Постои една стара народна анегдота во која се вели дека на некоја свадба за да му укажат чест на кумот и тој да каже здравица и неколку значајни зборови за младите, кумашините на софрата му се обратиле со зборовите: „Кажи куме голем лаф“. Кумот, како што го дал Господ, припрост човек (да не употребиме некој друг термин), големината на лафот ја разбрал како физичка големина и станал пред сите и гласно извикал: „ВОЛ“. Србите (нашите браќа – по мајка или по татко се уште не се знае) имаат една слична поговорка (патем за тоа во една дамнешна колумна му имам напишано на оној Црпнатиот, но не е одповеќе да повторам) која во оригинал вели: „Сви ме ВОЛЕ – тако ме и зову“. Во двете анегдоти централното место го заземаат ВОЛОВИТЕ. Впрочем метафората за големите лафови и љубови во нашата политикантска средина се еднакви во последниве неполни десетина година. Оттука да се запрашаме, не метафорично, какви ликови се наоѓаат на чело на владите на кутра Македонија? Доколку повеќе љубите можете да размислувате и метафорично, се едно е, нема да погрешите. Но прашањето кое треба да си го поставите е: „Дали кога одиме да гласаме на избори воопшто размислуваме за тоа кому му даваме да ја води државата“? Па оттука прашањето за ВОЛОВИТЕ е многу растегливо.
Немам намера во оваа колумна да расправам за дефинирање и теориско објаснување и детерминирање на безбедносни поими, особено не за тоа што значи „хибриден напади“. За ова напишав есеј кој е јавно објавен на платформата на Цивил медија и во чии прв дел точно го дефинирав и детерминирав овој поим низ призмата на хибридно војување. Само уште едно појаснување за вас драги читатели. Хибридните напади се дел од хибридната војна, а војната е всушност војување и не војува владата па нека е тоа и оваа на Мицкоски, не војува ниту армијата (вооружените сили), војува целата држава како општество. Тоа е и разликата помеѓу поимот војна (во било кој облик таа да се искажува) и војувањето што е суштина на војната и се однесува на општеството и негови сеопфатни активности. Со ова мојот научен пристап, појаснување и излагање по оваа прашање околу големиот лаф определен како хибридни закани и хибридни напади, во јавноста се исцрпени. Особено е непотребно било какво научно објаснување и докажување откако за да го заштити своето не-дело Мицкоски низ ПР карикатурирањето на нашето општество, вовлече голем број случајни и не случајни луѓе да објаснуваат што се тоа хибридни закани. Затоа немам намера овој голем лаф на кумот да го елаборирам понатаму и да влегувам во било какви научно-стручни расправи, посебно затоа што не сакам на една ваква несериозност на кумот и неговите подкумови да и додавам ниту минимум елементи на нешто сериозно, недај Боже стручно или научно. Едноставно ВОЛОТ е само ВОЛ, во лафот или дури и кога „сви га воле“, вистински или со мимикрија, тој сепак е само ВОЛ.
Овде имам едно прашање до Мицкоски: „Дали за твојот голем лаф ги информираше нашите партнери во НАТО и во тој контекст дали побара во рамки на Алијансата да се отвори постапка во согласност со член 4 од Договорот за НАТО“?
Можеби ги информираше нашите партнери од НАТО или нашите стратешки партнери за тоа кој се тоа надворешни центри на моќ (надворешен непријател), бидејќи не сакаш нас како граѓани да не информираш од каде тоа си ја идентификувал хибридната закана, од кој центар на моќ доаѓа заканата.
Во меѓувреме Христијан повторно планинариш, сега по Скопска Црна Гора. Веројатно на „Спирова колиба“ нема опасност од хибридни напади врз тебе (може ќе се преименува од Спирова во Мицкова колиба во чест на оваа историска посета на Скопска Црна Гора), или тоа хибридните напади се врз владата, а ти веројатно не си дел од владата на која си претседател. Аман, фати се за работа, доста се сликаш и шеташ по планини и долини глумејќи дека нешто работиш. Или се сликаш, или даваш глупави изјави или акаш по планини или се заедно, и се без било каква цел и резултат за татковината. Олабави малку, ќе ми те болат коленцата и така си во ризична група по ова прашање.
Затоа Тимчо пак статива, не го болат коленцата, тој има време да од наши пари се шета низ Вашингтон и доколку утре скокне до Њу Јорк со Силјановска, колку да се покажат дека во ООН нешто работат. Како ќе им излезат на очи на нашите партнери во НАТО? По сите будалаштина вклучително и последната кога гласавме против одржување на Совет за Безбедност во врска со руските „хибридни“ но на прво место директни провокации со дронови и со борбени авиони прелети во воздушниот простор на земји членки на НАТО, ова е многу легетимино прашање. Во меѓувреме Тимчо ќе ти раскаже кога ќе се врати неколку убави сказни дека само што не ти средил да се видиш со Трамп и тоа во официјална меѓудржавна средба. Само уште малку треба да ти досреди да најде Трамп соодветен слободен термин, место, времетраење итн, ама пред тоа треба да дознае дека постоиш. Нели тоа е целта на неговото патување во САД, она во ООН е само патем. Ај признај си, знаеш Христијан како велат: „Кој признае пола му се простува“. Па така и ние ќе ти ја простиме оваа желба. Впрочем, луѓето имаат секакви желби, а некои и се остваруваат колку и да ти изгледаат невозможни. Еве тргни од себе, ти стана премиер, така што во Македонија се е можно, но САД не се Македонија. Малку е „чудно“ да бидеш сериозен во очекувањата дека ќе ти организираат средба со некој кој не само што не знае дека постоиш, туку нема никаков интерес (ниту во сон) кон земјата на која си премиер. Врв на успехот ќе биде доколку Тимчо и Гога (во улога на претседател на Републиката) си намигнат со Трамп на Генералното собрание на ООН (а околу намигнувања имаме искуство). Препорачувам да не се обидуваат ненајавено да му приоѓаат или да го пресретнуваат додека се движи само за да се поздрават со него заради една фотографија неопходна за развивање на предизборен ПР. Искуствата од такви пресретнувања или обиди за приоѓање не се баш најдобри и препорачувам да не ја доведувате Македонија во понижувачка позиција заради вашата неизживеаност.
Денешната колумна има и многу сериозност во однос на минатата колумна и несериозноста на однесувањето на Мицкоски во однос на Статутот на ВМРО-ДПМНЕ. Имено по нашата, како Внатрепартиска фракција за демократизација и ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ, јавна забелешка дека е извршена против статутарна и не транспарентна измена на Статутот преку бришење на два става во членот 24 од Статутот на ВМРО-ДПМНЕ каде се избришани одредбите за ограничување на мандатот на Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ на најмногу три мандати и тоа со 2/3 мнозинство поддршка на делегатите на Конгресот за трет мандат, веднаш во Статутот на ВМРО-ДПМНЕ се вратени овие два става во член 24. Интересна работа е оваа пиши-бриши навика на Мицкоски. Секогаш кога е фатен дека ги прекршува Статутарните одредби на нели најдемократскиот статут, тој преку ноќ врши додавки и исправки, како што беше состојбата со објавувањето на списокот на делегати за Конгресот во 2021 година или со притисок врз судската власт и никогаш не спроведување на судската постапка пред Управниот суд како во случајот со прекршување на статутарните одредби за избор на кандидат на партијата за кандидат за Претседател на Републиката. Така и сега, по нашата фракциска реакција преку колумна, одеднаш се појави различна верзија на Статутот со старите одредби. Инаку и тоа е дел од неговите големи лафови, само на еден друг начин прикажани пред јавност, особено пред членството на нашата партија.
Колку и да си мисли Мицкоски дека ова со Статутот е неважна работа која никој нема да ја забележи или прими сериозно, само да укажам дека тоа е навистина идиотски, бидејќи кога Марта Кос ќе ви каже дека владеењето на правото е клучно за оценка на подготвеноста за влез во ЕУ (а преку оваа изјава на Мата се потврдува дека внесувањето на Бугарите во Уставот е навистина само формалност и дека други прашања се суштински), тоа не се однесува само на државните закони. Патем, и тие не се почитуваат и спроведуваат и тоа го гледаме на многу примери. Тука во спроведување на законите се смета и придржување кон подзаконските акти, и другите нормативни акти на државата, од страна на институциите и секако политичките партии. Статутите на политичките партии се исто што и Уставот за државите. Кога политичка партија не го почитува сопствениот Статут и предвидените одредби за негови измени и дополни, тогаш како да очекуваме дека истата таа политикантска гарнитура на чело на политичката партија ќе го почитува Уставот на државата со која раководи и дека ќе ги спроведува законите а да владее правото? Затоа одамна како Внатрепартиска фракција тврдиме дека не демократијата во партијата создава навика за недемократско однесување и работење во државата. Тоа и е причината да слушаме наменски „големи лафови“ наместо да се спроведуваат законите и државата да функционира и постапува законски.
Но, Мицкоски, заедно со Муртезани најдиректно и одговори на Кос, јасно кажувајќи на брифинг со новинарите дека нема намера да направи ништо што не е во негов интерес во врска со судството, обвинителството и правото. На тој начин Мицкоски конечно и јасно испрати порака (која сигурно во ЕУ многу убаво ја разбраа, прашање е дали ние македонските граѓани ја разбравме) дека не е проблем промената на Уставот и вклучувањето на Бугарите, туку во прашање е едноставно политичката и лична одлука на Мицкоски со поддршка на неговите лојалисти и оние арамиите од ВЛЕН, но и отворено припомагање на Филипче и оваа СДС под патронат на Заев, Македонија да нема шанси да продолжи кон ЕУ.
И така тука завршува неделнава епизода на големи лафови, не дека нема што да се додаде, но едноставно е дегутантно и воопшто не е интересно да се обидуваме да ги наброиме сите големи лафови на Мицкоски кои ги има во голем број на дневно ниво. Сепак да си останеме ние на еден обичен ВОЛ. Е сега како сите ние се чувствуваме и како ќе се чувствуваме во иднина, тоа е индивидуално спознание.
Оливер Андонов