Оваа колумна ја бев замислил како текст посветен на моите сопартијци од ВМРО-ДПМНЕ и нивниот необјасниво лекомислен однос кон инстант вмровците кои прилепени кон нашата партија со единствена идеологија наречена лукративност (едноставно-пари), во континуитет самите си ги носат на клучни партиски и државни позиции. Потоа истите вие, наши членови на партијата, како последни гревови и кираџии во сопствената партија ги молите истите тие инстант вмровци на кои им дадовте моќ да ви ги решат егзистенцијалните прашања. Секако тие не ви ги решаваат и вие потоа сте разочарани во партијата и лути на партијата, а партијата сте вие. Наместо да се лутите на партијата потребно е да го вклучите мозокот и да не прифаќате се што ќе ви сервира раководната булумента со лукративна идеологија. И за оваа тема ќе продолжиме друг пат, во надеж дека ќе ве освестам драги мои сопартијци, барем до степен да бидете способни да не голтате се што низ пропагандистичките тоалети ќе ви фекалира нашето лукративно раководство.
Токму истот преку епигоните ни го прават и како на граѓани секојдневно. Имено, во недостиг од конкретни идеи, при мрза и одвратност од било каква работа и сопствен труд, па дури и интелектуален – мисловен од страна на Мицкоски постојано и во континуитет се интензивира пропагандата. Онаа глупавата пропаганда за која Ви зборував во минатата колумна. Јас и поддржувачите на Внатрепартиската фракција за демократизација и ревитализиација на ВМРО-ДПМНЕ не сме пророци, претскажувачи, гледачи на гравчиња, волшебници ниту гледаме во кристални топки. Ние едноставно политиката и нашата татаковина Македонија ги разбираме како сериозна работа која била, е и треба да продолжи и по нашето битисување во политиката и во овоземниот живот. Македонија мора и треба да опстои и после нас за идни генерации и со нив. Одтука, ние не се занимаваме со пласирање на глупава пропаганда втемелена на лични симпатии или чувства кон поединци или некакви нивни физиономски карактеристики па дури и недостатоци. Ние ги следиме геополитичките, регионалните и внатрешно политичките движења и тенденции и согласно нашите можности на добиени информации истите критички ги анализираме. Врз основ на таквите анализи создаваме таканаречена предвидувачка анализа. Сериозни политички структури реализацијата на барем 20% од предвидувачките анализи ги сметаат за полн успех. Сериозни држави и политички структури врз основ на тие 20% се вклучуваат во процесите на глобално и регионално ниво, а во рамките на сопствената држава не се занимаваат со личен ПР, туку преземаат чекори за подготвување на општеството за учество во процесите, или што би рекол еден познат македонски новинар кои сите сакате да го гледате, ги промашуваат процесите. И сега да не ве заморувам со тоа што се бара еден ваков сериозен пристап, ќе се обидам да ви ја претставам обратната слика која во Македонија се обидува да ни ја пласира Мицкоски. Всушност, во сериозни држави, премиерот не се претставува како еден, единствен, врховен и незаменлив политичко-државен авторитет, при тоа секојдневно висејќи на медиумите. Таков авторитет се институциите и нивниот интегритет и способност за функционирање согласно уставот и законите на државата, а премиерот и владите, па дури и парламентите се неважни и секако минливи и ограничени со мандат.
Затоа, не сум зачуден што во недостиг на основни знаења за политиката (напоменувам за политиката, не за политикантството) Мицкоски се стави себеси во центарот на пропагандата. Буквално се во нашата партија ВМРО-ДПМНЕ и скоро сите медиумски ресурси во државата се ставени во интерес на пропагандно возвеличување на Мицкоски. Тоа е таа глупава пропаганда која ги напаѓа агресивно сите сетила на граѓаните на Македонија. Ги напаѓа до степен да се откажеме било што да слушаме или примаме со било каков критички осврт.
Е таа пропаганда е вулгарна копија на тоа што го правеше и го прави Вучиќ во Србија за да биде десет и малку повеќе години на власт. Тој модел секојдневно во пракса ни го репризира овде Мицкоски, несвесен дека тоа е истрошен модел и дека не е од полза на Македонија, на ВМРО-ДПМНЕ, на владата, па дури и на самиот него. Сепак тој модел е сесрдно поддржан од пропагандата на Вучиќ врз Македонија која ја смета за дел од српскиот свет и тоа е и неговата основа и цел. Тоа во теоријата на меѓудржавните односи и влијанијата на таканаречените центри на моќ се нарекува агресивна примена на мека сила. А ние сме секако под силен притисок на „меката сила“ на Белград, и не толку заради нас и големата љубов на Вучиќ и Големосрпската политика кон Македонија и Македонците, туку заради самиот Вучиќ и неговата регионална политичко-безбедносна игра а со цел зачувување на сопствената позиција.
Во таквата игра влета како вол во зелка (можеби повеќе ќе му одговара на српски: „КАО ВО у КУПУСУ) нашиот величествен премиер Мицкоски или Мицковиќ кад говори српски у Београду да га разуму и врањанке уз чашу вина, додека неговиот ментор Вучиќ го бара каде ли тоа му се изгуби ученичето. Влета во глупавата пропаганди Мицкоски и не кочи, вози со полна брзина, а го нема ни Луке да дигне рачна. По се изгледа и на Луке му е кренат адреналинот од ова лудо политичко возење или за вакво лудо политичко возење, разликата е голема и може многу да појасни.
Така, во напливот на пропагандистички копии од бате Вуле, тргна Мицкоски со возот до Бељаковце. И знаевме дека ќе оди, бидејќи логичен след по отворање на две делници од експресни патишта, на ред е железница. А што има подобро од ре-отворање на една ремонтирана (се ремонтираше делницата 30 години) делница од Куманово до Бељаковце, а уште нема ниту станици на кои би можело да има нешто за паѓање што би ги повредило патниците кои исто така ги нема.
Делот на пругата Куманово-Крива Паланка-Кустендил е започната втор пат во текот на втората светска војна, по втор пат, сега од омразениот бугарски окупатор за да се позврзе Скопје со Софија. Во текот на периодот од 1941 до 1944 година а делницата од Куманови до Бељаковце во должина од 31 км е направена во целост дури 1974 година. Остатокот од пругата не е завршен и на некои делови (на пример кај селото Длабочица – Крива Паланка) пстои дел од трасата на која не се поставени шините и праговите, или во самиот град Крива Паланка стојат два незавршени тунели над кои подоцна се изградени куќи во населбата Баглак. Подоцна таа делница се користеше воглавно како инфраструктура за поврзување на дел од кумановските и кратовските села во долината на Пчиња и Крива Река, посебно кога патот Куманово-Крива Паланка до 1986 година беше широк само 4 метри, и по пругата до Бељаковце до 1996 година се патуваше со шинобус и најголема станица беше село Клечовце. Со почетокот на изградбата на пругата кон Бугарија се започна и со реконструкција на оваа делница и тоа во повеќе фази и обиди. Истата ја продолжи со 46 милиони евра вредност Груевски во 2014 сметајќи дека до 2018 ремонтот ќе заврши, а потоа со 41 милион евра и владите на СДС со предвидување дека до октомври 2024 година делницата ќе биде завршена.
И ете ти сега, во Јануари 2025 година, Мицкоски прогласи отворање на пругата Куманово-Бељаковце и по примерот на Вучиќ (му недостасува Орбан за заедно да се повозат и сликата да биде комплетна) со владата и медиумите се повози со воз. И секако тоа би било огромен успех, пред се за македонската инфраструктура на поврзување и за македонската економија да не е ќорсокак. Е ќорсокак е. Едноставно пругата од Бељаковце не продолжува никаде. Нема шини, прагови, сигнализација, еликтрификација, нема пруга, само насип. Пругата од Куманово до Бељаковце драги мои нема никакво значење практично без нејзино поврзување со пругата преку Крива Паланка до Кустендил, односно целиот Коридор 8 е слепо црево. Така и оваа пропагандно возење на сите нас од Куманово до Бељаковце е една глупава пропганда на Мицкоски за да се претстави како гооолем градител и обновител на Македонија. Исто како и другар му Вуле во Србија. И сега кој сака нека верува во огромните градителски способности на Мицкоски, кој сака нека му лајка на ФБ за да му се додвори, а кој сака нека размислува нормално и нека расудува логички. Исто беше и со експресните патишта (25,5 + 16,5 км) вкупно 42 км во три-четири влади, за многу пари. Е па сега кој има ум нека размислува, останатите ќе аплаудираат…
Но мене како совесен граѓанин кој си ја сака Македонија ме интересира дали може некој јасно да каже, а обвинителството да истражи и антикорупциска да провери, колку тоа пари всушност се потрошени за оваа делница од 31 км од сите влади на Македонија досега. Во последните извештаи на медиумите се зборува за 10 милиони евра телекомуникациска и сигнална опрема. Претходно Груевски во 2014 зборуваше за 46 милиони евра, а во 2023 година Ковачевски зборуваше за 41 милион евра. Колку што се сеќавам и лицето БЦ земаше пари од ЕУ за реконструкција на оваа делница, а и Заев исто така, но не сум проверил колку точно пари се во прашање и од каде. Прашањето ми е сосема логично и легитимно, а најдобар и најпрецизен одговор на истото може да даде Мицкоски доколку сака: „Колку е вкупната цена на чинење на делницата на пругата Куманово-Бељаковце во должина од 31 км? Дали е 46+10 милиони евра, дали е 46+41+10 милиони евра или е 41+10 милиони евра или многу повеќе?“ Многу важно за да видиме како, кога, кој и колку украл од проектот кој како што стојат работите не е ниту наш на ВМРО-ДПМНЕ, а не ниту на оние од пропадната СДС, туку е на сите вас, нас, како граѓани на Македонија, и имаме право да знаеме колку сме платиле до „жуте банке“ што би рекли другови Срби. Според директорот на Македонски железници делницата чинела 78 милиони евра или 2.557.000,00 евра по километар за ремонт што баш и не се поклопува со земените пари во повеќе наврати. Како и да свртиш многу нешто излегува, поскап километарот за ремонт на пруга од оној за километар нов експресен пат Градско-Дреново. Ви велам јас дека има работа тука за ЈО и антикорупциска, само кој да се зафати со работа.
И така драги мои, Мицкоски од Бељаковце (се надевам дека го посетил Бељаковски манастир па да го спотне министерот за култура да даде некоја паричка за негово реновирање), ќе одлета за Вашингтон. За жал ќе мора со автомобил да се врати до Скопје, бидејќи Македонски железници неможат да издржат со сите два воза да покријат Скопје-Велес-Скопје и Скопје-Куманово-Бељаковце, посебно затоа што нема греење бидејќи не работат двата мотори на локомотивите. Да му текнеше во Јули, каков градежник е, можеше да изгради аеродром кај Бељаковце или барем на Аџи Тепе (нема слушнато за Аџи Тепе, затоа е) па за Вашингтон да лета директно, авио линија Бељаковце – Вашингтон, со бизнис класа.
И тука започнува вистински заплет на нашата македонска сага преточена низ глупавата пропаганда која ќе мораме да ја преживееме идната недела при атакот врз нашите сетила за вид и слух, но најповеќе врз нашето ментално здравје.
Најпрво, поставете си прашање: „Како тоа Силјановска (претседател на Македонија) која Мицкоски ја октроираше на нашата партиска Конвенција, не отпатува во Париз на отворањето на катедралата Нотр Дам, каде ќе се видеше со Трамп, онака неофицијално“? Така што токму тогаш занеможа владиното авионче, а за Париз нема комерцијални летови, посебно бизнис класа. Или можеби затоа што ќе го засенеше великиот Мицкоски прв од македонскиот божем естаблишмент да се „види“ со Трамп? Очигледно се работи за смислена ПР пропагандна активност во која на македонската јавност треба да и се претстави Мицкоски како „пали-гаси“ (светло) на македонската политикантска сцена. Мислам дека ќе биде гаси светло.
Сега сакам да расчистиме една многу важна работа за да не оставам простор на разните епигони на Мицкоски да пишуваат глупости по нивните ФБ профили во врска со мене, фракцијата и нашите политичко-општествени ставови, а во врска со прашањето на патувањето на Мицкоски во САД и да ги трујат нашите сопартијци и сограѓаните со лаги и дезинформации.
Најпрво сметам дека е добро што Мицкоски (со се свитата) ќе патува во САД и што ќе се најде во Вашингтон токму во време на инаугурацијата на Претседателот Трамп. Добро е за да Македонија биде видена на еден светски настан. Исто како што е добро тоа што Шеќеринска стана заменик генерален секретар на НАТО. Не сум саркастичен, иако јавно е познато дека со Шеќеринска имав дури и личен конфликт поради нејзин атак врз мене и мојата кариера кој беше против законит, поради што во тој период заради нејзината нааканост страдаа колеги од Воената академија. Добро е луѓе од Македонија да бидат што е можно повеќе присутни на разни места, високо позиционирани или на важни настани во светот. На тој начин се претставува Македонија.
Тоа на што постојано укажувам е начинот на кој се доаѓа до таквите места и особено каков бенефит ќе има Македонија или некоја нејзина институција. Така се поставува и клучното прашање од оваа посета на Мицкоски во САД: „Каков бенефит ќе има Македонија на краток, среден и долг период од оваа посета“? Понатаму се поставува прашањето кое исто така не засега сите нас како граѓани: „Од кои – чии пари се платени билетите за присуство на настаните (колку и да се настани на број) и повторно со каква цел?“ Едноставно, јавно е познато дека не постои лична покана од Претседателот Трамп за присуство на инаугурацијата, за тоа постои комитет кај кој преку ПР компании се уплаќаат на фактура пари (донации) за присуство на секој од настаните поодделно при што за секој настан (за присуство на инаугурација во ложата за гости или со другите во Линколн паркот или не знам каде) дали е тоа инаугурацијата, парадата или некој коктел или забава има различна цена на билет за донација. Кога веќе знаеме дека тоа е така, прашањето за нас граѓаните на Македонија е: „Дали овие донации се обезбедени и исплатени од буџетот на државата – од наши пари и за која цел“? Прашањето за нас како членови на ВМРО-ДПМНЕ е: „Дали овие пари се исплатени од касата на партијата и повторно за која цел“? И во двата случаи прашањето кое се наметнува е: „Колкав е тој износ на средства по ставки од пат, сместување, настани до други трошоци“? Одговорот на овие прашања ќе даде одговор на прашањето: „Дали Мицкоски патува во САД како претседател на нашата партија ВМРО-ДПМНЕ или како премиер“? Одтука, ќе треба да добиеме и одговор на прашањето: „Дали тие финансии се одобрени со буџетот на Македонија и под која ставка за расход или пак дали се одобрени од страна на органите на партијата и исто така со која одлука на кој орган на партијата?“ Повторно се поставува прашањето: „Колкав е износот на финансиски средства кој ќе се потроши за патувањето до САД?“ Тука е и прашањето или поточно можната варијанта: „Дали Мицкоски патува приватно во САД“? И доколку патува приватно на лична покана на Претседателот Трамп (во што не верувам, бидејќи според наши информации за инаугурацијата лично е поканет само кинескиот претседател и лидерот на Курдите) како што вели, тогаш чесно е да не информира преку антикорупциска од која сметка и колку средства потрошил.
На крајот се враќаме на прашањето: „Каков ќе биде бенефитот за Македонија доколку Мицкоски патува во САД како премиер?“ Одговор на оваа прашање мора да даде Мицкоски во контекст на тоа што очекува како придобивка на краток, среден и долг период, секако прецизно дефинирани периоди и бенефити. Потоа времето ќе го потврди или демантира неговото образложение за нужноста за патување па нека е тоа и преку ПР компанија и уплата на донации од наши пари од буџетот. Тоа е јавна одговорност на еден премиер кон оние кои го гласале. Во спротивно, колку и да трештат пропагандните трабанти по медиуми и особено на социјалните мрежи, кај граѓаните, а верувам и кај нашите сопартијци ќе остане впечатокот дека се работи за лична прошетка на наш трошок од страна на лицето ХМ сосе неговата свита. Или што би рекле Кумановци,: „Отишаја до Америку да му види ПУТ-КА-ПУТ“ (ова околу пут-ка-пут, доколку имате дилема за разделот на зборовите можете да го ставите каде што повеќе ви одговара). А тоа видување на пут, и шетање капут за наши – државни пари веќе не е само прашање на етика и морал (тоа одамна го нема како што видовме со патните трошоци на пратениците), тоа е веќе прашање за јавното обвинителство карактеризирано како „Злоупотреба на службена должност и овластувања“ или основот за борба против корупција и криминал на највисоко ниво.
Како и да е, многу брзо како низ пропагандата на Мицкоски која е многу глупава, дали низ инсајдерски информации од неговото опкружување или за месец-два кога нема да видиме никакви резултати од посетата (или можеби ќе видиме) ќе ја видиме вистината. Трпение спасение што би се рекло, долг е патот од Бељаковце до Вашингтон и назад. Можеби додека се врати Мицкоски ќе има уште нешто за отворање или за затворање… (на претходните прашања мислев, нема Мицкоски никого да затвори за корупција, не се надевајте).
И секако, да напоменам, дека нема да има ништо од „притисокот“ на Претседателот Трамп врз Бугарија во однос на Европскиот договор (Француски предлог), во крајна линија тоа е европско прашање. Едноставно веднаш да го елиминираме ова со Бугарија и уставот како елемент на бенефит и стратешка поддршка излобирана од Мицкоски кај Претседателот Трамп. За потесниот круг клиентелисти целта е лобирање за невидени американски инвестиции во Македонија, во што не верувам поради погрешниот пристап, а и за тоа ќе ги видиме резултатите набргу.
Само ве молам драги мои сограѓани откако ќе го видите сетоа недело и ќе се уверите, да не им се лутите на САД, на Претседателот Трамп, како и на Урсула и на ЕУ, на Бугарите и на едикој си за тоа за што ве лаже Мицкоски преку неговата глупава пропаганда. Лутете се сами на себе што му верувате, а за да ви мине лутината, обидете се да се повозите со возот до Бељаковце, барем да го посетите Бељаковски манастир, можеби и римската ротонда во Коњух родното село на Крсто Лазаров – Коњушки локален војвода на ВМРО кого комунистите го убија во Јануари 1945 година, или да тркнете до Петти кладенац веднаш преку Мургашки рид на исток откако ќе ја поминете Крива Река.
Убава е нашата Македонија се од пругата до Бељаковце па понатаму.
Се извинувам за долгиот текст и ви благодарам за трпението да го прочитате.
Оливер Андонов
П.С. Слушам нешто „студено“ ќе било во Вашингтон на 20ти Јануари поради што инаугурацијата на Претседателот Трамп ќе се одржи во Капитолот со строго ограничен број присутни од сенатот и конгресот на САД. Навистина ќе му види ПУТ-КА-ПУТ на Мицкоски, а сметката, како и секогаш сметката ќе биде наша без разлика на тоа што по ФБ ќе пишуваат епигоните на Мицкоски. И за нивното пишување ќе платиме. Добро утро ЈО и антикорупциска. Добро утро Македонијо.