегат (гласаше самата за себе – тоа е прашање на етичност) што е исто така спротивно на Статутот на ВМРО-ДПМНЕ, јасно и гласно го пофали Бранко Црвенковски како одличен премиер. Одлично, подобра потврда на нашиот фракционерски став дека Силјановска е кадар на Црвенковски и посветен социјалдемократ не можевме да добиеме.

Трето, фалбата дека владата на Црвенковски во 1992 година (првата влада) била одлична влада која ја спровела приватизацијата е особено интересно политичко искуство на Силјановска  кое преточено во јасен став за оправдување на криминалната приватизација и кражбата на народното азно со 150 илјади македонски граѓани на улица отворено ни покажува дека Гордана Силјановска Давкова е цврст и проверен кадар на Црвенковски и политичката олигархија во Македонија. Кадар кој е стрпливо создаван и вметнат во ВМРО-ДПМНЕ со помош на Мицкоски, но и на сите вас кои како членови на партијата од различни ваши лични побуди ја поддржавте, кој на режираниот настан наречен Конвенција, кој со давање потпис за нејзина кандидатура, а сето тоа спротивно на Статутот.

Многу ме интересира дали Силјановска ќе собереше 10 илјади потписи од граѓани доколку не и беше ставена инфраструктурата на нашата партија ВМРО-ДПМНЕ и доколку дел од нашите членови не се согласија да бидат искористени во оваа операција и во исто време принудуваат и други да бидат соучесници во злоделото против ВМРО-ДПМНЕ и Македонија.

Четврто, за да може Мицкоски да ја претстави во пропагандата како ново осознаен десничар ја однесе на конгресот на ЕПП во Букурешт, со цел да може потоа фотографиите од настанот и самиот конгрес на ЕПП да ги употребува во пропагандни цели за да на тој начин се обиде да го покрие фактот дека Силјановска е социјалдемократ и посветен дел од владата на Црвенковски.

Ете така, дел од членството на ВМРО-ДПМНЕ доброволно или од слепа послушност или пак од лукративни причини, влезе и ќе продолжи низ целиот изборен процес да се движи низ една изразена политичко-идеолошка шизофренија која на крајот скапо ќе не чини сите нас – целата партија. Впрочем, сетете се на локалните избори на кои Мицкоски кој нели разбира политика, во Куманово го продаде по цена за жива мера Тони Михајловски нашиот кандидат за градоначалник, за да му помогне на Максим Димитриевски кој денес е резервна варијанта во играта на Црвенковски кон СДС. Да не беше таа политичка шизофренија направена врз нашето членство во ОК Куманово, денес Димитриевски немаше да биде никаков фактор, а нашиот Општински комитет во Куманово и да ги изгубеше изборите од СДС на Спасовски во Куманово, сепак ќе беше поброен и покомпактен и со голем елан сега ќе се бореше да го победи Спасовски кој во самото СДС виси на конец. Ете тоа е политиката на Мицкоски координирана со Бранко Црвенковски, а таа политика дава резултати во ВМРО-ДПМНЕ кои ги дефинираме како политичко-идеолошка шизофренија која ја уништува нашата партија.

За конкретните последици врз нашата партија ВМРО-ДПМНЕ од оваа политичка шизофренија во која намерно не внесе Мицкоски поддржан од неговите клиентелисти и заради нашето не размислување и кратко паметење ќе пишувам во некоја друга колумна. Засега е доволно драги мои сопартијци да ве поттикнам да си ја освежите меморијата и да ги согледате чекорите кои се преземаат од страна на Мицкоски, а кои се директно насочени кон уривање и идеолошко-политичко обезличување на ВМРО-ДПМНЕ. Процесот во текот на изборите ќе продолжи удирајќи врз сетилата на сите нас членовите на партијата во насока на претставувањето на лажната слика за Гордана Силјановска Давкова, но вистината нема да може да се покрие, особено слушајќи ги нејзините зборови дека „ќе делува самостојно“ што претставува уште една измама на членовите на партијата. Да се потсетиме дека Мицкоски во Јавниот Повик бараше кандидатите (читај кандидатот од него определен) да ги поддржува политиките на ВМРО-ДПМНЕ. Кој лаже уште на почетокот и во не започната кампања и кој тоа го мами членството на ВМРО-ДПМНЕ и секако македонските граѓани, Мицкоски или Силјановска, или пак и двајцата? И зошто Мицкоски ја шеташе Силјановска на Конгрес на ЕПП кога таа не е наш член и ќе делува самостојно?

Одговорот на овие прашања кои е очигледен како и размислувањето за минатото и целите на оваа кандидатура за да гласаме за една од двете комуњари ќе ви даде јасна слика за тоа што ни се случува во Македонија и зошто се наоѓаме тука каде што сме, особено ние од ВМРО-ДПМНЕ.

Допрва ќе биде интересно кога на нашата шизофренија во однос на претседателскиот кандидат ќе се надоврзат и листите за пратеници на кои веројатно ќе видиме некои ликови кои не ни знаат што е ВМРО-ДПМНЕ, секако не се членови на нашата партија или тукушто се зачленети поради што никој во Општинските комитети не ги познава, а не пак да ги знаат и применуваат вмровските политики, идеали и демократско-христијанската десна политичка идеологија.

Дури тогаш нашата политичко-идеолошка шизофренија ќе биде комплетирана и ќе бидеме подготвени за избори.

 

П.С. Наводната Одлука на Управниот суд во врска со Тужбата против Мицкоски за прекршување на Статутот на ВМРО-ДПМНЕ од негова страна, веќе десет дена по медиумското објавување на првата страна од истата, сеуште не ми е доставена. Ја чекам со нетрпение и голем интерес.

 

Оливер Андонов

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *