Како што кажав во претходната колумна, покрај Стратегијата за Одбрана и Стратегијата за Отпорност, во контекст на засилување на сигурноста на Македонија и нејзините партнерски врски со ЕУ и НАТО земјите членки, неопходно е да се создаде стратегија за меѓународни односи.
Несомнено дека географијата е многу важна за планирањето и геополитичкото позиционирање на секоја држава и таа игра голема и неумолива улога која е од животно значење за секоја земја. Во контекстот на географијата своја директна улога имаат центрите на моќ. Нивното влијание не зависи исклучиво од нивната географска близини, туку и од нивната способност да влијаат врз одредени земји или региони индиректно, преку своите сојузници (регионални сили), но и преку интересот на самата земја врз која се влијае.
Во теоријата постојат два вида на центри на моќ. Тоа се копнени центри на моќ и поморски центри на моќ. Во пракса овие центри на моќ во современи услови ја прошируваат својата моќ истовремено и на копно и на море, а од неодамна и во вселената. Ова моќ употребува различни инструменти за влијание, видливи и невидливи, но во пракса најчесто се невидливи, како и употреба на мека и тврда моќ или нивна комбинација.
И тоа е накратко вовед во врска со теоријата и основите за проценка на позицијата на Македонија врз која основа е потребно да се изгради Стратегија за надворешни односи. Таа стратегија мора да биде поврзана со Стратегијата за одбрана и стратегијата за безбедност, но како перцепција за иднината на татковината мора да ја има геополитиката и нејзините тенденции.
А каде се наоѓа наша Македонија (читај нашата влада – опозицијата е умрена работа) во однос на геополитичките размислувања на регионално и светско ниво и дали имаме некаква си претстава за тоа што треба да сработиме, пред се за себе како држава и нација?
Тешко и повеќеслојно прашање на кое би ни требало многу простор и време за да изнајдеме одговори и тоа да го образложиме. Краткиот и јасен одговор е: „Донесувачите на одлуки во Македонија (читај Владата) немаат претстава каде се наоѓаат“. Затоа и имаме подбивни обраќања од Мицкоски во улога на премиер од собраниска говорница. Затоа и имаме обраќање, божем се е нешто тајно и за тоа не се зборува. Затоа немаме соодветни стратегии, поради немањето научна, критичка и творечка мисла. Затоа и самиот Мицкоски не знае каде тера, освен во однос на личната пропаганда дека бил ваму-таму. Проблемот е во тоа што никој во владата, а посебно Мицкоски никако да разберат дека работата на премиерот не е да се шета секој месец до САД на разни настани на кои за да присуствувате се плаќа или тоа се партиски настани. Тоа се настани на кои треба да присуствува лидер на опозиција за да биде виден и да го запознаат. Премиерот има сериозна задача да ја води државата во актуелниот миг, да прави проценка на идните собитија и загрозувања и да создава стабилен амбиент во секоја област за иднината на државата. Затоа и е важно да се донесе Стратегија за надворешни работи и со неа еден динамичен план за дејствување во новонастанатите геополитички односи.
Во рамките на еден стратешки пристап во геополитиката, најпрво мора да се тргне од непосредното опкружување. Без сонување, туку соочени со грдата реалност. Во овој контекст мора да се анализираат сите наши соседи поодделно, да се предвидат настаните во однос на нивната стабилност и иден политичко-безбедносен развој и влијание врз Македонија. Колку и да не ни се допаѓа тоа што е факт, мора да се држиме до фактите, бидејќи само така ќе можеме да создадеме реална, правилна и корисна стратегија за надворешни односи во регионот и пошироко, а потоа тоа да влијае на геостратешкото размислување и поведение на Македонија.
Бугарија, како што најчесто Мицкоски љуби да ја претставува како наш архинепријател, поробувач, негатор, асимилатор, денационализатор итн. Земја која е членка на ЕУ и наш партнер во НАТО, во иднина ќе ја засилува својата улога во ЕУ, бидејќи по влезот во Шенген ќе следува влез во Евро зоната. Но уште поважна ќе биде нејзината улога во Црноморскиот регион и при тоа нејзиното поврзување со Романија и Грција.
Грција, некогаш како клучна земја во источното крило на НАТО и единствена земја членка на ЕУ во регионот, денес е регионален предводник во рамките на ЕУ. Силно се поврзува со Бугарија и изразито влијае во Албанија. Несомнено дека нејзината улога во ЕУ ќе засилува, бидејќи и таа е дел од стратешката длабочина на Црноморскиот регион и супститут за дел од задачите на Турција во НАТО, посебно во врска со европските прашања во НАТО.
Кога веќе ја споменавме Турција, таа е регионална сила со влијание во четири региони и тоа најдиректно. Најпрво во Каспискиот регион преку Азербејџан, потоа на Блискиот Исток во Сирија и Либан, потоа во Црноморскиот регион и на крајот на Балканот како порта за влијание во Европа. Несомнено дека Турција има свое влијание во Македонија и свои силни интереси.
Албанија, која е исклучително важна за нас пред се поради дел од албанскиот народ кој живее во Македонија. Но тоа не е важно само за политичко-криминалното ниво во однос на поделбата на ресурсите на власта. Важно е поради општественото и економското влијание на Албанците кои се дел од македонската нација (според уставот и променетото име северно македонска нација). Албанија сама за себе не би имала моќ да влијае врз процесите во Македонија без да е вклучен делот од албанскиот народ кои се македонски државјани. Нашите односи со Албанија потребно е да се засилуваат и низ призмата на македонското малцинство кое живее во Албанија. Но пред се Македонија мора брзо да и се приклучи на Албанија во преговорите за членство во ЕУ и заедно да влеземе во Унијата за да се избегнат извесните идни побарувања од Албанија како земја членка на Унијата. Тие барања може да бидат исклучително непријатни за македонскиот народ. Во еден таков момент многу ме интересира дали некој иден премиер или сите граѓани, посебно македонскиот народ ќе може да го оправдаат сегашното однесување на Мицкоски во однос на уставните промени и брзото членство во ЕУ.
Косово, за кое претпоставувам дека мнозина ќе ми кажат дека не е држава. Најпрво, ние го признавме Косово како независна држава, воспоставивме дипломатски односи на ниво на амбасади и тука завршува секој коментар дали е држава или не. Оној момент кога Косово ќе се „откачи“ од политичките проигрувања со Србија (Курти-Вучиќ во партнерски танц), многу бргу со поддршка на Албанија но и на други земји членки на ЕУ ќе тргне кон ЕУ. Тогаш ќе треба да си го поставиме прашањето: „Кого сега уште треба да чекаме на патот кон ЕУ“? Ќе му се исполни желбата на Меџити да го почекаме Косово, но кога и тоа ќе не помине, тогаш веројатно Меџити ќе сака да живее во Косово не тука иако ќе троши наши пари. Во иднина, дури и при пристапот кон ЕУ, Косово несомнено ќе ни биде голем прашалник доколку ние не бидеме членка на ЕУ пред него. Голем прашалник ќе биде особено доколку Вучиќ по примерот на Путин а при распад на сегашниот светски поредок тргне со воена сила кон Косово.
Србија, или во душата за мнозина во Македонија врежаната мисла, што Белград ќе каже и 35 години ненамалената жал по Југославија. Несомнено и тоа исклучиво затоа што ние дозволуваме, Србија има силно влијание во Македонија. Дури и си ја обележаа територијата на српскиот свет од Македонија до Босна. Тие обележуваат, сакаат да бидат регионална сила барем на Балканот во дел од поранешна СФРЈ, а внатре имаат сериозни проблеми. Прашањето за опстанок на Вучиќ на власт не е само прашање на Србија и нејзините внатрешни односи, тоа е прашање со долгорочно, далекусежно и пред се непредвидливо влијание врз регионот, а посебно врз Македонија. Но ова прашање пред се треба да се разгледува од наша страна со анализа на случувањата и можните последици. И секако и тоа е дел од Стратегијата за надворешни односи во контекст на геополитиката. А во контекст на регионалната геополитика првото влијание на Србија кое ќе го видиме на јавна сцена а со тоа и тест за меѓународниот поредок ќе бидат случувањата во Босна и Херцеговина, односно во Република Српска и веќе подготвените чекори од страна на Додик за отцепување на Република Српска од Босна и нејзино припојување кон Србија. Првите случувања и најави може да ги очекуваме уште оваа недела.
Е сега, да видиме што ни се случува на европски и светски план. Европската унија соочена со фактот дека започнуваат преговори за Украина а без Украина и ЕУ, соочена со „чудните“ и понекогаш конфузни изјави на новата администрација во САД и преговори за мир на територијата на Европа без Европа како засегната страна, ја почувствува својата загрозеност. Чувствувајќи ги и перцепирајќи ги идните загрозувања кои може да доведат до загрозување на европската безбедност, реакциите на Обединетото Кралство, Франција, Германија и други земји членки на ЕУ се сосема нормални и очекувани. Не е нормално тоа што во Македонија се шири јавен дискурс во кој се промовираат про руски стратешки геополитички политики за некакво наше членство во БРИКС, или уште полошо, директно се дејствува и тоа од позиција на власт против ЕУ. Тоа што е најлошо е што се шири јавна хистерија и народски кажано „ситење на туѓа несреќа“, односно се оправдува окупацијата на делови од територијата на Украина и воопшто распад на украинската држава. Тоа е болно и тоа не е здраво разумско, или поточно малоумно тоа да го пласираат како политички став пратеници во Собранието на Македонија. Замислете тоа да и се случува на Македонија, а можно е нели, кога веќе еднаш пред повеќе од еден век нашиот народ ја доживеа таа судбина и тоа во време кога немавме своја држава, а чии плодови и денес ни горчат при самата помисла на тоа. И сега тоа и се случува во 21-от век на меѓународно призната држава со над 44 милиони жители, најголемата држава на европскиот континент, со војна и се одзема дел од територијата и за нејзината судбина не се ниту прашува истата, туку некој други на некое трето место да одлучуваат за нејзината државност и судбината на Украинците.
Кога тоа се случува на една Украина, што мислите каква би била судбината на Македонија? Вакви какви што сме, едни герои, подготвени да се бориме, со добро опремена, бројна, обучена и борбено способна армија, со ракетни сили за голем дострел, со стратешко нуклеарно вооружување, способни да брзо и одлучно возвратиме на било чии напад, со силни воздушни сили и противвоздушна и против ракетна одбрана, со вредни ресурси и минерали, доволно храна и енергенси и се она што не сме.
Оттука, се поставува прашањето: „Каде понатаму во новите геополитички предизвици“?
Сигурно не во БРИКС или кон Русија. Тие приказни за панславизам и Православие, за руската политика (Кремљ) служат само како инструмент за продавање идеологија во земји како нашата за да можат да си ги реализираат сопствените цели.
Со продавање фејсбук успешност или агресивен ПР на Мицкоски и владата дека се во САД, повторно на Конвенција на која за десет минутен говор Мицкоски ќе плати 100 илјади долари (само „не знам“ од чии пари), а подобро да тие пари ги вложеше во инфраструктура или создавање атомски ум во Македонија. И ова не го бива.
А што бива? Па бива да се бара средба со Макрон и со Страмер, а кон средината на Март и со Мерц, а секако и со Туск. Тоа се стратешки разговори на кои треба да се инсистира Македонија веднаш да влезе во Европските одбранбени сили како земја кандидат. Да се внесат Бугарите во Уставот и да се започнат преговорите со директно барање во ново настанатата геополитичка состојба Македонија по брза линија да влезе во ЕУ за да биде под уште еден чадор на заштита. Да се преговара со соседите во рамките на НАТО да се вклучиме во некоја од подгрупите во рамките на ЕУ и НАТО за засилување на отпорноста. Да се поврземе во нови дополнителни пред се Европски сојузи. Да побараме европските безбедносни сили да имаат база во Македонија.
Тоа се клучните прашања кои треба да бидат тема за конкретна работа, не за размислување. Во ваква геополитичка состојба задача на Мицкоски како премиер е да обезбеди предвидлива иднина и сигурност на Македонија и во односите со соседите, но и на меѓународно ниво засилувајќи ги нашите капацитети. Тоа не се прави со прошетка до САД и по којзнае кој пат видување со Крис Павловски или Александар Касаноф, со должна почит кон нив, но тоа ниво ништо не значи за Македонија. Како што Македонија ништо не значи за Трамп, доколку го имаме искуството со Украина, можеме да се запрашаме какво тоа значење има Македонија сама во геополитиката. Историските искуства, но и актуелните собитија ни даваат многу јасен одговор.
Брзото и навремено прилагодување на Македонија во однос на геополитичките случувања е животно важно за нас како држава и како народ. За тоа да се реализира успешно и во наша полза неопходно е да се има стратегија и тоа како издржан пишан документ во кој на прво место ќе дефинираме што сакаме, а потоа и како тоа ќе го постигнеме.
И да не заборавиме, ние сме сепак Европска земја, а географијата е неумолива и европскиот центар на моќ не се наоѓа на нашите граници, туку не опфаќа во целост.
Оливер Андонов