Во пресрет на започнувањето на седницата на македонското Собрание со која и официјално ќе се започне процедурата за промена на Уставот со додавање во Преамбулата на уште неколку народи чии делови живеат во Македонија покрај мнозинскиот народ македонскиот, уште еднаш ќе истакнеме дека како внатрепартиска фракција ја поддржуваме оваа промена на уставот.
Најпрво би сакал да ве потсетам дека Уставот на Македонија е отворан, односно менуван 8 (осум) пати откако е донесен, односно во последните неполни триесет и две години. Најпрво е менуван веќе во јануари 1992 година со амандманите 1 и 2 или само неполни два месеци од неговото донесување. Потоа во 1998 година со амандманот 3. Најголемите и суштински промени се направени во ноември 2001 година со амандманите 4 до 18 при што потполно е променета Преамбулата во своето значење и суштина. Потоа следува промената на уставот со амандманот 19 во декември 2003 година. Веќе во декември 2005 година повторно е изменет Уставот на Македонија со амандманите 20 до 30. Во јануари 2009 година се додава и амандманот 31. Потоа во април 2011 година се менува уставот со амандманот 32. И во јануари 2019 година се направени, засега, последните измени на Уставот на Македонија со амандманите 33 до 36 кои се однесуваат на промената на уставното име на државата, но и повторни промени во Преамбулата.
Така, по осум менувања на уставот, ова треба да биде деветти пат и по трети пат да се изврши менување – дополнување на текстот на Преамбулата со конкретно впишување на уште неколку делови од народи кои живеат во Македонија.
Со оваа дополнување не се прават никакви суштински промени во Уставот и не постои никаква реална опасност од намалување на нечии права, а особено загрозување на самобитноста на македонскиот народ, македонскиот национален идентитет, македонскиот јазик и култура.
Со амандманите 4 од ноември 2001 година и 33 и 34 од јануари 2019 година извршена е директна промена на Преамбулата на Уставот на Македонија и редефинирање на Македонија како држава и во прочистениот текст таа – Преамбулата денес гласи вака:
Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите, преземајќи ја одговорноста за сегашноста и иднината на нивната татковина, свесни и благодарни на своите предци за жртвите и посветеноста во нивните заложби и борба за создавање самостојна и суверена држава Северна Македонија и одговорни пред идните генерации за зачувување и развој на се што е вредно од богатото културно наследство и соживот во Северна Македонија, еднакви во своите права и обврски кон заедничкото добро – Република Северна Македонија – во согласност со традицијата на Крушевската Република и главните одлуки кои се наведени во Прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ и на Референдумот од 8 септември 1991 година, на кои се изрази волјата за создавање на самостојна суверена држава и Охридскиот рамковен договор, ја конституираат Република Северна Македонија како самостојна, суверена држава, со намера да се воспостави и зацврсти владеењето на правото, да се гарантираат човековите права и граѓанските слободи, да се обезбеди мир и соживот, социјална правда, економска благосостојба и напредок на личниот и заедничкиот живот, преку своите претставници во Собранието на Република Северна Македонија, избрани на слободни и демократски избори го донесуваат овој УСТАВ.
Кога веќе имаме фактичка состојба која јасно ви ја претставувам за да ви биде во потполност јасно како во целост гласи Преамбулата на Уставот на Македонија денес, се поставуваат две клучни прашања кои треба да си ги одговориме самите себеси:
1.Зошто, од која причина и со која цел постои потреба од повторно отворање на Уставот и дополнување – менување на Преамбулата на прво место со додавање во неа поименично на делови од народи кои во не голем број живеат во Македонија?
2.Доколку се утврди потребата за промена-дополнување на Уставот на Македонија, со што тоа конкретно ќе се направи, односно што конкретно или суштински ќе се смени најпрво во Преамбулата?
Овие две прашања е неопходно да си ги одговориме, бидејќи веќе се направени осум промени на уставот од кои промените во 1992 година амандманот 2, промените во 2001 година амандманите 4 до 18 и промените во 2019 година амандманите 33 до 36 ги направија суштинските промени во Уставот на Македонија и со тоа извршија коренити промени врз карактерот на државата.
Оттука, потребно е да одговориме на двете клучни прашања кои си ги поставивме и тоа ќе го објасниме:
1.Причината и целта поради кои се врши промена на Уставот и дополнување на Преамбулата со конкретно именување на делови од уште четири народи кои живеат во Македонија како конститутивни, но малцински и различни од мнозинскиот македонскиот народ и нивно издвојување од поимот „други“, е започнување на преговори со Европската Унија.
Доколку сакаме да полемизираме околу оваа состојба дали има потреба од посебно издвојување на овие четири делови од народи (бугарскиот, хрватскиот, црногорскиот и еврејскиот), може да полемизираме. Може да полемизираме и околу мотивите зошто некои инсистирал за нивно издвојување и потенцирање во Уставот. Треба да се дебатира за сите овие прашања, без разлика колку има полза од едно такво дебатирање, но најважно е да си дадеме одговор дека, отворањето на Уставот на Македонија и негово дополнување во овој миг и овој контекст има единствена цел, а тоа е отпочнување на преговорите со Европската Унија за полноправно членство на Македонија.
Поаѓајќи од вака поставеното прашање и дадениот одговор, можеме да бидеме слободни да констатираме дека „навистина постои потреба од отворање на Уставот и негово дополнување“, односно дополнување на Преамбулата на прво место.
Овој заклучок воопшто не е произволен, туку е втемелен врз стратешката определба на Македонија (вклучително на сите политички партии) за наше членство во ЕУ.
Доколку Мицкоски како моментален претседател на нашата партија ВМРО-ДПМНЕ не ги променил стратешките цели и определби на партијата за членство на Македонија во ЕУ, а за тоа засега не нѐ има известено, воопшто не гледаме причина пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да не поддржат ПОТРЕБА за отворање на Уставот на Македонија и отпочнување на постапка за уставни промени.
Како внатрепартиска фракција во ВМРО-ДПМНЕ, водејќи се од стратешките цели на партијата и нејзините основни одлуки за членство на Македонија во ЕУ не гледаме никаква логика да се попречува отворањето на оваа постапка која треба да ни овозможи отворање на патот кон ЕУ. Пред се ова е политичко прашање кое е директно поврзано со нашата државна и партиска политичка одлука за членство во ЕУ, така што од таа перспектива не гледаме ништо спорно да се започне процедурата за уставни промени со одлука дека постои потреба од такво нешто – промена на Уставот на Македонија (по деветти пат).
2.Одговорот на второто прашање, по утврдувањето на потребата за промена на уставот е всушност подготвеноста на политичките чинители да влезат во материјалната расправа по уставните измени. Односно да направат конкретна анализа и увид на предлогот на владата за содржината на предложените уставни амандмани или, како со кои зборови тоа ќе се направи, какви формулации ќе содржи и како тоа суштински и практично ќе влијае врз државата Македонија и нејзиното уставно уредување.
Поаѓајќи од вака поставените пред се политички дискурси и начини на размислување, во пракса постои реална можност во фазата на јавна, политичка, експертска и секаква друга дебата, Мицкоски политички да ги објасни своите за и против позиции во однос на предложените уставни амандмани и конкретно да ни каже што тоа суштински, согласно предложените амандмани на Уставот ќе влијае врз сегашната уставна поставеност на Македонија како држава, односно какви ќе бидат конкретните последици за државата и македонскиот народ.
Малку подоцна, во текот на собраниската расправа по амандманите предложени од владата, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ (како и сите други пратеници) може да поднесат свои предлог амандмани. Тоа значи дека ние како ВМРО-ДПМНЕ можеме во Собранието да отвориме материјална расправа во однос на содржината на промените во уставот и да наметнеме свои ставови во рамки на границите на возможното и предложиме свои амандмани. Во овој контекст како внатрепартиска политичка фракција ние сме подготвени да помогнеме на партијата во оваа насока.
Секако, треба да бидеме свесни дека ние како ВМРО-ДПМНЕ не сме сами во Собранието и дека самата материјална расправа треба да биде пред сѐ во контекст на нѐ преземање драстични предлози за уставни промени во насока на промена на суштинските веќе утврдени одредби посебно во Преамбулата.
Основната поента до која ВМРО-ДПМНЕ треба да се придржува е дека потребата за уставни промени е неопходна поради членството во ЕУ и во тие рамки несомнено е потребна материјална расправа во Собранието по предложените уставни промени. Преку ваквите постапки како државотворна политичка партија ќе испратиме неколку силни и конкретни пораки до македонскиот народ и македонската нација, но и до меѓународната заедница.
1.Дека ВМРО-ДПМНЕ е про-европска политичка партија;
2.Дека ги почитува демократските принципи на делување во Собранието на Македонија и истото го бара и очекува и од другите политички партии во Македонија;
3.Дека го поддржуваме влезот на Македонија во ЕУ и конкретно работиме во таа насока;
4.Дека се грижиме за стратешките интереси на Македонија, македонскиот народ и македонската нација;
5.Дека ВМРО-ДПМНЕ се грижи за самобитноста на македонскиот народ, зачувување на македонскиот национален идентитет и зачувување и промоција на македонскиот јазик и култура и преку поддршка на членството на Македонија во ЕУ;
6.Дека сме партија која поддржува развој на татковината;
7.Дека не сме националистичка и шовинистичка партија и дека немаме ништо против ниеден народ кој живее во нашата татковина Македонија;
И уште многу други пораки кои секако ќе бидат примени и разбрани од сите кои ја сакаат Македонија, особено од целата македонска нација. Ова е голема шанса за нашата ВМРО-ДПМНЕ повторно да стане предводник на европските идеи и интеграции на Македонија што во основата на нашата партија беше вградено уште при нејзиното основање, бидејќи уставните измени го отвораат патот кон ЕУ, а ние како национална партија не смееме да бидеме неразумно против или да не учествуваме активно во тој процес.
Впрочем, доколку Мицкоски и неговото раководство ги разбраа пораките од меѓународната заедница, и доколку работат за интересите на Македонија, македонскиот народ и македонската нација, несомнено е дека нема дилема за влегување на ВМРО-ДПМНЕ како активен чинител во процесот на уставни измени.
П.С. И сосема на крај, за да нема двоумење околу тоа дека внатрепартиската фракција не ги следи дневно-политичките случувања. Ние гледаме и добро знаеме што се случува и каква отровна магла се фрла деновиве. Апелираме на смиреност и не наседнување на провокациите смислени и организирани од центри на моќ кои не сакаат Македонија да биде дел од ЕУ и имаат за цел дестабилизација на Македонија, но и на регионот преку употребата на етно-политичкиот конфликтен потенцијал до степен на предизвикување ескалација на етно-политички конфликтен процес. Овој „филм“ веќе го гледавме во 2001 година, кога по потпишувањето на „договорот за асоцијација и стабилизација“ ни организираа и наметнаа внатрешен вооружен етно-политички конфликт. За ова имаме веќе пишувано, така што дваесет и две години подоцна ни се репризира истото сценарио со божем нови актери. Токму и во оваа насока на спречување на ескалација на етно-политички конфликт, ВМРО-ДПМНЕ има историска одговорност да ја придвижи Македонија кон ЕУ, и при тоа не се прашува за лична политичка цена, бидејќи се работи за создавање благопријатни услови во рамките на ЕУ за опстанок на самобитноста на македонскиот народ и македонскиот национален идентитет.
Оливер Андонов