(прв дел)
Како дел од Внатрепартиската фракција за демократизација и ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ чувствувам за потребно јавно да укажам на пропустите кои се направени во однос на заштитата на животната средина. Пропусти кои интензивно и со изразена неодговорност се прават и денес во континуитет.
Зошто во воведот на колумната зборувам од името и како член на Внатрепартиската фракција во ВМРО-ДПМНЕ? Затоа што животната средина и нејзината заштита се важен дури и клучен дел од политикте на една држава, влада, политичка партија. Затоа што во креирањето на политиките во животната средина нашата партија ВМРО-ДПМНЕ и оваа раководство очигледно потфрлија на штета на сите нас како граѓани. Затоа што ние како Внатрепартиска фракција во ВМРО-ДПМНЕ иако упорно сме маргинализирани од страна на лојалистите на Мицкоски имаме решенија и согледувања низ кои може да се креираат нормални и успешни политики во заштитата на животната средина.
Колумната која ја прертставувам има два дела, пред се поради обемноста на прашањето со кое се занимавам. Во овој прв дел од мојата колумна ќе зборувам за грешките, недостатоците и причините за истите. Во вториот дел ќе зборувам за можните и квалитетни решенија за кои во нашите разговори како фракциска политичка група имаме многу зборувано и за кои сакаме да слушне јавноста и нашите сопартијци од ВМРО-ДПМНЕ. Препорачувам да ги прочитате и двата дела за да можете интегрално и во целост да ја разберете основата и насоките за креирање на јавни политики во животната средина.
Македонија денес се наоѓа на раскрсница помеѓу природата што ја наследила и иднината што ја создава. Пожарите се нова еколошка закана во последните години, пожарите – било настанати во ѓубришта или депонии (како што ги нарекуваме), било во шумски предели – претставуваат дополнителна еколошка трагедија. Пожарите што секоја година ја пустошат државата се само дел од поширокиот синџир на катастрофи за животната средина. Последниве недели Македонија повторно гори. Пожарите кои ја зафатија земјата не се само локален проблем на неколку општини – тие се национална катастрофа со последици кои допираат до секој од нас. Пожарите не се само „несреќа“. Тие се резултат на занемарување, недоволна грижа и игнорирање на науката. Секоја година ја гледаме истата сцена: пламенот што голта шуми, чадот што се шири низ градовите и сликите на луѓе кои со голи раце се борат со огнената стихија. Животната средина претрпува штета што ќе се санира со децении. Шумските пожари – уништуваат илјадници хектари шума, испуштаат CO₂ и чад што директно го нарушува здравјето на луѓето. Шумските екосистеми исчезнуваат, се уништува биодиверзитетот, а ерозијата и уништувањето на почвата ја прават земјата неплодна. Во исто време, согорувањето ослободува огромни количества CO₂, дополнително забрзувајќи ги климатските промени кон опустинување на земјоделските и други плодни површини.
Македонија денес живее во парадокс: една од најмалите земји во Европа, а меѓу најзагадените. Намерното или случајното палење отпад во ѓубришта-депонии кои во себе содржат метан (кој настанува при анаеробна-без кислород деградација на органски отпад) и гасови како јаглерод диоксид, сулфурни соединенија и др. кои под влијание на висока надворешна температура (сонце) можат да иницираат самозапалување. Притоа се ослободува огромни количини на канцерогени материи во воздухот. Чадот кој се шири при пожарите содржи тешки метали, јаглероден моноксид и микро и нано честички кои предизвикуваат болести на респираторниот систем и кардиоваскуларни проблеми. Пожарите стануваат секојдневие. Недостигот на превентивни мерки, обучен кадар (пожар од пластика не се гаси со вода), опрема, против пожарни одела и маски специјално за вакви пожари, како и систем за рано предупредување, доведуваат до катастрофални последици – уништени шуми, испуштен CO₂, трајна деградација на почвата.
Секоја година ја потресуваат исти сцени: пожари кои ја голтаат шумата, чад кој го труе воздухот, реки кои се претворени во канализации и ѓубришта таканаречени депонии кои се палат и продуцираат токсичен чад. Граѓаните живеат во секојдневен страв – не само од сиромаштија или политичка нестабилност, туку од самото вдишување на воздухот и користење на водата.
Доколку се земат предвид податоците за пораст на малигни заболувања и хронични болести во урбаните средини, врската со загадувањето станува повеќе од очигледна. Животот и здравјето на луѓето се директно загрозени. Чадот што го вдишуваме содржи фини ПМ честички, канцерогени материи и токсини кои можат да предизвикаат респираторни заболувања, срцеви проблеми и долгорочни последици за најранливите групи – децата, старите лица и хронично болните. Последиците се отровни гасови кои предизвикуваат рак, болести на бели дробови и оштетување на нервниот систем кај децата. Граѓаните дишат диоксини и канцерогени честички, кои со години остануваат во организмот.
Македонија се гуши во сопствениот отпад. Отпадот како главно жариште затоа што ѓубриштата таканаречени депонии во Македонија се најголемите и најопасни извори на загадување. Во земјава постојат над 1.000 диви депонии и десетици кои се под надлежност на јавни комунални претпријатија легални, но несоодветно управувани ѓубришта. Често таму се пали отпад, вклучително и пластика и електронски отпад. Со тоа се ослободуваат диоксини, тешки метали и канцерогени честички кои го загадуваат воздухот, водите и почвата Иако формално во Скопје како најголем град постои една „санитарна депонија“ – „Дрисла“ во Скопје – честите пожари и тлеења ја претворија во генератор на канцерогени супстанци како диоксини и фурани. Во старото „Вардариште“, продолжува да се трупа секаков отпад , продолжува да испушта токсини во почвата и подземните води. Во Трубарево е дозволено да се изгради отпад на електронски и пластичен отпад во сред земјоделско земјиште кое со неконтролираното запалување донесе колема катастрофа за животот и здравјето на граѓаните. Дополнителен проблем е што низ целата држава никнуваат диви ѓубришта -депонии, каде отпадот се пали без контрола.
Овие жаришта го загадуваат воздухот, ја контаминираат почвата и преку дождови и инфилтрација во подземни води ја трујат водата. Неспособноста за управување со отпад преку современи центри за управување со отпад и недостигот на селекција на отпад доведоа до ситуација на еколошка катастрофа на територија на целата држава Депониите и ѓубриштата – легални и илегални, претворени во жаришта на неконтролирано согорување на отпад.
Горење на пластика и електронски отпад – во многу населени места, најчесто од сиромаштија или занемарување, пластика и кабли се палат за да се извлече метал.
Водите се под закана. Преку загадување како на пример реката Вардар која е главната водна артерија, претставува колектор на индустриски и урбани отпадни води. Реките во Македонија, најголем дел се вливаат во Вардар, често се крајна дестинација на индустриски отпадни води, фекалии и хемикалии од земјоделството. Недостатокот на пречистителни станици и контрола создава слика на водни екосистеми кои полека умираат. Недостатокот на пречистителни станици за отпадни води резултира со директно испуштање на канализација во реките и езерата. Преспанското Езеро е на работ на еколошка катастрофа поради пестициди и ѓубрива, додека Охридското, и покрај заштитата од УНЕСКО, страда од диви испусти (незаконски поставен колектор за отпадни води во самиот крајбрежен појас наместо во само езеро) и неконтролирана урбанизација.
Подземните води во близина на депонии и индустриски капацитети се сериозно загадени и претставуваат ризик за пиењето вода во бројни рурални средини.
Почвата е невидливата жртва. Како ресурс се уништува со прекумерна употреба на пестициди и вештачки ѓубрива. Индустриските јаловишта, како кај рудниците и металуршките капацитети, испуштаат тешки метали кои остануваат со децении но континуирано ја загадуваат почвата која е низводно од јаловишните брани. Отпадот кој неконтролирано се фрла создава токсична подлога, а пожарите дополнително ја контаминираат со остатоци од горење на пластика и гуми. Индустриското загадување, неконтролираното фрлање на опасен отпад и користењето на пестициди директно ја загрозува храната што се произведува од ионака се помало земјоделско стопанство во државата.
Но прашањето повеќе не е „како да го изгасиме пожарот“ – туку кој ќе понесе одговорност што државата дозволува ова да се повторува? Зошто недоволен институционален одговор најчесто е молкот. Инспекциските служби се недоволни, често политички контролирани. Закони постојат, но не се спроведуваат. Политичката волја за вистинска акција е речиси невидлива. Општеството и економијата плаќаат висока цена. Уништени се земјоделски површини, инфраструктура и домови, а државата вложува милионски средства во гаснење и санација, наместо во превенција.
Проблемот со загадувањето кај нас одамна престана да биде „еколошки“. Ова е прашање на здравје, економија, правна држава и политичка одговорност. Иако со децении слушаме стратегии и планови, фактите се немилосрдни: Македонија и понатаму е меѓу најзагадените држави во Европа.
Македонија повеќе од три децении е независна држава, но системското управување со животната средина и понатаму останува една од најслабите точки. Наместо одржливи решенија, државата и општините се соочуваат со хронична негрижа, импровизации и отсуство на долгорочна визија. Последиците денес ги чувствуваме секојдневно: отровен воздух, загадени води, уништена почва и сериозни здравствени последици врз населението.
Загадувањето во Македонија не е само еколошки, туку и општествен проблем. Тоа е резултат на децениска негрижа, корупција и отсуство на визија.
Најскапата цена ја плаќаме сите – со сопственото здравје и со иднината на нашите деца. Време е да се сфати дека човековиот живот е повреден од секоја инвестиција и дека правото на чист воздух и здрава животна средина не смее да биде компромис.
Но, најголемата штета не е само материјална. Чувството на несигурност и страв дека ова се повторува секоја година, а системот реагира доцна и недоволно.
Уставот гарантира право на здрава животна средина. Законот за животна средина и други поврзани акти ја обврзуваат државата да презема превентивни мерки и да го заштити здравјето на граѓаните. Со пожарите што година по година уништуваат илјадници хектари шума, а чадот што го вдишуваме ги полни белите дробови со канцерогени честички, државата директно го прекршува ова право.
Државата која не ја штити својата природа, здравјето и животот на луѓето – ја губи својата смисла. Недоволен инспекциски надзор – инспекторатите честопати реагираат доцна, површно или под политички притисок. Наместо казни и контроли, имаме премолчување. Отсуство на политичка волја – секоја влада најавува стратегии, но во пракса добиваме само хартија. Пожарите, депониите и загадувањето стануваат нормалност, наместо аларм.
Време е некој да понесе одговорност.а за тоа кој треба да понесе одговорност и за решенијата како да се справиме со катастрофата која. Едноставно, иднината и одговорноста се поврзани, а Внатрепартиската фракција за демократизација и ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ ги има решенијата, но пред се ние во фракцијата имаме политичка волја да се справиме со предизвикот кој значи иднина, а не судбина.
Лидија Зафировска
дипломиран градежен инженер, поранешен државен секретар
во министерството за животна средина