Колумната која е пред Вас драги читатели претставува продолжение на претходната колумна. Едноставно, евро-атлантските процеси започнати со членството во НАТО за нас како држава и нација може да бидат потполни со членство во ЕУ.

Од тој аспект погледот кон ЕУ во актуелниот миг може да го наречеме НЕОПХОДНОСТ за членство на Македонија во ЕУ. Неопходност која треба Македонија да ја стави под чадорот на дополнителна заштита преку заедничката одбранбена политика на ЕУ, заедничката надворешна политика на ЕУ, но најмногу да ја заштити од не владеењето на правото и овозможи економско заздравување на државата.

Несомнено дека реализацијата на оваа неопходност треба да содржи преумување на целото општество. Преумување кое подразбира лична одговорност и висока етичка самосвест на политичките чинители, но и на секој политички претставник, а потоа и на секој граѓанин. Всушност, граѓаните треба да се свесни за сопствената одговорност за државата и да престанат со полтронско и клиентелистичко однесување кон оние кои самите ги избрале и кој токму треба да бидат одговорни за својата работа и постапки пред тие кои ги избрале.

За жал тоа не е така и тоа можеме да го видиме на најбанални примери, дури и низ призмата на гледањето на својата улога од страна на премиерот и неговите министри. Мора да напоменам, кога тоа веќе и самиот министер за внатрешни работи (адвокат по професија) очигледно не го знае: „Министре, Панче, именувањето МИНИСТЕР, НЕ Е ПРОФЕСИЈА, Вашата професија е адвокат, а образованието правник. Вие и вашите колеги во владата вклучително и Мицкоски, сте ИМЕНУВАНИ функционери од страна на Собранието, како и мнозина други кои според закон се именувани на државни или локални функции од други државни органи. Вашиот мандат е ограничен со закон и Устав и со секој одминат ден Вие сте пред крај на вашата нова „професија“ министре, а потоа, што би рекле Вие: „Шијам ти га Ѓуро“. Во исто време, претседателот на Републиката, пратениците во Собранието, градоначалниците и советниците во општините се избрани лица. Толку во однос на објаснувањето – потсетувањето на уставните позиции и со тоа и одговорности кои ги имате кон сопствениот народ, а кои одредби зачудувачки е што не ги знаете иако сте по образование правник. Очигледно дека не случајно една од претходните колумни ја насловив како „кур*ење, лаги и пропаганда“, а тоа може да го видиме и во пракса.  Токму во овој контекст на разбирање на именуваните функции како професии (професија политичар – хахаха) е втемелена корупцијата која со сета своја сила низ сопственото грдо лице ни го претставува како нешто многу грдо погледот кон ЕУ и згора и го замаглува тој поглед, бидејќи пратеници, министри и останати на кои овие функции им се професија не живеат во реалноста. Патем, тоа што се случи во Нови Сад (Бог да ги прости загинатите и да им даде утеха на нивните семејства и на повредените) со (не)реконструкцијата на стреата на железничката станицата е токму многу видлива јавна слика на грдото лице на корупцијата со трагичен епилог, но не по оние со политичка професија. Не гледањето кон ЕУ многу бргу ќе ги покаже сите слабости на божем политиките на Мицкоски, посебно во однос на капиталните инвестиции и економската моќ на граѓаните.

Оттука, погледот кон ЕУ, всушност е пат кон ЕУ кој во овој момент е сопрен токму од нај банални причини кои ни се претставуваат како прашање (за некого проблем) од национален интерес. Постојат многу изговори зошто Мицкоски не сака да гледа кон патот на Македонија во ЕУ, но исто така безброј причини преку кои треба да гледаме постојано кон ЕУ.

Еднаш напишав дека географијата е неумолива. Доколку Украина не граничеше со Русија немаше сега да биде нападната од Русија. Така и Македонија, надвор од сите други погледи е европска земја сместена на Балканот со сите негови убави и лоши страни, но сепак сме европска земја. Од таа, географска причина, нашиот поглед кон ЕУ е всушност пат кон ЕУ. Овој пат е наш интерес кој треба токму географијата на македонското геополитичко позиционирање да го стави на прво место и да го направи наша предност.  Таа предност е раскрсницата на Коридорот 8 и Коридорот 10, односно поврзувањето на три мориња (Јадранско, Егејско и Црно) при што Македонија е точката на вкрстување и со тоа главен географски простор кој ги поврзува трите мориња. Во едно мое интервју кажав дека регионот ограничен со Јадранско море, Егејско море и Црно море е геополитички стратешки регион за САД, но уште повеќе за ЕУ. Кажав и дека Западен Балкан е стратешка длабочина на Црноморскиот регион. Од овие причини кои се стратешки интерес на ЕУ и НАТО колку и да се обидува Мицкоски преку евтини измами и лажни приказни за неупатените граѓани и клиентелистичкото опкружување во нашата партија да создава лажна слика за некаква сопствена политичка моќ до степен на репреговарање со ЕУ за Европскиот предлог тоа не е возможно. На крајот, сепак ќе мора на еден или друг начин да прифати дел од бугарскиот народ во Уставот на Македонија. Апелирам кон моите сопартијци кои упорно се обидуваат да се залажуваат со шарените лаги на Мицкоски, да не се вознемируваат со фактот дека дел од бугарскиот народ кои живее во Македонија ќе биде прифатен како уставна категорија. Исто така драги мои сопартијци Ви препорачувам да не верувате на расказите дека со смена на претседателот на САД ќе се сменат политиките на САД кон регионот кој покрај тоа што го гледаат како свој стратешки интерес, го гледаат и како дел од ЕУ и тоа повторно заради остварување на својот стратешки интерес. Оттука, коментарите на Мицкоски дека само што не ја натерал Бугарија да репреговара и тоа со помош и притисок на Трамп се само грст лаги кои треба да ги залудат неупатените и аполитички граѓани и членови на ВМРО-ДПМНЕ. Впрочем, Марта Кос ја испрати токму клучната порака која е веќе познат и непроменлив став на ЕУ при стапување на својата должност, Комесар за проширување во Европската Комисија. Очекувано не дојде до средба помеѓу Мицкоски и Радев на маргините на самитот на Европската Политичка Заедница во Будимпешта. Иако Орбан со сите сили се трудеше да му направи услуга на Мицкоски, стана јасно дека Радев од безброј причини не се осмели да ја ризикува сопствената позиција и позицијата на Бугарија, посебно доколку постои можност Борисов и ГЕРБ да успеат да состават влада. И тоа веќе јасно и јавно Ви го кажав, дека владата на Бугарија и нејзиното МНР се задолжени за односите со Македонија и прашањата со ЕУ, а со тоа и во врска со Европскиот договор. Уште поинтересно е тоа што дојде до средба на Мицкоски со Макрон, секако на маргините. А на маргините, Макрон му ја повтори истата работа на Мицкоски која ја кажа и Марта Кос и која ни ја кажуваат постојано.

Сега повторно Мицкоски ќе ни објаснува за „неговата“ борба за Македонија, а Македонија постојано ќе назадува а при тоа никако да се охрабри да преземе конкретен чекор. Што би се рекло, малку храброст за конкретни чекори, па да видиме каков ќе биде резултатот. И секако, нема многу избори, два се. Јасно кажав дека доколку Мицкоски сака да ни ги покаже неговите дипломатски вештини, нека повели и нека го раскине договорот за добросоедство со Бугарија и нека тргне во нови преговори. Верувам дека токму Борисов со задоволство ќе ја прифати таквата иницијатива на Мицкоски. Какви би биле резултатите од една таква авантура на Мицкоски однапред знам, како што знам дека при таков дипломатски чекор, не само што ќе го изгубиме погледот кон ЕУ, туку на патот кон ЕУ нема да може да не врати ниту целата администрација на претседателот Трамп. Настрана што таква зафрканција никој нема да дозволи да се случи, освен вербално од страна на Мицкоски за потребите за залудување на нашите сопартијци и купување малку време за саботирање на стратешките интереси на НАТО и ЕУ во Македонија и регионот. Во меѓувреме Мицкоски од Будимпешта ќе испраќа лажни пораки на некаков си оптимизам, а некои и ќе му поверуваат. Во рамките на тие лажни про ЕУ и про НАТО пораки е и одржувањето на НАТО Советот за Македонија и тоа цели пет месеци откако стана премиер. Лажна порака е бидејќи нема искрена намера за активно партнерство и дејствување на Македонија во рамките на НАТО. И на крајот, да не се изненадите кога Мицкоски ќе Ви соопшти дека добил „гаранции“. Тоа ќе значи дека конечно разбрал дека доколку не направи уставни промени ќе му заврши политичката кариера и тоа рапидно брзо.

Затоа нашиот поглед кон ЕУ мора да биде јасен и брз пат кон ЕУ. Без лаги и измами на граѓаните за да се купи уште некој месец „политички мир“ пред да се обзнани дека „царот е гол“. Всушност, беше гол уште пред да дојде на власт, но со безброј лаги ја сокри срамотата, а сега ќе мора да ја плати сметката за намерните лаги. Колку порано се случи тоа толку побрзо ВМРО-ДПМНЕ ќе се опорави да опстои на власт и да ги отпочне преговорите со ЕУ. Секако, за нас чесните и искрени членови на ВМРО-ДПМНЕ и во тој контекст за Внатрепартиската фракција, најважна е Македонија и македонската нација, потоа нашата партија, а воопшто не е важна поединечната политичка судбина на претседателот на партијата, па и на Мицкоски кој во овој момент се претставува како претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Колку подолго не започнуваме со движењето по патот кон ЕУ, толку повеќе ќе гледаме како Македонија пропаѓа пред наши очи, а упорно ќе слушаме лаги со кои ќе не убедуваат дека само што не сме успеале, а всушност не само што не се помрднуваме, туку и тонеме.

Затоа ќе немаме економски раст туку стагнација, ќе имаме енормна смртност на деца и тоа во болниците. Таравари заслужи да биде прогласен за Министер за смрт, сетете се како го девастираа Никола Тодоров поради еден смртен случај на дете, а во исто време медиумите не поставуваат никакви прашања за одговорност на Таравари. Никако да се постават прашања за состојбата во здравството, зголемена појава на канцер, случувањата во Кочани, дури и ОК на нашата ВМРО-ДПМНЕ во Кочани се крие од своите сограѓани за Мицкоски да биде задоволен. Секако доколку се поставуваат овие прашања за улогата на Таравари, за улогата на Меџити како министер за животна средина, ќе треба да се постават прашања и за одговорност на Мицкоски, лична одговорност, не одговорност на ВМРО-ДПМНЕ. Лична одговорност затоа што е лична грешка да понудиш избори на опозицијата и тоа од собраниска говорница, а потоа да велиш: „пу, пу, неважи“ а тоа да ти го диктира ВЛЕН, затоа што и ВЛЕН не смее на избори. При тоа Мицкоски знае дека едно е да зборува онака оптимистички од позиција премиер, а сосема различно да мора на избори да објаснува како тоа пред само шест месеци се што кажа во изборната кампања излажа. Како да објасниш пред македонските граѓани, но како да објасниш и пред стратешките партнери пред ЕУ дека исто така ги излажа и продолжуваш да лажеш. Затоа не за една година, туку до 2028 година нема да дозволи Мицкоски да има собраниски избори. Уште од сега се гледа дека Мицкоски го оди патот на Љубчо Георгиевски во однос на трошењето на власта, со таа разлика што Љубчо правеше конкретни чекори на патот кон ЕУ, тој гледаше кон ЕУ, додека Мицкоски не сака ниту да погледне а не пак да тргне по патот кон ЕУ. Затоа Мицкоски не е Георгиевски, повеќе ми личи на Љубе Бошковски. И многу ми е тешко ова да го кажам, но со вакво однесување и политички аутизам на Мицкоски и неговите министри по занимање (професија), Заев (Црпнатиот) ќе ни се чини како политичка величина, и „Шијам ти га Ѓуро“ со несомнено врвна политичка и државничка мисла. Нобеловецот Иво Андриќ очигледно многу добро знаел што и зошто пишува: „Дојде така некое време кога неранимајко ќе се обогати, паметниот ќе замолчи, а будалата ќе прозбори“. За жал, осудени сме да го живееме тоа време, но тоа е самоосуда и го живее по наша вина.

Како и да е, нам како на македонска нација, граѓани на Македонија, членови на ВМРО-ДПМНЕ, не ни останува ништо друго туку да покажеме на секој начин дека нас не интересира патот кон ЕУ и дека и покрај политичката слепост на Мицкоски мотивирана од лукративни причини, нашиот поглед е цврсто вперен кон ЕУ. Кога велам нашиот поглед, мислам токму меѓу останатите на прво место на Внатрепартиската фракција во ВМРО-ДПМНЕ која не е собир на скршени срца лично изневерени од лагите на Мицкоски, туку е вмровска политичка структура со конзистентни демократски политички ставови, гледајќи ја Македонија на патот кон ЕУ чии крај е полноправно членство во ЕУ, а нашата ВМРО-ДПМНЕ ја гледа како современа десно-центристичка, народна, европска политичка партија. Тоа е идеолошки пристап за кој се бориме и преку кој ги будиме и освестуваме нашите сопартијци. Впрочем, тоа е и причината, идеологијата е причината поради која Мицкоски упорно бега од нас, но знаеме дека на патот кон ЕУ ќе мора да се соочи со нас и со сите не клиентелистички членови на ВМРО-ДПМНЕ.

Со толку глупости направени од страна на Мицкоски, на еден куп јавни и полујавни настани, на маргините низ Европа или тука, едноставно незнам како да направам кратка колумна а се да опфатам.

 

Оливер Андонов

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *