(изборна анализа)
Покрај сите државни и пред се општествени дупки успеавме да направиме уште една
дупка, и тоа во водата, за да не се гледа или барем да не ја гледа оној кој не сака да ја види.
Оваа колумна драги мои не е саркастична или хумористична и ќе се обидам да ја задржам
сериозноста во оваа траги-комедија која како на народ – нација ни се случува, а и допрва ќе ни се
случува со историски трагични последици. Бидејќи сите ние како македонска нација немаме
чувство за тоа каде треба да се движи државата, туку сме водени од вродените инстинкти за
егзистенцијална примордијалност поддржувајќи го во таа борба паролата на Хобс „човек на
човека му е волк“. Е па ние самите себеси сме си волци и тоа нај крволочни. Во недостигот на
политички интелект немаме капацитет да ја антиципираме иднината и приоритетните цели на
нацијата. Единствено што може да антиципираме е потребата за егзистенција што е развој на
инстиктивно животинско ниво или инаетот преточен во апстиненција што е повторно
карактеристика на едно животно. Не сме во состојба дури да ги препознаеме интересите на оној
„другиот“ кој ни е волк поради неговите лукративни причини.
И така, биднаа избори – локални. Како што ви најавив следува анализа на резултатите, а
таа не е само претставување на прости броеви или збирови, таа е компаративна анализа и движење
на тенденции за следниот период и тука не помагаат инаети или слепост, бидејќи светот како што
можеме да видиме не е исти во последниве 15 месеци откако Мицкоски е на власт во Македонија,
а не пак од пред 10 години, а нема да биде ист ниту светот ниту светогледот веќе по шест месеци,
посебно за Скопјани.
Според она што го објави ДИК (Државната Изборна Комисија) од обработени 99,90% од
избирачкиот материјал состојбата на добиени гласови на листите за советници вкупно во целата
Република се 301.839 гласови за ВМРО-ДПМНЕ, 123.346 гласови за СДС и 50.409 гласови за
Левица. Зошто е анализата на гласови за советничките листи на партиите без град Скопје? Бидејќи
гласањето за партија и со тоа довербата кон партиите е изразена низ призмата на гласање за
листите за советници и тие се партиско-коалициони листи, додека гласањата за градоначалници се
резултат на меѓупартиски договор за поддршка или лични симпатии или антипатии кон
кандидатот и нема споредба со поддршката за партијата. Во исто време оваа поддршка кон
партиите значи и поддршка кон нивните досегашни политики на државно и локално ниво, бидејќи
во односот кон партиите неможе да се одвојат политичките поддршки како посебни за национално
и локално ниво.
Споредено со парламентарните избори од 2024 година или од пред 16 месеци и по 15
месеци власт на Мицкоски разликата од 436.000 гласови е стопена за 134.000 гласа на приближно
302.000 гласа или за 1/3 помалку. Ова е огромен пад за нашата партија ВМРО-ДПМНЕ и нема
место за задоволство кое го демонстрира Мицкоски. Тоа е шарлатански и несериозен,
манипулативен пристап кон реалност, а посебно кон нашите сопартијци. Пад од над 134.000 гласа
за само 15 месеци државна власт и четири години општинска власт покажува опасен надолен
тренд. Причините за еден ваков пад се различни, но тенденцијата е опасна затоа што нема никакви
показатели дека таа ќе застане. Може Мицкоски да се фали со „историска“ победа, но во однос на
претходните локални избори има благ пораст од околу 13.000 гласа што е незначително. Второ,
наспроти Мицкоски нема противник. Онаа карикатура од Филипче и Фани и Ани се толку
несериозни што неможе да се сметаат за противник. Тие се само спотери кои се тука да глумат
демократија за потребата на Заев, а растот кој го гледа Фани е смешен дотолку повеќе што во
однос на изборите од 2024 година имаат дополнителен пад од 20%, а во Скопје нивниот кандидат
за градоначелник и советничката листа им се дури на петто место. Филипче е понеспособен и од
Ковачевски кого го беа врзале за дрво да не падне од власт и така го држеа цели две години.
Очигледно е дека и Филипче е врзан ама со синџири и тоа за Заев. Таа врска скапо го чини, но
поскапо ги чини СДС, а најскапо цела Македонија. Оттука решението за СДС – умрено е што
побргу, доколку вчера, да прогласат самоукинување. Најпрво да не го мачат народот со нивното
присуство. А потоа доколку сакаат да се преродат, бидејќи ним не им помага демократизација и
ревитализација, туку повторно раѓање и капење за крштение, да си се вратат на идеолошките
основи кои им ги презема Левица бидејќи се недостојни, и да си најдат нови деца (не дете туку
деца) кои во следните 3-4 години ќе ги опраат. А најпрво да се извинат на македонскиот народ и
на целата нација за политикантството на Заев, Ковачевски и Филипче, но и за Папата Бранче и
сите оние кои ја доведоа нашата Македонија во состојба каква што е во моментов. Тоа им е лекот
инаку на следните избори кога и да бидат, „растот“ ќе им биде уште 30-40 илјади гласови помалку
од сега, а потоа ќе ги снема.
Е по тој пат на пеколот, поплочен со најдобри намери оди и нашата партија на чело со
самозадоволниот Мицкоски. Тенденцијата да за само 15 месеци ја стопиш довербата од 436.000 на
неполни 302.000 е навистина уметност. И сега да се погледнеме в очи и да си кажеме јасно: „Што
тоа цели три години, а посебно последната година зборуваме како Внатрепартиска фракција за
демократизација и ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ“?
Токму за тоа зборуваме, дека без внатрепартиска демократија нема ниту демократија во
општеството, дека без отворање на патот кон ЕУ нема перспектива за Македонија, дека без
членство во ЕУ многу бргу Македонија ќе биде фуснота во европската историја, дека без
демократска партија нема нејзина ревитализација и партиски активизам кој е база за зголемување
и одржување на бројот на гласови стабилен и предвидлив итн.
И ништо од ова не слушна ниту разбра Мицкоски, затоа што не сакаше да слуша, затоа
што е суетен и самозадоволен и затоа што исполнува анти македонска агенда. Во нормална
партија при губење на 1/3 од гласовите за само 15 месеци ефективна власт а при тоа не
спроведување никакви реформи или некаков стратешки државен проект, претседателот на
партијата и премиер си дава оставка од морални причини, особено кога на души носи 63
настрадани во епохална несреќа за македонски услови. Но тоа нема да се случи бидејќи нашата
ВМРО-ДПМНЕ не е нормална партија, а и живееме во ненормална држава, пардон преживуваме
во ненормална држава. Дури и само за погрешната јавно изречена проценка дека ќе се движиме
како партија над 360.000 гласа со можност првата бројка да биде и четворка, Мицкоски треба да се
повлече од функциите. Но секако, тоа нема да се случи, едноставно нема како бидејќи политичката
култура, но и политичката побарувачка, етика и чесност во Македонија се умрени. Поглднете го
само Филипче, на прва рече дека нема намера да си даде оставка. Нема самопреиспитување, чесен
пристап, има само почитување на мафијашкиот договор за уништување на Македонија.
И тука се поставува посебно прашање за Кочани. Тоа е веќе „Стокхолмски синдром“ на
македонски начин или под дното на моралот и етиката на било кое човечко достоинство е
однесувањето на Кочанчани.
Што ни носи иднината?
Ништо добро. Самозадоволство на Мицкоски дека ги презел градоначалниците и советите
во над 50 општини и веројатно градот Скопје, доколку не се случи некој катастрофален потег на
Орце или чудо за Амар, но како и да е нашата ВМРО-ДПМНЕ ќе има мнозинство во советот на
град Скопје. Прашање е како ќе функционира во разни услови и дали при чудо за Амар нема да
гледаме циркузи како и досега. Патем, да не се лажеме дека и за шест месеци ќе имаме некакви
видливи резултати од промената на градската власт, бидејќи едно се предизборните ветувања а
сосема друго законските и административни процедури за придвижување на работите и при
состојба на најдобра политичка волја да се реализираат во интерес на Скопјани. А очекувањата се
веќе големи, сами ги направивте, преку нереалните ветувања, токму кон оние кои се борат за
егзистенција. Тие и најбрзо се разочаруваат и враќаат што се вели „мило за драго“. Така, во
комбинација со спороста во решавање на проблемите на град Скопје (како ќе се реши за 6 месеци
Вардариште, како за 72 часа ќе се исчисти Скопје, како ќе се исчистат дивите депонии за една
недела, како ќе се реши Охис и Цементара од кои се гушиме во Аеродром и Кисела Вода?) и
нервозата кај граѓаните, а во исто време со немањето капацитет на владата на Мицкоски да не
придвижи кон ЕУ и ќе ја тапка топката во нашиот двор замајувајќи не со жонглирање,
тенденциите преку нервозата, разочараноста и апатијата на граѓаните па и кај нашите сопартијци
ќе се зголемува. Зголемувајќи се до критично ниво кога на првите следни парламентарни избори
спасот ќе се бара во нешто трето, а не во СДС – умрено (кое нема да се препороди, бидејќи таков е
договорот Мицкоски-Заев) или во нашето ВМРО-ДПМНЕ во прегратките на анти македонските и
анти европски политики кон кој се заветил Мицкоски. За ЗНАМ не се ниту разговара, тие се
состојба на лимбо посебно во пресрет на вториот круг во Куманово што посебно ќе биде
интересно.
Зошто ја потенцирам улогата на владата на Мицкоски?
Затоа што трендовите на пад на гласови на овие локални избори не се само поради слабите
резултати на нашите градоначалници, туку поради општата слика на неспособност на владата на
Мицкоски да ја помести Македонија во правец на развој. Едноставно никој не гледа никаква
промена уште од времето на Заев, се е исто и нефункционално, а дури и бетер.
Кога имате состојба потпретседателот на владата и на партијата Николоски на изборната
вечер да ви каже дека нема промена на политиките на владата, односно нема промени на Уставот и
со тоа отпочнување на преговори за членство во ЕУ. Тогаш се треба да ви е јасно. Остануваме
заглавени и во неизвесност како држава, нација и македонски народ пред се. Оние геополитички
небулози дека Албанија никогаш нема да стане членка на ЕУ се показател на јавно лажење и
манипулација со граѓаните на сметка на една соседна држава и нејзините евроинтеграции кои се
потполно извесни или непознавање на геополитичките прилики и тенденции. Мислам дека се
работи за првото, а второто се користи како изговор. Всушност јас знам од каде на Николоски му
се овие „точни“ информации, но за тоа нема сега да зборувам. Впрочем споредувањето на
Албанија и нејзините евроинтеграции со Турција е будалаштина. Најпрво, Албанија е чисто
европска држава која е на Отранската врата, на Јадранско и Јонско море и за ЕУ има стратешко
значење. Албанија има власт на чело со Рама која активно работи на ЕУ и нема проблем со никоја
од земјите членки на ЕУ, вклучително и со Грција. И на Грција и е во интерес Албанија и Црна
Гора да влезат во ЕУ и во Шенген за да отвори уште еден слободен коридор до Западна Европа.
Албанија не граничи со Иран, Ирак, Сирија, Грузија итн. како Турција поради што ЕУ би имала
уште неколку предизвици безбедносно-политички на сопствените граници. Турција за ЕУ е како
„воена краина“, а Албанија е дел од самиот европски простор и тоа е решена работа. Останува
единствено по завршувањето на преговорите во 2027 година да почекаат формална ратификација
на договорот од страна на сите земји членки на ЕУ. Така Албанија и Црна Гора (оваа втората
малку на мускули, поради изразеното српско влијание) ќе влезат во ЕУ најдоцна до 2030 година. Е
ние потоа, потоа….
Преку овие показатели јасно се гледа дека во водата има дупка, ама никој, а посебно оваа
влада не сака да ја затвори. Токму спротивно, ќе ја држи дупката што подлабоко и поотворена за
да истече водата (времето) за Македонија. Затоа Мицкоски и нема да се обѕира кон јасните
тенденции изразени низ бројот на гласови од овие избори, туку ќе ги замајува пред се нашите
сопартијци со божем решавање на егзистенцијалните им проблеми, а при тоа сите колективно ќе
се движиме забрзано кон амбисот.
Во моментот кога нашите сопартијци масовно ќе се освестат, при не демократизиарана
ВМРО-ДПМНЕ и не ревитализирано функционирање на партијата, а во состојба на СДС – умрено,
нема да бидам изненаден доколку „изненадно“ по команда од Москва се свртат кон Левица. Токму
кон Левица која се потпира на анархизмот како примордијален облик на комунизам со примеси на
марксизам, троцкизам и сентимент кон идеализираното време на Тито и Југославија. Она што
единствено Левица го има тоа е идеолошка платформа на група млади и образовани луѓе со
изразито проблематична идеологија за мене како десничар и член на ВМРО-ДПМНЕ.
Тоа што ми прави дополнително чувство на непријатност е дали пред вториот круг избори
Орце ќе оди на директна дебата со Амар? Знам дека Амар покрај реалноста на проблемите на
градот Скопје, најдиректно ќе го предизвика Орце врз идеолошка основа како судир на левицата
(со целата сентименталност и друга логистика) со десницата (со целата своја моментална
идеолошка потонатост и изгубеност на нашата партија под Мицкоски) како сега актуелен
општествен судир. При тоа Амар ќе се обиде преку Орце да го претстави пред јавноста непостоењето на идеологија во нашата партија ВМРО-ДПМНЕ за да може потоа сликата да ја
дополни со интенцијата за лукративниѕе интереси кои се доминантни во нашата партија наместо
идеологијата и посветеноста кон европските редности и дсничарските конзервативни политики.
Всушност тоа и ќе биде основата на идната тенденција на Левица со цел на идните избори дупката
во водата да биде невозможно да се затвори, како за нашата партија ВМРО-ДПМНЕ така и за
нашата држава Македонија.
Оливер Андонов