Насловот на оваа колумна е наменет исклучиво за членовите на нашата партија ВМРО-ДПМНЕ вклучително и за повеќето поранешни партиски и државни-локални функционери кои живеат во исчекување и надеж дека семоќниот Мицкоски ќе се сети на нив и ќе фрли милозлив поглед од кој нив ќе ги огрее лукративното сонце.
Е тоа сонце на „животворната светлина“ нема да ве огрее драги мој сопартијци. Да имаше намера Мицкоски да ве ангажира ќе ве повикаше уште пред 3-4 години и ќе ве ангажираше низ структурата на партијата со што согласно вашиот ангажман, способности и интерес веќе одамна пред изборите ќе имавте предвидлива позиција, а кое во еден период се до почетокот на 2021 година нај директно му го советував. Впрочем тоа беше и еден од мозаичните камења кои ми ја состави сликата дека нема намера да направи ништо ниту за членовите на партијата а уште помалку за граѓаните на Македонија. На овој мој предлог одговори со потсмев, прашувајќи: „а да не треба да ги повикам и функционерите од времето на Љубчо“, Доби соодветен одговор на оваа безобразие и тука заврши директната комуникација.
Ниту некогаш имал намера, ниту во иднина ќе има таква намера, со исклучок на неколкумина поединци кои со потполно коленичење и кодошење, на нас останатите, ја купија барем за кратко неговата доверба и се добраа до функција. Дури и таму каде постави некого од овие партиски полтрони, Мицкоски го дуплираше со „свој човек“ за да го има постојано под контрола, за да овој случајно не се занесе во својата функција па да почне да работи нешто на своја рака или не дај Боже од интерес на членовите на партијата или државата. Можно е понекогаш да се појави некој инцидент па Министерот за финансии Гордана Димитриевска-Кочовска јавно да го искаже своето несогласување со ступидни и неефикасни одлуки на владата на Мицкоски, но тоа го прави исклучиво и само како резултат на личен страв дека е можно поради погрешни-наметнати одлуки некогаш во иднина да одговара кривично, па така на овој начин се обидува колку-толку да се заштити. Но, не е тоа некое правило, бидејќи за дел од ликовите кои се на разни функции имам чувство дека кога би им се извршил лекарски преглед би се констатирало дека се деловно неспособни.
Ете во таква атмосфера на владеење на „семоќниот“ Мицкоски и во ваква констелација на политичките односи во државата и надвор, моите сопартијци чекаат и се надеваат дека на овенот ќе му паднат… и дека токму тие ќе бидат среќните наоѓачи. И ќе се начекате, како што веќе ви напишав. Во меѓувреме ќе ве присилуваат да се понижувате и да бидете корисни идиоти за нешто што со право ви припаѓа а тоа е правото на работа, на семејство, на социјална и здравствена грижа на образование, на имот, или едноставно правото на достоинствен живот и правото да бидеме свои на своето во нашата татковина Македонија поради која и сме се здружиле како граѓани а преку тоа и како членови на ВМРО-ДПМНЕ сме ја формирале партијата која Мицкоски и дружината му ја киднапираа. Драги мој сопартијци, правото на достоинствен живот се изборува, се заслужува, не се добива како подарок, а потоа со сите сили се чува. Се изборува и заслужува и ВМРО-ДПМНЕ и светите четири букви ВМРО и идеологијата за македонска државност преку борба за демократска партија која низ своите политики ќе ја внесе Македонија во ЕУ, а потоа низ еден нормален политичко-општествен процес ќе овозможи државата да функционира еднакво за сите нејзини граѓани. Секако, тогаш нема да има никаква потреба од „семоќниот“ Мицкоски или некој друг сличен нему, а во тој случај ниту од исчекување и живеење во надеж. Знам дека кај мнозина од вас со кои тајно или полутајно комуницирам револтот е огромен. Токму затоа и ви се обраќам да ве охрабрам јавно и јасно да ја поддржите демократизацијата на нашата партија преку поддршка на фракцијата.
Од оваа влада и од нејзините ветувања (лаги) очекуваат нешто и мнозина од граѓаните. Членовите на ВМРО-ДПМНЕ очекуваат работни места или некаква функција на локално или државно ниво. Пензионерите ги чекаат вторите 40 евра, а студентите 250 евра за можеби нов телефон, наставниците и професорите се надеваат на своите 25 евра зголемување на плата, што би се рекло живот на економско лажиче додека за неколку месеци и тоа што го добиле инфлацијата не го изеде. Покрај тоа во исчекување се и јадниците од 27-ми април. Тие чекаат Мицкоски да ги „ослободи“ од затвор, а тој упорно ги ослободува од здрав ум, но нема кој да им каже. Впрочем еден од нив, викан Ќосето, беше делегат на нелегалната против статутарна конвенција на која Мицкоски си ја избра Силјановска за кандидат за претседател на Републиката предложен од ВМРО-ДПМНЕ. Колку и да се обидувам да го разберам ова однесување кое е во рубриката „дали има некој нормален“, не ми оди. Нема никаква здрава логика луѓе. Ќосето гласаше за Гордана сега претседател на Република Северна Македонија да биде кандидат од нашата партија ВМРО-ДПМНЕ. Онаа Гордана која се колнеше во сопствениот збор дека никогаш нема да изговори „Северна“. Таа Гордана која даде ветување кон него и кон другите од 27-ми април дека ќе бидат ослободени од неправедната робија. Четири месеци подоцна, ниту Силјановска дава амнестија или делумно скратување на казните а што може според закон да го направи, ниту Мицкоски преку тим адвокати од партијата или преку Министерството за правда не покренува постапка пред судовите и обвинителството за повторно судење со преквалификација на делото од тероризам во учество во толпа и насилство. Дури и оној јадникот од Шведска го вратија „добороволно“ за да го спакуваат во Шутка. Веројатно им поверува јадниот, во надеж дека веднаш преку нови докази и преквалификација на делото ќе го ослободат. Но човекот е се уште во затвор, а до кога е тоа не се знае. И во вакви околности и очигледни (не)случувања Ќосето оди на поткаст кај Лазаров за да продолжат лагите, исчекувањето и надежта која никогаш нема да умре. Е тоа е потполна будалаштина, заслепеност и страв кој е внесен во општеството, а на прво место во ВМРО-ДПМНЕ.
Во Македонија денес се живее во надеж а нејзиното завршување се одложува со ПР лагите и пропагандата на Мицкоски. Така, граѓаните (оние не упатените) и послушните наши сопартијци се надеваат на репреговарањето на Мицкоски со Бугарија. Ниту пред избори, ниту сега Мицкоски може да ни објасни што е тоа репреговарање и што тоа ќе репреговара со Бугарија. Дури и лагата со посредувањето на Орбан се потроши за неколку дена, како впрочем и лагата дека на 7-ми ноември во Будимпешта Мицкоски ќе се сретне и ќе разговара со Радев. Работата е јасна, секоја измама и лага има употребна вредност „ден до пладне“ колку да се замае народот уште малку, да се купи ден повеќе. И стигна експресен одговор од Радев дека нема ништо од таа работа. Затоа пак Јотова испрсти провокација за да му фрчи гум за спасување на Мицкоски, потполно исто како и минатата година кога Мицкоски беше гооолем патриот во Ваташа и си испраќаа провокации, види чудо, повторно со Јотова. Но за појаснување, треба да се знае дека Радев не е тој што може било што да направи, едноставно нема ингеренции, Бугарија не е претседателска држава, затоа и ја пушта Јотова да му фрла гума за спасување на Мицкоски преку подигање на тензиите за да се замае народот и да му се создаде простор на Мицкоски да се извлече од уште една лажовна состојба, но да го продолжи исчекувањето кај македонските граѓани. Во овој контекст, да не заборавиме, уште на 27-ми септември оваа година кога Орбан од Охрид кажа дека се промовира како посредник помеѓу Македонија и Бугарија, експресно во една реченица пристигна негативен одговор од бугарското МНР. Така што однесувањето на Радев, а уште повеќе на Јотова немаат никакво значение, освен за пропагандната машинерија на Мицкоски насочен кон нашите сограѓани на кој оваа игра не им е јасна. И сега според логиката на Мицкоски ние треба да бидеме во исчекување до 7-ми ноември за да се увериме дека и доколку на маргините во Будимпешта се сретнат Мицкоски и Радев тоа нема ништо да промени во однос на таканаречениот Француски предлог. Впрочем, Мицкоски употребува сложени термини несоодветни за објаснување на можниот излез од ќорсокакот во кој не внесе, а со цел граѓаните да не го разберат што сака да каже. Едноставно Мицкоски не става во исчекување „давајќи му време на времето“ – нешто слично како и прославената реченица на еден поранешен претседател „разумен компромис е разумен компромис“. Така Мицкоски милува јавно да објаснува потполно јасни состојби во продавањето надеж глумејќи оптимист или оптимиста беше. Во исто време зборот кој му тежеше планина пред избори остана да тежи како хелиумски балон, па си ја свитка опашката во однос на уставното име на државата. Сега пак, повторно не става во исчекување обидувајќи се преку купување време за смислување нови лаги (во превод токму тоа значи „големата“ мисла – да му дадеме време на времето) да изнајде нова лага по клучното прашање – промена на Уставот кое не смее да го реализира затоа што таква задача има добиено од наредбодателите (финансиските спонзори).
Постои ли начин на кој може да ви се објасни драги мој сопартијци и тоа едноставно да го разберете дека Францускиот предлог е всушност Европски договор и дека мора да се почитува тоа што е договорено, без разлика дали ни се допаѓа или не и кој и во какви услови го потпишал. Секако, постои и друга можност, да не се почитува, но зошто да се измачуваме со состојбата „ни на небо-ни на земја“, освен доколку констатираме дека оваа лимбо состојба му одговара единствено на Мицкоски и на неговите нередбодатели поради што треба да му „даде време на времето“, но тоа време во времето не работи за Македонија, не работи за нас (со исклучок на некои поединци за чии лукративни интереси работи). Доколку Мицкоски сака да биде јасен и да не не држи сите во исчекување во однос на почеток или дефинитивно запирање на преговорите со ЕУ, Мицкоски може да не репреговара (што ли и да му значи тоа) со Бугарија и согласно Договорот за добрососедство да го раскине истиот со што беспредметен ќе стане и Францускиот предлог. Потоа може да започне повторни преговори со Бугарија и да ги видиме неговите дипломатски вештини на дело. Но тоа нема да се случи. Прво, затоа што Мицкоски нема храброст и капацитет за да преземе такво нешто и второ, затоа што тогаш нема да може да манипулира и да лаже продавајќи им на македонските граѓани надеж дека нешто ќе смени, а всушност само го ниша вагонот не движејќи ја никаде Македонија.
По оваа прашање (за преговорите и уставните измени) се му е кажано, и тоа повеќе пати, вклучително и при последниот состанок во Берлин, а посебно од страна на Бербок (домашната задача мора да се заврши-накратко, нема време за времето), за на крајот и да не одвојат од Албанија и тоа и да го потврдат од страна на ЕУ. Посилна порака за само три месеци влада на Мицкоски не можеше да има, а и никоја влада досега таква порака, така најдиректно нема добиено од ЕУ. А се е толку едноставно, само да се придржуваме кон преземените обврски, да не ги провоцираме непотребно соседите, да го ставиме делот од Бугарскиот народ во Македонија во Уставот, да отвориме прв кластер и да добиеме 800 милиони евра за развој според утврдената програма и мониторинг на ЕУ. Е да, едноставно е да не треба Мицкоски да ги препокрива своите лаги и да продава надеж особено на партиското членство и секако да се стави доброволно под мониторинг на ЕУ при што ќе треба да започнат конкретни и видливи реформи. Затоа и ќе не замајува Мицкоски со некакво си писмо до ЕУ. А што ново ќе напише во тоа писмо и што тоа ќе му одговорат од ЕУ? И секако, сакам да напоменам дека сега ќе има лавина од лажни фалби во врска со средствата одобрени за развој и реформи од ЕУ, но нема да се каже дека тие средства во оваа фаза се само одобрени од ЕУ на состанокот во Луксембург и ќе мора строго наменски по проекти да се трошат и под надзор на ЕУ откако ќе го отвориме првиот кластер. Оваа состојба која ја соопшти Вархеј на крајот од својот мандат во ЕК, сосема погрешно и верувам намерно ни ја претстави Орбан во својата хипокризија лажејќи не заедно со Мицкоски дека кредитот кои ни го даде биле европски пари за кои не треба да се има никаков проект. Со тој кредит Мицкоски во целосно исчекување ги стави општините и сите оние компании кои се обидуваат да преживеат во бизнисот надевајќи се дека ќе можат да добијат некој божем проект од локалната самоуправа и барем дел од парите. Не умри магаре до зелена трева, веќе се направени распределби и тоа од највисоко владино и политичко ниво, но за тоа детално во друга колумна. А и што попрво со 500 милиони евра и на каква ли тоа фискална магија се надеваме, повторно надеж.
Несомнено дека македонските граѓани и во овој политички контекст ќе бидат разочарани, а на тоа разочарување Мицкоски ќе ни спакува „нова“ надеж дека ЕУ го разгледува неговото писмо и така чекајќи го писмото – одговор од ЕУ да го дочекаме крајот на годината. Но најголемиот дел од нашите сопартијци ќе го доживеат разочарувањето од исчекувањето и надежта која повремено ќе им биде потхранувана со убави зборови или поздравување на Мицкоски со некого од нив кога ќе шета по ОК посебно пред локалните избори и секако со купување на време. Но неразбирањето на толку јасната состојба од страна на членовите на ВМРО-ДПМНЕ, моите сопартијци кои намерно ги затвораат очите надевајќи се дека нешто ќе добијат доколку молчат и не гледањето на продавањето лажна надеж, загрижува.
Како и да е, драги мои сопартијци внатрепартиската фракција е тука, жива и функционална, со јасна цел, демократизација и нормализација на ВМРО-ДПМНЕ, со јасна политичка визија за Македонија како членка на ЕУ. Верувајте дека после ваквите лаги и манипулации од страна на Мицкоски единствениот спас за партијата е нејзина демократизација и нормализација како современа европска политичка партија.
Оливер Андонов