Дилемата за насловот на оваа колумна беше помеѓу прашањето за љубовта, кон кого и кон што или за прашањето на „мојот човек“. Ова со мојот човек ме потсетува на онаа стара реченица: „имам јас фиљан човек кој ќе ни заврши работа“. Бравос бе генијалци, како фино и не суптилно ни кажувате на сите дека во иднина ќе ни треба наш човек за да може да си ги завршиме работите кои по закон и Устав локалната самоуправа е должна да ни ги завршува без да имаме „наш човек“. Можеби вие не мислите на наш, мислите на ваш човек, па затоа и одите со слоганот „мој човек“. Да, да, тоа ќе да е Христијане, твој човек. Но дали е твој? Одговорот на оваа прашање ќе го дознаеш за некое време откако ќе се видат резултатите од локалните избори и колку ќе падне партијата во гласови на советничките листи. За тој пад ти си одговорен и никој друг. А тоа го знаат и сите божем лојалисти и клиентелисти во партија и само го чекаат својот миг.
Затоа мислам дека посоодветен наслов за оваа колумна е „со љубов за парички“, иако мене ме потсетува и на политичката ти определба „Со љубов кон Русија“ (ова не е Џемс Бондовски). Но сепак љубовта ќе да е за паричките, не оние нумизматички, иако и тие се интересни. Љубовта е кон нашите, народни пари. Кон државното азно и буџетското ќупче. И токму тука започнуваат сите дилеми и внатрепартиски клановски конфликти.
Кога се во прашање државните пари како ресурс кој е сигурен и платен од џебот на македонските граѓани, судирот помеѓу клановите во нашата партија ВМРО-ДПМНЕ добива епски димензии на секој против секого и на не принципиелни сојузништва. Токму почетокот на овие битки помеѓу клановите можеме да го определиме на ден пред почеток на предизборната кампања за локалните избори. Онака интересно се појави еден прилог поврзан со трагедијата во Кочани и процесот на истрага, при што се појавија нови информации и поврзувања добиени од „свиркач“. Ние како Внатрепартиска фракција многу јасно ги знаеме, не само што ги гледаме случувањата зад параванот кој нашето членство во најголем дел а со сигурност огромно мнозинство од граѓаните неможат да го видат. Знаеме со сигурност и кој е „свиркачот“ и кога и каде е „фрлен“ материјалот на новинарите за да го истражат. Знаеме и кој всушност се обидува да ги координира клановските битки во партијата.
Еднаш напишав една колумна со наслов „Кој му го смести на зајакот Роџер“, и по се изгледа дека Роџер не се препозна себеси а ниту разбра што му порачавме како Внатрепартиска фракција. Сега само продолжува сместувачката и со право, бидејќи Роџер е самиот виновен за оваа состојба.
Ние како Внатрепартиска фракција не учествуваме во непринципиелни сместувачки коалиции од лукративни интереси. Ние сме единствениот дел од ВМРО-ДПМНЕ кој ниту е клановски структуриран и мотивиран, ниту припаѓа на било кој клан и не води беспоштедна борба против сопствените сопартијци мотивирана од лукративни цели. Како Внатрепартиска фракција ние исклучиво водиме идеолошка борба за демократизација на ВМРО-ДПМНЕ и почитување на десните конзервативни вредности и идеологија во контекст на членството на Македонија во ЕУ. За зачувување на нашата партија токму врз идеолошка основа ги повикуваме сите наши членови јасно да застанат со нас. Тоа што правите привид и пуштате дезинформации во јавноста дека Мицкоски е некоја мека варијанта, а Николоски тврда про Руска варијанта глумејќи фракции, тоа е ваша неуспешна ПР стратегија. Во ВМРО-ДПМНЕ постои само една Внатрепартиска фракција за демократизација и ревитализација на партијата којаима идеолошко – политичка платформа. Фингираниот за јавност божем политички судир помеѓу Мицкоски и Николоски и тоа околу по меко или по тврдо про Руско делување е измама со цел да се зачува постојната политика на ВМРО-ДПМНЕ а евентуалните смени и судири на Мицкоски со Николоски мотивирани од лукративни цели наместо приземни бизнис клановски судири да се прикажат пред членството и неупатената јавност како идеолошко-политички судир.
Доколку Мицкоски прифатеше да разговара со фракцијата за демократизација и ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ, сега ќе имаше идеолошки консолидирана партија со силен капацитет да ја води Македонија кон ЕУ и ќе го спречеше создавањето на клановите и фрагментацијата на партијата по разни внатрепартиски структури создадени од лукративни цели. Но, тоа е Мицкоски, тој се потпира на надворешни фактори. При тоа не мислам само на надворешни фактори надвор од ВМРО-ДПМНЕ како коалиционите му партнери, туку повеќе мислам на надворешни фактори од други држави. Држави кои не му мислат добро на македонскиот народ и Македонија како држава. Секако тука има замешателство и на блиски коалициони партнери на нашата партија кои од високи државни позиции и со наши пари работат против Македонија.
Така, по изборите ќе имаме интересни состојби во партијата, а да биде уште пострашно таков не идеолошки судир помеѓу бизнис клановите ќе доведе до потполно растурање на партијата. Сите овие клановски судири ќе се скршат врз грбот на зајакот Роџер и тоа уште пред да завршат изборите ќе се нагледаме вакви сместувања, разни свиркачи и случајни информатори кои случајно ќе ја извадат вистината на виделина. На виделина пред сите нас како партиски членови и пред сите наши сограѓани. Резултатот од оваа вистина врз изборите и врз целата наша партија ќе биде огромен, а одговорноста ќе се бара само од Мицкоски. А и од кого друг? Или Христијан се навикна на тоа виновен за изгубените избори да биде секогаш некој друг. „Ти благодарам Игор што го прими куршумот за сите нас“ (обраќање до Јанушев како генерален секретар на ЦК) по претседателските избори 2019, кога нели победивме ама Силјановска не стана претседател на Републиката. Или „Претседателе јас сум виновен, не работев добро во кампањата, требаше другачие кон Левица да настапам“ (упикувањето на Николоски во штабот на партијата уште истата вечер) во време на парламентарните избори 2020.
Е сега, Христијан, нема никој да сака да го прими куршумот или да ти се упикува за да ти даде самодоверба. Можеби Сајко ќе проба да даде саможртва за твоите не дела, но тој е слаба утеха, далеку е тој и од членство во кланови, но уште подалеку е од искрена лојалност кон тебе. И тој како и мнозина околу тебе, преку ноќ ќе се залепат за некој од клановите само за да преживеат. Дури и Орце нема да прифати да понесе одговорност за пораз, а не пак некој од министрите во твојата влада. А знаеш ли зошто? Па затоа што ти во сиот твој занес дека си Месијата за ВМРО-ДПМНЕ самиот си го смести појавувајќи се на чело на кампањата за локални избори и со тоа преземајќи ја целата одговорност врз себе. Преземајќи ја таа непотребна одговорност за да ја задоволиш твојата суета за семоќен, заборави дека кога ќе ги изгубиш овие избори, веднаш потоа треба да одиш на внатрепартиски избори (за твој трет мандат). Со изгубени избори кои ќе ја распалат клановската борба, тешко дека ќе избегнеш одговорност за изгубените избори, а уште потешко дека ќе се кандидраш за толку посакуваниот трет мандат. Е дури тогаш ќе видиш како ќе те растргнат и како ќе побегнат од тебе. И повторно, да ја демократизираше партијата сега самите ОК ќе си ја водеа кампањата за локални избори со нивни предлози за градоначалници и советнички листи, а ти ќе си се занимаваше со државни прашања од интерес на Македонија и одговорноста за победата или поразот на локалните избори ќе беше на ОК, кандидатите и советниците. Но ти неможеш да пораснеш, бидејќи никогаш и не дорасна за функцијата на која си, а на која си сокриен во меѓународни рамки.
Во право беше Данела кога те нарекуваше „Шпицен градоначелник“. Очигледно дека ти не си дораснал за премиер. Впрочем тоа се гледа, бидејќи наместо секоја недела да си во некоја европска престолнина на билатерална средба работејќи Македонија да биде членка на ЕУ, ти си во кампања за локални избори и во друштво на држави кои се далеку од ЕУ и светските случувања. Додека Албанија и Црна Гора чекорат кон ЕУ забрзано, во Скопје се случува „шија ми га Ѓуро – Мацут“, ете тоа ти е нивото. Очигледно дека не си сигурен во себе. Единствено си сигурен и се правиш мангуп пред оние клиентелистите на кои што и да им кажеш ќе ти аплаудираат колку и да те мразат. Мислиш дека на мултилатералните средби на кои повремено се појавуваш во иднина ќе можеш да ги избегнеш непријатните прашања во врска со твоите политики за кои си само ти и во целост одговорен, бидејќи ти си премиер на Македонија. Дури и комуникацијата со амбасадорите на земјите членки на ЕУ во Македонија ти се нарушени. Едноставно не сакаш да ги примаш затоа што ќе треба да дадеш одговор на непријатните прашања кои ќе ти ги постават откако ги исполажа. А одговор нема, затоа што пред нив не поминуваат измамите и сказните. Затоа и не те канат на ниеден меѓународен форум особено нема билатрални средби со европските лидери, а нас како Внатрепартиска фракција секаде не канат и секаде одиме и секаде каде што сме поканети примени сме со почит и достоинствено како претставници на ВМРО-ДПМНЕ и Македонија. А има Македонија и самата наша партија уште нормални капацитетни луѓе кои се собираат и комуницираат со фракцијата. Тебе Христијан не те засега што никаде не те повикуваат и што нема официјални владини претставници никаде на случувањата во ЕУ и регионот. Ти си си прв во село, а што тоа село без кучиња тоне тебе не ти е грижа. Важно дека ти е грижа се да е со љубов – кон паричките кои ги имаш испланирано да ги „заработиш“ преку градоначалниците. Прашање е колкумина од нив ќе ти откажат љубов кога ќе разберат дека за да ти ја задоволат твојата љубов тие ќе завршат в затвор, а потоа ти ќе им откажеш љубов како што му ја откажа на колегата Нацев, кој за твоја љубов се стори. Но ти нели не го познаваш Нацев, само некаде си чул за него.
За твоја љубов и Силјановска се глупира низ светот и игра ора во САД како врв на твојата дипломатија. Што да коментира човек за една жена која на седумдесет и кусур години се однесува како неизживеано девојче, чии стилисти не знаат соодветно ниту да ја облечат, а за креирање политики и да не зборуваме, такво нешто не постои. Но за Силјановска може да напишеме една посебна и пообемна колумна.
Токму за твојата љубов се случуваат трагедии во Македонија, а тебе така полн со љубов кон нашите пари око не ти трепнува, без срам и перде отиде во Кочани на предизборен митинг откако претходно ги праша родителите на загинатите деца во трагедијата колку пари бараат за животите на нивните деца. Очигледно го гледаш светот само низ твојата призма на гледање, а тоа се парите. Тепачки и обиди за убиства низ Македонија токму од твоите луѓе за твоја љубов.
И така на крајот повторно дојдовме до љубовта. Љубовта кон паричките која најмногу ја сакаш и не ги даваш на друг па дури и законски да му припаѓаат. А парите се отепувачка, нели? Доколку не веруваш, прашај го Ристо Крле.
Оливер Андонов
П.С. Инсталирањето на „Мој човек“ ни наметнува едно онтолошко прашање: „Како да ја спасиме државата од партијата (тебе Мицкоски)“!?