Што би рекол Шоиќ: „Нече слонче у лонче“! Но сака во авионче – што би рекол Мицкоски.
И така главната тема на политикантска дебата во жална Македонија стана прашањето за
владиното авионче и тоа дали треба да се купи ново и колку се користело старото. Убава забава за
народните маси и приземни божем политики во надеж дека некој ќе заработи некаков политички
поен. Оние од СДС не што се неспособни и утепани „со ловџиска пушка“, туку згора се и
приглупи и неинвентивни. Ќе им фрли Мицкоски мамец, и тоа од интерес за сопствена
внатрепартиска пресметка, во конкретниот случај со Николоски а во најава и со Силјановска,
најголемите воздухопловни асови во последниве дваесетина месеци и оп, веднаш сомовите се
фаќаат. И така си има Мицкоски тема за одвлекување на вниманието на граѓаните од минималната
плата, сообраќајниот хаос во Скопје, недостигот на градски автобуси, проблеми во здравството,
прашањата за енергетиката, што стана со марихуаната – ама сериозно, па се до главното прашање:
„Што е со ЕУ членството на Македонија“?
За да продолжи играчката и плачката (само виктимизација – психолошки феномен), како
резултат на божем нападите од страна на опозицијата врз авиончето со слончето, при недостиг на
силна противвоздушна одбрана, Мицкоски започнува со драмолетката дека ќе се урнело
авиончето, но без слончето. Слончето ќе си остане во куќата каде го сместил Заев. Глупав обид за
создавање слика на жртва, веќе видено кај другар му и идол Вучиќ. И повторно бура во чашка за
ракија. Се во оваа држава се доведува до апсурд, а целта на апсурдноста е да нема сериозна дебата
или јавна расправа, а не дај Боже граѓанско или партиско движење – иницијатива за сериозни
политики и сериозни теми како што е членството во ЕУ.
И така се случи интервју на Мицкоски на омилената му Канал 5. Вообичаено не му ги
следам интервјуата и изјавите бидејќи ништо не кажува, но од партија-поддржувачите на
Внатрепартиската фракција ме замолија да го погледнам. И така, јаден Мицкоски, ми даде
можност за една убава колумна (а мислев за друго да пишувам), која е пред вас, а која во неколку
аспекти ќе ја покаже срамотата на царот. А царот е гол и тука нема лага, само кој сака да види.
За марихуаната
Аман Мицкоски, зошто не сметаш за недоветни и будали? Зошто македонските граѓани ги
сметаш за дебили? Имам едно прашање за тебе: „Дали знаеш или се правиш дека не знаеш, кој
врши пломбирање на камионите за извоз пред издавање на извозна декларација“?
Еве јас ќе одговорам. ЦАРИНАТА.
Не може стока за извоз од Македонија да дојде на граница а претходно да не поминала на
Царински терминал, да не била прегледана, порамната со извозната декалрација на шпедитерот,
пломбирана од царината и дури потоа да биде пуштена кон Србија на премин. И замолувам
Мицкоски да не внесуваш забуна кај населението (а тоа намерно го правиш) дека на границата со
Србија има една контролна точка. Има една контролна точка за патници, а не и за стока. Ние со
Србија немаме царинска унија.
Затоа Мицкоски кога веќе лажеш, лажи помалку и за нешто што не е проверливо, а не за
нешто што мнозина знаат. Кога велиш дека има десетина кривични пријави, со должно
почитување на презумцијата на невиност, наведи ги барем функциите и иницијалите на
осомничените лица. Кога тоа може да го правиш за крадци на ќебапи, ова би било многу по
целисходно да го направиш. Патем, „скриената“ закана кон другите политички субјекти и глумци
на политикантската сцена во Македонија е наменета за да се забавува граѓанството а ти да ги
предупредиш да не се осмелат да реагираат. Впрочем нема потреба, тие и самите знаат колку се
закашкани, но не заборавај, знаат и колку ти и твоето опкружување сте валкани. Во овој контекст
закашкувањето се однесува на државниот шверц на марихуана во договор со батко ти Оскар.
Но во врска со батко ти Оскар нема да коментирам, бидејќи носителот на оваа поголема и
посуштинска операција која го опфаќа регионот а исклучително многу те допира и тебе ја
спроведува носителот на борбата против нелегална трговија со дрога на стратешкиот ни партнер.
Очигледно е дека си во периметарот на стратешкиот ни партнер, а и сите ние поради тебе и некои
од другарите ти од СДС, клиентелистите од нашето ВМРО-ДПМНЕ и многу полтрони од
државните институции. Тоа што ќе калкулирате колективно и во договор со оние од Србија и ќе се
обидете пред граѓаните-јавноста на двете држави да претставите за виновни некои „доброволни“
жртвени јарци, нема да ве амнестира од одговорност, а сметката ќе ви дојде и тоа набрзо. Што би
рекле, нема заебанција со стратешкиот, посебно во врска со шверцот на дрога. Тоа го виде и
почувствува и Мадуро.
За Европската унија
Да, да, ќе се вее македонското знаме во Брисел но откако ќе ги спроведеш обврските од
преговарачката рамка, попозната како „Француски предлог“, а всушност Европски договор.
Повторно ги мамиш граѓаните и при тоа ни велиш дека треба да бидеме трпеливи, најавувајќи ни
децении трпеливост. Ами ти имаш време и пари да бидеш трпелив на наш грб. Впрочем, што се
сто стапа по туѓ грб. Ти Мицкоски се правиш зорле будала дека не гледаш колкава е апатијата во
општеството кај граѓаните, посебно кај младите. Како да не гледаш колку млади сакаат да си
заминат од Македонија и си заминуваат. Ти намерно ја поттикнуваш апатијата, сигурен во твојот
партнер СДС дека на политикантската сцена во Македонија нема кој да те замени и дека спокојно
ќе си владееш. Но ти препорачувам да го препрочиташ претходниот дел од колумната за да ти
стане јасно, доколку уште не ти е јасно.
Преговарачката рамка беше дефинирана во ЕУ и предложена и на Бугарија (таа по остра
кавга ја прифати во Собранието) и на Македонија која најпрво побара некој измени а потоа исто
така ја прифативте во Собранието. Ја прифативте Мицкоски, бидејќи некој овде не е со кратко
паметење и знаеме дека епски неспособната влада на Ковачевски (која ти ја стигна во епската
неспособност) не ја прифати преговарачката рамка без расправа во Собранието, од која расправа
нашите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ пред гласањето излегоа од салата. Оттука, преговарачката
рамка е обврска која не може да ја смени Македонија или Бугарија еднострано или во меѓусебен
договор, па ете и да се случи чудо и Бугарија да прифати такво нешто, ЕУ ќе треба таа некоја нова
преговарачка рамка да ја помине низ своите институции и процедури. Патем, внесувањето на
Бугарите и сите останати во Уставот на Македонија е поврзано со Копенхагенските критериуми за
добрососедство. И повторно, еве спроведи референдум по ова прашање па да видиме што ќе кажат
граѓаните, но да не лажеш и манипулираш со се и сешто.
Околу твојот борбен став на чатам хаусовите (тоа стана урбана легенда која секаде ја
раскажуваш), како да си првоодделенче па кога нешто не знаеш или немаш одговор велиш: „Знам
ама не сакам да кажам“. Е кај тебе е: „Знам ама не смеам да кажам“. Бравос бре, си напредувал во
интелектот како да пласираш дезинформации, односно да ги лажеш граѓаните дека тоа за нешто
мнооогу сериозно и доверливо си разговарал на чатам хаусите, и тоа било во наша поддршка ама
не смееш да кажеш. Е да де, раскази за мали деца од Мицкоски. Ти се фалеше со периметарот на
Трамп, ќе се сликнеш случајно со некого на некоја меѓународна конференција и се истураше од
ПР, а ќе обвиткуваш со мистерија средба на која имаше дваесеттина присутни. Ај не провоцирај па
да мора некој друг да каже што ви било точно кажано на таа средба, на сите од регионот топтан.
Онаа идеја која сега преку ПР-от во партија ќе ти ја шират како генијална за да те направат
паметен, а во врска со наводно идејата на ЕУ за прием на Македонија во ЕУ до 2027 година, е
идеја на Вучиќ за некаков си божем модел, а не е на ЕУ. Патем истата, доколку пред некој ден ја
пласираше еден аналитичар на српските медиуми, а ти од тоа направи цела стратегија за ПР дека
ќе не одведеш во ЕУ низ капиџикот, онака достоинствено без свиткан р’бет. Не знам кој влегол
низ капиџик исправен, ако не е Худини?
Така идејата дека заедно со Украина (за ова прашај го менторот ти Орбан каков став има –
немој да се истрчуваш), Црна Гора и Албанија ќе влеземе во ЕУ до 2027 или во текот на 2027 (ова
не го кажа јасно) е една голема измислица. Процесот на прекин на војната во Украина и тоа не со
мир, туку со примирје е неизвесен процес кој првенствено ќе се однесува на прекин на борбените
дејства, а потоа на политичките прашања, кој пред да се случи бара да се средат состојбите токму
на Балканот како стратешка длабочина на Црноморскиот регион, и тука повторно врати се на
претходниот дел – за да ти биде јасно што се случува. Оттука, влезот на Македонија во ЕУ надвор
од преговарачката рамка која е утврдена и влезот на Албанија и Црна Гора кои се при крај со
преговорите нема никаква врска во оваа состојба во која ти ја спроведуваш божем политиката.
Украина мора да влезе во ЕУ и тука Орбан ништо нема да може да направи, бидејќи
Украина четири години ја брани Европа (меѓу останатото и нас) од касапот од Кремљ и чесно е ЕУ
да и понуди влез за да може низ разни фондови побрзо и полесно да се обнови земјата, а подоцна
да има силно влијание врз евентуалните резултати од примирјето, но за тој дел друг пат.
Кога сме кај Украина, само да те прашам: „Дали ти Мицкоски и пред се кога, ќе ја
потпишеш одлуката на македонската влада за доделување на еден 150 киловолтен генератор на
Украина“? Или за ова треба да добиеш дозвола од менторот ти Орбан?
Втората божем варијанта за влез во ЕУ на сите држави од таканаречениот Западен Балкан
при што ќе бидеме членови – ама и нема да бидеме, бидејќи во се ќе бидеме ограничени е
всушност преработената идеја која ја пласираше Вучиќ, а по принципот, што би рекле Србите:
„што је баби мило – то се баби снило“. Е па така и ти заедно со Вучиќ сонуваш излезна стратегија
за пред граѓаните на Македонија со божем влез во ЕУ преку капиџиќ за да преживееш политички,
а при тоа пласираш „трпеливост“ од десетици години. Многу контрадикторен си за во едно
интервју и тоа во однос на стратешки државни политики, доколку знаеш што е тоа.
Ете така, нема да има ништо од тоа и откако ќе влезат Црна Гора и Албанија во ЕУ, и
доколку успее примирјето во Украина кое касапот од Кремљ ќе се обиде на секој начин да го
оневозможи, Украина ќе стане членка на ЕУ. Ние си имаме Српски свет – Вучиќ и Белград па ќе
си чекаме, но сепак обрни внимание на претходниот дел од колумната.
За историските лаги
Не зачудува со каква леснотија Мицкоски изнесува историски невистини, но боли кога
колегите историчари немаат храброст да реагираат и да му кажат дека зборува глупости. Ете тоа е
таа академска средина која со новиот закон за Високо образование треба да ги крене македонските
универзитети – високо образование, високо на Шангајската листа.
Да не остане недоречено. Бледскиот договор, Мицкоски, не е последица на десетлетијата
борба на Македонскиот народ во односите со Бугарија. Земи прочитај го Димитар Влахов за да ја
видиш таа борба или Емануил Чучков. Бледскиот договор е резултат на Париската мировна
конференција од 1946 година. Тоа е конференција со која се става официјално крај на Втората
светска војна и се преземаат мерки против поразените страни. Тоа не е ниту акт на капитулација
на Бугарија како што еднаш суетно ми тврдеше, тоа е мировен договор. Во тој мировен договор,
Бугарија како дел од Тројниот пакт а со тоа и поразена страна иако од 09.09.1944 година е во војна
со Нацистичка Германија, е обврзана на тогашна Југославија да и плати воени репарации. Со оглед
на тоа дека и во Југославија и во Бугарија тогаш на власт биле комунистите а главен шеф им бил
Сталин (уф бре, повторно Москва) идејата на Тито и Димитров (односно на Сталин) била да се
создаде федерација на Југославија и Бугарија. И токму по принципите на денешната ЕУ дека не
можеш да правиш сојуз а да ги влечеш проблемите и споровите помеѓу државите, Југославија и
Бугарија морале да се договорат да не бидат непријателски држави и да ги решат споровите. Спор
биле воените репарации и македонското прашање. Така на обострано задоволство, Југославија со
Бледскиот договор ги простила воените репарации на Бугарија, а Бугарија за возврат го прифатила
постоењето на Македонскиот народ и на својата територија, односно во Пиринска Македонија.
Тоа што набрзо дошло до нарушување на односите на Југославија со СССР и смртта на Димитров
со што се поместиле геополитичките влијанија и цели на Сталин резултирало и со промена на
политиката во Бугарија, а ние сме биле колетерална штета – исто како и во Егејска Македонија е
нешто друго. Дури и денес Бугарија признава постоење на Македонски народ и Македонска
нација, како и на Македонски јазик, тоа за што сакаат да разговараме се историски прашања и
презентација на историските факти. Историски факт е дека Тодор Живков во 1962 година
испратил писмо до Крсте Црвенковски информирајќи го дека одлучиле да се вратат на
Димитровските позиции, односно признаваат Македонски народ, нација и јазик но да разговараме
за историјата. За другите историски собитија од тој период, ги замолувам историчарите да кажат –
ако смеат. Оттука, слонот в куќи е само фикција на Мицкоски, па дури и низ историска
ретроспектива да гледа, бидејќи преговарачката рамка на ЕУ токму тоа го предвидува, низ процес
да се решат недоразбирањата и патем, да се испочитуваат Копенхагенските критериуми за
добрососедство.
И повторно, доколку Мицкоски беше храбар, сеуште може да го изнесе слонот од куќата а
не да го пика во авиончето, на тој начин што ќе го раскине договорот за добрососедство со
Бугарија (впрочем и самиот договор ја предвидува таа можност) и да започне нови преговори
вклучително и за протоколите и нова преговарачка рамка. А името?
За плаќањата и тужбите
Ова како за крај. Со обвинителите ќе се занимавам откако Мицкоски кој нема личен став
(каква будалаштина јавно кажана – премиерот нема личен став), а има став дека Ленче Ристовска
не доаѓа в пред вид за разгледување (каква контрадикторност и оксиморонство), ќе одлучи кој ќе
биде Државен јавен обвинител. Јас типувам дека ќе ја избере Тополова – Исајловска, па да видиме
дали грешам.
Е сега, за плаќањата на штети по тужби. Не знам колку и кому должи МВР, некако не ми е
во опсег МВР во овој дел на работа, но знам дека Министерството за одбрана има многу за
плаќање и многу тужби, а посебно ќе има во иднина.
И затоа ќе го прашам Мисајловски јавно и покрај блажените насмевки на Сител и
додворувањето по којзнае кој пат на Мицкоски, да каже зошто излажа дека во Армијата платите се
покачени за 30%? Кога ќе ги израмниш платите на Воената академија со оние во високото
образование на што те обврзува Законот за Високо образование и Законот за Воена академија?
Што стана со Страјкерите и JLTW возилата и зошто се уште не се во оперативна употреба барем
тие кои стигнаа? Дали знаеш како се проценува борбената готовост на единиците и командите,
односно по кој елементи тоа се прави? Ајде да направиме директна проверка на борбената
готовост на една случајно избрана единица во Армијата, за да го потврдиме тоа што ти јавно го
тврдеше. Доколку сметаш дека хеликоптерите Аугуста се криминално набавени зошто не поднесе
кривична пријава против сторителите? Зошто плачеш во јавноста дека многу пари ќе потрошиме
за набавка на хеликоптерите, а во исто време преговараш во Унгарија за набавка на вооружување
и опрема, а при тоа не кажуваш што точно и по која цена ќе набавиме? Како сега се пријавуваат
неисправности кај хаубиците Боран? Впрочем кој те тераше да правиш ПР и да гаѓаш во воздух со
истите без претходно да испратиш во Турција на обука доволен број персонал, да се обучат
послугите и артилериските мајстори за ракување и одржување на орудијата, да се подготви и
публикува правило за орудието и таблици за гаѓање, па потоа по завршените пробни гаѓања да се
сликаш за ПР. Знаеш ли ти што се треба да се направи за да се организира формирање на резервни
единици и знаеш ли што е тоа мобилизација? Врз основ на кој проценки на закани утврди дека
нема потреба од „служење“ на воен рок во Македонија или барем некаков облик на воена обука?
Многу прашања а никаде одговори. И се додека е слончето во авиончето ние – граѓаните ќе
плаќаме скапа кајгана за ПР промоција на поединци кој ништо не знаат (освен да диплат) и кој да
не се на тие функции на кој ние ги доведуваме никогаш немаше да го видат Брисел ниту
туристички сосе слонот на Мицкоски.
Оливер Андонов
П.С.Тимчо, пак статива. Не се труди, нема ништо од билатерална средба со Надежда Нејска,
службената министерка за надворешни на Бугарија. Пак правиш залуден ПР како и во Албанија за
Коридорот 8. Бугарија има службена влада и се подготвува за избори на 19-ти Април. Токму
службената влада има единствена задача да ги подготви и спроведе изборите, така што тоа што си
и честитал на изборот е само протоколарен гест и твој обид за ПР, со додаток за домашната
јавност и божем поткрепување на политиките на Мицкоски дека еве Бугарија не сака да се види со
нас и да разговара. Намали малку со вовлекување, нема да можеш да излезеш.