Внучко, извини што не Ти се јавив! Но, искрен да бидам, ми здосади да разговарам за вашата инфантилна и лузерска политика. А и кога гледам како ботовите те растргнуваат како касапски кучиња, за твоите политички ставови, подобро да не се видиме. И така сум на пропатување кон македонската иднина во ЕУ. Застанав во Свирипичино само за да ја пробам сармата на Вашиот Главен кувар, по новомакедонски Шеф, за која се зборува од Огнената земја до Владивосток. Да бидам поконкретен, од Подмочани на запад до Подржикоњ на исток и од Коњско на југ до Кучково на север.
Внучко останав без зборови кога ми ја принесоа сармата, посебно што беше гарнирана со „Варена жаба на македонски начин“ и чаша пенливо бело француско вино (од демиркапиското виногорје). Бидејќи, како што ме информираа во крчмата, Шефот не го кажувал никому рецептот, во тајност, со неколкумина верни асистенти, ја подготвувал во современата кујна на „Белата шампита“, опремена од еден друг Шеф, предходник на денешниот Главен кувар, кој замина на специјализација за „унгарски паприкаш“, ќе се обидам со помош на „обратен инжинеринг“ да го разоткријам рецептот.
Прво што ми „падна во очи“ беше сосот во кој беа ставени двете сарми, некако многу ми наликуваше на „Боршч“ или „србска лута мучкалица“. Некој изнасилен микс. Очигледно Шефот се беше обидел да го препокрие сосот со неколку свенати жолти ливчиња „демагогија“, но не успеал многу.
Првата лажица, Внучко, разоткрива вкус од неинвентивни „ботови“ и мирис од премногу „хејтери“. Генерално во текот на целото јадење овие вкусови и мириси доминираат, очигледно Шефот помеѓу секоја фаза во подготовката на сармата користел „истурка ботови“ и „прстофат хејтери“ од разна провиниенција. Тоа е моја забелешка, но сепак станува збор за вкусови, а за нив нели не се разговара!
Освен ова, самиот сос е какафонија од мириси и вкусови! Очигледно сармата не е подготвувана во наш македонски земјен сад туку е користено „Цептер“ тенџере со дупло дно. Можно е Шефот да се плашел од плиткото дно на земјената тава, па за да не загори користел дупло дно. Добро, тоа е право на избор!
Очекував да го почуствувам мирисот и вкусот на нашите македонски мирудии но тоа го немаше, можеби и поради тоа толку се зборува за оваа сарма. Искрено се надевав дека „обратниот инжинеринг“ ќе ми помогне брзо да го разоткријам рецептот, да не го имав во себе македонскиот ген тоа ќе беше многу тешко. Сега разбирам зошто европејците не можат да Ве разберат. Како да се разбере нацијата која дала толку грамадни ликови на светското цивилизациско (идиократско) наследство како што се Мицкоски, Заев, Бранко, Груевски, Љубчо….
Во основа сосот се темелеше на „руска салата“ препокриена со многу дополнителни зачини за да се задскрие нејзиниот вкус. Но, белите ливчиња „дефетизам“ испливуваа секогаш кога ќе се наполни лажицата. Уште при запршката фрлено е грст „корупција“ а нејзината арома Шефот се обидел да ја задуши со „фламбирана југоносталгија“ и истурка „скиселена комунистичка идеологија“. Низ сосот се препелкаат неколку кнедли „олигархиска етика“ чиј вкус многу се надополнуваше со недопржени парчиња „свежо первертиран лидерски морал“. Некако не беше по мој вкус но во устата останува солениот вкуст од „нехидрирана едра грчка сол“, кога кон ова го додадеш и мирисот на чубрика останува во мозокот дилемата дали јадеш сарма или „бугарски кебап“. Вкусот на гранчето свеж „цинизам“ добро се надополнуваше со исушениот „супрематизам“ и „шовинизам“, очигледно со поминат рок на употреба. Ситно исецканите коцки „лукративност“ посипани со грст „флотантен популизам“, очигледно пржени до карамелизирање во прегорен очај, даваа убава старозлатна боја.
Сармите, Внучко, беа „приказна за себе“ фантастично изгледаа, замотани на специфичен начин даваа впечаток на ѕвезда петокрака. Уште при првиот допир се гледа дека Шефот користи зелки од качето кое веќе фатило плесен пред да се фрли расипаната зелка, листовите беа многу меки. Овде можеби Шефот мислел и на посебната арома на мириси која се јавува „пост фестум“ одкако ќе се заврши со јадењето. Секоја сарма се вари во расолница но Шефот овде се надминал себе си, користејки расолница од „идиократија“ што посебно го зголемува интензитетот на мирисот од внатрешни гасови. Мангуп е Шефот, се нешто смислува луцидни улични вицови, си подигрува со внатрешните органи на неговите следбеници – консументите. Ова со гасовите, прдењето, како тој го нарекува „милозвучниот одглас на внатрешните органи“, навистина е уникатно. Потребен е железен желудник за да ја свари неговата сарма.
Листовите од сармата даваа посебен „шмек“ бидејќи одвнатре Шефот ги беше премачкал со макало подготвено од „лажни вредности“ и „празни зборови“.
Оризот, Внучко, ми одзеде многу време додека утврдам како беше направен. По долго време ја утврдив причината, поточно манипулацијата на Шефот. Па тој воопшто не користел кочански ориз туку некаков кинески или севернокорејски, не успеав до крај да утврдам. Но очигледно, Шефот, со многу умешност се обидел да создаде „Хај-фај“ (најблиску до оригиналот) кочански ориз. Оризот е варен во неколку води. Прво подолго време е варен во вода од изворот наречен „диктатура на пролетеријатот“, притоа постојано мешан со „левицата“ на Шефот или некој негов асистент за да не загори оризот. Втората вода била специјалната вода на Шефот, предходно оплеменета со зачини на морална тапост, асоцијалност и Шефовата деструктивност. На крајот оризот бил промешан со бешамел сос од олигархиско-политички патриотски секрети и стар, расипан, препокриен со мувла „национализам“. Вкусот на оризот беше блуткав, премногу разварен, сепак не успеал обидот на Шефот да создаде македонски ориз.
Месото, Внучко, е месото за да се опише потребни се томови и томови. Прво, очигледно беше дека е користено месо од „пашитно говедо“, полудиво, полупитомо. Неколку пати мелено но сепак сеуште со цврста внатрешна структура. Шефот се обидел со неколку капки „нечиста крв“ да го омекне но постигнал контраефект и создал „диво месо“. Овде згрешил, користел страг жолта трева „Пиреј“, заборавил дека „Пирејот“ се користи за создавање на „диво месо“.
За да создаде, колку-толку, соодветна смеса која лесно ќе се измеша со оризот применил неколку „Тајни на големите мајстори на куњата“. Подолго време го пржел со ситно исецкана зелена „митологија“ и црвена „идолатрија“, додека така го пржел додал и прстофат „манипулација“. За крај добро го зачинил со „ракатка заблуди“ и недокрај ферментиран вински оцет од чемер и јад.
Вака подготвениот ориз и месо не му дозволиле на Шефот да состави хомогена смеса со која ќе ги обликува фините топки сарма пред да ги завитка, скрие, во листовите од расипана зелка. Внучко и „Варената жаба“ ми беше сомнителна, видливо беше дека Шефот прво ја зашаметил жабата со неколку патетични политички, мизантропски, електрошокови па потоа ја варел. Посебниот квалитет на Шефот, психопатска опсесивност кон животните… и луѓето.
Внучко прости ми но не ми се допадна сармата на „твојот“ Шеф. Зошто? Не почуствував на непцата ниту еден од нашите прекрасни зарзавати. Недостасуваше љубовта, доброчинителството, благодарноста, смирението или барем трошка среќа да пронајдов. Не можев да ја пронајдам надежта ниту на дното од чинијата.
На крајот, како велат крајот го краси делото, доживеав емоционален шок. Разбрав дека нашиот Шеф бил дустабанлија за готвење, единствено што знаел да направи, со сомнителен квалитет, тоа било „растурена сарма“. Всушност сармата подготвена, украсена со гарнир му ја доставувале од блиската „друмска кафана“ која се наоѓа на север од нашата. Вашиот Шеф бил ординарен лажов, аватар на Шефот од север. Каков цинизам! Па тој, завалијата, Вашиот ХМ Шеф боледувал од Dunnig-Kruger effect, когнитивна пристрасност во која луѓето со ограничена компетентност во одреден домен ги преценуваат своите способности. Никако не научил како да ги подготвува месото и оризот, ниту пак кои зачини треба да се искористат за да се постигне хомогена смеса а уште помалку како треба да се завитка во лист од зелка.
Ете зошто не ми се допадна сармата од расипана зелка. Лаги, измами, хоштаплери, коњокрадци, криминалци, неандреталци, примати…. Одам Внучко, заминувам не би сакал да бидам дел од оваа булумента… А Вие.. Вие.. Вие си знаете!
П.С: За да биде појасно во прилог колумната со наслов „Готвачки вештини“ (или: Како да зготвите „Варена жаба“ на македонски начин), објавена 2022.
Дедо Герасим
Запишал и превел од старомакедонски
Оливер Андонов