Размислата ми беше да пишувам за некои други дребни нешта од нашата дневна политика, кога еве дневната политика наметна да пишувам за уште повеќе дребната Јотова, сепак во контекст на дневната политика во Македонија во која по задача се вмеша.
А знаев дека ќе треба да се пишува за неа и нејзината намерна провокација. Впрочем драги мој сограѓани бев присутен кога Јотова го кажа сето тоа што подоцна, токму навреме го објави за да стигне таму каде што треба и во време во кое треба за да реализира цели на друг центар на моќ. Не на Софија.
Пред една недела (во понеделникот) се одржа свечено и научно одбележување по повод 100 години од формирањето на Македонскиот Научен Институт (МНИ). Настанот се случуваше во аулата на Ректоратот на Софискиот Универзитет. Накратко, МНИ е формиран во Софија во 1923 година од македонски интелектуалци кои од Македонија емигрирале во Бугарија. Негови членови се плејада на македонски интелектуалци (дури и членови на Бугарската Академија на Науки), членови на ВМРО, борци за автономна Македонија, научни работници, универзитетски професор, сѐ на се сите оние родум од Македонија без разлика на нивната политичко-идеолошка припадност, кои по востанијата во 19-от и на почетокот на 20-от век, Балканските војни и Првата Светка Војна побегнале од Македонија во Бугарија, но никогаш не ја заборавиле и напуштиле идејата за Македонија и нејзината слобода и државност. Во основа, МНИ е научна установа која во периодот од 1923 година до 1947 година се занимавала со наука, етнологија и политика поврзани со Македонија, со цел одржувањето на македонското прашање во живот и одржување во функција на разните македонски друштва и нивните активности. МНИ во овој период се финансира самиот себеси, односно МНИ го финансираат македонците, при тоа основајќи ги Македонската Народна Банка и Македонската Кооперативна Банка и градејќи го Македонскиот дом како свое седиште кој и денес постои во Софија. Во МНИ се чувани посмртните останки на Гоце Делчев кои од таму се пренесени во Македонија, а 1947 година МНИ се самоукинува и целата архива, научни прегледи, историски записи, единаесет книги на Љубомир Милетич од мемоарите на војводите, членовите и основачите на ВМРО, етнолошката поставка и други движни предмети по записник се предадени на Македонија и од страна на Љубен Лапе донесени во Скопје. Подоцна се депонирани дел во архивот на МАНУ а дел во Државниот архив на Македонија каде што и денес се наоѓаат. Во 1990 година на иницијатива на професори од Софискиот Универзитет по потекло од Македонија, возобновен е МНИ, но овој пат под патронат на бугарската држава. Тоа што ние како Македонија и нашиот Институт за Национална Историја (ИНИ) не учествувавме на овој настан официјално се должи на нашите „проблеми“, за мене не беше проблем да присуствувам на настанот кој има историско значење, пред се за нас Македонците.
Е токму на еден ваков столетен јубилеј како претставник на државата зборуваше Јотова. Слушајќи го говорот веднаш ми беше јасно дека Јотова го злоупотребува настанот со цел да пласира дневна политика. Не е чудно за политикант и тоа од мал маштаб кој сака себеси да се воздигне и воедно да си ја одработи задачата. Впрочем, навикнати сме на вакви изјави и провоцирачки обраќања дури и во Македонија. Нејзината основна цел беше да создаде доволно гориво за да може да се разгори расправа по веќе виденото. Всушност, на колегите од МНИ и од Софискиот Универзитет веднаш им кажав дека овој политички говор има за цел да даде гориво за исти такви говори во Македонија и очигледно бев во право. Јотова не го дочека крајот на протоколарниот свечен дел од честитките и обраќањата, туку замина, откако го истовари тоа што имаше намера и го испорача горивото како бензинска пумпа на Газпром од која сега треба да наполнат останатите мразачи на македонскиот и бугарскиот народ. Едноставно само треба да се стави „пиштолот“ и да се наполни, секако до крај, за да трае. Тоа и се случи, Јотова си ја заврши задачата за која беше дојдена на настанот. Нејзината цел не беше достојно одбележување на стогодишнината на МНИ туку искористување на можноста за политички говор и секако одработување за „Газпром“.
Веќе на првата пауза реагирав во разговорите со колегите од Бугарија при што скоро без исклучок (исклучок се службените државни лица кои од професионални причини молчеа) сите како академска јавност се согласија со мојата констатација дека политичкиот тенденциозен говор на Јотова ќе предизвика реакции на нејзините партнери во Македонија давајќи гориво на сите оние кои едвај чекаат да наполнат гориво на нејзината бензинска станица, испостава на Газпром. Дури слушнав еден многу сликовит опис на Јотова: „Манџа без сол“. Што повеќе да се каже? А да беше прв или да е последен пат. Што ние да коментираме за Јотова, кога токму во Бугарија им е се јасно? Јасно е дека никој не ја зема за сериозно, така што препорачувам и ние како македонска јавност да не реагираме на нејзините глупости. Бидејќи, ова давање-позајмување гориво ќе трае. Ќе трае се додека не се оневозможи и парализира секаков обид за соработка и нормализирање на бугарско-македонските или македонско-бугарските односи, како и да е, но убеден сум дека нема да успее. Во прашање е одржување на тензиите за да се купи време и Македонија да не започне преговори за членство во ЕУ. А зошто е важно да започнеме преговори со ЕУ? Важно е токму од причина да не се полни од пиштолите на Газпром. Можеби ви звучи приземно, но токму е приземно, затоа и се обидувам низ метафора да ви го објаснам тоа што геополитички не чека како македонски народ и како Македонија.
Јотова има задача која и таква како што ѐ, блуткава без сол, одработува највулгарно. Но, таа не е важна, таа е само блуткава и за „некого“ корисна. Потполно исто како и оние од наша страна, а ги има (Мицкоски, Апасиев, Димитриевски) кои ја чекаа испораката на отровното гориво на бензинската на Газпром за да се наполнат со наратив на омраза кон Бугарија и за тоа да имаат оправдание во наративот на нивниот партнер Јотова. Следниот пат е нивен ред први да започнат, односно тие да го испорачаат отровното гориво. Корисни се тие за некого, само не за Бугарија и Македонија, ниту за нашето партнерство во НАТО и ЕУ. Ниту за нашата иднина.
Последиците не се само дневно-политички, тие се многу подлабоки. Најмногу со тоа што и го одземаат времето кое е кратко, и шансата која е последна за Македонија да опстои како држава и на македонскиот народ како народ во европската историја и пред се иднина. Иднина во која низ членство во ЕУ како геополитички актер, Македонија ќе биде заштитена.
Некако сум убеден дека оваа провокација имаше врска и со препокривање на два настани. Прво, на посетата на Росен Жељазков кој како претседател на бугарското собрание во обид на добра волја да се нормализираат бугарско-македонските односи дојде во Македонија. Тоа е делот за пресметки на политичката сцена во Бугарија и во тој контекст изјавата на Османи е потполно коректна, со тоа што ќе напоменам (ова веќе еднаш го кажав) дека партнер за Македонија во Бугарија е бугарската влада, а не опскурни блуткави ликови чии изјави се извинувам што воопшто и морав да ги коментирам и да им дадам простор во колумна. Бугарската влада не покажува непријателство кон Македонија и барем од оваа влада немаме слушнато ништо негативно и надвор од тоа што е договорено и опфатено во таканаречениот Француски договор. Второ, според времето на објавување во македонските медиуми, тоа е со цел да се занимаваме со глупостите на Јотова, а не со новиот список на „црната листа“ на САД и што тоа порачува.
А токму тука е главниот проблем за Македонија, за целото наше општество, со одговорот на прашањето кој е се на црна листа и каква порака се испраќа до нас како граѓани. Пораката е пратена и до Заев и до Мицкоски, по принципот „думам ти ќерко сети се снао“. Затоа Мицкоски ќе се препелка со Камчев и Самсоненко, а Заев ќе се мачи како да биде заеднички кандидат за претседател на Македонија предложен од „Европскиот фронт“, а при тоа да го избегне Дака Давидовиќ во своето ЦВ. Сепак, сите добро знаеме дека во последните шест-седум години не постои нешто поврзано со пари и сомнителни криминални бизниси а да на некој начин не е поврзано со Заев или луѓе блиски до Заев (дури и бизнисот со Делчевските ниви). Во исто време според објаснувањето на САД овие луѓе се поврзани со Русија и претставуваат опасност согласно Извршната наредба 14033 и 14024, а за што веќе одамна пишував и ви најавив што ќе следува во врска со овие две Извршни наредби и законите Магнитски и Рико. Впрочем овие реакции на администрацијата на САД поврзани со Извршните наредби се токму во насока да се оневозможи истоварувањето на гориво на бензинските станици на Газпром и нивна дневно политичка употреба во регионот. И повторно не приоѓате сериозно кон укажувањата од администрацијата на САД, тоа е онаа САД која е наш стратешки партнер, која подари неброени финансиски средства од нивните даночни обврзници за да ни помогне да застанеме на нозе како држава, народ и нација и која упорно ја навредувате на разни начини, а која има бескрајно трпение кон нас ништите.
Е па така почитувани мој сопартијци, драги сограѓани, во обидот коалиционите партнери Мицкоски-Заев да се спасат од тоа што е неминовно, кривична одговорност и политички крах, а е исклучително полезно за Македонија, ќе се обидат да ни направат едноставен и во пракса проверен де-фокус. При тоа, сесрдно поради истите налогодатели и од свои интерес ќе им помогнат нивните партнери од Бугарија.
Сепак, силата им ослабува и покрај добро координираните активности за подгревање и продолжување на „судирот“ помеѓу Македонија и Бугарија, за наша среќа има доволно нормални, грамотни и разбрани луѓе и на двете страни. Да бидеме свесни и да не дозволиме да не внесат во нивниот вртлог.
Во меѓувреме, Ковачевски нека ужива во Белград, него овде секако ништо не го допира, тој „знае“ дека му е загарантиран уште еден мандат. А знаете како е тоа, кога нему ќе му ветат, тоа е како в Црква да ветиле, мора да исполнат. Како и да е мислам дека добро е врзан за дрвото за да не падне и самиот тој тоа го знае и затоа е комотен.
Христијане, ти не си комотен, а не си ни врзан за вистинското дрво и нозете ти висат, колку и да глумиш пред клиентите во партија сигурност или се обидуваш да надоместиш преку полнење политички отровно гориво на бензинската на Газпром. Погрешен пристап. Решението ти е пред носот, но треба да го видиш и да бидеш храбар да исчекориш кон него.
Оливер Андонов