Да не се истрчаше Мицкоски во сопствената му ароганција и намера да се прави паметен, па згора и мангуп од собраниската седница, оваа колумна ќе беше со друга цел. Вака, Мицкоски се разголи на јавна сцена, а потоа ЕКСПРЕСНО.МК се обиде во јавноста да наметне еден наратив во стилот на déjà vu со цел постоењето на Внатрепартиската фракција во ВМРО-ДПМНЕ да ја сведе на личен однос помеѓу мене и него. И уште обидот за професорска, академска, стручна дебата од државен интерес го сведе на „муабет за на чешма“, кој кому што рекол, кога и зошто. Но тоа е не само одраз на демократскиот капацитет, туку и академскиот, интелектуалниот и личниот човечки капацитет на Мицкоски. Очигледно дека за државнички капацитет не може воопшто да стане збор. И тоа е очебијно така, и морам јавно да го кажам „жими очи – па во очи“, па колку сака нека се лути Мицкоски или нека бара божем оправдание зошто не сака да се сретне со Внатрепартиската фракција дури и за соочување на државно стратешки ставови и креирање политики внатре во нашата партија ВМРО-ДПМНЕ.
Сепак, целта на оваа колумна не е Мицкоски, тој е доволен сам за себе и за своето полтронско и клиентелистичко опкружување во нашата партија ВМРО-ДПМНЕ, но нашата држава Македонија бара многу повеќе од послушништво кон моменталниот претседател на партијата, Македонија бара се. Го бара токму тоа за кое Мицкоски јавно зборува дека е подготвен да разговара од државен интерес, а потоа кога ќе му се одговори позитивно со подготвеност за разговори за државните стратегии тој бега, затоа што јавно лажел дека е подготвен да разговара со секого за државните стратегии. Од бегање фајде нема и бегањето скапо ќе не чини, како држава и народ. Но скапо ќе не чини и како политичка партија.
Затоа ние како Внатрепартиска фракција нема да расправаме за психолошките трауми на Мицкоски од самата помисла да разговара со нас како внатрепартиска политичка група и пред се ЧЛЕНОВИ на ВМРО-ДПМНЕ кои се константни и концизни во своите политики и јавно ги претставуваат и бранат и покрај постојаната маргинализација во рамките на партијата. Како одговорни личности и како здраво разумско и длабоко мислечки луѓе, но и како патриоти кои си ја сакаат својата татковина Македонија а поттикнати од одговорноста кон ВМРО-ДПМНЕ (која тој ја нема), јавно ќе ги изложиме нашите предлози за потребните стратешки пристапи на Македонија. Секако тие ќе бидат изложени во мерка и обем со кој нема да се нанесе некаква штета, туку само како предлози. Ограничувачки ќе бидат особено на оние предлози кои се однесуваат на одбраната и безбедноста. При тоа, не се плашиме дека Мицкоски или неговите полтрони внимателно ќе ги забележат и подоцна ќе ги претстават како свој. Крајната цел е многу поголема од нискоста на лицата под маски, крајната цел е Македонија – уредена, развиена и богата европска држава, стабилна и доверлива членка на НАТО на стратешко ниво.
Стратегија за Одбрана и Отпорност
Знам дека постои активност за изработка на ваква стратегија и во моментот, но се прашувам: „Зошто во нејзината изработка не е вклучена академската јавност“?
Стратегијата за одбрана не е само експертски документ, тоа е пред се јавен документ на едно академско ниво. Стратегијата не е тајна, бидејќи стратешките определби а пред се целта на стратегијата и целите во неа не се никаква тајна. Тајни се постапките кои треба да доведат до остварување на целите, а при тоа не се тајни ниту задачите кои треба да се реализираат за да се остварат целите, особено генералната – главната цел на стратегијата за одбрана.
Главна цел на секоја, па и на нашата Стратегија за одбрана е: „Заштита и зачувување на населението, на неговиот биолошки минимум за опстанок“.
Од оваа цел започнува планирањето на стратешките цели кои во основа опфаќаат два силно поврзани сегменти ОТПОРНОСТ и ОДБРАНА. Овие два сегменти се клучни и во Одбранбениот концепт на НАТО од 2022 година. Оттука се поставува клучното прашање преку кое започнува подготовката и создавањето на Стратегијата за одбрана: „Има ли Македонија своја Концепција за одбрана или барем Одбранбен концепт прилагоден на оној на НАТО и поврзан со сопствените концепциски побарувања“?
Одговорно тврдам дека Македонија нема сопствена Концепција за одбрана, ниту пак Одбранбен концепт. Онаа Концепција за национална безбедност и одбрана од 2003 година е застарен и нефункционален документ за современите состојби, одбранбено и безбедносно опкружување и ризиците и заканите врз Македонија. На стратешко ниво во областа одбрана постојат неколку документи со стратешки предзнак (Стратегија за одбрана од 2020 година, Национална стратегија за градење отпорност и справување со хибридни закани од 2021 година, Стратегија за сајбер одбрана од 2020 година, Стратегија за родова еднаквост од 2022 година, Национална стратегија за еднаквост и недискриминација од 2022 година, Стратегија за управување со човечки ресурси од 2019 година, Стратегија за образование и обука од 2006 година, Стратегија за привлекување на квалитетен персонал од 2007 година).
Доколку се знае дека една стратегија има период на важност или поточно време предвидено за реализација на стратешките цели на краток и среден рок, а тоа се максимум 5 години, може да заклучиме дека најголемиот дел од наведените стратегии во одбраната се со изминат период на важност. Впрочем истите се некомпатибилни со современите извори на загрозување или потреби на македонската одбрана и не даваат никакви основи за креирање на соодветни одбранбени политики, посебно во рамките на НАТО.
Самата Стратегија за одбрана донесена во 2020 година од Пендаровски, а изготвена од Министерството за одбрана не е обемен документ (околу 18 страни) што е добро за една стратегија, но истата ниту во одбранбените интереси, ниту во одбранбените цели не ја дефинира клучната или главната цел на одбраната и со тоа креирањето на идните одбранбени политики. Клучната цел на секоја стратегија за одбрана е:„Заштитата на биолошкиот минимум за опстанок на населението“. Дури потоа може да зборуваме за заштита на територијалниот интегритет и одбрана на независноста на Македонија.
За ова постојат конкретни причини. Имено, заштитата на населението е всушност заштита на суверенитетот, бидејќи според Уставот, суверенитетот на Македонија произлегува од нејзините граѓани. Второ, без минимум население за биолошки опстанок, не постои можност за опстанок на државата во ниеден аспект. Трето, опстанокот на населението овозможува основа за изградба на одбранбени капацитети и способности каде што главната улога ја има човечкиот фактор.
Во однос на заштита на „човечкиот потенцијал“ неопходно е да се изработи нова и актуелна Стратегија за отпорност. Не во контекст на хибридните или други закани, туку сеопфатна стратегија за отпорност на населението и државата со јасни две клучни цели: 1.Детерминирање и дефинирање на ризиците и заканите (сите можни) врз Македонија и 2.Мерки за градење на отпорност на населението, институциите и државата во сите аспекти.
Оттука би се тргнало во дефинирање на Стратегијата за одбрана и главната цел и целите кои треба во следните пет години да се остварат во однос на одбраната.
Тоа значи дека во овој момент на Македонија во однос на одбраната и креирањето на сопствените и одбранбените политики во рамките на НАТО неопходно и е во најбрз период да подготви и усвои три клучни документи:
1.Концепција за одбрана, или Одбранбен концепт во согласност со Одбранбениот концепт на НАТО, нашите уставни одредби во делот на одбраната и развојот на теоријата на војната согласно современите искуства за прифаќањето на војната како општествена појава во чии рамки вооружената борба (армијата) е само една специфична доктрина на водење војна. Прашањето за доктринарните документи, вклучително и доктрината на вооружена борба а во тие рамки употребата на армијата во вооружена борба и нашата улога во НАТО контингентите се посебно прашање за кое исто така треба да се дискутира. Ова е неопходно поради тоа што повеќето наши одбранбени и воени експерти не ја разбираат нашата ролја во состав на НАТО борбените контингенти. Оттука и доаѓа до забуни кои не само што ја спречуваат воената мисла во однос на доктринарниот развој, туку во јавноста внесуваат сосема различна и би рекле проблематична претстава за улогата и потребите на македонската армија како дел од НАТО.
2.Стратегија за отпорност, но не во една област, туку во однос на што повеќе предвидени ризици и закани кои ја загрозуваат безбедноста на државата и кои ги опфаќаат сите аспекти на општеството, но и многу повеќе. Впрочем, еден дефиниран ризик не значи дека нема да појави некој нов непознат ризик во текот на еден кризен процес со кој мора да се управува и врз кој мора да се влијае превентивно, најчесто со мултиинституционално дејствување.
3.Стратегија за одбрана, која јасно ќе ја дефинира главната цел на одбрана во македонското општество, а потоа ќе ги дефинира клучните одбранбени интереси и цели за Македонија и како истите ќе се постигнат. Односно низ остварувањето на кои задачи и со која динамика и во кој временски период ќе се реализираат поставените цели. А тоа ќе овозможи реализација на главната цел и тоа во континуитет.
Во овој контекст ќе напоменеме дека одбранбената концепција, стратегијата за одбрана и стратегијата за отпорност зависат во најголем дел од проценка на ризиците и заканите и степенот на загрозување. Тие не се поврзани исклучиво и само со вооружената сила, па така и нашата контрибуција во НАТО (па нека истата и се зголеми од сегашните 2% од БНД) зависи пред се од нашите вложувања во градење на капацитети во одбраната. Тие капацитети покрај тоа што се воени и цивилни имаат и други елементи за кои во оваа прилика не може да се зборува, на прво место затоа што ќе ни треба многу голем простор, но доколку тие кои во моментот раководат со институциите на државата а посебно Владата се експерти во областите очекувам да знаат за што станува збор. Доколку останува дилема и не знаат, повторно Внатрепартиската фракција е тука за да им помогне да разберат, осознаат, во интерес на Македонија.
И ова може да биде добар вовед барем за една стратешка област за која како и за другите е неопходно знаење, но и јавна дискусија. Тоа што се однесува на одбраната, повторувам, не значи дека стратегијата за одбрана е тајна, туку дека за неа вреди да се дискутира. Тоа што некој од дневно – политички причини не е подготвен да дискутира, значи дека не само што не е разумен, туку дека е и глупав. Не се доведува татковината во опасност само затоа што со определена група во партијата имаш политички различни гледишта. Нема подобар начин таквите гледишта со аргументи и знаење како (know how) да се соочат на отворена дискусија. Каде има подобро место тоа да се направи најпрво отколку во партијата како партиска политика, а потоа да се провери пред експертската и академската јавност и вообличи во стратешки државен документ прифатен од сите и спроведен за интересите на Македонија и нејзините граѓани.
Се друго е политиканство засновано врз потполно незнаење и манипулација, мангуплак, изразена суета, протнување и затскривање на личните лукративни интереси зад квази патриотизмот а всушност нанесување несогледива штета врз татковината и граѓаните.
И на самиот крај да напоменам дека Стратегиите за Одбрана и Отпорност на Македонија, како и Концепцијата за одбрана имаат силна поврзаност не само со нашето членство и обврски во НАТО. Во контекст на новиот геополитички свет, не смее да се заборави дека Македонија е Европска земја и мора да биде дел и од Европскиот одбранбен Концепт на Европскиот Безбедносен Простор. Тоа е прашање поврзано со нашето членство во ЕУ и градењето на регионална и геополитичка стратегија на Македонија, повторно втемелена на ризиците и заканите, а за што ќе стане збор во следната колумна.
Оливер Андонов