Размислував за насловот на оваа колумна. Се двоумев помеѓу тоа дали да носи наслов тужибаба, плачко или можеби едноставно манипулант, да не бидам премногу директен па да употребам друг соодветен збор наместо манипулант. Сепак, тоа тужибаба ми изгледа многу соодветно затоа што во себе ги содржи и елементите на плачко, а во исто време и на манипулацијата која е второ име на Мицкоски.

Повторно ќе напоменам дека Ковачевски и СДС се до толку неспособни и незнаат каде да тераат што во таа неспособност успешно им парира единствено Мицкоски. Сепак, кога ќе го поврзеш Мицкоски со Заев и задкулисните игри со Мијалков кој нели секогаш си имаше отворена врата кај Мицкоски и Заев работите се многу јасни. Тој капиџик е подотворен со луѓенца или со парички, нема значение, само и само бизнисот да си тера. При тоа, немаше никаков проблем да се жртвуваат и видни членови на ВМРО-ДПМНЕ во наместената игранка за божем менување на Мицкоски преку токму од Мицкоски именуваната „Мериот коалиција“. Потоа, во играта влегуваше Заев кој за да продолжи функционирањето на коалицијата ЗММ час го апсеше Мијалков, час го пушташе, но на крајот еве дојде среќниот крај и со брзинските измени на Кривичниот закон во членовите 353 и 394 сите си се среќни и весели. Секако тоа мора да се замагли со неколку божемни крупни настани како што се случувањата во Врховниот суд во врска со аболицијата на Иванов и Анкетната комисија на Собранието во врска со Онкологија.

Така, никој веќе нема да се запраша, а не пак да зборува или пак недај Боже да побара информација и тоа конкретна по име и презиме и предмет за тоа колку лица, кои предмети и со која конкретна вредност паднаа поради измените на Кривичниот закон. Тоа нема да го побара ниту Мицксоки и не го очекувајте тоа од него ниту во најлудите сништа затоа што така ќе се разголи пред сите нас за неговите манипулации. Во меѓувреме ќе ни зборува за идеологијата на ВМРО (за која појма нема) или ќе ни раскажува приказни за нови докази за Онкологија, а на сите ни е јасно дека има докази и дека сите политички страни притискаат врз сведоците да не проговорат. И така драги мои ние ќе се забавуваме со глупости кои дополнително  ќе се замаглуваат преку анкетни комисии наместо да се остави работата на обвинителството, како и глумењето правда во Врховен суд. Целта е токму да не се реализира правдата и да видиме судска завршница со нови конкретни високи партиски и државни функционери на обвинителна клупа.

Во меѓувреме Мицкоски ќе тужака свои сопартијци кои не мислат како него под „интересни“ обвиненија дека со свои изјави во 2020 година го намалиле капацитетот на партијата да формира парламентарно мнозинство и влада. Откако ја затвори темата Груевски уште неколку пати упорно плаче пред јавноста дека „таа тема е затворена“, а никако на членството не му објасни што стана со доказите за (не)делата на Груевски или барем да ги видевме пред партиските тела и органи. Впрочем, токму отчетноста и јавните политики се засновани не на тужакање и плачење, туку на изнесување факти пред јавноста, особено пред членовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Овие прашања не засегаат нас членовите на партијата во две насоки. Прво, да дознаеме кога, со кого, за што и како преговарал Мицкоски за формирање на влада во 2020 година по парламентарните избори. Второ, да дознаеме дали и доколку да, за што тоа Груевски преговарал со Ковачевски и Ахмети. Ова второто има директна поврзаност со увидот на јавноста (на сите нас – граѓаните на Македонија) во тоа кој поименично, во колку предмети и за колку пари зијан врз државата е ослободен од кривичен прогон поради измените на Кривичниот закон. Првото пак, има врска со тоа да ни биде јасно зошто ВМРО-ДПМНЕ не успеа 2020 година да стане власт. Ова посебно е важно доколку имаме здрав политички поглед и поставиме една повеќеслојна дилема пред нас членовите на партијата: „Дали Мицкоски не бил способен да преговара со други политички чинители и евентуални центри на влијание и да го направи ВМРО-ДПМНЕ власт или навистина тужениот Петровски со две реченици искажани во јавност го оневозможи Мицкоски во неговата намера, или пак Мицкоски напразно плаче, бидејќи ниту сакал да преговара и формира влада 2020 година и сега бара ефтини оправдувања“?

Белким, како членови на ВМРО-ДПМНЕ заслужуваме одговори на овие прашање и разјаснување на овие дилеми за да нели Мицкоски ја зацврсти (не)довербата во него.

Многу е јасно, или Мицкоски има капацитет да му гарантира победа и формирање на влада на ВМРО-ДПМНЕ или уште отсега ни најавува дека ќе плаче и ќе биде тужибаба при што секој друг ќе му биде виновен за неговиот неуспех да формира влада по следните парламентарни избори.

Една друга порака која ни ја испраќа Мицкоски е исто така сериозна, и тоа на ниво на загрозувањето на човековите права во рамките на уставно загарантираната слободата на говор.

Во овој контекст ве потсетувам на јавното фалење на Мицкоски за добиените тужакања против новинари кои изрекле „невистини“ против него. Многу би сакал судот да имаше храброст па јавно да ги објавеше лицата кои му плаќаа на жолтиот портал „Доказ“ да изнесува нарачани невистини против лица за кои тие некои лица одлучиле дека треба да бидат елиминирани од јавниот и политичкиот живот, а при тоа да им се нанесува штета и во личните животи. Но тоа е нашето судство кое има за цел да дисциплинира поединци, во овој случај бедни извршители, но не и да допре до налогодавачите и организаторите (планерите) на вакви дела.

Но, да се вратам на последиците од тужибабата Мицкоски врз демократските слободи и слободата на говорот.

Замислете само една невозможна ситуација, Мицкоски премиер. Во тој контекст и се под негова контрола по урнекот на некои други режими и центри кои му импонираат и му претставуваат урнек на успешен политички систем и модел на владеење. Штом нешто ќе напишете против Мицкоски или ќе дадете критика, „праведните“ судови по тужакањето негово тоа ќе го оценат како дело со исклучително психолошко влијание врз плачкото за што и ќе ни определуваат „сразмерна“ глоба. Со тоа уредно ќе не дисциплинираат да не „лаеме“ многу против кралот-Сонце.

Ете така драги мои сопартијци тоа што сега го имате во партија каде што одите на некакви божем настани и се појавувате да бидете видени за да не ви се замери и при тоа ја поддржувате „монолитноста“ на партијата, а ви се плаче и ви е смачено, ќе ни се случува во државата. Тогаш многу повеќе ќе ни се плаче на сите, ама касно ќе биде тогаш. Ние ќе станеме монолитна држава во која на нашите млади генерации ќе им го перат мозокот за таткото, пардон тужибабата на нацијата Мицкоски, а нам повозрасните ќе ни се закануваат со високи глоби, а богами и затвори. Од тука до потполн тоталитаризам е тенка линијата која нема ниту да ја забележиме кога ќе не премине. Потоа да не се прашувате зошто нашите деца и внуци масовно ќе се селат од татковината ни Македонија. И секако, не се надевајте драги мои сопартијци дека вашите лични интереси за вработување пред сѐ ќе бидат испочитувани. Си има Мицкоски други, негови, кои чекаат на ред, а немаат врска од идеологијата на ВМРО и партиски активизам. Тоа што ви го зборува по медиуми за некаков цврст идеолошки став е само гол маркетинг. А тоа што никако не ви покажува дека е демократ е видливо во самата партија и нејзината изнасилена монолитност при која експресно ги маргинализира и отстранува сите оние кои не се согласуваат со неговите политики. Тоа го прави до степен што се забрануваат контакти на партиските членови со оние кои јасно укажуваат на неговите манипулации и недемократски капацитет. И запаметете тоа се негови и од неговите клиентелисти поддржани политики, а не политики изградени низ размисла и дискусија и донесени во органите и телата на партијата. Затоа е тужен Петровски, затоа никаде не видовме доказ против Груевски освен онаа бедно мафтање со УСБ на ИзНотГут и никако да видиме една демократска постапка во партијата. Вклучително и јасна и јавна партиска дебата по прашањето на уставните измени, борбата против криминалот и корупцијата и најмногу од се капацитет за демократско владеење на Мицкоски и клиентите му.

Пораките се јасни, оваа тужибаба и плачко, преку ноќ ќе се претвори во деспот, а ние кога ќе се разбудиме ќе бидеме во поголем кошмар од овој во кој сега како општество, држава и поединечно се наоѓаме. Затоа не се важни нашите лични интереси, бидејќи доколку ја изгубиме партијата во демократскиот капацитет ќе ги нема ниту нашите лични интереси или лична среќа. Едноставно, тоталитаризмот се храни со личната (не)среќа на луѓето. Тоа значи дека набрзо ќе ја изгубиме и Македонија.

Затоа и излеговме како внатрепартиска фракција за да Ве охрабриме како членови на ВМРО-ДПМНЕ да ја спасиме нашата партија и покрај историскиот ген содржан во ВМРО да го осветлиме и вториот дел од акронимот – ДПМНЕ.

А за ИЗОЛАЦИЈА на Мицкоски во која го става демократска Европа, на кого ли ќе се жали и кого ли ќе тужи. Ќе се најдат апологети кои ќе се обидат да го бранат, но сето тоа е само срам повеќе за тие апологети. Кој ли и кажа на ЕУ да го изолира до степен да не го види. Тешко нему, но како се вели, мера според мера и на мангуплакот или по нашки курназл’кот има крај, а особено на трпението. Очигледно е дека трпението на ЕУ е на крај. Прашање е само колкаво е трпението на нас членовите на ВМРО-ДПМНЕ да молчиме додека Мицкоски ја турка партијата во меѓународна изолација, а по дома е само една тужибаба.

Ние како внатре партиска фракција, сепак во некоја колумна и за тоа ќе проговориме подетално, но една од причините за тоа што демократска Европа не сака да разговара со него веруваме е тужакањето за навредена суета како средство за борба со политичките неистомисленици.

 

Оливер Андонов

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *