(или: за Мара Попара и Петко Тешкаглава)
Од одамна нашите комшии зборуваа дека на нашето маало му недостасува само да биде покриено со шатор, за да биде комплетен циркус. Многумина жители од нашето маало се согласуваа со оваа констатација. Нашите старци во оваа видоа можност за добар финансиски бенефит па поднесоа барање до ECA (The European Circus Association) за регистрирање на „Циркус на отворено“. Така од пред 32 години, Ние станавме и официјално „Национален Циркус РМ-БЈРМ-ПЈРМ-СРМ квадратура на кругот“.
За волја на вистината имаше многу натегања сепак не е лесно да бидеш циркус, барем не официјално. За прв пат ECA добија барање едно маало целото да се прогласи за циркус. Условите кои требаше да се исполнат, макар што нашето маало беше убедено дека ги исполнува од 0 до 100, сепак беа многу захтевни, Ви недостасува ова па направете го она и така во недоглед. Нашата упорност вроди со плод но пред се благодарение на перформансите на нашите илузионисти кои ги остави со подотворена уста членовите на комисијата, и немаше каде, мораше да ни дадат сертификат. Нашите кловнови, акробати, танчери, еквилибристи на јаже, жонглери, магионичари беа перфекционисти во „продавање на магла“. Сега, точно е дека немавме многу припитомени и дресирани животни но и оние малкуте вршеа работа. Имавме по неколку примероци лавови, орли, лисици, слонови, мајмуни, гниди и крлежи како и голуби и папагали поприлично, но пред се копитари, коњи и магариња имавме во изобилие.
Како на секој циркус така и на нашиот, заштитено лице – бренд нејм беше Кловнот. Одсекогаш за ова место имало многу кандидати, нашето маало беше целото излепено со слики на кандидати за оваа „функција“. На многу пати, како што беше при изборот на последниов Кловн, мораше да се бара меѓународна арбитража од WCA (World Clown Association).
Токму од почит и благодарност што 7 години не засмејува и ни го прави животот повесел решив да го напишам овој мој „Омаж за тажниот кловн“ или, бидејќи нашиот Кловн многу често, јавно или прикриено, не засмејуваше во дуо со неговиот ментор, можеби „Омаж за Мара Попара и Петко Тешкаглава“ ќе беше посоодветен наслов. Како и да е ….
Карактеристично за нашиот Кловн беше што целата смисла на своето постоење беше да ги засмејува другите, негов детски сон. Уште од мал со своите неспретни движења и глупи досетки ги засмејуваше своите врсници поради што и го доби својот, надалеку прочуен, прекар „Глуперда“. Така длабоко во себе реши, за инает на децата од улицата, училиштето, гимназијата и факултетот, кога ќе порасне да стане КЛОВН.
Како и сите Кловнови самиот си го смисли своето уметничко име „Жмици The stupid dog“ на што го додаде и маалскиот прекар „Глуперда“. До толку беше популарен што некои мајки со него ги плашеа своите деца пред заспивање – Ако не заспиеш ќе го пуштам „Глуперда“ на телевизија. Чудно но успеваше, децата од страв и жал за „Тажниот Кловн“ заспиваа веднаш!
Заслепен од шарените светла на циркусот, иако не ги познаваше неговите правила ниту пак ја знаеше кловновската игра, секоја вечер настапуваше. Не бираше аудиториум, при отворање на нужник, канализација, водовод, селски пат, филозовско катче, роденден, верски празник, на селска полјана или телевизиско студио „ Жмици The stupid dog“ ја реализира својата дневна доза на забава за народот, професионалец – пар екселанс. Токму неговото непознавање на основните правила на циркусот ги доведуваше гледачите „да зајдат од смеа“. Нашиот Кловн смеата на публиката го исполнуваше, беше презадоволен од неговото влијание врз насмевката на гледачите, со тоа си ја подхрануваше суетата и беше убеден дека е најуспешниот Кловн кој некогаш постоел во нашето маало.
Карактеристично за нашиот Кловн беше што и со маска и без маска беше толку смешен што, при самото негово појавување на сцената, публиката веќе паѓаше во делириум. Тој всушност одсекогаш сакаше да биде весел Кловн но никако не му успеваше. Проблеми имаше со маската, поточно со шминкерите кои беа постојано околу него и го китеа со најразличен мејкап и шарени бои, согласно нивните вкусови. Овој проблем всушност беше дел од психолошките проблеми на „Тажниот Кловн“, неговата несигурност и страв, комплекс на мала вредност па, како контратежа, огромна егоманија.
Поради ова кога влезе во „Собата на кловновите“ прво што направи ги тргна сликите од неговите предходници „Мајстори на Кловновскиот занает“. Егоманијата не дозволуваше ништо друго освен дека – Историјата започнува со него! Потоа забрани било какво огледало да има во оваа просторија.
Ова со огледалата беше да не се гледа како ги носи костимите од неговите предходници, костимографите беа упорни со надеж дека со истите костуми ќе го повтори успехот на предходниците. Но костумите, иако кловновски, не одговараа на неговиот габарит или му беа претесни или прешироки, никако не се чувствуваше комотно во нив а мораше да ги носи.
Но така си направи проблем, без огледало никако не можеше да види како го нашминкале. Излегуваше убеден дека е „весел Кловн“ а всушност секогаш шминката беше на „тажен Кловн“. Така е скоро секогаш кога „ќе си го дадеш газо под кирија“ друг ќе те црта како тој сака. А реално кому му е потребно огледало кога не можеш да го препознаеш одразот во него, нѐ секој може наутро да се погледне во огледало и да си го измие лицето. Станува збор за тежок и деликатен психолошки проблем.
За волја на вистината неговите гегови беа навистина смешни иако многу наликуваа на оние од неговиот предходник. Некако несвесно го имитираше. Но неговите паѓања беа уникатни и бравурозни. Од големите чевли, кои ги беше превзел од неговиот предходник и му беа неколку броја поголеми, не можеше ни чекор да направи а да не падне, на општо задоволство на публиката.
Проблемот кој го имаше „Глуперда“ беше што една иста точка изведуваше постојано, како тој ја нарече „Самоубиство од заседа“. Имено за цело време се бодеше со гумени ножеви во грбот бидејќи таа точка ја гледавме кај неговиот предходник на публиката почна „да им иде на живци“. Постојано „едно те исто“ без никаква инвентивност, барем скинатиот костум да го променеше или пак ракавиците ги сменеше.
Токму во тој момент, кога „Жмици The stupid dog“ ќе почнеше да ја губи популарноста, ќе се појавувеше неговиот предходник, по чија препорака „Тажниот Кловн“ и ја доби функцијата „Господар на собата на кловновите“, ќе му ја вратеше популарноста на „Глуперда“. Точките кои тие заедно ги изведуваа беа а ла „Cirque du soleil“, се познаваше стариот мајстор на кловновскиот занает. Публиката не престануваше да се смее на нивните заеднички геговски настапи, се туркаа еден од друг, се прескокнуваа, сопки си ставаа, се тепаа, се препелкаа по земјата и на крај секогаш вљубено, прегрнати заминуваа од сцената, на задоволство и восхит од насмеаната публика.
Посебно беа интересни нивните заеднички точки кога користеа дресирани животни, питорескно, колоритно и смешно, сите во публиката се држеа за стомак. Во тандем беа исклучително спретни да ги координираат и контролираат животните. Гнидите и крлежите збркани праве чудесни нешта! Голубот писмоносец де на едниот на раме де на другиот. Фантазмагорично! Мајмуните мирно стоеја со прекриени очи, уши и уста. Фантастично! За цело време на нивната велелепна, дотогаш невидена циркуска точка, врв на кловновскиот занает, магарињата и коњите збунети, не сфаќајки што се случува, само мирно стоеја околу сцената и, на миг од еден од двајцата Кловнови, удираа со копитата како знак на поздрав кон тандемот „Тажни Кловнови“. Нешто во стилот на – Аве, тажен кловну!
Нашиот циркус продолжува но со се помалку продадени карти, финансиски почна да пропаѓа. Поради „Тажниот Кловн“ многумина се одселија од нашето маало, не можејќи да го поднесат тажниот лик кој се повеќе ги расплакуваше одколку насмејуваше. Сите, заморени од тажниот лик на „Глуперда“, со нетрпение очекуваа кога циркусот, а со тоа и „Тажниот Кловн“, ќе заминат од Нашето маало. Циркусот, вака така, ќе замине денес-утре но ќе остане во воздухот да „виси“ прашањето – Кој беше артист и Кловн а кој беше публика?
Оливер Андонов