Многу лоша работа е суетата, ја има кај секој човек, помалку или повеќе најчесто изразена како гордост. Православната Црква во однос на суетата смета дека е мајка-почеток-основа на сите гревови. Меѓутоа суетата е особено лоша и предизвикува долгорочни штетни, дури катастрофални последици врз целата нација кога е вкоренета и избликната кај носители на власта. Да се победи суетата е голема работа би рекол, животно дело не само за поединецот, уште повеќе за спас на нацијата. Ете така, на наше големо задоволство како Внатрепартиска фракција во ВМРО-ДПМНЕ дочекавме Мицкоски да најави дека ќе се смени глупавиот закон за задолжително поседување на ТОЕФЛ за државните функционери и поседувањето на ТОЕФЛ сертификат ќе се смета за предност. Аферим бре Христијан конечно да примиш некој совет, па нека е и со задоцнување. За потребата од ова одамна сме кажале и тоа јавно, а се гледа дека читаш и слушаш што ти кажуваме – пишуваме, но „величината“ (суетата де) не ти дава да пораснеш. Секако, ние како Внатрепартиска фракција не бараме да ни се заблагодарауваш јавно со што ќе изгубиш од својата „мудрост“, доволно е доколку еден ден сепак ти дојде од тииит в глава дека сме биле во право, и не само по ова прашање. На крајот, наша обврска како Внатрепартиска фракција за демократизацција и ревитализацција на ВМРО-ДПМНЕ е да работиме во интерес на демократизацијата на партијата и македонското општество – државата. Ние сме од иста партија од нашата ВМРО-ДПМНЕ, нели, или…? Поради тоа и поради друго не очекуваме пофални химни за нашите предлози. Впрочем, дел од поддржувачите на фракцијата направија историски дела за Македонија и македонскиот народ и истите намерно се сака да бидат заборават и да не се довршат. Но тоа е друга тема, овој вовед беше околу суетата, нечија…

 

Суверенизам?

 

Само што мислев дека ќе можам релаксирано да се посветам на објаснување на идеите на Внатрепартиската фракција за демократизација и ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ наменета за нашите сопартијци, кога излезе Мицкоски и ни кажа како „малиот Перица го гледа светот“.

И сега сите ние треба да паднеме во несвест, затоа што Мицкоски по фасцилитација, ни го истакна зборот –терминот „СУВЕРЕНИЗАМ“. Тврдам дека Мицкоски нема претстава што во политичко-правна смисла, а уште помалку што во меѓународните односи значи поимот суверенизам, но и дека се почесто ќе го употребува како поддршка на своите автократски политики. Одамна пишував за суверенизмот, но очигледно дека тој наш став како Внатрепартиска фракција во нашата партија немаше кој да го слушне, или поточно го слушнаа ама не го разбраа. Но ќе го разберат, еден ден.

Е сега, откако Мицкоски кажа дека е суверенист и видовме „наплив“ на одушевување од ликови во политичкиот галиматијас во Македонија кој не само што не знаат што значи поимот суверенизам, туку под тој поим како и низ политикантските постапки на Мицкоски гледаат близина до политиката на Кремљ или како би рекол Мицкоски на „претседателот Путин“. И не се далеку од вистината. Интересно е што мерките кои ги презема Претседателот Трамп посебно во однос на воените прашања за американската армија и заштита на територијата на САД, во нашата партија ВМРО-ДПМНЕ никој нема претстава што всушност се случува во меѓународните односи. А тоа што се случува нема врска со тоа што се најавуваше или со суверенизам. Токму затоа поентата на оваа колумна е суверенизмот и објаснување на овој поим, и што погрешното негово разбирање, пред се во меѓународните односи и поведение ќе предизвика како последици врз македонскиот народ и државата Македонија. Да не заборавиме дека сме држава членка на НАТО пред се, без разлика како се однесуваме.

Според Уставот на Македонија, суверенитетот на државата произлегува од граѓаните. Односно, секој од нас како граѓанин на Македонија е носител на суверенитетот. Тој суверенитет се стекнува преку македонското државјанство и не може да биде одземен. И тоа е уставен суверенизам кој завршува во крајна точка како меѓународно-правен субјект, држава Северна Македонија (според Уставот).

Прашањето за гледањето на суверенизмот кое сака како модел на политичка злоупотреба на поимот да ни го наметне Мицкоски е во основа едноставно, но малку тешко за објаснување  за тие кои не ги проучувале политичките теории. Не дека Мицкоски ги знае политичките теории. Токму затоа и го користи поимот суверенизам во погрешна вон Уставна конотација и во исклучиво популистичка цел.

Имено, во политичката теорија постојат три политички теории: Конзервативизам, Либерализам и Тоталитаризам, вклучително со сите нивни правци. Единствено Александар Дугин (сигурно сте слушнале за него, руски филозоф, идеолог на партијата на Путин, „Единствена Русија“) ја воведува, според него, четвртата политичка теорија „суверенизам“. Всушност под овој поим не можеме да препознаеме нова политичка теорија, особено не современа демократска политичка теорија. Поимот е употребен за во пракса со политички „заснована“ филозофија пред народот-граѓаните да се прикрие нов облик на тоталитаризам во современието, а тоа е авторитарноста на режимот. Создаден е пред се да го поткрепи владеењето на Путин и во недостиг на реална политичка филозофија прави мешавина на тоталитаризмот како политичка теорија со делови од конзервативизмот, злоупотребувајќи го истиот во однос на поимите за традиционални вредности. Во овој контекст мора да напоменам, заради сликовитост на примената на практичните политики, еден коментар на еден мој многу добар пријател од САД. Пријателот во една прилика ми кажа дека доколку денес покојниот американски претседател Кенеди (демократ) би се кандидрал, со неговите ставови од 1960 година би бил поголем републиканец отколку претседателот Трамп.

Втората причина и секако многу значајна за создавањето на таканаречената четврта политичка теорија на Дугин е извезување на автократска идеологија од Русија (Кремљ) во Европа, посебно кон поранешните социјалистички-комунистички држави. Целта е многу видлива, тоа е експанзионистичката или империајлна политика на Путин стокмена во кованицата „руски свет“. Како супститут на некогашната комунистички идеологија, барем за нас на Балканот употребено е Православието но не како вера, туку како идеологија. Тоа е наменето за широките народни маси, а за „лидерствата“ во политиката тоа се парите. Што би рекол еден наш познат новинар „рубља патриоти“.

Тоа што е важно да се знае во пракса во однос на поимот суверенизам е дека овој поим за малите држави, нации, има Уставно значење. Разбирањето на суверенизмот низ политичката призма на гледање како во времето на поранешната СФРЈ е одамна потрошено, на прво место поради потполно изменетите геополитички односи и поставеноста во мултиполарниот свет и неговото рангирање на државите по моќ (не моќ како исклучиво воена моќ). Токму во тој контекст во пракса многу малку држави во светот можат да кажат дека поседуваат полна, целосна, видлива сувереност. Ова е посебно карактеристично за европските држави и тоа е една од причините за создавањето и постоењето и проширувањето на ЕУ. Преку ЕУ, нејзиниот интергаверментализам и механизмите на функционирање, сите држави членки се всушност глобални актери и на тој начин ја засилуваат својата сувереност во меѓународните односи како внатре во ЕУ, уште повеќе кон трети земји.

Ете затоа е потребно да ви биде јасно дека употребата на поимот суверенизам или изведенката суверенист од страна на Мицкоски ништо не значи ниту во политичката теорија а уште повеќе во праксата и во меѓународните односи. Тоа е само флоскула за популистичка употреба во насока на поддршка на автократијата која ни се воведува низ еден „мек“ јавен настап поддржан со поими – зборови кои граѓаните не ги разбираат. На крајот сметката ќе ни биде многу висока и како што одамна велам и како што е секогаш ќе ја плати најмногу македонскиот народ. Во меѓувреме Мицкоски во својата политичка сиромаштија и политикантство ќе ни употребува неразбирливи поими за граѓаните како суверенизам. Дали е тоа политика или…

 

 

Српскиот свет и Стара Србија

 

Да не е трагично би било смешно. Вучиќ е пред распад и на секој начин се обидува да ги изманипулира сопствените граѓани и нивното оправдано граѓанско незадоволство  од моделот и практичното негово владеење. Во тој свој обид како и секогаш карта за играње е нашата Македонија. Дали со предизвикување меѓуетнички судири кај нас за ангажирање на САД и ЕУ во гаснење пожари на Балканот, или со демонстрација на големосрпската националистичка идеја преку Стара Србија (Македонија) за засилување на сопствените му позиции во Србија, нема значење за нас како Македонци. Ние во секој случај сме во зијан.

Така другарот Вучиќ онака перфидно, што би рекле архаично „подофијски“ преку неговите видливи и по малку божем скриени инсталации во владата на Мицкоски ни организираше и реализираше централна се српска прослава на Св.Сава во Скопје. Не во Белград, во Бања Лука или евентуално Подгорица, туку во Скопје. Во Стара Србија како што веќе и јавно ја нарекуваат Македонија. Многу симболика за политичките намери на Вучиќ во однос на српскиот свет по примерот на рускиот свет. Истата суверенистичка реторика и присуство на политика или…

Пред пет години, токму во најголемото лобирање за автокефалија на МПЦ-ОА од СПЦ (бидејќи така мораше да биде според Каноните на Светата Православна Црква) јавно во Медиа Центар во Белград се спротивставив на српскиот свет пред политички претставници на Србите блиски до Вучиќ од сите „српски“ земји, свесно го ставив под ризик лобирањето за МПЦ-ОА, бидејќи без македонска држава и македонски народ, МПЦ-ОА нема да преживее. И на тој собир беше Стоиљковиќ кој се жалеше на наводната угнетеност на Србите во Македонија, а самиот беше пратеник и коалиционен партнер на ВМРО-ДПМНЕ години наназад. Уште тогаш присутните србуваа дека српскиот свет е од Бања Лука до Гевгелија до каде што се српските земји. На оваа провокација и будалаштина ниту еден Македонец не може да остане мирен и да ја одмолчи. По мојата јасна реакција дека Македонија никогаш не била српска ниту ќе биде, скоро сите присутни со исклучок на колегата Раковиќ (на негова покана и бев на настанот) ме нападнаа со хистерична жолчност. И зошто пет години подоцна овој јавен настан го пренесувам во колумна. Немам намера да се глорифицирам себеси, туку сакам да направам паралела со тоа што се случи во Скопје на 27-ми Јануари 2025 година.

Токму ни се случи српскиот свет кој пет години порано несакајќи пред мене го најавија. За негова реализација ја употребија и СПЦ и ликот и делото на Св.Сава, што покажува дека на Вучиќ ништо не му е свето кога се во прашање неговите политикантства и неговата политичка кожа, а можеби и лична. Дури не ја почитува личноста и позицијата на Патријархот Порфириј кога за политикантски цели заради лично преживување на тронот го користи како политикснтско-националистички инструмент.

И во таква атмосфера, „паметниот“ Вучиќ си остана во Белград за да не предизвикува политички коментари, реакции и тензии на меѓународен план кои може во оваа ситуација во Србија да му наштетат, туку го прати дежурниот паљачо Додик. Да, тој Додик кој е на црната листа на САД, тој Додик кој два пати годишно оди во Кремљ кај администрацијата на Путин (патем се слика со Путин за да покаже дека многу вреди), тој Додик кој е против Дејтонскиот мировен договор, тој Додик кој се прави да ја дестабилизира Босна и Херцеговина, тој Додик кому му се замрзнати финансиите на Запад, тој Додик, другарчето на Орбан. А Орбан е другарче и на некој друг. Затоа, не вреди глупавата приказна за анлогијата на Мицкоски со фудбалскиот клуб Беласица. Уште како деца ја научивме онаа приказна за аналогија дека некој е хомосексуалец (на нашински педер), така што таа фаза во животот сме ја надминале и не се одушевуваме од мудроста на Мицкоски во неговите интервјуа.

Тоа што Мицкоски треба да одговори и пред се да поднесе внатрепртиска политичка и премиерска одгворност е: „Зошто дозволи Додик да биде дел од прославата на денот на Св.Сава во Скопје“? За другите прашања поврзани со политичките личности од Србија кои беа присутни а особено за потребата од таква помпезна прослава на Св.Сава во Македонија, пардон Стара Србија, како и за лумперајќите на Додик по скопските кафеани во придружба на видни вмровци ќе ни требаат неколку колумни. Како што „некој“ или „секој за себе“ ќе треба да го објасни во нашата партија ВМРО-ДПМНЕ своето поведение во однос на идеолошката основа на партијата и достоинството на Македонија во која нели се колнат нашите партиски функционери.

Оправданието на Мицкоски дека не знаел што ќе зборува Додик е само шарена лага за пред граѓаните на Македонија. Мицкоски добро знае кој е Додик и какви се неговите политички ставови, особено оние „суверенистички“. А коректно би било да ни каже Мицкоски како си помина на целовечерната вечера со Додик по прославата? Да да, со истиот тој Додик за кој незнаеше што ќе зборува против НАТО и ЕУ во земја членка на НАТО чии премиер е токму тој.

Едноставно е, Мицкоски е дел од српскиот свет и има задача да биде димна завеса за анти македонските активности во Стара Србија преку божемен македонски национализам и патриотизам. Дополнително е затскриен зад четирите свети букви ВМРО и делува низ апсолутистичката недемократска позиција како претседател на нашата партија ВМРО-ДПМНЕ. Лекот од овие лаги е во сите нас членовите на партијата и демократизацијата и ревитализацијата на ВМРО-ДПМНЕ со враќање кон изворните принципи и цели на политичко делување на нашата партија. Згора на се, овие божем не знаења на Мицкоски се во потполност насочени против НАТО и ЕУ. Впрочем, еднаш ви напишав дека високи претставници на ЕУ за Мицкоски дадоа коментар дека е на ниво на Додик во рамките на српскиот свет, односно дека и со него командува Вучиќ на далечинско, и затоа да не се изненадувате на тоа што се случуваше во Скопје (Стара Србија) на Св.Сава и само го потврди политичкото ниво на Мицкоски и како на него се гледа во меѓународните односи. Во една колумна ви кажав дека ќе станеме формална членка на НАТО, или недоверлива членка, а очигледно задачата тоа да се случи и да се спроведе ја има Мицкоски станувајќи суверенист. А нашето ВМРО-ДПМНЕ е конзервативна не суверенистичка партија по теркот на Дугин. Ви кажав дека човекот врска нема, ништо не знае за политичките теории, го отвора непостоечкото и одамна затворено „македонско прашање“ како да сме Палестинци, дека е обичен политикант, манипулатор и ви кажувам дека со ваквите политики или…, нанесува и ќе нанесе несогледиви последици кон Македонија и македонскиот народ.

А другарчињата му од ВЛЕН кои ги рашетува на наш трошок до Америка и назад, молчат за случувањата во Стара Србија. Е молчат. Едно слатка е власта и нашите пари, а второ, како што ви кажав (и да не личам на Љубчо Георгиевски со неговата изрека: „реков и пак ќе речам“), но морам да повторам, договорката помеѓу Вучиќ и Курти се крши врз наш МАКЕДОНСКИ ГРБ. Сега прашајте се зошто Меџити, Гаши, Таравари и Касами си молчат и за Меџити не е проблем да го почекаме Косово на патот кон ЕУ, а зошто некои пратеници и „видни“ членови на нашата ВМРО-ДПМНЕ случајно зборуваат за можна федерализација на Македонија и сојуз со Србија. На сите во корист само на нас Македонците на штета.

Како што еднаш напишав, по Мицкоски кој со брзина на светлината го троши политичкиот мандат, ќе ни го спакуваат како „нов лик“ секако под илјада маски Филипче. Е токму тој Филипче со неговиот Спасовски (оној Спасовски кој во 2016 година како технички министер за Внатрешни работи имаше отворена и секаква поддршка токму од Вучиќ), оние Филипче и Спасовски чии Заев (нешто го заборавивме во последно време) и Ковачевски до последно му се упикуваа на Вучиќ, сакајќи да бидат мали Вучиќ. Нели тие се лути противници на Мицкоски а се појавија во истата улога на поддржувачи на српскиот свет на прославата на Св.Сава во Стара Србија. Едноставно нивните газди Вучиќ и Додик мора да се уверат во нивната лојалност и посветеност кон српскиот свет. Затоа драги мои ние со децении сме таму каде што не треба да бидеме и одиме наназад кон статус на Бановина Стара Србија.

Има шанса за поместување, но треба политичка храброст, отвореност и посветеност кон ЕУ и секако лична саможртва во политичка смисла а во контекст на прифаќање на поканата за заедничко одбележување на роден денот на Гоце Делчев во Софија. Пред очите на ЕУ тоа би бил добар сигнал.

Која разбра, разбра, а некој ќе си ја спроведува дадената му анти македонска задача.

Да живее политиката или…

Оливер Андонов

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *