(Новиот Херострат)
За историјата одредени теоретичари, кои веруваат во нејзините циклични движења, велат дека таа постојано се повторува. Со забелешка дека, одреден историски настан, прво се појавува како фарса за да се повтори како трагедија. Гледајќи ги моменталните геополитички случувања се повеќе се наметнува мислата дека можеби се во право.
Но немам намера да спорам со теоретичарите на историјата за нивната методологија на научно – истражувачка работа. Впрочем јас се занимавам со научни истражувања во областите на одбраната, мирот и конфликтите и изворите на загрозување. Можеби овие циклични повторувања на историјата претставуваат конкретни извори на загрозувања? Ќе мора за оваа „научна“ поврзаност да размислам, особено во контекст на возможно конкретно истражување. Оваа синтагма ја презедов, со мала модификација, од историската наука со цел на најкраток можен начин да ја дефинирам македонската историја од независноста до денес. Тридецениски историски период кој може да се опише како пат „Од фарса кон Трагедија“.
Уште на самиот почеток се виде дека тоа е фарса во режија на нашата политичка „клика“ која се изнедруваше од пазувите на Комунистичката партија. Всушност фарсата беше видлива по тоа што само ги променија оделата но не и навиките, така и продолжи. Додека останатите држави го „тампонираа“ својот пат кон независни самостојни држави, нашите политиканти се бореа за зачувување на, веќе, распаднатата Југославија. Сите сили беа насочени кон тоа „да не го пропуштиме возот за Белград“, како мудро глаголеше, комунистот од кариера, Стојан Андов додека пак „Стариот лисец“ смислуваше платформи Глигоров – Изетбеговиќ. Се беше насочено кон тоа да останеме во царството на Милошeвиќ – Србославија. Само благодарение на меѓународната заедница успеавме да се одцепиме од Белград, така што сите епитети за наводно уставотворни партии и „борци“ за македонска независност се само уште едно, од многуте, „сеење на магла“. Но дали навистина се одцепивме?
Ниту тогаш ниту денес, по триесет години, нашите политичари, сега моќни олигарси, не успеаја да ја прекинат „папочната врвца“ со Белград. За жал, ниту една несреќа не оди сама, за да биде трагедијата поголема нашата „папочна врвца“ е поврзана со „срамното црево“ на Белград. Така што можноста да се добие квалитетно прехранување на зависникот беше невозможнo а со тоа и можноста за преживување на плодот, поврзан со „папочната врвца“, беа минимални скоро никакви и доколку не биде абортирано и го преживее пораѓањето многу бргу врз него ќе биде извршена еутаназија. Што де факто и де јуре се покажа како ноторен факт.
Правеа обиди, нашите политиканти и олигарси, со разно разни конфети од недоволно јасно дефинирани поими да го прикријат овој очебиен факт за фарсата која ја играат. Зборуваа за демократија, плурализам, македонска фудбалска репрезентација, македонски пари (динар-денар), независност, суверинитет, македонски идентитет и се така по ред…
Можеби кај еден дел од населението, во еден момент, можеа да поминат овие демагогии. Како велат можете некои луѓе да ги лажете некое време но не можете цел народ да го лажете цело време, па сепак не сите се закопчуваме на грбот.
Впрочем не можеше да остане невидлива фарсата која забразди во автошовинизам постепено попримајќи контури на геноцид над сопствениот народ. Трагедијата веќе беше тука само требаше некој да најде сили и да ја објави. Политичката олигархија безсрамно се шеташе по „рајската градина“ на криминал, корупција и непотизам без никаков обид да префрлат мало крпче на морал и емпатија, колку да ја прекријат својата голотија.
Секако, во секој момент се наоѓаше лидер, Новиот Херострат, кој ќе ја предводи хордата олигархиска во палењето на „Храмот на македонските христијански православни морални вредности“. Со френетични ветувања дека ќе ни изградат нов и постар Храм како лемунзи не предводеа до крајот на серпентината подготвена само за нас и нашето самоуништување. Тие веќе си имаа, поточно никогаш и не го сменија, свој господар чии желби за цело време безпоговорно ги исполнуваа.
Фарсата ја започнаа првите двајца, кај народот познати како „Стар Лисец“ и „Свети СДСМ“, Киро и Бранко веднаш најодговорно се посветија на добиените задачи да се смени знамето и името, попат и да започне економскиот геноцид со бесценета распродажба, на самите себе, на општествениот имот. Знамето го модифицираа, од прекрасно сонце со многу филозофија во себе, во постмодернистички уметнички израз на вентилатор. Промената на името требаше да трае три месеци кои се претворија во триесет години, без надеж дека некогаш ќе си го вратиме. Кога Блаже ни зборуваше „Името ви е големо ќе сакаат да Ви го земат“ не го сфативме сериозно, поточно никогаш не разбравме што сака да ни каже, мислевме дека е обична флоскула па сега ни останува да плачеме. Сега ни е јасно што испеал народниот творец „…не знаеш кој си што си…срам голем е за тебе сам да се не знаеш“!
Па потоа како фурија влета неидентификуваниот војвода – „Легитимација, два пасоша, на која ли си слика Ти?“. Човек без национална идентификација во еден момент, одкако доволно се „нафатираше“, едно утро пред огледалот се виде во униформа на Генералисимус. Нормално за секој Генералисимус е да посака војна – „и би војна“.
Следуваше исфрустрираниот професор кој со територијално прекројување го продолжи патот „Од фарса кон трагедија“. Поради ова мораше специјалци да го „вадат“ од Струга. За тендерските злоупотреби и ослободителната пресуда….тоа е дел од нашиот фолклор.
По ова на сцена се појави „Фамилијата“ предводена од нарцисоидниот „технократ“. Благодарение на економските реформи, кои ги спроведе технократот, „фамилијата“ го зголеми своето финансиско портфолио за неколку милијарди евра.
Паметно осмислувајќи го Скопскиот Дизниленд, кој ја стави државата на врвот од најбогатите држави и секако на врвот на листата на светската глупост, со што ја продлабочи нашата историја за неколку илјади години подлабоко во светската историска ризница. Бегајќи од словенството и православието, внесувајќи не во мистичната антика на Александар Велики го напукна и последниот столб на кој, некако, опстојуваше државата Македонија и македонскиот народ. Владеењето на фамилијата беше поминување низ последниот Дантеов круг и подготовки за влез во пеколот.
Секој нареден Нов Херострат беше востоличен од предходникот со задача да продолжи каде претходникот застанал, без никакви изненадувања. Така „честа“ да ја заокружат синтагмата „Од фарса кон трагедија“ припадна на аболицираниот криминалец Заев и искомплексираниот професор Мицкоски. Првиот со квантен скок како на Ат пазар го продаде името на државата. Она што го започна неговиот ментор Бранко овој го заврши, „бетонирајки“ го македонскиот национален идентитет.
Последниот Нов Херостат, г-дин Мицкоски, беше тој кому му припадна честа, со математичка прецизност, да ја спушти завесата на овој театар на апсурдот. Во Кафканијански стил измислуваше секакви небулози во креирање на непријатели во ЕУ и „борба“ за македонскиот идентитет односно за македонскиот суверенитет.
Токму суверенитетот е последната мода на пропаднатите политичари – криминалци од поранешните комунистички држави, моделирајќи го времето во кое живееме како постомодернизам. Всушност станува збор за параван со кој се прикриваат проруските интереси. Кога зборуваме за суверенитетот како форма на независност на државите добро би било да се погледне семантички на овој поим. Посебно што нашите олигарси и политички емигранти во последно време се повеќе се повикуваат на него особено кога е на маса закон со кој се загрозуваат нивните интереси. Закони со кои суверенот се брани и ги санкционира оние кои ја злоупотребиле, од суверенот добиена, власта и се нашле на одредени листи („црна“ листа, Магнитски, Рико…) креирани од меѓународната заедница.
Суверенитетот својата сила ја „влече“ од суверенот односно владетелот. Согласно Уставот на Македонија суверен е народот односно самостојноста (сувереноста) на државата произлегува од граѓаните и е во рацете на народот. Очекувајќи дека во „младите“ демократии многу бргу политичарите и олигарсите ќе завладеат апсолутистички до диктаторски, „старите“ западни демократии создадоа многу помошни органи ( ООН, Совет на Европа, Меѓународен суд на правдата, Хелсиншки комитет, Суд за човекови права, меѓународни конвенции и резолуции кои се дел од меѓународното право…), на меѓународната заедница со кој ќе се штитат народите од своите властодршци и од помоќните држави.
Кога тоа е така тогаш навистина е смешно тоа што нашите декадентни политички олигарси, кои го протераа суверенот од своите вековни огништа, безмилосно си поигруваа со народецот (суверенот) во моменти на законски решенија со кои ќе бидат санкционирани нивните криминалии ќе се сетат на народот и суверенитетот на државата. Навистина е лицемерно да се „грижиш“ за независноста и сувереноста на државата која си ја „олеснил“ за неколку десетици милијарди евра и си ја уништил нејзината иднина. Патот „Од фарса кон трагедија“ тука некаде ќе заврши. Трагедијата е „ante portas“ на државата Македонија. Двете банди, „тапоглавите“ и „јајцеглавите“ веќе го детализираат сценариото на помош се повикани и националромантичари од соседните ни држави, кои треба да го оправдаат нациналшовинизмот на Нашите лидери. Господ на помош!
Оливер Андонов