(цена која ќе ја плати ВМРО-ДПМНЕ)
Интересно е тоа како ние во Македонија успеваме успешно да се занимаваме со глупости. Со сосема безначајни работи. Сѐ со цел да се направи забави за пучанството кое на крајот ќе ја плати најскапата цена, како што тоа впрочем се случува последните триесет години. Сепак цената ќе ја платиме и ние како ВМРО-ДПМНЕ, најмногу ние членовите. Ова другото е забава на краток период, колку граѓаните дополнително да бидат збунети и особено обесхрабрени во однос на било каква доверба кон институциите на системот.
Таква забава е и јаловата расправа по прашањето дали ни треба техничка влада (Пржинска влада) и дали Талат Џафери треба да биде премиер на таквата влада. И двете прашања не се предмет за сериозна политичка расправа. Тоа се потполни глупости, вредни единствено за аполитичниот Мицкоски. Едноставно, нема зошто да се расправа за работи кои се завршени, веќе воспоставени, видливо ќе бидат реализирани, и за кои треба сосема различен политички приод со поглед во една друга временска дистанца. Токму затоа и оваа колумна има за цел да ги осветли овие намтнати во јавниот дискурс, ступидни расправи, сосема погрешни и непотребни за ВМРО-ДПМНЕ, практични дејствувања, и особено упорното – папагалско повторување од страна на некои наши сопартијци на зборовите на Мицкоски. Секако, зборовите на аполитичниот Мицкоски се само зборови за замајување, надвор од реалноста и тоа можеме да го потврдиме низ само еден пример. Тој пример се најавуваните вонредни избори од страна на Мицкоски последниве две години. Мицкоски ги најавуваше на секој 3-4 месеци, а еве дојдовме до редовни парламенатрни избори. Уште минатата година (2022) во Декември кога Мицкоски ги повикуваше поранешните градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ и за да ги анестезира од нивното оправдано незадоволство од него и неговата неработа, на дел од нив кои ме прашуваа за анализа и реален поглед на политичките состојби, им реков дека Мицкоски ги лаже. Ги лаже, бидејќи нема намера да направи ништо да ја урне оваа неспособна влада (согласно договорот на коалицијата ЗММ), што и сега во пракса го прави – не ги урива, напротив им помага на СДС со своите бесмислени дејствија. Тој е само спотер кој треба да преживее на чело на ВМРО-ДПМНЕ заради негово потполно потчинување на олигархиско-политичките структури, југословенско-московските тајкуни во Македонија. За да преживее, мора да го спласнува внатрепартиското незадоволство, а тоа најдобро се прави со континуирано (на секој 3-4 месеци) анестезирање на членството дека еве сега ќе има предвремени избори. Избори на кои само што не сме победиле и ВМРО-ДПМНЕ ќе биде власт. Така додека ние како ВМРО-ДПМНЕ уживавме Мицкоски и неговото раководство да не лажат, Ковачевски и неспособното СДС си го доведоа мандатот до крај. Ете така изгледа и така завршува само еден пример на јавно замајување. Пострашно е тоа што продолжува.
Впрочем и овој драматуршки чин на политикантската сцена во Македонија наречен „Талат и техничка влада“ има за цел да се замајуваат граѓаните, но пред се нашите сопартијци со сосема непотребни и политички завршени прашања. Но со изразен шовинизам кон нашите сограѓани од албанско етничко потекло. Тој шовинизам има сосема други цели за кои нема сега да пишувам, но е со исклучително опасни тенденции, и на штета на сите граѓани на Македонија.
Техничката (Пржинска) влада е завршена работа, барем за овие избори. Кога ние како внатрепартиска фракција јавно го искажавме нашиот став уште пред две години дека треба веднаш да се започнат активности за укинување на техничката предизборна влада, немаше таков интерес кај Мицкоски. Кога нему, на Мицкоски, некој читајќи ги нашите колумни му ја даде идејата, не му кажал што всушност треба да содржи еден ваков предлог бидејќи и тој „генијалец“ нема претстава за тоа. Потоа Мицкоски ќе си „легне на брашното“ и ќе си отиде кај Ковачевски да се договори околу деталите за формирањето на техничката влада и така повторно ние од ВМРО-ДПМНЕ ќе бидеме несериозните. Затоа и предлогот на Мицкоски е сосема празен, задоцнет и непотребен во политичка смисла, но уште повеќе и во персонална смисла.
Зошто во персонална смисла? Прво, затоа што предлогот Талат Џафери да биде технички премиер е прашање исклучиво и само за коалицијата СДС-ДУИ и нема никаква нормална причина да биде оспоруван. Особено не врз етничка основа како што тоа се потенцира во јавноста за да се создаваат тензии. Таквото создавање тензии е спротивно на Уставот на Македонија пред кој сите граѓани се еднакви без разлика на својот пол, етничка, верска, расна припадност или политичко убедување и секој полнолетен граѓанин на Македонија има право да бира и да биде биран. И точка.
Тука завршуваат сите глупави дебати и јалови расправи поттикнати исклучиво и само од политикантски побуди. Побуди кои некој „генијалец“ во белата палата го опседнале, мислејќи единствено на тоа дека преку поттикнување на етничка омраза во еден поширок контекст намерно дефиниран како „албанизација“ на Македонија ќе мобилизира дел од македонскиот народ врз етнополитичка основа. Таквата етнополитичка мобилизација би требала според истиот тој „генијалец“ да даде резултат во поголем број гласови на изборите на контото на нашата партија. Многу погрешно, катастрофа. Никој не помислил на пораката која се испраќа не само до сите нас во Македонија уште повеќе до нашите политички партнери во ЕУ и НАТО, но и ризикот од враќање наназад во политичките процеси во Македонија и влијанието врз регионот. Во овој контекст некој отвора работа за обвинителството, само што тоа е во длабок сон и анестезија уште од времето на Заев.
Постојано како внатрепартиска фракција зборуваме за потребата од престанок на шовинизмот насочен кон било кого, а токму од нашата партија добиваме најголемо спротивставување на овој наш политички наратив и тоа во пракса.
При една ваква состојба внатре во Македонија и тенденција за не само политичка, туку и повторна етничка поделеност, најмногу „зачудува“ отвореното вмешување на Мицкоски во изборите во соседна Србија. И тоа на само неколку дена пред денот на изборите, со јавно и нескриено лобирање за гласање за СНС помеѓу македонците во Србија. Оваа постапка воопшто не нѐ изненадува од аполитичниот Мицкоски. Иако тоа на прво место е непринципиелен и секако недемократски акт да се мешаш во изборите во друга држава, особено кога тоа е соседна држава со која колку и да имаме одлични релации, не смееме како ВМРО-ДПМНЕ да си дозволиме вакво директно изборно вклучување. Личните релации помеѓу Мицкоски и Вучиќ, како и помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СНС како „сестрински партии“, се работи кои немаат врска со изборите во соседна Србија. Не се работи за внатрепартиски избори во СНС па некој од кандидатите да бара идеолошко-политичка поддршка од Мицкоски. Ова е особено важно бидејќи нашето вклучување во кампањата за парламентарните избори во Србија, најавува и нивно на СНС, вклучување во изборите во Македонија. Таквото евентуално вклучување воопшто не би било од полза за нашата партија, пред се пред нашите стратешки партнери САД и партнерите во ЕУ и НАТО во однос на презентацијата на нашиот демократски капацитет.
Зошто?
Затоа што во уредените демократии, во земјите членки на ЕУ е недозволиво да политички раководства од една држава се вклучуваат во изборите во друга држава, особено со конкретна теренска активност како во случајот на аполитичниот Мицкоски. Затоа што се буди сомнеж кај другите политички партии дека покрај теренска активност може да постои и финансиска активност. Затоа што на овој начин се загадува автохтоната политичка мисла и практична политика на државата. Затоа што политичките партии кои прифаќаат ваков вид на помош и поддршка се сметаат за доминиони на оној кој ја дава поддршката. Затоа што оној кој ја дава или бара таквата поддршка со вмешување во изборите се смета дека од тоа има некаков конкретен политички, економски, финансиски и друг интерес. За ВМРО-ДПМНЕ тоа е особено сензитивно во македонски услови и остава длабоки траги давајќи сигнали кои воопшто не се про европски.
Така, ваквиот аполитичен потег на Мицкоски кој верувам дека неможел како предлог кој му го испорачале да го одбие, на прво место и најдиректно покажува во каква состојба сме како политичка партија на внатрепартиски план и на кој степен ни е демократскиот капацитет. Понатаму, покажува за нашиот партиски про европски капацитет. Го покажува коалициониот капацитет на партијата за формирање влада, односно кажува дека Мицкоски нема никакви шанси да формира влада на ВМРО-ДПМНЕ со некој партнер од политичките партии на македонските албанци, со оглед на тоа каков е ставот на албанците кон СНС и Србија, особено по случувањата во Бањска и односите со Косово. Најмногу покажува зошто Мицкоски и актуелното раководство водат ваква конфронтирачка политика кон САД и ЕУ. На крајот, најавува во која насока би се движела Македонија со политиките на Мицкоски и актуелното раководство на нашата партија. Како и да е кој и да му го ова сугерирал на Мицкоски, длабоко го вовлекол во политичка дупка од која на шест месеци пред избори тешко ќе се извлече.
Доколку на сето претходно, го додадеме и глупавиот ПР за Талат кој беше министер за одбрана во влада на ВМРО-ДПМНЕ, неразбирливиот антиалбанизам и шовинизам кон нашите сограѓани од албанско етничко потекло, тогаш може да заклучиме дека Мицкоски намерно ги урива шансите на ВМРО-ДПМНЕ за победа на претстојните парламентарни и претседателски избори. И да не се чудите, особено вие нашите сопартијци, за тоа што Ковачевски е многу сигурен дека ќе продолжи да биде врзан за дрвото за да биде премиер на владата на Македонија. А тоа е страшно и за Македонија и особено за ВМРО-ДПМНЕ кое по една таква состојба ќе влезе во длабока внатрепартиска криза. Едноставно ќе бидеме во дванаесет годишна опозиција, како никој пред тоа.
За да се спречи оваа сценарио кое Мицкоски ни го подготвува, тука сме ние како внатрепартиска фракција. Тоа што фракцијата предлага дека треба да го направиме е содржано во неколку точки и не е лесно да го направиме, но воопшто не е невозможно, дури е и препорачливо да се направи и тоа брзо.
1.Да се изврши потполно обединување на сите структури-делови и поединци од партијата кои од различни причини сега стојат наспроти Мицкоски и актуелното раководство, или се потполно пасивизирани.
2.Таквото обединување да биде единствено и само врз про ЕУ основа и при тоа јасно да се искаже таа политичка промена во политиката на партијата, но и во исто време и јасно да се покаже во пракса.
3.Веднаш партијата да се отвори за сите наши сограѓани со десна политичка конзервативна идеологија без разлика на нивната етничка и верска припадност.
Деталите за тоа како оваа може конкретно, брзо и во пракса на терен и во политичкиот наратив и практика да се изведат можеме како внатрепартиска фракција да го презентираме, но секако доколку за тоа има јасен и недвосмислен интерес од страна на актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ.
Нема никаква потреба да се прави политикантска драмолетка и забава од тоа дека Талат ќе биде технички премиер и да се зборуваат бесмислици околу техничката (Пржинска) влада. Но најитно мора да престане политичкиот дилетантизам на аполитичниот Мицкоски кој е на штета на нашата партија ВМРО-ДПМНЕ.
И секако, Христијан, ти ги среди организациски и ги обедини нашите на ВМРО-ДПМНЕ комитети па тргна на терен „на сред земље Србије“, аферим бе, ду..к.
Да не дозволиме да ја платиме најскапата цена за нашата партија, драги мои сопартијци.
Оливер Андонов