Почитувани читатели оваа неделна колумна е резултат на реакциите од членовите на ВМРО-ДПМНЕ во врска со моето неодамнешно гостување во емисијата Аргумент+ на 24 ТВ, во која зборував за целите и активностите на внатрепартиската Фракција за демократизација и ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ. Нашите сопартијци побараа дополнителни објаснувања во врска со потребата од промена на Статутот на партијата со цел нејзина демократизација. Поради тоа, колумната е пред се наменета  за членовите на ВМРО-ДПМНЕ и симпатизерите на нашата партија, но се надевам дека ќе предизвика внимание и кај сите вас кои сте заинтересирани за внатрепартиските прашања и организациско делување на ВМРО-ДПМНЕ.

Најпрво уште еднаш, јасно и гласно, да појаснам и кажам дека Фракцијата за демократизација и ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ е внатрепартиска Фракција и не е, ниту ќе биде, нова политичка партија. Сите членови на партијата остануваат и сѐ полноправни членови на ВМРО-ДПМНЕ кои не се согласуваат со политиките на Мицкоски и неговото партиско раководство и поради нивните погрешни политики бараат нивна смена, а во тие рамки и отворање на патот за демократизација на партијата. Нашата внатрепартиска борба е исклучиво насочена кон демократизација на нашата партија ВМРО-ДПМНЕ по што ќе се овозможи нејзина ревитализација и победа над криминалното СДС. Во таа внатрепартиска борба Фракцијата ги почитува основните начела и вредности на ВМРО-ДПМНЕ втемелени врз интересите на македонскиот народ, граѓаните на Македонија, македонската нација и македонската државност и интересите на државата Македонија, а идеолошки се позиционира како десно центристичка, современа европска национална и демократска партија.

Поаѓајќи од овие темелни вмровски вредности и ставови за Македонија и македонскиот народ и нација и десните идеолошко-политички фундаменти, Фракцијата ја гледа ВМРО-ДПМНЕ како демократска современа европска партија. Оттука, основниот пристап за реализација на целите на Фракцијата во рамките на ВМРО-ДПМНЕ кои се разбира, се втемелени врз демократизација на партијата која неминовно мора да се случи за да може ВМРО-ДПМНЕ врз демократски принципи да владее во Република Македонија. Ова е основниот принцип и вредност за воспоставување идна демократска власт, бидејќи недемократски структурирана и организирана партија неможе демократски да владее со државата. Едноставно, таквата политичка номенклатура има недостиг од демократски капацитет колку и да зборува за него.

За да ВМРО-ДПМНЕ се демократизира неопходно е да се извршат промени во Статутот на партијата, бидејќи Статутот е изворот на проблемите во кои се наоѓа партијата. Неопходно е да се пристапи кон операционализација на демократизацијата на партијата преку промена на нејзините органи и тела и нивен демократски избор од најниско до највисоко ниво, а воедно да се воспостави и механизам на одговорност на партиските и државните-локалните функционери од редовите на ВМРО-ДПМНЕ пред членовите и органите на партијата, вклучително и на прво место и одговорност на претседателот на партијата.

Оваа може да се случи многу брзо и партијата ефикасно да се демократизира, а потоа и брзо да се ревитализира доколку Мицкоски како претседател на партијата си поднесе оставка веднаш, а Централниот комитет донесе нов Статут според кој ќе се тргне во демократизација на партијата и во иднина секоја промена на Статутот ќе може да ја донесува исклучиво и само Конгресот кој ќе биде составен од претставници – делегати од секој месен комитет на ВМРО-ДПМНЕ избрани на непосредни избори од самите членови на месниот комитет, а на предлог на комитетите на избирачки места. На овој начин не само што ќе се демократизира партијата, туку истата и ќе се омасови и членовите ќе се поттикнат на политички активизам, индивидуално и во рамките на партијата во организационата структура на сите нивоа.

Оттука, статутарните промени неопходно е да се однесуваат на сите нивоа, па така Конгресот според утврден правилник ќе го бира претседателот на партијата, преку делегатите на Конгресот кои би биле избрани на непосредни избори, ова би било решение кое постапно би водело кон подготовка на членството и партијата во целост организациски, структурно, административно и над се политичко-демократски да биде во состојба да организира и спроведе непосредни избори за претседател на партијата со непосредни избори по принципот „еден член-еден глас“.

За да се постигне оваа демократска состојба на свеста на членството пред сѐ, непосредните избори за избор на делегати на Конгрес ќе се организираат во месните комитети.  Претседателот на партијата задолжително по секој избори, особено парламентарни ќе мора на Конгрес да поднесе извештај и да се расправа за негова доверба доколку истите ги изгуби и на самиот конгрес од најмалку 30% од делегатите да може да се покрене иницијатива за негова смена.

Прашањето за смена на претседателот на партијата и пред се прашањето за негово повикување на одговорност е едно од клучните за измена на Статутот на партијата и со тоа нејзина демократизација. Имено, без разлика дали таква иницијатива ќе покрене Централниот комитет, неопходно е како што кажавме да се поведе иницијатива за одговорност на претседателот за постигнатите резултати на изборите. Исто така, неопходно е да во Статутот задолжително биде ограничена можноста за извршување на функцијата претседател на ВМРО-ДПМНЕ на не повеќе од два мандати од по четири години, како и возраста, образованието и другите услови кои мора да ги исполнуваат кандидатите, потоа да се утврдат прецизните рокови и процедури за кандидатура, кампања и избор на нов претседател на партијата и секако партискиот орган кој ќе ги организира и спроведе изборите за нов претседател на партијата согласно правилникот донесен од Конгресот.

Во исто време ќе се направи  избор на делегати од комитетите на избирачки места за делегати во Собранието на Општински комитет кое пак ќе го избере претседателот на ОК и уште еден или повеќе членови на Централниот комитет во зависност од големината на општинскиот комитет. Истото Собрание на општински комитет ќе одлучува за избор на кандидат за градоначалник, советници во општината како и за вршители на раководни функции на локално ниво и предлози за кандидати за пратеници од општината. При тоа, претседателот на општинскиот комитет, членовите на Централниот комитет, градоначалникот и советниците, како и вршителите на функции на локално ниво пред се ќе одговараат за својата работа согласно законите, а потоа и партиската политика пред членовите на партијата односно Собранието на општинскиот комитет. На овој начин голем број од членството директно, а целото членство на општинскиот комитет индиректно ќе биде вклучено во партиските активности и ќе може да бара отчет и одговорност од оние кои ги избрале, а кои треба да одговараат токму пред членовите.

Со ваквите Статутарни одредби претседателот на партијата нема да има никакво влијание, односно моќ за замена на членовите на Централниот комитет, бидејќи истите се должни да ги извршуваат одлуките донесени на Централниот комитет, но за своите изнесени политички ставови или залагања одговараат исклучиво пред Собранието на општинскиот комитет како орган кој ги избрал и има право да ги разреши. Претседателот на партијата, односно Извршниот комитет може да побара разрешување на член на Централниот комитет вклучително и претседател на општинскиот комитет од Собранието на општинскиот комитет, но под точно утврдени околности и причини, особено доколку истиот работи спротивно од принципите на партијата, не ги спроведува одлуките на Централниот комитет, не покажува резултати во работата на општинскиот комитет и друго, но смената е исклучиво во надлежност на Собранието на општинскиот комитет, а со тоа и на членовите на партијата.

На овој начин членовите на Централниот комитет ќе бидат ослободени од притисокот на претседателот на партијата од позиција на претпоставен кој може да поставува и разрешува по лична субјективна оцена и ќе може слободно и јасно да го изнесат ставот на членовите на општинскиот комитет од кој се избрани и кои ги претставуваат во однос на предложените партиски политики на претседателот на партијата и Извршниот комитет.

Во овој момент состојбата во ВМРО-ДПМНЕ е повеќе од апсолутистичка што директно влијае врз слободата на размислување на членовите на највисоките партиски тела и органи до степен во кој се доведува во прашање и здраворазумското размислување и анализа поврзани со клучни прашања за Македонија. Во тој контекст, да не заборавиме дека ние како ВМРО-ДПМНЕ имаме не само внатрепартиска одговорност, туку одговорност и за државната политика на Македонија, без разлика дали сме на власт или во опозиција, нашата одговорност има историска и стратешка димензија за државата Македонија, македонските граѓани и македонскиот народ.

Имено, во моментов Мицкоски ги поставува и разрешува претседателите на општинските комитети без било каква консултација со членството поради што овие пак и како претседатели на општинскиот комитет и како членови на Централниот комитет беспоговорно ги следат неговите погрешни политики, не поставувајќи прашање или дилема, а не пак дискутирајќи за било кое прашање од интерес на Македонија, ВМРО-ДПМНЕ или македонскиот народ, но за возврат остануваат сигурни на своите партиски позиции, со надеж дека со полтронство и клиентелизам еден ден ќе се доберат до државни функции.

Последниот таков јавен и еклатантен случај е поставувањето од страна на Мицкоски на нов претседател на Градскиот комитет – Скопје. За наша жал дури и гламурозната прослава по тој повод исполнета со партиски и локални функционери, пратеници и градоначалници и залиена со некое пиво и слично неможе да го покрие немањето демократски капацитет. Затоа драги мои сопартијци, Мицкоски може безобразно на јавна сцена да глуми патриот, цврст шовинист, да нанесува штета на Македонија и на ВМРО-ДПМНЕ, свесен дека за тоа нема никому да одговара, бидејќи „негова е“ нели партијата. Нас членовите ќе не повика две-три недели пред избори за да му ја истрчаме кампањата, а потоа повторно ќе биде само тој и неговата свита.

Во оваа колумна ќе напоменам уште една исклучително значајна измена на Статутот, односно нова регулатива која е исклучително важна за демократизација на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е ограничување на предлог за мандатар за состав на влада на Република Македонија од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. При тоа премиерот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ (не е нужно тоа да биде секогаш претседателот на партијата), едно исто лице неможе да ја извршува таа функција повеќе од два мандати.

Во рамките на измените на Статутот како клучен демократски аспект мора да се опфати и регулираното формирање и делување на внатрепартиска Фракција како составен и не стигматизиран дел од ВМРО-ДПМНЕ.

За да ги објасниме сите предлози за измени на Статутот на ВМРО-ДПМНЕ заради демократизација и со тоа и ревитализација на партијата не е доволна една колумна. Поради тоа во оваа колумна драги мои сопартијци се осврнав само на најнужните и темелни измени. Во непосредната комуникација со Вас, внатрепартиската Фракција ќе ви ги објасни сите детали, а особено начинот како да дојдеме до тоа да се извршат Статутарните промени, а за што сите ние како членови треба да ги мотивираме и присилиме да пристапат кон тоа членовите на Централниот комитет. Колку и да се исплашени и под притисок на Мицкоски за да не ги изгубат своите ситни привилегии и партиски и други функции, клиентелистички и полтронски ориентирани, мора на сите нив да им ставиме до знаење дека за да воопшто може да бидат на функции тоа зависи исклучиво и само од нас членовите и нашата посветеност и мотивираност да работиме на терен, а не од нивното додворување и слепа послушност на волјата на Мицкоски.

Како внатрепартиска Фракција знаеме дека ова е тешко, но нема лесна политичка борба, особено онаа за демократизација во која ретроградните сили треба да се тргнат, а при тоа, самите тие знаат дека тоа претставува нивно заминување од политичката сцена засекогаш. Нашата цел на прво место е преку користење на сите демократски расположливи средства заминување на неспособниот и компромитиран Мицкоски од позицијата претседател на ВМРО-ДПМНЕ на која кршејќи го и ваквиот недемократски Статут се самоизбра во 2021 година по што по автоматизам заминува и целото актуелно раководство, а потоа ослободени од притисокот на Мицкоски и неговото раководство брзо ќе се реализира демократизацијата и партијата ќе се ревитализира тргнувајќи кон сигурна победа над СДС. Потребно е само храброст, одважност и покажување на вмровскиот дух на дело за да се успее нашата партија да се воздигне во она што беше – Демократска Партија за Македонско Национално Единство – носител на светите четири букви ВМРО.

 

Христос Воскресна!

Во Томина недела

 

Вонреден професор д-р Оливер Андонов

 

П.С.На сите вас почитувани читатели кои го носите името на Св.Апостол Тома, Ви го честитам именденот, а сите членови на ВМРО-ДПМНЕ ги повикувам да не бидат неверни Томи во однос на можноста успешно да ја демократизираме нашата ВМРО-ДПМНЕ и потоа да го победиме СДС.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *