Во наша Македонија во рамки на обидите да се занимаваат со политика има мнозина кои се со изразена фалинка. За жал, токму ние сме тие кои на таквите со фалинка им дозволуваме да се доберат до раководни политички места и да ни ја водат државата. Секако, потоа ја водат в бездна, водени од своите лични првенствено лукративни цели.
Не мислев да му придавам значење на еден таков егземплар со изразена фалинка. Но тој ја претера во својата амбициозност и самоумисленост дека е израснат во гооолем политичар. Тој во се сѐ разбира па дури и некој владици од МПЦ-ОА јавно го промовираат, а што наметнува прашање за мотивот на таквата соработка и промоција.
Пред се сметам, дека нема смисла секојдневно да го загадува нашиот медиумски простор и дека медиумите по задача, а сосема непотребно му отстапуваат многу време. Не е проблем ниту времето кое му се отстапува за да ја загадува нашата ментална хигиена, проблемот е во тоа што сите се прават на будали дека ликот е некаков си државник, а тој е со епохално незнаење и длабока компромитираност во многу аспекти на политиката и општеството. Таа компромитираност ја крие со своите ефтини селски финти мислејќи дека е исклучително паметен, кога „сите“ наседнуваат на неговата во последно време изразена слаткоречивост, божемна одлучност и загриженост за состојбите во Македонија.
Не е Заев. Не ѐ.
За овој лик подолго време не пишувам затоа што одамна кажав дека е „Манџуриски кандидат“ на Заев а со тоа и на олигархијата, колку и да се обидува тоа да го сокрие од очите на јавноста.
Да за Спасовски се работи. Ликот кој мисли дека е паметен. Ликот кој на несреќата на целата македонска нација и страдањето на едно девојче и еден дедо гради сопствен лик под маска за тоа дека води беспоштедна борба против организираниот криминал и корупцијата.
Ами да бевме паднати од Марс, па да му поверувавме. Тој секојдневно, последните две-три недели се појавува во медиумите, како пред само две недели да стана министер за внатрешни работи. А ликот под грдата маска е министер веќе скоро седум години, во неколку влади на епохално неспособната власт на СДС. И сега ние треба да паднеме во несвест од неговите вербални и наменски „изливи“ на загриженост за пораст на криминалот и корупцијата против кои ете тој како „Супермен“ дојде да се бори со голема саможртва. Што би се рекло „Мижи Асан да ти бајам“.
При тоа, употребува „одлучни“ термини познати како излитени флоскули. Во негов мандат како министер за внатрешни работи имаме композиција на глупости, неоткриени тешки кривични дела, убиства низ улиците на Скопје, мафијашки пресметки, пукања во трговски центри во кои никогаш не беа откриени сторителите, епидемија на корупцијата и организираниот криминал, нефункционирање на административните процедури во МВР кои се во функција на секојдневна потреба на граѓаните и уште што нѐ. Нема, ама буквално нема Спасовски со што да се пофали во однос на успешното раководење со МВР. Но може да се пофали со успешно политикантско внатрепартиско (во СДС) ламентирање помеѓу Заев и Ковачевски. Да потсетиме дека беше Манџурискиот кандидат на Заев (читај политичката олигархија) како технички премиер кој во неговиот продолжен мандат од седум месеци при вонредна состојба донесе многу уредби на владата кои прераснаа во законски прописи. Еден од највпечатливите помеѓу мноштвото беше оној за трговија со дијаманти. А нели Македонија е на врвот на светската листа по производство на дијаманти. Никогаш никој тоа не го истражи, ниту го зема за сериозно како очигледен закон со кој се поттикнува организиран криминал, вклучително и државна висока корупција, и при тоа таквиот криминал со закон е заштитен од државата. Нешто слично како со реакциите на Спасовски при промената на КЗ и повторно државната законска заштита на кривичните дела поврзани со корупција.
И денес, Спасовски успешно ламентира помеѓу Заев и Ковачевски, очекувајќи да биде промовиран во кандидат на СДС за претседател на државата. Тоа е основната причина зошто во последните две-три недели откако стручните служби во БЈБ ги открија осомничените за извршеното тешко кривично дело убиство, Спасовски секојдневно не се симнува од медиумите. Каков некрофил, човек без грам човечност, без чувство за емпатија и сочувство. Сѐ за политички успех, личен се разбира.
Засега Спасовски е во фазата на себе обелување преку едно класично криминално кривично дело кое го злоупотребува, бесрамно во политички цели. Сака да се обели пред македонските граѓани од сите црнила кои ги направи во МВР и во Македонија изминативе години. На прво место преку не сторување, што за лик кој е на таква државната функција претставува извршување кривично дело. А да е едно кривично дело за кое ништо не презема. Мала ќе е оваа колумна и уште неколку во продолжение за да наброиме што се направи. На прво место како ја растури македонската полиција и ја подели на етничка и партиска основа. Добро е што во неа и останаа сеуште професионални колеги. При тоа, не мислам на оној Тасевски кој е во улога на директор на БЈБ, односно повеќе е во улога на човек кој „има слика, нема тон“. Нема тон дури и кога се во прашање класични криминални кривични дела. Тој е лојален послушник и доволна е сликата, за да не отвори уста и да не каже нешто што ќе му наштети на неговиот шеф. На оној кој со селски финти се обидува да се обели пред нас за да не прелаже и некој да го гласа за претседател на Македонија. Секако, доколку успее да ги помине внатрепартиските игри помеѓу Заев и Ковачевски.
Во меѓувреме, на Спасовски нема да му текне да поднесе кривични пријави до ОЈО за Мерко, за Анѓушев, за сите оние кои нашиот стратешки партнер веќе ги стави на црната листа, а не очекувам дека тоа ќе го стори и за другите кои допрва ќе бидат впишани на оваа листа. Со кривична пријава, сосема непотребна се пофали во друга прилика, а секако дека ОЈО може да поведе постапка и без кривична пријава поднесена од страна на МВР или било кого. Но затоа Спасовски за ПР цели јавно објавува слики со амбасадорката на САД во Македонија со свој коментар дека е државник. Знам дека тоа што се сликал со амбасадорката нема воопшто да му помогне, впрочем тоа за сите љубители на изреката „една слика-илјада зборови“ го порача и самата амбасадорка во едно свое неодамнешно интервју. За тоа колку е државник, највидливо е тоа дали нешто сработи за својата држава Македонија во мандатот од седум години?
Јас ќе се радувам никаквото СДС да го кандидираат за нивен претседателски кандидат, а при тоа против кандидат од нашата партија да не е Силјановска или некоја друга комуњара. Во таков случај кандидат од ВМРО-ДПМНЕ да биде личност, докажан и стар член на партијата, сигурен сум дека ќе имаме чиста победа во претседателската трка. За изборите за собрание е сосема друга математиката, но за тоа во друга прилика.
Сериозна хипокризија на лик со многу фалинки кој мисли дека сите ние треба да ги заборавиме изминатите седум години и полната негова поддршка на експанзијата на организираниот криминал и корупција. Очигледно е дека смета на краткото паметење на македонските граѓани, па сега како врвен дострел на неговата „про-западна“ ориентација (по принципот дај десен жмигавец-врти лево) и борба против корупцијата и криминалот, ни се претставува дури и како спасител на повреден ловџија (нешто ми е позната оваа ПР будалаштина од некоја соседна држава). Нешто што во основа е нормална постапка во секоја нормална држава и тоа во надлежност на ДЗС и 112, а не и повод за политичка прес конференција. Конференција на која ќе се дообјаснува интервјуто на американската амбасадорка во Македонија, како ние да сме глуви, глупави и тупави и не слушнавме или не разбравме што амбасадорката кажа, порача и посочи, а што важи и се однесува и за Спасовски, можеби и многу повеќе отколку за некој други.
Оттука, тоа што Спасовски на јавна сцена „се прави на Тошо“ покажува дека има сериозна фалинка (не само политичка), затоа што се обидува да се прави дека не е од тука и дека на него, на политиката на МВР, на неговото СДС (и во времето на Заев и во времето на Ковачевски) не се однесува коментарот на американската амбасадорка за потфрлување на институциите. Е сепак се однесува, и тоа најдиректно и најјасно е кажано токму тоа. Спасовски е член на таа влада и доколку не се согласуваше со нејзината политика требаше да поднесе оставка многу одамна.
Колку и да ја демонстрира својата фалинка, Спасовски е најдиректно одговорен за спроведување на политиките во МВР, бидејќи министерот кој раководи со министерството како орган на управата е одговорен и должен да ја насочува политиката на надлежното министерство. Таа политика не се однесува на глумење експерт за истраги или спасител на повредени и настрадани лица во непристапни подрачја како што тоа го прави Спасовски. Таквото однесување претставува само злоупотреба на политичката функција министер. Политиката во министерствата, па така и во МВР се состои од наметнување, повторувам НАМЕТНУВАЊЕ на политичката волја за безпоштедна и неограничена борба против организираниот криминал и корупција и сите видови криминал, а со цел заштита на личната и јавната сигурност на граѓаните. Значи се работи за искажана политичка волја која на дело се мери преку успешната работа на полицијата и непосредна соработка со ЈО при што полицијата во спроведувањето на истрагите е под раководство на Јавниот Обвинител, вклучително и самиот министер за внатрешни работи.
Спасовски колку корупциски скандали и други сериозни кривични дела, особено во областа на организираниот криминал и корупција полицијата откри и ги достави до ЈО, пред се кривични дела сторени од припадници на МВР блиски до власта и кривични дела сторени од страна на видни членови на власта (неважно од која политичка партија се), но посебно од редовите на СДС)?
На оваа прашање и лик со толку многу фалинки и со маска на лицето, а на позиција министер за внатрешни работи би требало да даде јасен и прецизен одговор на македонската јавност. Но тоа нема да го видиме. За жал ќе се нагледаме и наслушаме многу „мудрости“ од овој лик со фалинки, при тоа верувам дека ќе престане да се повикува на фотографии со амбасадори од нашиот стратешки партнер или нашите сојузници од ЕУ. Барем нив да не ги загадува со своите фалинки.
И како што реков, би сакал овие од СДС токму него како подвижна фалинка да го кандидираат за претседател на Македонија од нивните редови. Барем до крај да се разголи овој умислен лик кој себеси се гледа за претседател на Македонија и тоа преку својата седумгодишна неработа и директна и индиректна поддршка на организираниот криминал и корупција.
Тоа што со своите фалинки го замислува Спасовски е единствено обидот да си ја обезбеди сопствената иднина, доколку е можно според примерот на неговиот некогашен ментор лицето Б.Ц. со кое ја растури калимерата, но во чии папски способности цврсто верува и чии методи со задоволство ги применува.
Кога веќе Спасовски е со фалинка, да не бидеме сите ние со изразена ментална мана и да заборавиме дека обој лик под маска беше министер за внатрешни работи изминатите седум години.
Оливер Андонов